Младите прашуваат . . .
Како можам да го направам попријатно читањето на Библијата?
„Понекогаш е тешко да се разбере Библијата и тоа може да те обесхрабри“ (Аналиеза, 17 години).
„Мене Библијата ми е здодевна“ (Кимберли, 22 години).
МНОГУ луѓе не сакаат да читаат. Затоа, една голема книга како што е Библијата може да изгледа огромна — дури и за страсните читатели. „За мене Библијата беше една дебела книга што содржеше многу чудни зборови кои тешко можев да ги разберам“, вели Тами, која има 17 години. „Читањето на Библијата бара голема концентрација и истрајност.“
Освен тоа, домашните задачи, работата низ дома и рекреацијата можат да ти одземат многу време и енергија. Исто така, ова може да ти отежне да се концентрираш и да уживаш во читањето на Библијата. Алисија, која е Јеховин сведок, исто така одвојува време да се подготвува за христијанските состаноци и да присуствува на нив и да ги споделува со другите своите верувања. Таа признава: „Може да биде тешко да се чита Библијата затоа што се чини дека треба да се прават безброј работи“.
Сепак, Алисија, Тами и многу други млади се справиле со овој предизвик. Сега редовно ја читаат Библијата и уживаат во тоа. Тоа може да биде случај и со тебе! Да разгледаме три работи што можеш да ги правиш за да го направиш попријатно читањето на Библијата.
Одвој време за читање на Библијата
„Мислам дека младите велат дека е здодевно да се чита Библијата затоа што не ја читале доволно“, вели Кели, која има 18 години. Исто како што уживаш во некој спорт или во некоја игра што често ја играш, ќе уживаш и во читањето на Библијата ако редовно го правиш тоа.
Но, што ако имаш многу малку слободно време? Апостол Павле советува: „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри, откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли“ (Ефешаните 5:15, 16). Можеш ‚да откупиш време‘ трошејќи помалку време на неважни активности како што е гледање ТВ. Терминот што Павле го употребил за „време“ може да значи време што е определено за некоја конкретна цел. Кога би можело да биде твоето определено време за читање на Библијата?
Многумина ја читаат Библијата наутро, по разгледувањето на библискиот стих и коментарот од брошурата Секојдневно испитување на Писмото.a Други повеќе сакаат да читаат навечер, пред да си легнат. Одбери реално време што ти одговара и прилагоди го на твоите потреби. Алисија забележува: „Флексибилноста е вистински клуч за да се држам за редовен распоред за читање“.
Некои христијански млади планираат 10 до 15 минути секој ден да ја читаат Библијата. Правејќи го тоа, успеале да ја прочитаат целата Библија за една или две години! Дури и ако ти се чини дека не можеш да го постигнеш тоа, постави си за цел да читаш дел од Библијата секој ден. Ако одлучно се држиш за времето што си го одредил за читање на Библијата, твојата љубов кон Божјата реч ќе расте (Псалм 119:97; 1. Петрово 2:2).
Моли се за мудрост
Како што е познато, дури и на оние што редовно ја читаат Библијата им е тешко да разберат некои делови од неа. Авторот на Библијата, Јехова Бог, сака да ја разбереш неговата Реч. Книгата Дела зборува за еден етиопски патник што не можел сосема да разбере едно пророштво од Исаија, 53. поглавје. Човекот бил спремен да побара помош, а Јеховиниот ангел го испратил мисионерот Филип да му го објасни пророштвото (Дела 8:26—39).
Значи, делотворното читање на Библијата воопшто не започнува со читање, туку со молитва. Пред да ја отворат Библијата, некои практикуваат да му упатат на Јехова молитва за мудрост да можат да ги разберат и да ги земат при срце поуките што ги читаат (2. Тимотеј 2:7; Јаков 1:5). Божјиот дух може дури и да те потсети на библиските стихови што ќе ти помогнат да одговориш на некои прашања или да се справиш со искушенијата.
Еден млад христијанин се сеќава: „Кога имав 12 години, татко ми го напушти нашето семејство. Една ноќ се молев во креветот, преколнувајќи го Јехова да го натера татко ми да се врати. Потоа ја зедов Библијата и прочитав Псалм 10:14: ‚Бедниот Ти се доверува Тебе [Јехова], Ти си му помошник на сирачето‘. Застанав за момент. Почувствував како Јехова да ми зборува мене и ми кажува дека тој ми е помошник; тој е мојот Татко. Зарем би можел да имам подобар татко од него?“
Можеш ли да стекнеш навика да се молиш секогаш кога ќе седнеш да ја читаш Библијата? Адријан предлага: „Моли се пред да читаш — па дури и откако ќе завршиш со читањето — за тоа навистина да биде двонасочен разговор со Јехова“. Искрената молитва ќе ја продлабочи твојата одлучност да се држиш за распоредот на читање на Библијата и ќе го зајакне твојот однос со Бог (Јаков 4:8).
Оживеј го своето читање
На Кимберли, цитирана во почетокот, ѝ било здодевно да ја чита Библијата. Точно, Библијата е многу стара книга — напишана долго пред појавата на компјутерот, телевизорот или авионот — а библиските личности умреле пред илјадници години. Меѓутоа, апостол Павле напишал: „Речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12). Како може една толку стара книга да врши силно влијание?
Во деновите на писарот Езра, илјадници мажи, жени и ‚сите кои биле способни да разберат‘ се собрале во Ерусалим за да слушаат додека се читал Мојсеевиот закон. Во тоа време Законот бил стар повеќе од 1.000 години! Сепак, Езра и неговите помошници „читаа од свитокот на Божјиот Закон по одломки и ја разјаснуваа смислата за да може народот да разбере што се чита“. Какви биле резултатите кога овие мажи го објасниле Писмото и го оживеале читањето? „Сиот народ отиде да јаде и да пие, и да испраќа оброци, и да слави голема прослава: зашто ги сфатија зборовите, кои им беа објавени“ (Неемија 8:1—12).
Како можеш ‚да го разјасниш‘ читањето на Библијата? Кети, која смета дека не е лесно да се чита, чита на глас за да се сконцентрира. Ники се обидува да се замисли себеси во извештајот. „Си замислувам како би се чувствувала во истата ситуација“, вели таа. „Омилена приказна секогаш ми беше извештајот за Рута и Ноемина. Можам да ја читам безброј пати. Кога се преселив во еден нов град, црпев утеха од оваа приказна затоа што можев да си замислам како се чувствувала Рута кога отишла во непознато место каде што не познавала никого. Видов како положила доверба во Јехова и тоа навистина ми помогна да го направам истото“ (Рута, поглавја 1—4).
За Библијата да ‚врши силно влијание‘, потребно е да се медитира. Секогаш кога читаш, одвојувај време да размислуваш за стиховите што ги читаш и како можеш да го примениш она што си го научил. Можеби ќе сакаш да погледнеш и во помагала за проучување на Библијата што ги издаваат Јеховините сведоци за да го збогатиш своето читање.b
Истрај!
Не е лесно да се држиш за распоредот за читање на Библијата. Можеби ќе треба да ја преиначуваш од време на време дури и најдобрата програма за читање на Библијата. Како можеш да истраеш во твојата цел секојдневно да ја читаш Библијата?
Можат да ти помогнат твоите пријатели и семејството. Петнаесетгодишната Амбер вели: „Сестра ми и јас имаме заедничка соба. Некои вечери сум толку уморна што веднаш сакам да си легнам, но сестра ми ме потсетува да читам. Затоа никогаш не заборавам да читам!“ Ако ти е интересен некој посебен стих или стихови, разговарај за нив со другите. Тоа ќе го зголеми твоето ценење за Божјата реч и може да го поттикне дури и нивниот интерес за читање на Библијата (Римјаните 1:11, 12). Ако пропуштиш да ја читаш Библијата еден ден или повеќе, не откажувај се! Продолжи таму каде што си застанал и биди уште поодлучен да се придржуваш за својот распоред.
Никогаш не заборавај колку се големи користите од секојдневното читање на Библијата. Слушајќи го Јехова преку неговата Реч, можеш да имаш близок однос со него. Ќе ги осознаеш неговите мисли и чувства (Пословици 2:1—5). Овие скапоцени вистини од нашиот небесен Татко ќе ти бидат заштита. „Како ќе го запази младиот човек чист својот пат? Чувајќи ги Твоите зборови“ (Псалм 119:9). Затоа почни — и придржувај се за рутина на читање на Библијата. Можеби ќе откриеш дека во тоа ќе уживаш многу повеќе отколку што си мислел дека е можно!
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци.
b Изданието на Стражарска кула од 1 октомври 2000, страници 16 и 17, дава повеќе практични предлози што ќе ти помогнат да копаш подлабоко во Библијата.
[Слики на страница 25]
Молитвата и истражувањето ќе го збогатат твоето читање на Библијата и ќе ти помогнат да го сфатиш значењето на Писмото
[Слика на страница 26]
Ако се замислуваш себеси во околностите на извештајот, Писмото ќе ти биде живо