Колку долго ќе трае Божјата стрпливост?
ПРЕД околу 3 000 години, еден мудар човек напишал: ”Човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Дури и откако ја дал таа забелешка, условите не се подобриле. Низ историјата, поединци или групи приграбувале моќ, еден по друг, доминирајќи и експлоатирајќи ги другите луѓе. Јехова Бог стрпливо го издржал тоа.
Јехова бил стрплив додека владите испраќале милиони да умрат во војна и дозволувале големи економски неправди. Денес, Бог сѐ уште покажува стрпливост додека луѓето го уништуваат озонскиот слој и ја загадуваат атмосферата и морето. Колку само му причинува болка да го гледа уништувањето на добро обработливата земја и немилосрдното уништување на шумите и дивите животни!
Зошто Бог е толку стрплив?
Една едноставна споредба може да ни помогне да одговориме на ова прашање. Размисли како влијае на работата кога некој вработен постојано задоцнува. Што треба да стори сопственикот? Основната правда можеби би барала тој веднаш да го отпушти вработениот. Но, можеби ќе се сети на библиската изрека: ”Оној кој е бавен на гнев изобилува во способност на расудување, а кој е нестрплив, ја издигнува глупавоста“ (Изреките 14:29, The New World Translation of the Holy Scriptures). Способноста на расудување може да го натера да почека пред нешто да преземе. Можеби ќе се одлучи да остави малку време додека се оспособи некој кој ќе го замени за да работата не се прекинува уште повеќе.
Чувството за ближниот исто така може да го натера да почека. Како би било да го предупреди немарниот работник за да види дали ќе се поправи во однесувањето? Зошто да не разговара со него за да дознае дали неговото вообичаено доцнење се должи на некој проблем којшто може да се реши, или на непоправлив лош однос? Иако сопственикот на фирмата може да одлучи да покажува стрпливост, сепак, неговата стрпливост не би била неограничена. Вработениот ќе мора или да се промени или на крај да биде отпуштен од работа. Тоа би било праведно спрема самата работа, а и спрема вработените кои ги почитуваат правилата.
На многу сличен начин, Јехова Бог покажува стрпливост кога се соочува со погрешно постапување за да остави време да се дојде до праведно решение на одредени проблеми. Не само тоа, неговата стрпливост им дава прилика на престапниците да ги променат своите патишта и да добијат вечни користи. Според тоа, Библијата нѐ охрабрува да не бидеме несреќни поради Божјата стрпливост. Напротив, стои запишано: ”И трпението на нашиот Господ сметајте го за спасение“ (2. Петрово 3:15, Даничиќ-Караџиќ).
Пример за Божјата стрпливост
Јехова Бог бил стрплив пред големиот потоп во времето на Ное. Светот во тоа време бил полн со насилство и многу злобен. Читаме: ”Виде Јахве дек човековата расипаност на земјата е голема (...) Рече Јахве: ’Луѓето кои ги создадов ќе ги избришам од лицето на земјата‘“ (Постанак 6:5, 7, Стварност). Да, Јехова го имал во мислите конечното решение за проблемот со злото уште во тоа време: отстранување на злобните луѓе. Но, тој не дејствувал веднаш. Зошто не?
Затоа што не биле сите злобни. Ное и неговото семејство биле праведни во Божјите очи. Значи заради нив, Јехова стрпливо чекал за да им дозволи на малкумината праведни поединци да направат подготовки за спасение. Уште повеќе, долгото чекање му дало прилика на Ное да биде ’проповедник на правдата‘, давајќи им можност на тие злобни луѓе да ги променат своите патишта. Библијата пишува: ”Божјата стрпливост упорно ги чекаше, во времето на Ное, кога се градеше лаѓа во која се сокри мал број — само осум души — и беше спасен од водата“ (2. Петрово 2:5; 1. Петрово 3:20, Ст).
Зошто Бог е стрплив сега
Денес ситуацијата е слична. Светот е повторно полн со насилство. Како во времето на Ное, Бог веќе го осудил овој свет, за кој Библијата пишува дека се ”чува (...) за денот на Судот и пропаст на безбожниците“ (2. Петрово 3:7, Ст). Кога ќе се случи тоа, повеќе нема да има уништување на околината, угнетување на слабите или себична злоупотреба на сила.
Зошто тогаш, Бог одамна не ги уништил безбожните луѓе? Затоа што постоеле спорни прашања кои требало да се решат и да се подготват важни работи. Всушност, Јехова оди кон трајно решавање на проблемот на злото кое опфаќа многу нешта, вклучувајќи го спасението на луѓето со праведни срца од ропството на болеста и смртта.
Имајќи го сето тоа на ум, Јехова имал намера да даде Спасител кој би принел откупнина за нашите гревови. Во врска со него Библијата пишува: ”Бог толку го љубел светот што го дал својот единороден Син да не погине ниеден кој верува во него, туку да има живот вечен“ (Јован 3:16, Ст). Биле потребни илјадници години да се подготви патот да дојде Исус и да го жртвува својот живот во корист на човештвото. Во текот на сите тие години, Бог бил стрплив и полн со љубов. Зарем за таквата подготовка не вредело да се чека?
Исус ја дал откупнината за човештвото пред скоро две илјади години. Тогаш, зошто Бог сѐ уште покажува стрпливост? Како прво, Исусовата смрт го означила почетокот на една образовна акција. Човештвото морало да научи за таа подготовка полна со љубов и да му се даде можност да ја прифати или да ја одбие. За тоа било потребно време, но тоа време би било добро употребено. Библијата пишува: ”Не доцни Господ [Јехова, NW] со ветувањето, како што некои мислат дека доцни; туку нѐ трпи, бидејќи не сака никој да погине, туку сите да дојдат во покајание“ (2. Петрово 3:9, ДК).
Спорното прашање за владата
Исто така, било потребно време за уште една важна работа. Било потребно да се реши проблемот за човечката влада. На почетокот, човекот бил под божествена влада. Но во еденската градина, нашите први родители ѝ свртеле грб на таа влада. Тие одбрале да бидат независни од Бог и сакале сами да владеат (1. Мојсеева 3:1-5). Но всушност, човекот не бил создаден да владее сам. Пророкот Еремија напишал: ”Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23; Изреките 20:24).
Меѓутоа, откако било покренато спорното прашање за владата, Јехова стрпливо допуштил време да се реши. Всушност, дарежливо му дал на човекот илјадници години да испроба секаков замислив облик на влада. Со каков резултат? Станало јасно дека ниедна човечка влада не може да го отстрани угнетувањето, неправдата или другите причинители на несреќа.
Всушност, ако се земе предвид човечката историја, дали некој може навистина да каже дека Бог е неправеден кога ја објавува својата намера да ги отстрани сите човечки влади и да ги замени со своја влада? Секако не! Ние со сигурност го очекуваме исполнувањето на тоа библиско пророштво: ”И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44).
Небесниот Цар на тоа Царство е воскреснатиот Исус. За неговото подготвување за таа положба — како и за избирањето на луѓе како негови совладари — било потребно време. За сето тоа време Бог покажувал стрпливост.
Извлечи корист сега од Божјата стрпливост
Денес во барем 212 земји милиони луѓе извлекуваат корист од Божјата стрпливост. Тие се обединиле во својата желба да му бидат послушни на Бог и да ѝ служат на неговата небесна влада. Кога се состануваат заедно во своите Царски сали, се учат колку е подобро да ги применуваат библиските начела во својот живот. Тие не учествуваат во разединувачките политики на овој свет, иако самите се подложни на човечките власти сѐ додека Бог стрпливо им дозволува да функционираат (Матеј 22:21; Римјаните 13:1-5).
Таквата соработка помеѓу толку многу луѓе го оправдува Јехова како Оној кој може да донесе хармонија меѓу луѓе со слободна волја кои се учат да го љубат и кои сакаат да му служат. Без сомнение си ги сретнал овие луѓе додека го продолжуваат истото дело коешто го започнал самиот Исус, дело на проповедање на добрата вест за Божјето Царство. Исус ја претскажал кулминацијата на тоа дело кога рекол: ”Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
Не многу долго!
Видливите докази потврдуваат дека подготовките за Божјата праведна влада која ќе ја преземе секојдневната власт над Земјата, се скоро извршени. Откако ги опишал ужасните последици од неуспехот на човечките власти кои сме ги виделе во текот на овој век, Исус рекол: ”Кога ќе видите дека станува ова, знајте оти се приближи царството Божјо“ (Лука 21:10, 11, 31).
Наскоро, Бог ќе ги отстрани злите од светската сцена. Буквално ќе се применат зборовите на псалмистот: ”Ќе се истребат оние кои прават зло (...) Уште малку, па нема да постои безбожникот; ќе погледнеш на местото негово, а него го нема“ (Псалми 37:9, 10, ДК). Можеш ли да си замислиш свет без зло? Кој би управувал со работите тогаш? Библијата пишува: ”Царот [Исус Христос устоличен на небото] ќе царува право и кнезовите [неговите лојални застапници на Земјата] ќе царуваат по правда. И мирот ќе биде дело на правдата, она што ќе го направи правдата ќе биде спокој и безгрижност довека. И мојот народ ќе седи во мирен стан и во сигурни шатори, на тивки почивалишта“ (Исаија 32:1, 17, 18, ДК).
Значи, Божјата небесна влада ќе ги отстрани лошите влијанија на човечкото лошо постапување и ќе ги организира оние кои се надеваат во Него во едно хармонично човечко општество. Опишувајќи ја таа хармонија, Библијата вели: ”Волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води (...) Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа [Јехова, NW], како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:6-9).
Каков величествен исход од Божјето покажување на стрпливост! Според тоа, наместо да се жалиш дека Бог премногу долго чекал, зошто не ја искористиш неговата стрпливост да се подложиш на неговото Царство? Научи од Библијата кои се неговите начела и придржувај се за нив. Дружи се со другите кои му се хармонично подложни. Тогаш, Божјата стрпливост ќе донесе бескрајни благослови за тебе.