Чии молитви ќе бидат одговорени?
ЈЕХОВА е Бог кој одговара на молитвите. Всушност, неговата Реч, Библијата, го нарекува ”Слушач на молитви“ (Псалми 65:2, NW). Тој е спремен да одговори на молитвите. Но, чии молитви тој навистина ги исполнува?
Бог ги исполнува молитвите на поединци кои нему му се угодни. Тие го имаат ставот на стравопочитување како псалмистот кој рекол: ”Како што кошутата бара потоци, така мојата душа те бара тебе, Боже! Жедна е мојата душа за Бог, живиот Бог“ (Псалми 42:1, 2, ДК). Сепак, каков доказ постои дека Јехова одговара на молитвите од своите вистински обожаватели?
Доказ дека Бог одговара на молитвите
Библијата содржи обемен извештај кој докажува дека Јехова одговара на молитвите од своите верни слуги. На пример, кога крал Јозафат од Јуда молел за ослободување, Бог одговорил на неговата молитва и му дал победа така што предизвикал неговите непријатели да се уништат меѓусебно (2. Дневника 20:1-26, ДК). Кога крал Езекија на сличен начин се соочил со опасна воена сила, понизно го молел Бог за помош. Езекија го видел спасението од Јехова кога еден ангел убил 185 000 Асирци во една ноќ (Исаија 37:14-20, 36-38).
Зошто Бог одговорил на тие молитви? Во обата случаја кралевите молеле поради тоа што загубата на битката лошо би се одразила на Јеховиното име (2. Летописи 20:6-9; Исаија 37:17-20). Тие биле загрижени за неговиот углед. ”Основниот предмет на молитвата“, пишува во The International Standard Bible Encyclopedia, ”не е само доброто на молителот, туку честа на Божјето име.“ Според тоа, верните слуги на Јехова можат да бидат уверени дека тој ќе им помогне ”поради своето име“. Извештајот кој докажува дека таквите молитви биле исполнети, на Божјиот народ му дава сигурност дека тој ги слуша молитвите (Псалми 91:14, 15; 106:8, ДК; Изреките 18:10).
Меѓутоа, дури и кога некоја ситуација го вклучува Јеховиното име, Бог одлучува дали ќе одговори на одредени молитви или не. Тој може да има важни причини да не одговори на некои молитви. Ако ни се чини дека нашите молитви не се сослушани, добро е да размислиме зошто би можело да биде така.
Зошто некои молитви не се исполнети
”Иако принесувате многу молитви, јас не слушам“, им рекол Јехова еднаш на Израелците. Истакнувајќи ја причината, тој продолжил: ”Вашите раце се исполнети со крвопролевање“ (Исаија 1:15, NW). Како би можел некој да го игнорира Јеховиниот закон и сепак да биде сослушан од него? Една библиска изрека дава јасен одговор: ”Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна“ (Изреки 28:9).
Библијата дава уште една причина зошто некои молитви не се сослушани кога вели: ”Молите, но не добивате, бидејќи молите со погрешна намера: за да го потрошите тоа во своите лакомости“ (Јаков 4:3, Ст). Не, Јехова нема да одговори на молитвите за задоволување на погрешни желби. Исто така мора да запомниме дека Бог, така да се каже, не прима наредби од луѓе. Тој е Оној кој одлучува како ќе ни одговори на молитвите.
Сигурно ќе бидат одговорени оние молитви упатени до Бог кои доаѓаат од чисто срце, од исправен мотив и на начин одреден од него — преку Исус Христос (Јован 14:6, 14). Но, дури и оние чии молитви ги исполнуваат тие барања, понекогаш почувствувале дека не се сослушани. Зошто Бог веднаш не одговара на одредени молитви од неговите слуги?
Јехова знае кога е најдоброто време да одговори на молитвите. Иако детето бара велосипед, таткото можеби нема да му купи сѐ додека детето доволно не порасне за да го вози безбедно. Истото може да се однесува и за некои молитви од оние кои го сакаат Бог. Бидејќи знае што е најдобро за нив, тој го дава она што е потребно во најповолното време.
Сепак, Јеховините слуги не добиваат сѐ за што можеби молат. Како несовршени, можат да сакаат некои работи кои не би биле добри за нив. Нивниот небесен Татко полн со љубов нема да им даде ништо штетно, бидејќи тој е Дарител на ”секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Слично на тоа, Бог можеби нема да даде нешто што според негово мислење, не е потребно. (Спореди 2. Коринтјаните 12:7-10.) Тој одговара на молитвите во согласност со својата волја и намера за својот народ (1. Јованово 5:14, 15).
Исус ’беше сослушан со наклоност’
Исус Христос бил човек од молитва (Матеј 6:9-13; Јован 17:1-26). Имал потполна доверба дека неговиот небесен Татко ќе ги слуша и ќе одговори на неговите молитви. Исус еднаш рекол: ”Оче, (...) Знаев дека Ти секогаш Ме слушаш“ (Јован 11:41, 42). Но зарем Исус не бил разочаран на крајот од својот земски живот? Зарем тогаш не извикал: ”Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил“? (Матеј 27:46).
Кога Исус ги изговорил овие зборови, очигледно исполнувал пророштво кое се однесувало на неговата смрт (Псалми 21:1 [22:1, ДК]). Во потесна смисла на зборот, Исус исто така можеби сакал да каже дека Јехова ја отстранил Својата заштита и го оставил својот Син да умре болно и срамно за да ја испита неговата беспрекорност до крај. Испитувањето на настаните од последниот ден на Исусовиот земски живот покажува дека Бог ги слушнал неговите молитви.
Ноќта при неговото апсење, Исус се молел во Гетсеманската градина. Три пати молел: ”Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша“ (Матеј 26:39, 42, 44). Исус не се противел да го даде својот живот како откупнина за верното човештво, туку очигледно бил мошне заинтересиран за веројатноста да не го осрамоти својот драг и сакан Татко ако умре на маченички столб како проколнат богохулник. Дали Јехова ја слушнал Исусовата молитва?
Многу години подоцна апостол Павле напишал: ”Во деновите на своето тело [Христос] понуди преколнувања и молби до Оној кој можеше да го спаси од смрт, со силни извици и солзи, и беше поволно сослушан поради својот побожен страв“ (Хебреите 5:7, NW; Лука 22:42, 44). Да, во болната ноќ пред својата смрт, Исус ’бил поволно сослушан‘. Но како?
Јехова испратил ангел кој ”Му се јави [на Исус] (...) и Го поткрепуваше“ (Лука 22:43). Закрепнат на тој начин, Исус можел да се соочи со смртта на маченичкиот столб. Јехова очигледно тогаш му дал уверение дека неговата смрт на столбот нема да му донесе срам на божественото име, туку конечно тоа ќе биде токму она кое ќе го оправда. Всушност, Исусовата смрт на маченичкиот столб го отворила патот за Евреите, кои инаку биле проколнати под Законот, да бидат спасени од осудата на смрт (Галатјаните 3:11-13).
После три дена, Јехова го воскреснал Исус и го очистил од какво и да е можно обвинение за богохулство со тоа што го издигнал на висока небесна положба (Филипјаните 2:7-11). Каков прекрасен начин да се одговори на Исусовата молитва во врска со ”оваа чаша“! Таа молитва била исполнета на Јеховин начин. А Исус доживеал прекрасни благослови бидејќи на својот небесен Татко му рекол: ”Нека не биде Мојата волја, туку Твојата!“ (Лука 22:42).
Како Јехова ги исполнува молитвите денес
Како Исус, оние кои бараат да го радуваат Јехова денес треба секогаш да молат да биде Божјата волја. Потребно е да имаат вера дека Јехова ќе одговори на молитвите на начин кој најмногу ќе им користи. Всушност, тој ќе ’направи многу преобилно отколку што бараме или помислуваме‘ (Ефесјаните 3:20, NW).
Една млада христијанка која живеела со своите родители кои не биле верници, ја доживеала вистинитоста на тој библиски стих. Во едно писмо од Друштвото Стражарска кула, била замолена во молитва да размислува за можноста да прифати посебна мисионерска задача. Иако нејзината искрена желба била да остане дома и да им помогне на родителите да станат христијани, го прашала Бог во молитва: ”Која е твојата волја? Дали да ја прифатам оваа покана без оглед на спротивставувањето од родителите, или да им помогнам на моите родителите така што ќе останам да живеам со нив?“ Секој пат кога се молела, нејзината совест ѝ кажувала да ја прифати поканата. Одлучила дека тоа бил одговорот од Јехова.
Бог ја зајакнал оваа жена да се држи за својата одлука. Кога била замолена да се пресели на островот Аваџи, Јапонија, нејзините родители биле шокирани и го зголемиле противењето. Меѓутоа, бидејќи не можела да ја убеди да се предомисли, мајка ѝ одлучила да ја проучува Библијата само за да види зошто керќа ѝ донела таква одлука. Три месеци подоцна, родителите ја посетиле. Кога видел колку добро другите Сведоци на Јехова се грижеле за неа, татко ѝ бил длабоко погоден и плачел кога бил насамо. Набргу и тој почнал да ја проучува Библијата. Со тек на времето обата родитела на оваа млада жена се крстиле и почнале верно да му служат на Јехова. Зарем Јехова Бог не ја благословил преобилно таа христијанка?
Нивните молитви се исполнети
Дали се сеќаваш на зборовите на жената спомената на почетокот од претходната статија? Никогаш немала чувство дека молитвите ѝ биле исполнети. Но, подоцна сфатила дека Бог ги исполнувал нејзините молитви. Жената имала белешки со главните мисли од молитвите. Еден ден го разгледувала тој бележник и сфатила дека Јехова одговорил на повеќето нејзини молитви, дури и на оние кои самата ги заборавила! Така знаела дека Бог се грижел за неа и ѝ ги исполнувал молитвите на еден благ начин од кој имала најмногу корист.
Ако мислиш дека твоите молитвите не се одговорени, запрашај се: ’Дали имам личен однос со Јехова, ’Слушачот на молитвите‘? Ако не, дали преземам чекори да научам за него и да станам еден од неговите предадени слуги?‘ Тој ги исполнува молитвите на оние кои го љубат и ја вршат неговата волја. Тие се ”истрајни во молитвата“ и поволно се сослушани, како што бил сослушан Исус (Римјаните 12:12, Ст). Затоа, ”излевај го (...) своето срце“ пред Јехова и врши ја неговата волја (Псалми 62:8, ДК). Тогаш твоите молитви ќе бидат сослушани.
Денес милиони луѓе се молат за нешто посебно. Да, и нивните молитви се сослушани. Да видеме зошто можеме да бидеме сигурни дека таквите молитви ќе бидат исполнети.