Имај доверба во Јеховината спасувачка рака
”О Јехова, (...) биди наша рака секое утро, да, наше спасение во време на неволја“ (ИСАИЈА 33:2, NW).
1. Во која смисла Јехова има моќна рака?
ЈЕХОВА има моќна рака. Се разбира, бидејќи ”Бог е Дух“, тоа не се раце од месо (Јован 4:24). Во Библијата, симболичната рака ја претставува способноста да се примени сила. Според тоа, со својата рака Бог го ослободува својот народ. Всушност, ’како пастир [Бог] го пасе Своето стадо: јагнињата ги зема Он во рацете и ги носи на градите Свои‘ (Исаија 40:11; Псалми 23:1-4, ДК). Колку сигурно се чувствува Јеховиниот народ во неговите раце полни со љубов!
2. Кои прашања го заслужуваат нашето разгледување?
2 Како Јеховината рака го спасила неговиот народ во минатото, а и денес? Каква помош му пружа Бог како на собрание? И зошто може неговиот народ да има доверба во неговата спасувачка рака во сите свои неволји?
Божјата спасувачка рака на дело
3. На што го припишува Библијата ослободувањето на Израел од Египет?
3 Пред да ги ослободи Израелците од египетско ропство пред 3 500 години, Бог му рекол на својот пророк Мојсеј: ”Кажи им на синовите Израилеви, велејќи: ’Јас сум Господ [Јехова, NW], ќе ве избавам од египетското насилство, ќе ве избавам од ропството нивно, ќе ве спасам вас удирајќи со силна рака и со суд голем‘“ (2. Мојсеева 6:6). Како што вели апостолот Павле, Бог ги извел Израелците од Египет ’со издигната рака‘ (Дела 13:17, Ст). Синовите на Кореј освојувањето на Ветената земја му го припишале на Бог, велејќи: ”Не ја придобија земјата со својот меч, ниту им помогна нивната мишка, туку твојата десница и твојата мишка, и светлоста на лицето твое, бидејќи ти беа мили“ (Псалми 44:3, ДК).
4. Како била наградена довербата во Јеховината спасувачка рака во времето на асирската агресија?
4 Јеховината рака исто така му дошла на помош на неговиот народ за време на асирската агресија. Во тоа време пророкот Исаија се молел: ”О Јехова, покажи ни наклоност. Во тебе се надеваме. Биди наша рака секое утро, да, наше спасение во време на неволја“ (Исаија 33:2, NW). На таа молитва било одговорено кога Божјиот ангел убил 185 000 луѓе во асирскиот логор, протерувајќи го крал Сенахирим од опколениот Ерусалим ”посрамен“ (2. Летописи 32:21; Исаија 37:33-37). Довербата во Јеховината спасувачка рака секогаш била наградена.
5. Што направила Божјата моќна рака за прогонетите христијани во I. Светска војна?
5 Божјата моќна рака ги спасила прогонетите помазани христијани за време на I. Светска војна. Во 1918, седиштето на Водечкото тело било нападнато од непријателите, а добро познатите браќа биле затворени. Од страв пред светските сили, помазаниците практично престанале со делото на сведочење. Но, тие се молеле за неговото обновување и да бидат очистени од гревот на неактивноста и од нечистотијата на стравот. Бог им одговорил така што направил затворените браќа да бидат ослободени, а набргу после тоа уследило и ослободување од обвиненијата. Како резултат на вистините кои биле објавени на нивниот конгрес во 1919 и изливањето на Божјиот свет дух кој ги поттикнал на акција, помазаниците биле оживеани за бестрашна служба за Јехова во конечното исполнување на Јоил 2:28-32 (Откровение 11:7-12).
Помош во собранието
6. Како знаеме дека е возможно да се издржи во искушувачки околности во едно собрание?
6 Додека Бог ја поддржува својата организација во целина, неговата рака ги поткрепува поединците во неа. Се разбира дека во ниедно собрание не владеат совршени услови, бидејќи сите луѓе се несовршени (Римјаните 5:12). Затоа некои слуги на Јехова понекогаш можат да доживеат ситуации на искушување во собранието. На пример, иако Гај сторил ”верна работа“ со тоа што гостољубиво примал браќа кои доаѓале во посета, Диотреф не ги примал и дури се обидел да ги истера од собранието оние кои биле гостољубиви (3. Јованово 5, 9, 10, NW). Сепак, Јехова им помогнал на Гај и на другите да продолжат да покажуваат гостољубивост како поддршка на делото на проповедање на Царството. Молитвата и довербата во Бог да ги реши проблемите треба да ни помогнат да продолжиме да правиме верни дела, додека чекаме на него да ја поправи ситуацијата која можеби претставува испит за нашата вера.
7. Кои околности во коринтското собрание не ги спречиле лојалните христијани да живеат според своето предание на Бог?
7 Да претпоставиме дека си поврзан со коринтското собрание од првиот век. Едно време, на неговото единство и дух му се заканувал раздор и поднесување на неморал (1. Коринтјаните 1:10, 11; 5:1-5). Верниците се изведувале едни со други пред светски судови, а некои се расправале за различни работи (1. Коринтјаните 6:1-8; 8:1-13). Кавгите, љубомората, гневот и нередот го отежнале животот. Некои дури се сомневале и во авторитетот на Павле и ги омаловажувале неговите говорнички способност (2. Коринтјаните 10:10). Сепак, лојалните кои биле поврзани со тоа собрание живееле според своето предание на Бог во тоа тешко време.
8, 9. Што треба да правиме ако во собранието сме соочени со искушувачки околности?
8 Ако се појави некоја ситуација на искушение, потребно е да се држиме тесно за Божјиот народ. (Спореди Јован 6:66-69.) Да бидеме стрпливи едни со други, и да сфатиме дека на некои поединци им треба подолго време отколку на други да ја развијат ”новата личност“ и се облечат во сочувство, доброљубивост, понизност на умот, благост и долготрпеливост. Бидејќи Божјите слуги се разликуваат и по потеклото, потребно е сите ние да покажуваме љубов и да простуваме (Колосјаните 3:10-14, NW).
9 После многу години во служба на Јехова, еден брат рекол: ”Она што ми беше најважно е прашањето да се држам тесно до Јеховината видлива организација. Моето поранешно искуство ме научи колку е духовно нездраво да се има доверба во човечкото размислување. Кога еднаш донесов јасен заклучок за таа работа, решив да останам покрај верната организација. Како би можел некој поинаку да ја добие Јеховината наклоност и благослов?“ Дали и ти на сличен начин ја цениш својата предност да му служиш на Јехова со неговиот радосен народ? (Псалми 100:2, ДК). Ако е така, тогаш нема да дозволиш ништо да те одвлече од Божјата организација или да го уништи твојот однос со Оној чија рака ги спасува сите оние кои го љубат.
Помош кога ќе нѐ притиснат искушенија
10. (а) Како молитвата му помага на Божјиот народ да се соочи со искушение? (б) Каква гаранција дал Павле во 1. Коринтјаните 10:13?
10 Како на верни поединци поврзани со Божјата организација, Бог ни помага во време на искушение. На пример, тој ни помага да ја одржиме беспрекорноста спрема него кога сме притиснати од искушение. Се разбира, би требало да се молиме во склад со Исусовите зборови: ”Не нѐ воведи во искушение, но избави нѐ од лукавиот“, Сатана Ѓаволот (Матеј 6:9-13). Всушност, го молиме Бог да не дозволи да попуштиме кога сме во искушение да не го послушаме. Тој исто така одговара на нашите молитви за мудрост за да ги пребродиме искушенијата (Јаков 1:5-8). А Јеховините слуги можат да бидат уверени во неговата помош, бидејќи Павле рекол: ”Никакво искушение не дошло на вас, освен она што е вообичаено за човек. Но Бог е верен, и нема да дозволи да бидете искушани преку вашите можности, туку заедно со искушението ќе даде и излез за да можете да поднесете“ (1. Коринтјаните 10:13, NW). Што е изворот на таквото искушение, и како Бог дава излез?
11, 12. На кои искушенија им подлегнале Израелците, и како можеме ние да извлечеме корист од нивните искуства?
11 Искушението доаѓа од околностите кои можат да нѐ наведат да му бидеме неверни на Бог. Павле рекол: ”Тоа ни се случи нам за пример, да не копнееме по злобни работи, како што тие [Израелците] копнееја. Не бидете идолопоклоници како некои од нив, како што стои напишано: ’Седна народот да јаде и да пие, а потоа стана да игра!‘ Да не грешиме блудно, како што некои од нив грешеја, и во еден ден паднаа дваесет и три илјади! Да не го предизвикуваме Господ [Јехова, NW], како што некои од нив го предизвикуваа, и изгинаа од змија. Не мрморете, како што некои од нив мрмореа, и ги уништи Уништувачот!“ (1. Коринтјаните 10:6-10, Ст).
12 Израелците копнееле по злобни работи кога попуштиле на искушението да бидат алчни во собирањето и јадењето на потполошки кои им ги дал Бог на зачудувачки начин (4. Мојсеева 11:19, 20, 31-35). Пред тоа, станале идолопоклоници кога отсуството на Мојсеј довело до искушение да учествуваат во обожавање на теле (2. Мојсеева 32:1-6). Илјадници загинале поради тоа што му подлегнале на искушението и вршеле блуд со Моавките (4. Мојсеева 25:1-9). Кога Израелците западнале во искушение и мрмореле поради уништувањето на бунтовниците Кореј, Датан, Авирон и нивните придружници, 14 700 биле уништени од божествено испратениот помор (4. Мојсеева 16:41-49). Можеме да извлечеме поука од ваквите искуства ако сфатиме дека ниедно од тие искушенија не било толку големо за да Израелците не би можеле да се спротивстават. Тоа можеле да го направат ако покажувале вера, ако биле благодарни за Божјата грижа полна со љубов и ако ја ценеле исправноста на неговиот Закон. Тогаш Јеховината рака можела да ги спаси, како што може да нѐ спаси и нас.
13, 14. Како Јехова дава излез кога неговите слуги се соочуваат со искушение?
13 Како христијани, ние се соочуваме со искушенија кои се вообичаени за луѓето. Сепак, можеме да му останеме верни на Бог ако се молиме за негова помош и ако работиме на тоа да му се спротивставиме на искушението. Бог е верен и нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да понесеме. Ако сме лојални на Јехова, никогаш нема да ни биде невозможно да ја вршиме неговата волја. Тој дава излез така што нѐ јакне да му пружиме отпор на искушението. На пример, кога сме прогонувани, можеме да паднеме во искушение да направиме компромис со надеж дека ќе избегнеме мачење или смрт. Но, ако имаме доверба во Јеховината моќна рака, искушението никогаш нема да биде толку големо за да тој не би ја зацврстил нашата вера и ни даде доволно сила за да ја одржиме својата беспрекорност. Како што рекол апостол Павле: ”Во сѐ трпиме неволји, но не сме во тегоба; не знаеме накаде би се свртеле, но не очајуваме; нѐ прогонуваат, но не сме оставени во пропаст; нѐ соборуваат на земја, но не сме уништени“ (2. Коринтјаните 4:8, 9, Ст).
14 Јехова исто така го поддржува својот народ со тоа што го употребува својот дух како потсетник и учител. Тој предизвикува да се присетиме на библиски мисли и ни помага да разбереме како да ги примениме за да му одолееме на искушението (Јован 14:26). Верните слуги на Јехова ги сфаќаат спорните прашања кои се вклучени во искушението и не се заведени да следат погрешен пат. Бог им дал излез со тоа што им овозможил да истраат дури до смрт а да не му подлегнат на искушението (Откровение 2:10). Покрај тоа што им помага на своите слуги преку својот дух, Јехова ги употребува своите ангели во корист на својата организација (Евреите 1:14).
Помош во личните работи
15. Каква лична помош можеме да најдеме во Песна над песните?
15 Оние кои се поврзани со Јеховината организација ја имаат неговата помош во личните работи. На пример, некој можеби бара христијански брачен другар (1. Коринтјаните 7:39). Ако е разочаран, може да биде од помош ако го земе предвид израелскиот крал Соломон. Тој не успеал да добие согласување од Суламката за брак бидејќи го сакала понизниот овчар. Записот на кралот во врска со тој случај може да се нарече Песна на Соломоновата поразена љубов. Ако нашите романтични настојувања во некој случај се бесплодни, можеби ќе пуштиме солзи, но, како Соломон, можеме да го поднесеме разочарувањето. Божјиот дух може да ни помогне да покажуваме самосовладување и други божествени особини. Неговата Реч ни помага да го прифатиме честопати болниот факт дека некое лице не може да има романтична љубов спрема секого (Песна над песните 2:7; 3:5). Сепак, Песна над песните покажува дека е можно да се пронајде соверник кој ќе нѐ сака искрено. Што е уште поважно, таа ”песна над песните“ се исполнила во љубовта на Добриот Пастир, Исус Христос, и неговата ”невеста“ од 144 000 помазани следбеници (Песна над песните 1:1; Откровение 14:1-4; 21:2, 9; Јован 10:14).
16. Што можат да вклучуваат ’телесните неволи‘ кои ги доживуваат христијаните кои се во брак?
16 Дури и оние кои стапуваат во брак со верник имаат ”телесни неволји“ (1. Коринтјаните 7:28). Ќе постојат немири и грижи кои ги вклучуваат мажот и жената и нивните деца (1. Коринтјаните 7:32-35). Болеста може да донесе оптоварувања и стрес. Прогонството може да му отежнее на христијанскиот татко да ги обезбеди животните потреби за своето семејство. Родителите и децата можат да бидат разделени со затворање, а некои можат да бидат мачени и дури убиени. Но, во сите такви ситуации можеме да им се спротивставиме на искушенијата да не се откажеме од верата, ако навистина имаме доверба во Јеховината спасувачка рака (Псалми 145:14, ДК).
17. Во кој семеен проблем Бог им овозможил на Исак и Ребека да издржат?
17 Можеби некои искушенија ќе мора да ги поднесуваме долго време. На пример, синот може да им создаде потешкотии на своите богобојазливи родители ако се ожени со неверничка. Тоа се случило во семејството на патријархот Исак и неговата жена Ребека. Нивниот 40-годишен син Исав се оженил со две Хетејки кои биле ’извор на огорчувања за Изак и Ребека‘. Всушност, ”Ребека му рече на Исака: ’Ми омрзна животот поради ќерките хетејски. А ако земе Јаков [другиот син] жена од ќерките хетејски, тогаш зошто ми е животот?‘“ (Постанак 26:34, 35, Ст; 1. Мојсеева 27:46). Очигледно дека праведната душа на Ребека била измачувана од овој траен проблем. (Спореди 2. Петрово 2:7, 8.) Сепак, Јеховината рака ги поткрепила Исак и Ребека, овозможувајќи им да го издржат тоа искушение, додека одржуваат цврст однос со Него.
18. Какво лично искушение поднел Ч. Т. Расел со Божја помош?
18 Болно е кога некој крстен член од семејството ќе попушти во Божјата служба (2. Тимотеј 2:15). Сепак, некои ја поднеле духовната загуба на брачниот другар, како што било со Чарлс Т. Расел, првиот претседател на Друштвото Стражарска кула. Неговата жена ги прекинала врските со Друштвото и го напуштила во 1897, после скоро 18 години брак. Во 1903 поднела барање за законско одвојување од него и било одобрено во 1908. Неговата жалост била очигледна кога во едно писмо напишано непосредно по разводот, ѝ рекол: ”Искрено му се молев на Господ за тебе. (...) Нема да те заморувам со изјави на мојата жалост, ниту ќе се обидувам да влијаам на твоите чувства со подробно опишување на моите емоции, додека одвреме навреме ги гледам фустаните и другите работи кои те оживуваат во моите сеќавања каква што беше порано — толку полна со љубов, сочувство и услужливост — одразувајќи го Христовиот дух. (...) Ах, размисли во молитва за ова што сега ќе ти го кажам. И биди сигурна дека тоа што ми е најболно, најгорко, не е мојата осаменост која ќе ме следи до крајот на животот, туку твојот пад, драга моја, твојата вечна загуба, колку што можам да видам.“ И покрај таквата болка во срцето, Расел ја имал Божјата поддршка до крајот на својот земски живот (Псалми 116:12-15). Јехова секогаш ги поткрепува своите лојални слуги.
Ослободени од сите неволји
19. Како би требало да постапуваме ако болните проблеми потраат?
19 Јеховиниот народ знае дека тој е ”Бог на спасувачки дела“, Оној ”кој секојдневно го носи нашиот товар“ (Псалми 68:19, 20, NW). Според тоа, како предадени поединци поврзани со неговата земска организација, никогаш да не се предадеме на очај ако болните проблеми потраат. Запомни дека ”Бог ни е прибежиште и сила, помошник кој во неволјата брзо се наоѓа“ (Псалми 46:1, ДК). Нашата доверба во него секогаш е наградена. ”Го барав Јахве, и тој ме сослуша“, рекол Давид, ”ме избави од секаков страв. (...) Ете, јадникот писка, а Јахве го слуша, го избавува од сите тешкотии“ (Псалми 34:5-7, Ст).
20. Кое прашање останува да се разгледа?
20 Да, нашиот небесен Татко го спасува својот народ од сите неволји. Ја поткрепува својата земска организација, пружајќи помош во собраниските и во личните работи. Навистина, ”Јехова нема да го напушти својот народ“ (Псалми 94:14, NW). Но, сега да ги разгледаме и другите начини на кои Јехова му помага на својот народ поединечно. Како нашиот небесен Татко ги поддржува своите слуги кои се болни, кои се во душевна депресија, совладани од жалост поради болниот губиток, или се загрижени поради сопствените грешки? Како што ќе видиме, и во тие работи имаме причина да се потпреме на Јеховината моќна рака.
Како би одговорил?
◻ Како Јеховината рака донела спасение во минатото?
◻ Како Јехова денес му помага на својот народ во собранието?
◻ Каква помош пружа Бог во личните работи?
◻ Што треба да правиме ако болните проблеми потраат?
[Слика на страници 8 и 9]
Бог ги извел Израелците од Египет ”со издигната рака“