Библијата — дали е навистина света?
КОЛКУ луѓе денес ја сметаат Библијата за света, Божја Реч? Во овој век на скептицизам, многумина ја сметаат за застарена и неважна, сомневајќи се дека навистина е света. Дури и некои од религиозните водачи на христијанството учат дека Библијата е преполна со легенди и митови. Тие се прашуваат ’дали библиското толкување на историјата е она толкување со кое може да се согласи еден интелигентен човек‘ (The Interpreter’s Dictionary of the Bible, том 2, стр. 611).
Угледни научници сеат семе на сомнеж во поглед на оправданоста да се зборува за Библијата како за Реч Божја. Еден рекол дека ”ако некој сака да го употребува јазикот на Божјата Реч, исправниот термин за Библијата би бил Реч Израелова, или Речта на некои водечки рани христијани“ (The Bible in the Modern World, од Џејмс Бар). Што мислиш ти? Дали Библијата е Божја Реч? Дали е навистина света?
Кој ја пишувал Библијата?
Пишувањето на книгата Постанок [1. Мојсеева], првата библиска книга, традиционално му се припишува на Мојсеј, Евреин кој живеел пред околу 3 500 години. Според самата Библија, околу 40 мажи од различни слоеви учествувале во пишувањето на останатиот дел од Писмото, кое резултирало со збирка од 66 книги, или помали делови на Библијата. Меѓутоа, овие луѓе не се сметале себеси за вистински автори на Библијата. Еден од нив рекол: ”Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3:16). Еден друг за писателите на Библијата напишал: ”Луѓето зборуваа од Бог, како што беа носени од светиот дух“ (2. Петрово 1:21, NW).
Тоа ги става писателите во положба на записничари или секретари, кои ги надзирал или водел Бог. Според Библијата, на писателот обично му било дозволено да избере свои сопствени зборови при изразувањето на божествено дадените информации (Книга пророк Авакум 2:2). Затоа Библијата е пишувана на многу стилови. Но, пишувањето секогаш го водел Бог.
Мора да се признае дека тврдењата на овие писатели за божествена инспирација, сами по себе не се доказ дека Библијата е божествена порака од Творецот до човештвото. Но, дали Највишиот е Авторот на Библијата или не, би требало да биде јасно видливо од внимателното и непристрасно испитување на самата книга. Дали Библијата дава докази за божествениот автор? Навистина, дали можеме со сигурност да кажеме дека Библијата е света?