Папството — основано од Христос?
”ПОМЕЃУ Петар, првиот римски Бискуп, и нашиот сегашен папа, Јован Павле II, се протега долга редица од врховни бискупи — всушност, повеќе од 260.“ Така изјавил католичкиот монах Ентони Фој во The Southern Cross, католички неделник за Јужна Африка. Тој продолжува: ”Со сигурност можеме да посочиме на оваа непрекината линија од папи, кога се бара од нас да докажеме дека католичката црква била основана од Исус Христос.“
Дали може да се каже со сигурност дека таа долга редица на папи започнала со апостол Петар? Според католичката теологија, се смета дека четворица папи, Лин, Анаклет, Клемент I и Еварист, го наследиле Петар до годината 100 н.е. Библијата споменува еден христијанин по име Лин кој живеел во Рим (2. Тимотеј 4:21). Меѓутоа, не постои ништо што укажува дека Лин, или некој друг, бил папски наследник на Петар. Апостол Јован, кој напишал пет книги од Библијата во последната деценија од првиот век, не спомнал ништо за некој од горенаведените таканаречени наследници на Петар. Всушност, кога би постоел наследник на Петар, зарем логичниот избор не би бил на самиот Јован?
Што се однесува до тврдењето дека Петар бил првиот римски бискуп, не постојат докази дури ни за тоа дека го посетил градот. Всушност, Петар сам изјавува дека своето прво писмо го напишал од Вавилон (1. Петрово 5:13). Католичкото тврдење дека Петар го употребил зборот ”Вавилон“ како тајна ознака за Рим е неосновано. Стварниот Вавилон постоел во времето на Петар. Освен тоа, Вавилон имал значителен број на еврејско население. Со оглед на тоа што Исус го поставил Петар да го насочи проповедањето кон обрезаните Евреи, сосема е разумно да се мисли дека Петар го посетил Вавилон заради таа цел (Галатјаните 2:9).
Обрни внимание и на тоа дека Петар никогаш не зборувал за себе дека е нешто повеќе отколку Христов апостол (2. Петрово 1:1). Никаде во Библијата не е наречен со ”Свети Отец“, ”Врховен Бискуп“ или ”Папа“ (латински папа, нагален израз за ”Татко“). Наместо тоа, тој понизно се придржувал на Исусовите зборови од Матеј 23:9, 10, (Ст): ”Никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто имате само еден Татко, оној небескиот! Исто така не допуштајте да ве нарекуваат водачи, зашто имате само еден Водач: Христос!“ Петар не прифаќал да го обожаваат. Кога римскиот стотник Корнелиј ”падна пред нозете негови и му се поклони (...), Петар го подигна и му рече: ’Стани и јас сум човек‘“ (Дела 10:25, 26).
Во врска со 260-те наводни папи, свештеникот Фој признава: ”Одреден број не биле достојни за таа висока положба.“ Во обидот да се оправда тоа, делото New Catholic Encyclopedia тврди: ”За намерите на владата била важна положбата, а не карактерот на личноста на папата. Како личност можел да биде светец, просечен или дури никаквец.“ Но дали ти мислиш дека Христос би употребувал такви луѓе да го претставуваат?
Во секој случај, твдењето дека папството било основано од Исус едноставно не е поткрепено во Библијата. Според Encyclopedia of Religion, дури и современите католички научници тврдат дека ”нема директен библиски доказ дека Исус го воспоставил папството како трајна служба во рамките на црквата.“