Бидете обединети со чистиот јазик
”Зашто тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за да сите го привикуваат името Јеховино и му служат рамо до рамо“ (СОФОНИЈА 3:9, NW).
1. Дали луѓето некогаш го слушнале Јехова Бог да зборува?
ЈАЗИКОТ на Јехова Бог е чист. Но, дали луѓето некогаш го слушнале да зборува? Да, секако! Тоа се случило тогаш кога неговиот Син, Исус Христос, пред 19 векови бил на Земјата. На пример, кога Исус бил крстен, се чуло како Бог кажува: ”Ова е мојот Син, саканиот, кого го признав“ (Матеј 3:13-17, NW). Тоа била изјава на чиста вистина, која Исус и Јован Крстител ја слушнале на човечки јазик.
2. На што укажал апостол Павле со напоменувањето на ’јазици (...) ангелски‘?
2 Неколку години подоцна христијанскиот апостол Павле зборувал за ’човечки и ангелски јазици‘ (1. Коринтјаните 13:1). На што укажува тоа? Па, тоа укажува дека не само луѓето, туку и духовните личности комуницираат преку јазик и говор! Се разбира дека Бог и ангелите не комуницираат едни со други употребувајќи глас и јазик којшто ние можеме да го слушаме и разбираме. Зошто не? Затоа што е потребна атмосфера како што е оваа што ја опкружува Земјата за да се пренесуваат звучните бранови кои човечкото уво може да ги слушне и разбере.
3. Од каде потекнува човечкиот јазик?
3 Како настанал човечкиот јазик? Некои тврдат дека нашите претци се труделе да комуницираат едни со други така што гровтале и мрмореле. Книгата Evolution (Life Nature Library) вели: ”Човеколикиот мајмун пред околу милион години (. . .) можеби совладал неколку говорни гласови“. Но познатиот лексикограф Лудвиг Келер рекол: ”Човечкиот говор е тајна; тоа е божествен дар, чудо“. Да, човечкиот говор е божествен дар, бидејќи Бог на првиот човек Адам му дал јазик. Очигледно тоа бил оној јазик кој конечно бил наречен хебрејски. Тој јазик го зборувале израелските потомци на ’Аврам Хебреинот‘, верниот патријарх чиј предок Сем бил син на Ное, градителот на арката (1. Мојсеева 11:10-26; 14:13, NW; 17:3-6). Со оглед на Божјиот пророчки благослов изречен над Сем, разумно е да се заклучи дека неговиот јазик не бил погоден од она што Јехова Бог преку чудо го направил пред 43 века (1. Мојсеева 9:26).
4. Кој бил Немрод и како бил употребен од Сатана Ѓаволот?
4 Во тоа време ’целата земја имаше еден јазик и еден збир од зборови‘ (1. Мојсеева 11:1, NW). Тогаш живеел човек по име Немрод, ”моќен ловец во отпор против Јехова“ (1. Мојсеева 10:8, 9, NW). Невидливиот пранепријател на човештвото, Сатана, посебно го употребил Немрод за основање на земскиот дел на својата организација. Немрод сакал да си стекне име, а тој арогантен став се проширил на неговите следбеници, кои се впуштиле во еден посебен градежен потфат во земјата Сенар. Според 1. Мојсеева 11. поглавје, 4. стих, тие рекле: ”Сега да соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име, пред да се растуриме по лицето на целата земја!“ Тој потфат во спротивност со Божјата заповед да ја ’наполнат земјата‘ е окончан тогаш кога Јехова им го побркал јазикот на бунтовниците. ”И така“, кажува библискиот извештај, ”Господ ги растури оттаму по целата земја, и престанаа да го ѕидаат градот и кулата“ (1. Мојсеева 9:1; 11:2-9). Тој град е наречен Вавел, или Вавилон (што значи ”Збрканост“), ”бидејќи таму Јехова го помеша говорот на целата земја“ (Баингтон).
5. (а) Што било спречено кога Бог го побркал јазикот на човештвото? (б) Што можеме да заклучиме за јазикот на Ное и Сем?
5 Тоа чудо — мешањето на единствениот човечки јазик — довело да полнење на Земјата, како што Бог му заповедал на Ное, и го спречило настојувањето на Сатана да воспостави обединето нечисто обожавање на себеси од страна на човечките бунтовници против Суверениот Господ на небото и Земјата. Вистина е дека со спроведувањето на лажната религија во кој и да е облик, луѓето станале жртви на Ѓаволот: Тие им служеле на демоните кога направиле богови и божици, им дале имиња на своите различни јазици и ги обожавале (1. Коринтјаните 10:20, NW). Но чекорите кои ги презел единствениот вистинит Бог во Вавел го спречиле создавањето на една обединета лажна религија за обожавање на Ѓаволот, по кое тој очигледно копнеел. Се разбира, праведниот Ное и неговиот син Сем никогаш не биле вмешани во тој голем неуспех во земјата Сенар. Затоа може разумно да се заклучи дека нивниот јазик останал оној што го говорел верниот Аврам (или Аврахам) — јазикот на кој Бог му говорел на човекот Адам во Еденската градина.
6. Како Јехова на Пентакост 33 н. е. покажал дека може да даде способност за зборување на јазици?
6 Јехова, кој го измешал првобитниот јазик на луѓето, може исто така им даде способност за говорење на јазици. Токму тоа и го сторил на ден Пентакост во 33 н. е.! Според Дела на апостолите 2:1-11, околу 120 следбеници на Исус Христос тогаш биле собрани во горната соба во Ерусалим (Дела на апостолите 1:13, 15). Ненадејно, се јавува бучење од небото ”како налет на силен ветар“. Се појавиле ”јазици како од оган“ кои се расподелиле. Притоа учениците ”се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“. На тие јазици кои им ги дал Бог зборувале ”за величествените работи Божји“ (NW). Какво чудо само било тоа кога Евреи и проселити кои говореле различни јазици и кои дошле од толку далечни места како Месопотамија, Египет, Либија и Рим, ја разбрале таа животодајна вест!
Јазик даден од Бог денес!
7. Какви изгледи би постоеле кога би се говорел и разбирал само еден јазик во целиот свет?
7 Бидејќи Бог може на чудесен начин да даде различни јазици, зарем не би било прекрасно кога би овозможил да се зборува и разбира само еден јазик по целиот свет? Тоа би придонело за поголемо разбирање во човечкото семејство. Како што вели The World Book Encyclopedia: ”Кога сите народи би зборувале ист јазик, културните и економските врски би биле многу поблиски, а меѓу земјите би пораснала добрата волја“. Но во текот на годините биле предложени околу 600 универзални јазици. Меѓу нив есперанто бил најуспешен, бидејќи од неговото создавање во 1887 година го научиле околу 10 000 000 луѓе. Сепак, никакви човечки напори за обединување на човештвото со помош на еден универзален јазик не биле успешни. Всушност, сѐ повеќе и повеќе проблеми ја предизвикуваат разделеноста во овој свет додека ’злобните луѓе напредуваат од лошо на полошо‘ (2. Тимотеј 3:13, NW).
8. Дури и ако во денешниот свет би бил прифатен еден универзален јазик, што би постоело и понатаму, и зошто?
8 Во религиозна смисла постои голема збрканост. Но, зарем тоа не би требало да го очекуваме, бидејќи библиската книга Откровение го нарекува светското царство на лажната религија - ’Големиот Вавилон‘? (Откровение 18:2). Да, затоа што ’Вавилон‘ значи ’Збрканост‘. Дури и кога би се прифатил некој вештачки јазик или некој природен јазик како што е англискиот, францускиот, германскиот или рускиот како универзален јазик во денешниот свет, сѐ уште би постоело неединство на религиозен и друг план. Зошто? Затоа што ”целиот свет лежи во власта на злобниот“, т. е. Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19, NW). Тој е самото олицетворение на себичноста, и алчно копнее по тоа целиот човечки род да го обожава, како што сторил во деновите на Немрод и Вавилонската кула. Еден универзален јазик кој би го зборувале грешните луѓе дури би можел да му пружи на Сатана можност да воспостави обединето обожавање на Ѓаволот! Но Јехова никогаш нема да го допушти тоа; всушност, тој наскоро ќе ѝ стави крај на сета лажна религија инспирирана од Ѓаволот.
9. Како денес се обединети луѓе од сите нации и раси?
9 Сепак, зачудувачки е фактот дека токму сега се обединуваат добри луѓе од сите народи и раси. Тоа се случува под Божјите услови и заради негово обожавање. Денес Бог овозможува луѓето да го учат и зборуваат единствениот чист јазик на Земјата. А тоа навистина е универзален јазик. Јехова Бог денес навистина ги учи многу луѓе од сите народи на светот на тој чист јазик. Тоа претставува исполнување на Божјето пророчко ветување изречено преку неговиот пророк и сведок Софонија: ”Зашто тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик [буквално: ”чиста усна“], за да сите го привикуваат името Јеховино и му служат рамо до рамо“ (Софонија 3:9, NW). Што е тоа чист јазик?
Како е дефиниран чистиот јазик
10. Што е чистиот јазик?
10 Чистиот јазик е Божјата вистина која се наоѓа во неговата Реч, Светото Писмо. Тоа особено е вистината во врска со Божјето Царство, кое ќе донесе мир и други благослови на човештвото. Чистиот јазик ги отстранува религиозните заблуди и лажното обожавање. Сите оние кои го говорат, тој ги обединува во чистото, здраво обожавање на живиот и вистински Бог, Јехова. Денес околу 3 000 јазици претставуваат бариера за разбирање, а стотици лажни религии го збунуваат човештвото. Колку сме радосни што Бог многумина обраќа кон тој прекрасен чист јазик!
11. Што направил чистиот јазик за луѓето од сите нации и раси?
11 Да, чистиот јазик го усовршуваат луѓе од сите народи и раси. Како единствен духовно чист јазик на Земјата, служи како моќна обединувачка сила. Им овозможува на сите оние кои го зборуваат ’да го привикуваат името Јеховино и му служат рамо до рамо‘, или дословно ”со едно рамо“. Така тие му служат на Бог ”еднодушно“, ”со едно еднодушно и обединето рамо“ (The New English Bible; The Amplified Bible). Преводот од Стивен Т. Баингтон гласи: ”Тогаш Јас [Јехова Бог] ќе ги променам усните на сите народи во чисти усни, за да сите го привикуваат Јеховиното име и да соработуваат во неговата служба“. Таква светска многујазична соработка во Божјата служба постои само меѓу Јеховините сведоци. Денес во 212 земји преку 4 000 000 такви објавители на Царството ја проповедаат добрата вест на многу човечки јазици. Да, Сведоците ’зборуваат согласно‘ и ’примерно се обединети во истиот разум и истиот мисловен став‘ (1. Коринтјаните 1:10, NW). Тоа е така бидејќи без разлика каде се наоѓаат по светот, сите Јеховини сведоци зборуваат еден чист јазик на фалба и слава на својот небесен Татко.
Научи го чистиот јазик сега!
12, 13. (а) Зошто би требало да бидеш заинтересиран да го зборуваш чистиот јазик? (б) Зошто зборовите од Софонија 3:8, 9 се толку значајни денес?
12 Зошто би требало сега да бидеш заинтересиран да го научиш чистиот јазик? Како прво, твојот живот зависи од тоа да го учиш и зборуваш. Токму пред Бог да вети дека ќе го ’промени јазикот на народите во чист јазик‘, тој предупредил: ”’И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден кога ќе се кренам на опустошување; зашто Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Моето негодување, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја‘“ (Софонија 3:8).
13 Овие зборови на Суверениот Господ Јехова првпат биле изговорени пред 26 века во Јудеја, чиј главен град бил Ерусалим. Но таа изјава особено се однесувала на нашите денови, бидејќи Ерусалим бил претслика на т. н. христијанство. А ова наше време, откако Божјето небесно Царство е воспоставено во 1914, е Јеховин ден за собирање на народите и свикување на царствата. Преку големото дело на сведочење ги собрал сите под свој надзор. А тоа нив ги поттикнало на отпор против неговата намера. Меѓутоа, Јехова милостиво им овозможува на некои од тие народи да се обединат во зборувањето на чистиот јазик. Со него, сите кои сакаат да живеат во неговиот ветен нов свет можат да му служат еднодушно пред сите народи да бидат уништени во огнениот израз на божествениот гнев во ’војната на големиот ден на Семоќниот Бог‘, наречена Армагедон (Откровение 16:14, 16, NW; 2. Петрово 3:13). За среќа, оние кои го зборуваат чистиот јазик и го привикуваат Јеховиното име во вера како обединети прави обожаватели ќе уживаат божествена заштита додека трае жестината на таа светска катастрофа. Бог сигурно ќе ги преведе во новиот свет, каде конечно само чистиот јазик ќе биде на усните на целото човештво.
14. Како Бог преку Софонија покажал дека преживувањето на крајот на овој систем бара хитно постапување?
14 Јехова преку својот пророк Софонија објаснува дека оние кои се надеваат да го преживеат крајот на сегашниот злобен систем мораат веднаш да преземат чекори во тој правец. Според Софонија 2:1-3 Бог вели: ”Соберете се, да, собери се народе кој не пребледуваш од срам. Пред законската одредба да донесе било што, пред да помине денот како плева, пред да дојде на вас разгорениот Јеховин гнев, пред да дојде на вас денот на Јеховиниот гнев, барајте го Јехова, сите вие кротки на земјата, кои ги извршувате Неговите судски одредби. Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста. Можеби ќе бидете сокриени на денот на Јеховиниот гнев“, NW.
15. (а) Кое е првото исполнување на Софонија 2:1-3? (б) Кој го преживеал извршувањето на Божјата осуда над Јуда, и што ќе биде паралела на тоа преживување во наше време?
15 Овие зборови имало свое прво исполнување над древната Јудеја и Ерусалим. Грешните луѓе на Јудеја не реагирале поволно на Божјиот повик, кое се гледа по тоа што извршил осуда над нив предавајќи ги во рацете на Вавилонците 607 пр. н. е. Како што Јудеја била ’народ кој не бледел во срам‘ пред Бог, така и т. н. христијанство било бесрамен ’народ‘ пред Јехова. Меѓутоа, бидејќи ја послушале Божјата Реч, некои Јудејци и други преживеале, а меѓу нив и Јеховиниот верен пророк Еремија. Останатите преживеани биле еден Етиопјанин по име Авдемелех и потомците на Јонадав (Книга пророк Јеремија 35:18, 19; 39:11, 12, 16-18). Слично е и денес. ”Големо мноштво“ од Исусови ’други овци‘ собрано од сите народи ќе го преживее Армагедон и ќе влезе во Божјиот нов свет (Откровение 7:9, NW; Јован 10:14-16). Само оние кои го учат и зборуваат чистиот јазик ќе бидат меѓу радосните преживеани.
16. Што треба да стори некој за да биде скриен ”на денот на Јеховиниот гнев“?
16 Како што била Јеховина ”одредба“ Јудеја и Ерусалим треба да бидат уништени, така мора да пропадне и т. н. христијанство. Навистина, близу е уништувањето на сета лажна религија, а оние кои сакаат да преживеат мораат веднаш да дејствуваат. Мораат да го сторат тоа ’пред да помине денот како плева‘, којашто брзо ја одвејува ветрот, како кога житото на гумното се фрла во воздух. За да се избавиме од Божјиот гнев, мораме да го зборуваме чистиот јазик и да одговориме на Божјето предупредување пред да дојде на нас денот на Јеховиниот разгорен гнев. Како во времето на Софонија, така и денес, ”кротките“ го бараат Јехова Бог, праведноста и кроткоста. Да се бара Јехова значи да го љубиме со целото срце, душа, ум и сила (Марко 12:29, 30). ”[Оние кои прават така] можеби ќе бидат сокриени на денот на Јеховиниот гнев.“ Но, зошто пророштвото вели: ’можеби‘? Затоа што спасението зависи од верноста и истрајноста (Матеј 24:13). Оние кои се прилагодуваат на Божјите праведни мерила и постојано го зборуваат чистиот јазик, ќе бидат сокриени на денот на Јеховиниот гнев.
17. Кои прашања ни останаа за размислување?
17 Бидејќи денот на Јеховиниот гнев е близу и спасението зависи од учењето и користењето на чистиот јазик, сега е време силно да се трудиме да го учиме и зборуваме. Но, како може некој да го научи чистиот јазик? И како можеш да имаш корист ако го зборуваш?
Како би одговорил?
◻ Како настанал човечкиот говор?
◻ Што е чистиот јазик?
◻ Зошто зборовите од Софонија 3:8, 9 се толку значајнин денес?
◻ Што мораме да сториме за да бидеме сокриени ”на денот на Јеховиниот гнев“?
[Слика на страница 10]
Во Вавел, Бог го расеал човештвото така што им го побркал јазикот