”Не престанувајте да го правите она што е право“
Врвни точки од Второто писмо до Солунјаните
ГРИЖАТА за христијаните во македонскиот град Солун го поттикнала апостол Павле да им го напише своето второ писмо, околу 51. н. е. Некои во собранието погрешно говореле за скорешната присутност на Исус Христос. Можеби дури и писмото кое погрешно било доведено во врска со Павле, било протолкувано како укажување дека дошол ”Јеховиниот ден“ (2. Солунјаните 2:1, 2).
Поради тоа некои Солунјани требало да го исправат своето мислење. Во своето второ писмо, Павле ги пофалил поради нивната напредна вера, растечката љубов и верната истрајност. Но, тој исто така им образложил дека отпадот ќе дојде пред Исусовата присутност. Затоа на повидок биле тешки времиња, а апостоловото писмо ќе им помогне да внимаваат на неговиот совет кој гласи: ”Не престанувајте да го правите она што е исправно“ (2. Солунјаните 3:13). Павловите зборови можат и нам да ни помогнат на истиот начин.
Христовото откровение и присутност
Павле најпрво говорел за избавувањето од неволјите (1:1-12). Тоа ќе дојде кога ќе се ”објави од небото Господ Исус во придружба на своите ангелски војски“. Тогаш засекогаш ќе бидат уништени оние кои не ја слушаат добрата вест. Утешно е да се сетиме на тоа додека поднесуваме неволја од страна на прогонителите.
Потоа Павле објаснил дека ”човекот на беззаконието“ ќе се открие пред Христовата присутност (2:1-17). Солунјаните не требало да се вознемируваат од каква и да е порака која би укажувала дека ”Јеховиниот ден“ веќе дошол. Првин ќе уследи отпадот и ќе се открие човекот на беззаконието. Потоа Исус ќе го уништи со објавата на својата присутност. Во меѓувреме, Павле молел Бог и Христос да ги утешат срцата на Солунјаните и да ги ’зацврстат во секое добро дело и збор‘.
Постапување со оние кои живеат неуредно
Натамошните Павлови зборови содржат упатства за постапувањето со поединци кои живеат неуредно (3:1-18). Тој изразил уверување дека Господ ќе ги зајакне Солунјаните и дека ќе ги сочува од злобниот, Сатана Ѓаволот. Но, тие требало да преземат чекори за сопствената духовна добробит. Требало да се одвојат од неуредните, кои се мешаат во туѓи работи и одбиваат да работат. ”Ако некој не сака да работи“, рекол Павле, ”и да не јаде“. Таквите лица требало да бидат обележени и не смееле да се дружат со нив, иако биле укорени како браќа. Верните христијани од Солун не смееле да откажат да го прават она што е исправно, и Павле сакал незаслужената доброта од Господ Исус Христос да биде со сите нив.
Павловото второ писмо до Солунјаните им пружа на Јеховините сведоци гаранција дека ќе бидат избавени од своите неволји откако Христос со своите ангели ќе ја изврши одмаздата над оние кои не ја слушаат добрата вест. Нивната вера исто така е зајакната со спознанието дека ”човекот на беззаконието“ (класата на свештенството на т. н. христијанство) и сета лажна религија наскоро ќе бидат уништени. Во меѓувреме, да внимаваме на Павловиот совет да не престанеме да го правиме она што е исправно.
[Рамка/слика на страница 23]
Јеховината Реч се шири брзо: ”Продолжете да се молите за нас“, напишал Павле, ”за да Јеховината реч постојано се шири [или ”трча“] и биде прославена како и кај вас“ (2. Солунјаните 3:1; Kingdom Interlinear). Некои изучувачи укажувале на тоа дека апостолот алудирал на тркачите кои брзо трчаат. Иако тоа е несигурно, Павле се молел христијаните во Солун да се молат за да може тој со своите соработници итно и без пречки да ја шири речта на вистината. Бидејќи Бог одговара на таквите молитви, неговата реч се ”шири брзо“, затоа што добрата вест итно и без пречки се проповеда во овие последни денови. Јеховината реч исто така е ”прославена“, високо е ценета како ”Божја сила за спасение“, како што било меѓу Солунјаните кои ја прифатиле (Римјаните 1:16; 1. Солунјаните 2:13). Колку сме радосни што Бог ги благословува објавителите на Царството и брзо ги зголемува редовите на своите обожаватели! (Исаија 60:22).