Позајмување пари на браќата во вера
ПЕДРО и Карлос биле добри пријатели.a Биле браќа во верата, нивните семејства често се радувале на срдечното заедничко дружење. Затоа, кога на Карлос му затребале некакви пари за неговата работа, Педро не се колебал да се понуди да му позајми. ”Бидејќи бевме добри пријатели“, објаснува Педро, ”немав ништо против.“
Меѓутоа, само два месеца подоцна Карлосовата работа доживеала неуспех, а отплатата престанала. На свое изненадување, Педро дознал дека Карлос повеќето од парите кои му ги позајмил, ги употребил за да ги исплати неделовните долгови и за финансирање на екстравагантен начин на живот. Проблемот не се решил на Педрово задоволство дури ниту откако цела година го посетувал и му пишувал. Потполно разочаран, Педро се обратил кај властите, и дал Карлос — својот пријател и христијански брат — да го затворат.b Дали тоа бил исправен начин на постапување? Ќе видиме.
Несогласувањата и недоразбирањата поради парични заеми често се причина за нарушено пријателство меѓу луѓето ширум светот. Повремено може да доведе до кавги дури и помеѓу браќата во вера. Во многу земји е тешко да се добијат банковни кредити, па е вообичаено во финансиска неволја луѓето да им се обраќаат на пријателите и роднините. Меѓутоа, тажното искуство на Педро и Карлос покажува дека можат да настанат сериозни проблеми ако и позамјувачот и заемодавецот внимателно не ги следат библиските начела. Затоа, кој е исправниот начин на постапување во случај братот во верата да побара заем?
Да се пресметаат трошоците на позајмувањето
Библијата одвраќа од непотребно позајмување. ”Не должете никому ништо, освен да се сакате еден со друг“, поттикнува апостолот Павле (Римјаните 13:8). Значи, пред да влезеш во долг, пресметај ги трошоците од тоа. (Спореди Лука 14:28.) Дали постои вистинска потреба да позајмиш пари? Дали се работи за одржувањето на твоите животни средства со кои се грижиш за своето семејство? (1. Тимотеј 5:8). Или е вклучена извесна мера на алчност — можеби желбата да живееш пораскошно? (1. Тимотеј 6:9, 10).
Уште еден значаен фактор е дали влегувањето во долг ќе те присили да работиш повеќе и можеби да ги занемариш состаноците и службата на проповедање? Освен тоа, можеш ли да си дозволиш да ги ризикуваш парите на некој друг? Што ако работата или потфатот пропадне? Запомни, ”злобниот позајмува и не враќа“ (Псалми 37:21, NW).
’Да им се каже вистината‘ на заемодавците
Откако си ги разгледал тие фактори, можеби сѐ уште чувствуваш дека деловниот заем е неопходен. Ако не е можно тоа да се постигне преку световни начини, не е безусловно погрешно да му се обратиш на братот во верата бидејќи е вообичаено да им се обратиме на пријателите во време на неволја, како што покажал Исус во Лука 11:5. Сепак, во тој случај треба да се потрудиме да ја ’кажеме вистината‘ (Ефесјаните 4:25). Искрено објасни ги сите фактори кои се вклучени — па и ризиците, дури и оние кои можеби изгледаат невозможни. И немој да се навредуваш ако идниот заемодавец поставува бројни умесни прашања за да се увери дека има исправна слика.c
Дали би било кажување на вистината кога би се позајмувало од една причина, а потоа средствата да се користат за нешто друго? Тешко. Еден банкар од Латинска Америка објаснува: ”Банката ќе го поништи вашиот кредит, а доколку својот долг не го платите веднаш, ќе побара судско одобрение да го присвои вашиот имот.“ Ако парите кои се позајмени со претпоставката дека ќе ја зголеми рентабилноста на работата, користењето во друга цел всушност го лишува заемодавецот од гаранцијата дека заемот може да биде отплатен. Вистина, можеби не се плашиш од законските санкции кога позајмуваш од сохристијанинот. Меѓутоа, ”должникот станува роб на заемодавецот“ и ти си должен да бидеш чесен кон него (Изреките 22:7).
Во зделките да се примени Златното правило
Исус рекол: ”Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Колку само е важно да преовладува ова правило кога со соверникот склопуваме зделка! На пример, како ќе реагираш ако братот ја одбие твојата молба за заем? Дали ќе се чувствуваш како да го издал вашето пријателство? Или ќе го почитуваш неговото право да ја одбие твојата понуда, увидувајќи дека и нему исто така му требаат неговите средства или можеби посериозно од тебе ги проценил ризиците? Можеби искрено се сомнева во твојата способност делотворно да ракуваш со средствата. Во тој случај, неговото одбивање лесно може да биде и практично и љубезно (Изреките 27:6).
Ако пријателот се согласува да ти позајми нешто пари, би требало деталите јасно да се објаснат во писмена форма, вклучувајќи го износот кој е позајмен, за што ќе се употребат парите, кои се гаранциите за сигурноста на заемот и како и кога ќе бидат отплатени. Во некои случаи е мудро да се состави договор кој може да го прегледа адвокат, а да го регистрираат властите. Во секој случај, кога договорот еднаш е потпишан, ”нека вашиот збор Да едноставно значи да, вашето Не, не“ (Матеј 5:37, NW). Немој премногу да се потпираш на добронамерноста на својот пријател, пропуштајќи да ја преземеш својата обврска кон него со еднаква сериозност како што тоа би го сторил спрема банката.
Претпазливи заемодавци
Што ако ти пристапи некој со молба за заем? Многу ќе зависи од околностите кои се вклучени во тоа. На пример, можеби христијанскиот брат западнал во финансиска неволја, но не поради своја грешка. Ако имаш средства за тоа, христијанската љубов ќе те поттикне да му го дадеш ’она што му е потребно за телото‘ (Јаков 2:15, 16).
Колку бесчувствително би било да се искористи братовото сиромаштво барајќи камата во таквиот случај! Исус поттикнал: ”Љубете ги своите непријатели и правете добро и позајмувајте без камата, без да очекувате нешто за возврат“ (Лука 6:35, NW; спореди 3. Мојсеева 25:35-38).
Сепак, што ако си замолен да финансираш деловен потфат или да осигураш заем? Општо, на таквите работи најдобро им се пристапува како на финансиски инвестиции. Библијата јасно поттикнува на претпазливост, советувајќи: ”Не биди меѓу оние кои даваат рака, кои гарантираат за долгови“ (Изреките 22:26, Ст).
Ако е тоа случај, најпрво мораш да одлучиш дали навистина можеш да учествуваш во инвестицијата. Дали ќе претрпиш финансиска штета ако работата пропадне или ако позајмувачот не биде во состојба навреме да го отплати долгот? Ако можеш да позајмиш пари и ако биде постигната добивка, имаш право да имаш удел во тоа, барајќи разумна камата за својот заем. (Спореди Лука 19:22, 23.) Пословиците 14:15 предупредуваат: ”Неискусниот му верува на секој збор, но мудриот внимава на своите чекори“ (NW). Некои обично остроумни деловни луѓе постапувале неразумно при склопување на зделки со браќата во вера. Замката на заеми со високи камати ги одвела некои во непромислени инвестиции во кои ги изгубиле и парите и пријателството со браќата во вера.
Интересно е дека банкарите често земаат во обѕир три фактора кога го проценуваат ризикот на заемот: (1) личноста на оној кој го бара заемот, (2) неговата способност за отплатување и (3) околностите кои преовладуваат во неговиот начин на работење. Зарем не би покажал ”применета мудрост“ проценувајќи ги работите на сличен начин кога своите тешко заработени пари му ги позајмуваш на некој друг? (Изреките 3:21, NW).
На пример, на каков глас е братот кој бара пари? Дали е познат по тоа дека е доверлив, или непромислен и несигурен? (Спореди 1. Тимотеј 3:7.) Ако сака да ја прошири својата работа, дали успешно ја развил до тој степен? (Лука 16:10). Ако не, ќе биде покорисно да му се пружи практична помош во ракувањето со неговите пари на долги релации, отколку да му се позајмат пари кои би можеле погрешно да бидат употребени.
Уште еден фактор би била способноста на братот да го отплати долгот. Какви се неговите приходи? Какви долгови има? Разумно е да биде отворен спрема тебе. Меѓутоа, секогаш мора да преовладува христијанската љубов. На пример, можеби сакаш да го осигураш отплатувањето на заемот со основните продажни средства на братот. Мојсеевиот закон го осудувал присвојувањето на нечии средства за живот или основниот имот за да се осигура заемот (5. Мојсеева 24:6, 10-12). Така еден брат од Јужна Америка кој, како деловен човек, вели дека ќе му позајми само до половина од износот на продажната вредност на основните средства на братот. ”Јас не го сметам за продајно средство орудието на неговото звање или неговата куќа“, објаснува тој. ”Навистина не би сакал да го исфрлам својот брат на улица и да ја приграбам неговата куќа со намера да ги добијам своите пари назад.“
И најпосле, би требало реално да ги разгледаш општите деловни услови во кои живееш. Живееме во ”последните денови“, во кои луѓето ќе бидат ”љубители на парите (...) предавници“ (2. Тимотеј 3:1-4, NW). Иако твојот пријател или брат можеби е чесен, неговите партнери, службеници и муштерии можеби не се. Како христијанин, тој не може да се послужи со мито и лага — тактика која неговите соперници можат да ја употребат во своја корист. Треба да се земе во обѕир и разорното дејствување на ’времето и непредвидените околности‘ (Проповедник 9:11, NW). Вредноста на трговската стока може одненадеж да падне. Растечката инфлација може да ја упропасти работата или да ја поништи вредноста на твојот заем. Кражбата, несреќните случаи, вандализмот и неправдите исто така се неугодни стварности на работата. Во донесувањето на својата одлука, би требало да ги земеш во обѕир сите тие фактори.
Неуспех
И покрај сите мерки на претпазливост, понекогаш христијанинот едноставно не е во состојба да го отплати својот долг. Златното правило би требало да го поттикне редовно да комуницира со заемодавецот. Можеби е можно понекогаш да му се отплатат само мали износи. Меѓутоа, христијанинот не би требало да смета дека симболичните отплати го ослободуваат од вистинските жртви за да ги исполни своите обврски (Псалми 14:4 [15:4, ДК]). Христијанинот кој е заемодавец исто така е должен да покажува љубов. Ако смета дека кон него се постапува измамнички, може да го примени советот од Матеј 18:15-17.
Вклучувањето на световните власти, како што сторил Педро во случајот споменат во уводот, ретко би се препорачало. Апостол Павле рекол: ”Дали се осмелува некој од вас, ако има парница со друг, да бара правда пред неправедни, а не пред светите? (...) Така, меѓу вас нема ниту еден мудар кој би можел да расуди помеѓу својот брат и братот! Наместо тоа брат против брат бара правда, и тоа пред неверници! Без сомнение тоа веќе ви е недостаток што воопшто имате парници меѓу себе. Зошто подобро не ја претрпите неправдата? Зошто подобро не ја прегорите штетата?“ (1. Коринтјаните 6:1-7, Ст).
Можат да се појават околности — како што се вклучување на партнери кои не се верници, световни испорачатели, или осигурителни работи — кои навидум бараат решавање пред световен суд или од страна на владините служби. Но, во повеќето случаи подобро христијаните да претрпат извесна финансиска загуба, отколку да го изложат собранието на срам поради тужениот брат кој не може да го отплати долгот.
Во повеќето случаи можат да се избегнат такви тешки последици. Како? Пред да му позајмиш на братот или да побараш заем од него, биди свесен за можните ризици. Покажувај претпазливост и мудрост. А пред сѐ, ’сѐ што правиш‘, вклучувајќи ги и деловните потфати, ”нека биде во љубов!“ (1. Коринтјаните 16:14, Ст).
[Фусноти]
a Имињата се променети.
b Во некои земји стечајот и неплаќањето на заемите сѐ уште обично завршува со затворање.
c Некои позајмувале мали износи од многу заемодавци. Секој заемодавец би можел да мисли дека позајмувачот може лесно да го врати долгот, бидејќи не ги знае сите фактори за ситуацијата.