Дали работите навистина се поправаат?
”[Берлинскиот] ѕид можеби ќе станува сѐ попорозен како што врските помеѓу Исток и Запад се зголемуваат. Но, ќе требаат години, дури генерации, пред да се сруши. Двете Германии никогаш повторно нема да бидат една.“ Така пишуваше во едно угледно американско списание во март 1989.
За нешто помалку од 250 дена — ниту година, а камоли генерации — ѕидот почна да паѓа. За неколку недели, илјадници негови парчиња, сега обични сувенири, станаа украси за мебел низ целиот свет.
СЕРИОЗНО нагризаната железна челична завеса конечно се отвори, а со тоа се зголемија надежите дека конечно светскиот мир и безбедност се близу. Дури ни војната во Заливот на Блискиот Исток не ја замагли надежта дека долготрајното соперништво помеѓу Исток и Запад завршило и дека е на дофат нов светски поредок.
Додавање на нова димензија
Од Втората светска војна е видливо движење кон обединета Европа. Во 1951, западноевропските народи ја основаа Европската заедница за јаглен и челик. После неа следеше Европскиот заеднички пазар во 1957. Во 1987, 12-те земји членки на оваа меѓународна заедница (сега вклучува 342 милиона луѓе) си поставија за цел потполно економско обединување до 1992. Дури се чини мошне веројатно постигнувањето на целосна политичка обединетост. Колку освежителна промена во однос на не така дамнешната крвава историја на Европа!
Сепак, со оглед на неодамнешните политички побуни, 1992 добива уште поголемо значење. Сѐ повеќе се размислува поранешните комунистички земји на Источна Европа конечно да бидат вклучени во обединета Европа.
Божествена поткрепа?
Некои религиозни групи, занемарувајќи го начелото за христијанска неутралност, дозволиле задушувањето на религијата кое во Источна Европа траело со децении, да ги втурне во активна вмешаност во политиката. Коментирајќи го тоа, германскиот дневник Frankfurter Allgemeine Zeitung забележува дека ”учеството на христијаните во преобразбата на Исток е неоспориво“, додавајќи дека ”нивниот удел секако не треба да се потценува“. Весникот понатаму објаснува: ”Во Полска, на пример, религијата се здружи со народот и црквата стана тврдоглав противник на владејачката партија; во ГДР, црквата им овозможи слободен простор на дисидентите и им ги стави на располагање своите згради за организациски цели; во Чехословачка, христијаните и демократите се сретнаа во затворите, научија да се ценат и на крајот ги здружија силите.“ Дури и во Романија, каде ”црквите се покажаа како верни вазали на режимот на Чаушеску“, токму апсењето на свештеникот Ласло Текеш ја поттикна револуцијата.
Ватикан исто беше вмешан. Списанието Time во декември 1989 коментираше: ”Иако политиката на Горбачов на немешање беше непосредниот причинител на веригата настани за ослободување кои поминаа низ Источна Европа во последниве неколку месеци, Јован Павле има голем удел во долгорочната заслуга. (...) Во текот на 1980-тите, неговите говори постојано го нагласуваа концептот за повторно обединета Европа од Атлантикот па до Урал, а инспирирана од христијанската вера.“ Така, на пример, за време на посетата на Чехословачка во април 1990, папата изрази надеж дека неговата посета ќе отвори нови врати помеѓу Исток и Запад. Тој го најави планираниот синод на европските бискупи за да се зацрта стратегија со која би се исполнила неговата визија за ”Европа обединета на темел на своите христијански корени“.
Зарем обединета Германија во рамките на обединета Европа нема да се покаже како предвесник на целосно обединета Европа, а потоа и на обединет свет? Зарем вмешаноста на религијата не укажува дека тоа е токму она што Библијата го ветува? Секако дека со свештеници и на Исток и на Запад кои сега работат во политичките рамки за мир и безбедност, зарем не би можеле да очекуваме наскоро тоа да стане реалност? Да видиме.
[Карта/слика на страница 4]
Протестанската Николаева црква во Лајпциг — симбол на политичкиот бунт во Германија
Земји членки на Европскиот заеднички пазар