Бидете долготрпеливи спрема сите
”Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите“ (1. СОЛУНЈАНИТЕ 5:14).
1. Каде и под какви околности Јеховините сведоци покажуваат долготрпеливост?
КАКОВ пример на долготрпеливост дале современите Јеховини сведоци! Поднеле големи тешкотии и прогонства во бившите нацистички и фашистички земји и во земјите како Малави до денешно време. Долготрпеливост покажуваат и оние кои живеат во религиозно разделени домови.
2. Кои два фактора допринесуваат за духовниот рај на кој му се радуваат Јеховините сведоци?
2 И покрај прогонствата и потешкотиите што ги доживува, Јеховиниот предаден народ се радувал на благословите на духовниот рај. Всушност, фактите покажуваат дека помазаните христијани почнале да се радуваат на тоа во 1919 година. Која е причината за тој духовен рај? Пред сѐ, овие рајски услови постојат меѓу Јеховиниот народ затоа што Бог ги вратил своите помазани слуги во нивната ”земја“, или состојба на чистото обожавање (Исаија 66:7, 8). Духовниот рај цвета и затоа што сите оние кои се наоѓаат во него ги покажуваат плодовите на Божјиот дух. Долготрпеливоста е еден од нив (Галатјаните 5:22, 23). Дека оваа особина е важна колку и нашиот духовен рај може да се види од следната изјава на научникот Вилијам Барклеј: ”Христијанското братство не може да се одржи без макротумиа [долготрпеливоста]. (...) А причината за тоа е токму оваа — таа макротумиа е најголемата Божја особина (Римјаните 2.4; 9.22)“ (A New Testament Wordbook, стр. 84). Да, долготрпеливоста е многу важна!
Да се биде долготрпелив со нашите браќа
3. Каква поука за долготрпеливоста му дал Исус на Петар?
3 Апостол Петар очигледно имал тешкотии да покажува долготрпеливост, затоа што еднаш го прашал Исус: ”Господине, ако братот мој згреши против мене, колку пати да му простам? До седум пати?“ Исус го советувал: ”Не ти велам до седум пати, туку до седумдесет и седум пати“ (Матеј 18:21, 22, Ст). Со други зборови, не е ограничен бројот колку пати треба да се поднесуваме еден со друг и да му простуваме на некој кој греши против нас. Впрочем, не можеме ни да си замислиме дека некој би броел до 77 пати! Сепак, таквото простување сигурно бара долготрпеливост.
4. Зошто старешините особено треба да бидат долготрпеливи?
4 Ако е потребно духовните браќа да покажуваат долготрпеливост, без сомнение собраниските старешини треба да бидат пример во тоа. Нивната стрпливост би можела да биде искушана бидејќи некои соверници можеби се невнимателни или незаинтересирани. Други можеби го одложуваат исправањето на своите лоши навики. Старешините мора да внимаваат да не се разлутат брзо или лесно да се навредат поради слабостите на своите христијански браќа и сестри. Наместо тоа, овие духовни пастири треба да се сетат на советот: ”Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси“ (Римјаните 15:1).
5. Што можеме да поднесеме ако сме долготрпеливи?
5 Исто така, поради човечките слабости или недостатоци може да дојде и до лични конфликти. Поради слабости или лични начини на размислување и однесување, би можеле да ги навредиме нашите браќа, или обратно. Затоа, колку е прикладен советот: ”И понатаму поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си ако некој има причина за жалба против некого. Како што Јехова искрено ви простил вам, така правете и вие“ (Колосјаните 3:13, NW). ’Да се поднесуваме еден со друг‘ значи да бидеме долготрпеливи, иако можеби имаме оправдани причини да се жалиме против некого. Не смееме да враќаме мило за драго или да го казниме нашиот брат, па дури ниту да воздивнуваме против него (Јаков 5:9).
6. Зошто долготрпеливоста е мудар начин на постапување?
6 Исто значење има советот до Римјаните 12:19 (NW): ”Не одмаздувајте се самите, сакани, туку дајте му место на гневот; зашто пишано е: ’Одмаздата е моја; јас ќе платам, вели Јехова.‘“ ’Да му се даде место на гневот‘ значи да се биде бавен на гнев, или долготрпелив. Покажувањето на оваа особина е мудар начин на постапување, затоа што ни користи и нам и на другите. Ако се појавил некој проблем, ние самите се чувствуваме подобро ако сме долготрпеливи и не ја влошуваме ситуацијата. И оној спрема кого покажуваме долготрпеливост исто така се чувствува подобро бидејќи не го казнуваме или да му се одмаздуваме на некој начин. Не е чудно што Павле ги подбудувал сохристијаните да ги ”утешуваат потиштените души, да ги помагаат слабите и да бидат долготрпеливи спрема сите“ (1. Солунјаните 5:14, NW).
Во семејниот круг
7. Зошто оние кои се во брак треба да бидат долготрпеливи?
7 Со право е кажано дека среќниот брак е заедница на двајца кои умеат добро да простуваат. Што значи тоа? Тоа значи дека среќно оженетите се долготрпеливи во постапувањето еден со друг. Поединците често се чувствуваат меѓусебно привлечени поради своите спротивни темпераменти. Тие разлики можеби побудуваат интерес, но сепак, можат да бидат и извор на судири кои ги зголемуваат напнатостите и грижите кои веќе предизвикуваат оженетите христијани да имаат ”телесни неволји“ (1. Коринтјаните 7:28). На пример, да претпоставиме дека сопругот е рамнодушен за детаљи, или е склон да биде невнимателен или неуреден. Тоа може да биде вистинско искушение за неговата сопруга. Но ако нема корист од љубезно дадените предлози, тогаш можеби ќе мора да ги поднесува неговите слабости така што ќе биде долготрпелива.
8. Зошто мажите треба да бидат долготрпеливи?
8 Од друга страна, има жени кои можеби постојано се вознемирени поради ситници и кои се склони да му приговараат на својот маж. Тоа може добро да нѐ потсети на стихот: ”Подобро да живееш на покривот, отколку да ја делиш куќата со жена која приговара“ (Изреките 25:24, Today’s English Version). Во ваков случај се бара долготрпеливост која би одговарала на Павловиот совет: ”Вие мажи, љубете ги своите жени и не огорчувајте се на нив!“ (Колосјаните 3:19, NW). На мажите исто така им е потребна долготрпеливост за да можат да го уважат советот од апостол Петар: ”Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши“ (1. Петрово 3:7). Слабостите на жената можат понекогаш да го искушаат мажот, но долготрпеливоста ќе му помогне да ги поднесе.
9. Зошто им е потребна долготрпеливост на родителите?
9 Родителите треба да бидат долготрпеливи ако сакаат успешно да ги одгледаат своите деца. Маладите можеби секогаш одново ги прават истите грешки. Можеби се чини дека се тврдоглави и дека учат бавно и можеби постојано ги изложуваат на искушение своите родители. Под такви околности христијанските родители треба да бидат бавни на гнев, да не ја изгубат контролата или сталоженоста, туку да останат смирени додека цврсто се држат за праведните начела. Татковците треба да имаат на ум дека и тие некогаш биле млади и исто така правеле грешки. Тие треба да го применуваат советот од Павле: ”Татковци, не огорчувајте ги своите деца, да не постанат малодушни!“ (Колосјаните 3:21, Ст).
Со оние однадвор
10. Од кое искуство се гледа како треба да се однесуваме на работното место?
10 Поради човечката несовршеност и себичност, можат да се појават непријатни ситуации на работното место на христијанинот. Мудар начин на постапување е да се биде тактичен и да се поднесуваат неправдите во интерес на мирот. Колку тоа може да биде мудро покажува искуството на еден христијанин кој бил жртва на многу неугодности кои ги предизвикал еден завидлив колега на работа. Бидејќи братот не правел спорно прашање од тоа, туку бил долготрпелив, со тек на време со тој неугоден колега можел да започне библиска студија.
11. Кога особено треба да бидеме долготрпеливи и зошто?
11 Јеховиниот народ особено треба да биде долготрпелив кога им сведочи на оние надвор од христијанското собрание. Често пати христијаните се среќаваат со непристојни или груби одговори. Дали би било добро или мудро да се одговори со иста мерка? Не, затоа што не би било покажување на долготрпеливост. Мудро е да се сетиш и ја следиш мудрата изрека: ”Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува“ (Изреки 15:1).
Верата и надежта помагаат во покажувањето на долготрпеливост
12, 13. Кои особини ќе ни помогнат да бидеме долготрпеливи?
12 Што може да ни помогне да покажуваме долготрпеливост, да поднесуваме жалосни ситуации? Едно од тоа е верата во Божјите ветувања. Мораме да го држиме Бог за збор. Библијата вели: ”Никакво искушение не ве снајде освен вообичаеното за луѓе. Но, Бог е верен и нема да допушти да бидете искушани над она што можете да носите, туку заедно со искушението ќе даде и излез, за да можете да го поднесете“ (1. Коринтјаните 10:13, NW). Со други зборови, како што рекол еден постар човек: ”Ако Бог тоа го допушта, можам да го поднесам.“ Да, можеме да го поднесеме ако сме долготрпеливи.
13 Тесно поврзана со верата е надежта во Божјето Царство. Кога тоа ќе завладее над Земјата, целокупната злобна состојба која ги предизвикува неволјите ќе биде отстранета. Во врска со тоа, псалмистот Давид рекол: ”Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу — самиот да не правиш зло, зашто оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата“ (Псалми 36:8, 9 [37:8, 9, ДК]). Сигурната надеж дека Бог наскоро ќе ги отстрани овие искушенија, ни помага да бидеме долготрпеливи.
14. Кое искуство покажува дека треба да бидеме долготрпеливи со брачниот другар кој не е во верата?
14 Како треба да реагираме кога брачниот другар кој не е во верата ни создава неволји? Барај помош од Бог, и надевај се дека противникот ќе стане обожавател на Јехова. Сопругата на еден христијанин понекогаш одбивала да му готви јадење и да му ги пере алиштата. Употребувала непристојни зборови, не му зборувала со денови и дури се обидела да го маѓепса со помош на магии. ”Меѓутоа“, рекол тој, ”секој пат се обраќав до Јехова во молитва, и имав доверба во Него дека ќе ми помогне да ја развивам добрата особина на долготрпеливост за да не ја изгубам својата христијанска рамнотежа. Исто се надевав дека еден ден ќе се промени ставот на нејзиното срце.“ После 20 години вакво однесување, неговата жена почнала да се менува, а тој рекол: ”Колку сум му благодарен на Јехова што ми помогна да го развивам плодот на духот, долготрпеливоста, бидејќи сега можам да го видам резултатот: мојата жена почна да оди по патот на животот!“
Молитвата, понизноста и љубовта ќе помогнат
15. Зошто молитвата може да ни помогне да бидеме долготрпеливи?
15 Друга голема помош во покажувањето на долготрпеливост е молитвата. Павле поттикнувал: ”За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7). Сети се исто да го уважиш советот: ”Стави го своето бреме на Јехова, и тој ќе те потпре. Никогаш нема да дозволи праведникот да падне“ (Псалми 55:22, NW).
16. Како може понизноста да ни помогне да бидеме долготрпеливи?
16 Понизноста е уште една голема помош во развивањето на плодот на духот, долготрпеливоста. Горделивиот човек е нестрплив. Лесно се навредува, брзо се лути и не трпи нељубезно однесување. Сето тоа е спротивно на долготрпеливоста. Но, понизниот човек нема да се смета себеси дека е премногу важен. Тој ќе чека на Јехова, како што чекал Давид кога бил прогонуван од царот Саул и навредуван од Семеј од племето на Венјамин (Прва книга Царства 24:4-6; Втора книга Царства 16:5-13). Затоа, треба да имаме желба да одиме ”со потполна понизност на мислите и благост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов“ (Ефесјаните 4:2, NW). Освен тоа, би требало да се ’понизиме во очите на Јехова‘ (Јаков 4:10, NW).
17. Зошто љубовта ќе ни помогне да бидеме долготрпеливи?
17 Несебичната љубов особено ни помага да бидеме долготрпеливи. Навистина, ”љубовта е долготрпелива“, бидејќи таа нѐ поттикнува од срце да се интересираме за другите (1. Коринтјаните 13:4). Љубовта ни овозможува да сочувствуваме со другите, така да се каже, да се ставиме во нивна кожа. Освен тоа, љубовта ни помага да бидеме долготрпеливи бидејќи таа ”сѐ поднесува, во сѐ верува, во сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринтјаните 13:7, 8, ДК). Да, како што укажуваат зборовите од Царската песна број 200 од книгата Певајмо хвалоспеве Јехови:
”Љубовта има очи за доброто.
Љубовта го гради братството.
Љубовта на грешните им простува,
Нивните подобри страни ги истакнува.“
Долготрпелив со радост?
18. Како е можно да се биде долготрпелив со радост?
18 Павле се молел неговите соверници во Колоса да бидат исполнети со точното спознание за Божјата волја за да живеат достојно на Јехова, да го радуваат и да донесуваат плод во секое добро дело. Тогаш ќе бидат ”зајакнати со сета сила до мерата на неговата величествена моќ за да потполно истраат и да бидат долготрпеливи со радост“ (Колосјаните 1:9-11, NW). Сепак, како може некој да биде ”долготрпелив со радост“? Тоа не е противречие, затоа што радоста која се споменува во Библијата не значи едноставно да се биде расположен или весел. Радоста како плод на духот вклучува чувство на длабоко задоволство кога се прави нешто исправно пред Бог. Исто така таа е израз на надежта дека ќе ја примиме ветената награда како резултат од покажувањето на долготрпеливост. Затоа Исус рекол: ”Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно — заради Мене! Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас“ (Матеј 5:11, 12).
19. Кои примери покажуваат дека е можно да се биде и долготрпелив и радосен?
19 Исус имал таква радост. ”Поради Неговата идна радост претрпе крст (маченички столб, NW), откако го презре срамот“ (Евреите 12:2). Таа радост му помогнала на Исус да биде долготрпелив. Исто така, не испуштај од вид што се случило кога апостолите биле искамшикувани и кога им било заповедано ’да не зборуваат за името Исусово‘. Тие ”излегоа од Синедрионот радосни, зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса. И секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа“ (Дела 5:40-42). Каков прекрасен пример кој покажува дека Христовите следбеници можат да бидат долготрпеливи со радост!
20. Како нашето покажување на долготрпеливост ќе влијае на нашиот однос со другите?
20 Божјата Реч сигурно ни дава мудар совет кога нѐ поттикнува да не враќаме мило за драго, да бидеме бавни на гнев додека се надеваме на најдоброто — да, да бидеме долготрпеливи! Потребна ни е редовна молитва и овој плод на Божјиот дух за да се сложуваме со нашите браќа и сестри во собранието, со оние во семејниот круг, со луѓето на нашето работно место и со оние кои ги среќаваме во христијанската служба. А што ќе ни помогне да покажуваме долготрпеливост? Верата, надежта, понизността, радоста и љубовта. Навистина, со такви особини можеме да бидеме долготрпеливи спрема сите.
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто долготрпеливоста е неопходна за да имаме удел во духовниот рај?
◻ Зошто старешините треба особено да бидат долготрпеливи?
◻ Зошто мажите и жените треба да развиват долготрпеливост?
◻ Кои други особини ќе ни помогнат да бидеме долготрпеливи?
[Слика на страница 17]
Кој Исусов совет му помогнал на Петар да биде долготрпелив?