Дали Бог слуша кога се молиш?
ЕДЕН главен шеф самиот одлучува дали некому ќе му ја довери работата или тој самиот ќе ја изврши. На сличен начин, Суверениот Владетел на вселената го има изборот да одлучи во колкав обем лично ќе учествува во некоја работа. Писмото учи дека Бог избрал лично да се вклучи во нашите молитви и затоа нѐ повикува да му ги упатуваме нему (Псалми 65[66]:19; 68[69]:13).
Божјиот избор во оваа работа ни го открива неговиот личен интерес за молитвите на неговите човечки слуги. Наместо да го обесхрабрува својот народ да му пристапуваат со секоја мисла и грижа, тој ги подбудува: „Молете се непрестајно“, „истрајте во молитва“, „фрли го своето бреме на Јехова“, „сите ваши грижи ставете ги на [Бог]“ (1. Солунјаните 5:17; Римјаните 12:12, NW; Псалми 55:22; 1. Петрово 5:7).
Да не сакал да обрне внимание на молитвите на своите слуги, Бог никогаш немало да подготви таков пристап до него и да охрабрува слободно да го користиме истиот. Затоа, тоа што Бог избрал да се направи себеси пристаплив за својот народ, е една од причините да бидеме уверени дека тој навистина слуша. Да, тој ја разгледува секоја молитва на своите слуги.
Не треба да се превиди фактот што Библијата јасно тврди дека Бог ги слуша молитвите. На пример, апостолот Јован пишува: „Ова е слободата на говорот што ја имаме спрема него, сеедно за што и да молиме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14, NW). Цар Давид се осврнал на Јехова Бог како на „Слушач на молитвите“ и уверено изјавил: „Тој го слуша мојот глас“ (Псалми 55:17; 65:2, NW).
Затоа, додека чинот на молитвата без сомнение е од корист сам по себе, Писмото покажува дека е вклучено многу повеќе кога едно праведно лице се моли. Некој слуша. Тој слушач е Бог (Јаков 5:16-18).
Молитви кои биле слушнати
Библијата изобилува со извештаи за луѓе чиишто молитви Бог навистина ги слушнал и ги одговорил. Тие искуства јасно потврдуваат дека користите од молитвата одат над терапевтскиот ефект од пробирање и изразување на мислите. Тие одат над нечии лични напори што се во склад со неговите молитви.
На пример, кога бил соочен со заговорот на Авесалом да го приграби Израелското царство, царот Давид се молел: „Господи [Јехова, NW], Боже мој, оневозможи го советот на Ахитофела [советникот на Авесалом]“ Тоа не било мало барање, бидејќи „советите на Ахитофела . . . се сметаа како некој да се допрашува до Бога. Таков беше секој Ахитофелов совет“. Авесалом потоа ја отфрлил стратегијата што ја предложил Ахитофел за соборување на царот Давид. Зошто? „Јехова самиот издаде наредба за да го осуди советот на Ахитофел, иако беше добар, за Јехова да донесе несреќа врз Абсалом“. Јасно дека Давидовата молитва била слушната (2. Царства 15:31; 16:23; 17:14, NW).
Слично на тоа, откако Езекија го преколнувал Бог за избавување од смртната постела, тој оздравел. Дали тоа се случило едноставно поради психолошките користи за Езекија како резултат на тоа што се молел? Не, никако. Јеховината порака до Езекија, како што му ја пренел пророкот Исаија, гласела: „Ја чув молитвата твоја, ги видов солзите твои. Јас ќе те излекувам“ (4. Царства 20:1-6).
На Даниел, чии молитви биле одговорени подоцна отколку што тој можеби очекувал, Јеховиниот ангел му загарантирал: „Зборовите твои беа примени“. Молитвите на другите, како оние на Ана, на Исусовите ученици и на воениот офицер Корнелиј, биле одговорени на начини кои не можат да им се припишат единствено на човечките способности. Затоа, Библијата јасно учи дека молитвите во склад со божествената волја Бог ги прима, слуша и ги одговара (Даниел 10:2-14; 1. Царства 1:1-20; Дела на св. апостоли 4:24-31; 10:1-7).
Но како денес Бог одговара на молитвите на своите верни слуги?
Одговори на молитвите
Горенаведените молитви биле одговорени на драматични, чудесни начини. Сепак, молиме задржи на ум дека дури и во библиски времиња, најчестите одговори на молитвите не биле така лесно забележливи. Ова е затоа што биле поврзани со давање на морална цврстина и просветлување, така што ги оспособувале Божјите слуги да се држат за праведен пат. Особено за христијаните, одговорите на молитвите вклучувале работи кои воглавно биле духовни, а не спектакуларни или моќни дела (Колосјаните 1:9).
Затоа, не се разочарувај ако твоите молитви не се секогаш одговорени на начин како што ти очекуваш или претпочиташ. На пример, наместо да го отстрани искушението, Бог би можел да избере да ти даде ‚сила која е над обичната‘ за да истраеш (2. Коринтјаните 4:7; 2. Тимотеево 4:17). Никогаш не би требало да ја омаловажуваме вредноста на таквата сила, ниту би требало да заклучиме дека Јехова воопшто не одговорил вистински на нашата молитва.
Размотри го случајот на никој друг туку на Божјиот Син, Исус Христос. Загрижен да не умре како очигледен хулник, Исус се молел: „Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша!“ Дали Бог одговорил поволно на оваа молитва? Да, тоа е потврдено во Евреите 5:7. Јехова не го ослободил својот Син од потребата да умре на маченички столб. Наместо тоа, „Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше“ (Лука 22:42, 43).
Драматичен, чудесен одговор? За секој од нас — можеби! Но за Јехова Бог, изворот на таквата моќ, тоа не било чудо. А од својот најран живот на небото, Исус бил запознаен со поранешните случаи кога ангелите им се јавувале на луѓе. Така, појавувањето на ангел не би имало драматично влијание на него како што би имало на нас. Меѓутоа, овој ангел, кого Исус очигледно лично го знаел уште од своето претчовечко постоење, Му помогнал да се зајакне за искушението кое штотуку му претстоело.
Кога одговара на молитвите на своите денешни верни слуги, Јехова честопати ни ја дава потребната сила да издржиме. Оваа поддршка може да биде во вид на охрабрување од сообожавателите со кои лично се дружиме. Дали некој од нас би сакал да го отфрли таквото охрабрување, можеби така што ќе заклучи дека бидејќи оние кои служат со нас не доживеале искушенија како нашите, тие не се во состојба да нѐ зајакнат? Исус можел да има токму такво гледиште спрема ангелот кој му се јавил. Наместо тоа, го прифатил охрабрувањето како Јеховин одговор на неговите молитви и успеал верно да ја исполни волјата на својот Татко. И ние ќе сакаме пресретливо да ја прифатиме силата што ја дава Бог како одговор на нашите молитви. Исто така, запомни дека по таквите периоди на стрплива истрајност честопати следат неискажливи благослови (Проповедник 11:6; Јаков 5:11).
Биди уверен дека Бог слуша
Никогаш немој да губиш верба во делотворноста на молитвата ако не ти било одговорено веднаш. Одговорите на некои молитви, како оние за лично ослободување од неволја или за поголема одговорност во службата на Бог, можеби мораат да го чекаат времето за кое Бог знае дека е исправно и најдобро (Лука 18:7, 8; 1. Петрово 5:6). Ако се молиш за некоја работа за која длабоко си загрижен, покажи му на Бог со својата истрајност дека твојата желба е силна, а твојот мотив чист и искрен. Јаков покажал таков дух кога, откако исцрпно се борел со еден ангел, рекол: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш“ (1. Мојсеева 32:24–32). Мораме да имаме слична увереност дека ако постојано се молиме, ќе примиме благослов во право време (Лука 11:9).
И една мисла за крај. Да се придобие слухот на Суверениот на вселената, е скапоцена предност. Со оглед на ова, дали ние внимателно слушаме кога Јехова Бог преку својата Реч ни зборува за своите барања? Додека нашите молитви не доведуваат присно поблиску до нашиот Творец, ние ќе сакаме сериозно да му посветиме внимание на сѐ што тој има да ни каже.
[Слика на страница 6]
Бог ги слуша молитвите. Дали ние го слушаме него преку неговата Реч?