Прашања од читателите
◼ Јов 33:24 говори за ’откупнина‘ која била најдена за Јов и која му овозможила да ја избегне смртта. Кој требало да ја даде таа откупнина за Јов?
Во тоа време не била принесена човечка откупна жртва за Јов, но Бог го покрил, или простил, неговиот престап.
Сатана му нанел на Јов многу неволји, вклучувајќи го и ’лошиот пришт од табаните до темето‘. Јововата состојба била толку лоша што неговата жена го терала да ’го проколне Бог и да умре‘. Дури и Јов размислувал за тоа дали смртта не би била подобра од таквите страдања (Јов 2:7-9, Ст; 3:11).
Кога изгледало дека Јов би можел да умре, Елиху ја проценил Јововата неизвесна ситуација и поставил темел за надеж, велејќи: ”Кога телото му гине очевидно (. . .) кога душата му се приближува кон јамата, а неговиот живот кон живеалиштето на мртвите. Ако покрај него тогаш се најде ангелот, посредник еден помеѓу илјада, да го опомене човекот на должноста, па се сожали над него и се помоли: ’Избави го да не отиде в јама; за неговиот живот најдов откупнина! Нека телото му процвета со младост‘“ (Јов 33:21-25, Ст).
Знаеме дека Исус Христос го предал својот совршен човечки живот како соодветна откупнина за несовршените луѓе. Неговата жртва го довела во рамнотежа она што Адам го изгубил, така што ја платил потребната цена за постигнување на ослободување од гревот (Римјаните 5:12-19; 1. Тимотеј 2:5, 6). Меѓутоа, тоа не е единствената употреба на изразот ”откупнина“ во Библијата. Хебрејскиот збор во Јов 33:24 во основа значи ”покрива“ (2. Мојсеева 25:17). Кога Бог сообраќал со древните Израелци, имал подготовка за покритие или покајание на гревовите — жртви кои го покривале гревот, поставувајќи ги исправно работите меѓу луѓето и Бог (2. Мојсеева 29:36; 3. Мојсеева 16:11, 15, 16; 17:11).
Но, Бог порано бил спремен да ги прифати жртвите како изрази на благодарност или барања за проштевање и одобрување (1. Мојсеева 4:3, 4; 8:20, 21; 12:7; 31:54). Јов ја разбирал вредноста на таквите жртви. Читаме: ”Стана рано наутро и принесе жртви паленици спрема бројот на сите [свои синови]; бидејќи Јов рече: ’Можеби моите синови грешеле и го проколнале Бог во своите срца‘. Така правеше Јов секогаш.“ (Јов 1:5). Бидејќи се обидувал да му угоди на Бог и очигледно имал покајнички дух, неговите жртви имале вредност во Божјите очи (Псалми 32:1, 2; 51:17).
Но, Јов подоцна трпел болест која го загрозувала неговиот живот. Исто така имал погрешно гледиште за својата праведност, така што му требало укор кој тогаш го дал Елиху (Јов 32:6; 33:8-12; 35:2-4). Елиху рекол дека Јов не треба да остане во својата жалосна состојба сѐ до смртта и јамата (шеолот, или општиот гроб). Ако Јов се покае, би можело да се најде ”откупнина“ (Јов 33:24-28).
Не треба да мислиме дека под ”откупнина“ Елиху тогаш мислел на човек кој би умрел во корист на Јов. Со оглед на жртвите на кои вистинските обожаватели навикнале да ги принесуваат, видот на откупот на кој Елиху мислел во случајот на Јов, можело да биде животинска жртва. Интересно е дека Бог подоцна им рекол на тројцата Јовови критички расположени соговорници: ”Вие морате да принесете жртва паленица во ваша корист; а Јов, мојот слуга, ќе се моли за вас.“ (Јов 42:8). Без оглед на видот на откупот, главната мисла на Елиху била таа дека престапот на Јов можел да биде покриен и да доживее користи кои произлегуваат од тоа.
Така и било. Јов се покајал ’во прав и пепел‘. Што се случило потоа? ”И Јахве го врати Јов во поранешната состојба (. . .) Јахве ја благослови новата состојба на Јов уште повеќе отколку претходната. (. . .) После тоа Јов доживеа доба од сто четириесет години, и виде свои деца и деца на своите деца до четврто колено.“ Секако, тој откуп не го ослободил Јов од грев, и после некое време умрел. Но, продолжувањето на неговиот живот докажува дека всушност неговото ’тело станало посвежо отколку во младоста и се вратил на деновите на својата младешка сила‘ (Јов 33:25; 42:6, 10-17, Ст).
Тие благослови кои произлегле од примената на ограничениот откуп на Јов служат како претслика за изобилните благослови кои во новиот свет ќе ги добијат луѓето кои веруваат. Тогаш на располагање ќе биде полната корист од Исусовата откупна жртва, и засекогаш ќе ги отстрани катастрофалните последици од гревот и несовршеноста. Колкава причина ќе имаме ’радосно да воскликнуваме‘, како што споменал Елиху! (Јов 33:26).
◼ На кого се однесувал изразот ”овие“ во прашањето кое Исус му го поставил на Петар: ”Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ (СПМ)
Воскреснатиот Исус се наоѓал на Галилејското Море. Читаме: ”А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симона Петра: ’Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?‘ Петар Му рече: ’Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.‘ Исус му рече: ’Паси ги јаганцата Мои!‘“ (Јован 21:15).
Додека родот на грчката заменка понекогаш укажува на нејзиниот субјект, множината ту́тон (”овие“) може да има машки, женски или субјект од среден род. Затоа научниците предложиле три можни значења на Исусовото прашање:
1. Ме љубиш ли повеќе отколку што ги љубиш овие други ученици?
2. Ме љубиш ли повеќе отколку што ме љубат овие ученици?
3. Ме љубиш ли повеќе од овие работи, како што е рибата?
Да ги разгледаме сите три и да видиме кое е најверојатното.
Број 1. Навистина, малку христијани би можеле да го замислат Христос како прашува: ’Ме љубиш ли повеќе отколку што ги љубиш учениците?‘ Се разбира дека него треба да го љубиме повеќе! Би изгледало посебно чудно да му се постави такво прашање на Петар. Тој токму бил во чамецот со шестмина други ученици, но штом го препознал Исус на брегот, Петар ги напуштил учениците и запливал кон брегот. Покажувајќи слична приврзаност кога Исус ги прашал апостолите дали сака да оди со оние кои се соблазниле, Петар рекол дека е одлучен да остане со Исус (Јован 6:66-69; 21:7, 8, НС).
Број 2. А што е со веројатноста дека Исус можеби мислел: ’Петре, дали имаш повеќе љубов кон мене отколку што ја имаат овие други ученици?‘ Многу коментатори усвојуваат ваков став, бидејќи Петар порано му рече на Исус дека му е полојален од другите (Матеј 26:33-35, НС). Сепак, разбирањето на Јован 21:5 на овој начин бара во прашањето да се вклучи и еден глагол којшто Исус не го изговорил, како што е ’Ме љубиш ли повеќе отколку што овие ме (љубат)?‘ Меѓутоа, таков дополнителен глагол не се наоѓа во Исусовото прашање, и тоа создава граматички потешкотии. Уште повеќе, изгледа неумесно дека Исус би можел да го праша Петар да ја спореди величината на својата љубов со љубовта што ја имале другите. Зарем Исус не ги исправил апостолите кога се препирале? (Марко 9:33-37; 10:35-44; Лука 22:24-27, НС).
Дали е можно Исус да го поставил прашањето број 3: ’Ме љубиш ли повеќе отколку овие работи, како што е рибата?‘ Оваа можност одговара на начинот на кој е поставено прашањето на грчки, бидејќи Петар бил запрашан да се одлучи помеѓу две можности (помеѓу Исус и ”овие“). Таквото прашање исто така би било соодветно ако се земе во обѕир минатото на Петар. Тој бил еден од првите ученици коиј тргнале по Исус (Јован 1:35-42, НС). Сепак, очигледно е дека Петар не го посветил веднаш сето свое време да го следи Исус, туку му се вратил на риболовот. Така, неколку месеци подоцна, Исус го повикал Петар да ја остави таа работа и да стане ’рибар на луѓе‘ (Матеј 4:18-20; Лука 5:1-11, НС). После Исусовата смрт, Петар почнал да ѝ се враќа на таа своја работа и им велел на некои од учениците: ’Одам да ловам риба‘ (Јован 21:2, 3, НС).
Затоа е сосема веројатно дека Исус му го свртел вниманието на Петар на потребата да донесе одлука. Што ќе стави на прво место во својот живот — да биде Исусов следбеник или да продолжи со својата работа, на што укажувал купот од риби пред нив? Колку важно место во Петровото срце заземале рибите, мрежите, чамците и дружењето со останатите рибари? Дали Петар навистина би ги напуштил тие радости за да на прво место ја стави својата љубовта кон Христос и да се бави со хранење на Исусовите ’овци‘? (Јован 21:17).
И ние можеме да си поставиме слично прашање во врска со ’тие работи‘ кои можат да нѐ привлекуваат, како што е нашата интересна работа, нашето уживање во светското образование, нашиот дом или најомилениот вид на рекреација. Можеме искрено да размислиме: ’Дали го љубам Исус повеќе од сите тие работи?‘ Исус покажал дека доколку нашиот одговор е ’да‘, тогаш тоа ќе го покажеме така што ќе ги храниме ’овците‘.
[Извор на слика на страница 31]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.