Свитоците од Мртво Море — беспримерно богатство
ВО ПОДНОЖЈЕТО на Вади Кумран, на северозападната страна од Мртво Море, се наоѓаат некои стари урнатини. Долго време биле сметани за остатоци од некоја римска тврдина, и археолозите им посветувале малку внимание. Меѓутоа, откритието на Исаиините свитоци од Мртвото Море во 1947 година поттикнало на испитувања на локалитетот.
Наскоро научниците утврдиле дека градбите се сопственост на еврејска религиозна заедница. Првата претпоставка била дека тие ги сокриле свитоците во пештерите меѓу карпите во близина. Но подоцнежните испитувања очигледно фрлиле сомнение во тоа.
Беспримерно откритие
Бедуините биле претпазливи во поглед на вредноста на ракописите кои штотуку ги пронашле. Така, во 1952, кога еден старец раскажал за тоа како еден младич гонел една ранета еребица сѐ додека не исчезнала во еден отвор на површината од карпата, кадешто пронашол некои грнчарски производи и една стара газиена ламба, започнала нова потрага.
Старецот сѐ уште бил во состојба да го препознае отворот на пештерата меѓу длабоките пукнатини на стрмната карпа. Се покажало дека била пештера направена од човек, сега позната како Пештера 4. Таму бедуините пронашле парчиња од ракописи, околу еден метар под нивото на подот кој тогаш постоел. Ниту едно од парчињата не било складирано во ќуп, така што повеќето биле многу распаднати, поцрнети и многу кршливи. Со тек на времето биле поправени околу 40 000 фрагменти, кое претставува околу 400 ракописи. Сите книги од Хебрејските списи, со исклучок на книгата Естера, биле застапени меѓу стотината библиски книги. Повеќето од поправениот материјал од Пештерата 4 сѐ уште не е издаден.
Еден од позначајните ракописи бил од книгите на Самоил, препишан на посебен свиток. Неговиот хебрејски текст, сочуван во 47 колони од можните 57, е многу сличен на оној што го употребиле преведувачите на грчкиот превод Септуагинта. Постојат исто така и фрагменти на грчки од Септуагинта од 3. и 4. Мојсеева, кои датираат уште од првиот век пред н. е. Во ракописот од 3. Мојсеева се употребува IAO, за хебрејското יהוה, божественото име на Бог, наместо грчкото Кирио́с, ”Господ“.a
Во еден фрагмент од 5. Мојсеева, хебрејскиот текст вклучува делови од 32. поглавје, стих 43, којшто е пронајден во Септуагинтата и кој се цитира во Евреите 1:6: ”И сите ангели Божји нека му се поклонат“. Тоа е прв пат овој редослед да се сретне во било кој хебрејски ракопис, откривајќи текст којшто очигледно го нагласува грчкиот превод. Така научниците добиле увид во текстот од Септуагинта, којшто толку често е цитиран во Христијанските грчки списи.
Еден свиток од 2. Мојсеева е датиран во третата четвртина од третиот век пред н. е., една од Самоиловите книги при крајот на истиот век и еден свиток од Еремија помеѓу 225. и 175. пред н. е. Било пронајдено доволно материјал од третиот до првиот век пред н. е. за да се проследат промените во стиловите на пишувањето и поедините букви од хебрејската и арамејската азбука, кое е од голема вредност при датирањето на ракописите.
Изненадување од Пештерата 11
Конечно, целиот простор околу Кумран бил темелно пребаран и од страна на месните бедуини и од археолозите. Сепак, еден ден 1956 година, некои бедуини забележале лилјаци кои излетуваат од пукнатините во карпите, северно од Пештерата 1. Тие се искачиле горе и пронашле друга пештера, чијшто отвор бил блокиран. Требало да се преместат два тона паднати камења додека се покаже отворот. Пронајдоците внатре биле изненадувачки — два комплетни ракописи и пет големи делови од други ракописи.
Најзначајното откритие било прекрасниот свиток со псалми. Дебелината на кожата укажува дека тоа поверојатно е телешка кожа отколку козја. Биле вкупно пет широки ленти, четири одвоени листови и четири фрагменти со вкупна должина од над четири метри. И покрај тоа што врвот од свитокот е добро сочуван, дното е значително распаднато. Тој датира од првата половина на првиот век од нашата ера и содржи делови од 41 псалм. Тетраграматонот е напишан околу 105 пати со стари палео-хебрејски букви, нагласувајќи го среде квадратното писмо од контекстот.
Еден друг ракопис од 3. Мојсеева, е напишан исклучиво на старо хебрејско писмо, но зошто е тоа така, сѐ уште не е соодветно објаснето. Тоа е најдолг документ што постои и кој го употребува овој облик на пишување којшто бил во употреба кога Евреите отишле под вавилонско ропство при крајот на седмиот век пред н. е.
На виделина излегол и еден примерок од Таргум, арамејска парафраза од книгата на Јов. Тоа спаѓа меѓу најраните запишани таргумски дела. Во различни пештери исто така се пронајдени поголем број објаснувања за другите библиски книги. Како се случило сите овие свитоци да бидат сокриени толку добро во овие пештери?
Како што беше споменато и порано, некои можеби биле сокриени од кумранската заедница. Но, од доказите изгледа сосема веројатно како да биле оставени таму од Евреите кои бегале пред настапувањето на Римјаните во Јудеја во 68. година н. е., пред конечното уништување на Ерусалим две години подоцна. Пустините околу Јудеја биле сигурно засолниште на драгоцените ракописи не само во пештерите близу Кумран, туку и во оние кои се оддалечени со километри кон север, околу Ерихон и на југ, близу Масада. Колку сме само благодарни што ги зачувале! Тие даваат натамошен доказ за непроменливоста на Јеховината инспирирана Реч. Навистина, ”што се однесува до речта на нашиот Бог, таа ќе трае до недогледно време“ (Исаија 40:8, NW).
[Фуснота]
a Види Reference Bible, Додаток 1Ц (5) и фуснотата од 3. Мојсеева 3:12, кадешто овој ракопис е идентификуван како 4Q LXX Levb.
[Рамка на страница 13]
ДАЛИ НАСКОРО ЌЕ СЕ ПРИСТИГНАТ НОВИ?
И покрај тоа што се откриени пред многу децении, голем дел од фрагментите на свитоците од Мртвото Море не се објавени. Весникот The New York Times од 23. декември 1990 изјавил: ”Дури и нивните фотографски слики се заробени од една клановска група научници кои ги избегнуваат своите колеги и одбиваат да го издадат поголемиот дел од материјалот кој е во нивна сопственост“. Меѓутоа, листот известува дека неодамна во овој уреднички тим е направена кадровска промена, што може да биде чекор кон прекинувањето на ”клановското запоседнување на свитоците . . . а светот ќе сознае повеќе за една извонредна ера во историјата“.
[Извор на слика на страница 12]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.