Дали да побарам заем од братот?
НАЈМАЛОТО дете на Симон е болно и итно му се потребни лекови. Но, Симон е многу сиромашен и не може да си го дозволи тоа. Што може да стори? Па, еден сохристијанин по име Михаел, финансиски подобро стои од него. Можеби Михаел ќе му позајми пари. Меѓутоа, во своето срце Симон знае дека нема да биде можно да го врати заемот.a
Кога Симон му пристапува, Михаел се соочува со дилема. Увидува дека постои вистинска потреба, но се сомнева во можноста на Симон да му ги врати парите бидејќи едвај се бори да го прехрани семејството. Што да стори Михаел?
Во многу земји луѓето можат прекуноќ да ги изгубат своите средства за живеење и да се најдат без пари или, пак, без осигурување за да ги покријат медицинските сметки. Можеби нема на располагање банковни заеми или, пак, тие се прескапи. Кога се јавува итна потреба, се чини дека единствено решение би можел да биде заемот. Но, пред да се побара заем, треба да се разгледаат некои важни прашања.
Пресметај го трошокот
Писмото дава упатства како за заемодавецот така и за зајмувачот. Ако внимаваме на овој совет, можеме да избегнеме многу недоразбирања и повредени чувства.
На пример, Библијата нѐ потсетува дека не треба лекомислено да гледаме на позајмувањето пари. Апостол Павле ги поттикнал христијаните во Рим: „И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној, што го љуби ближниот, го исполнува Законот“ (Римјаните 13:8). Идеално земено, единствен долг кој треба да го има еден христијанин кон другите е љубовта. Според тоа, првин би можеле да се запрашаме: ‚Дали овој заем е навистина неопходен?‘
Ако одговорот е „да“, тогаш мудро е да размислиме за последиците од запаѓањето во долг. Исус Христос покажал дека важните одлуки бараат внимателно размислување и планирање. Своите ученици ги прашал: „Кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка [да го пресмета трошокот, NW] колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување“ (Лука 14:28). Ова начело се применува кога размислуваме дали да побараме заем од некој брат. Да се пресмета трошокот на еден заем значи да се пресмета како и кога ќе го вратиме.
Заемодавецот има право да знае како и кога ќе му се врати заемот. Ако грижливо ги одмериме работите, ќе можеме да му дадеме конкретни одговори. Дали сме го пресметале трошокот на враќањето на заемот во еден разумен временски период? Се разбира, полесно би било да му кажеме на нашиот брат: „Веднаш штом ќе можам, ќе ти го вратам. Ти знаеш дека можеш да имаш доверба во мене“. Но, зарем не треба да се справиме со тие работи на еден поодговорен начин? Мораме уште во почетокот да бидеме решени да го вратиме заемот бидејќи тоа Јехова го бара од нас. „Грешникот зема на заем и не може да врати“, вели Псалм 36:21.
Пресметувајќи како и кога ќе го вратиме заемот, всушност ние се потсетуваме на сериозната обврска која ја даваме. Тоа ја намалува веројатноста непотребно да си навлечеме долг. Постојат предности ако можеме да избегнеме запаѓање во долг. Изреки 22:7 предупредува: „Должникот станува роб на заемодавецот“. Дури и кога заемодавецот и зајмувачот се духовни браќа, заемот може да влијае врз нивниот однос, барем до извесна мера. Недоразбирањата заради заемите дури го нарушиле мирот во некои собранија.
Објасни зошто ти се потребни парите
Заемодавецот има право во основа да знае како ќе ги употребиме позајмените пари. Дали, освен тој заем, позајмуваме пари и од другите? Ако да, треба да го кажеме тоа, зашто тоа е поврзано со нашата способност да го вратиме заемот.
Особено е важно да се прави разлика меѓу деловен заем и заем кој е потребен за да се задоволи некоја итна потреба. Братот нема библиска обврска да дава пари на заем за некој комерцијален потфат, но веројатно ќе биде склон да помогне доколку некој друг брат, не по негова вина, не е во можност да плати за некои основни потреби како, на пример, храна, облека или неопходна медицинска нега. Отвореноста и искреноста во овие работи ќе помогнат да се спречат недоразбирањата (Ефесјаните 4:25).
Да се изнесе на писмено
Писменото запишување на договорот е витален чекор за да се избегнат идни недоразбирања. Лесно е да се заборават конкретните детали од еден договор ако не се изнесени на писмено. Треба да ја напишеме сумата која е позајмена и кога треба да се врати. Препорачливо е и зајмувачот и заемодавецот да го потпишат договорот и секој од нив да чува по еден личен примерок. Библијата покажува дека финансиските трансакции треба да бидат документирани. Кратко пред Вавилонците да го уништат Ерусалим, Јехова му рекол на Јеремија да купи едно парче земја од еден свој роднина. Можеме да извлечеме корист ако ја разгледаме таа процедура.
„И ја купив од Анамеила, синот на мојот чичко, нивата во Анатот“, рекол Јеремија. „И му измерив седум сикли сребро и десет сребреници; и запишав во книга, ја потпечатив, повикав потоа сведоци и парите ги измерив. Па ја зедов потврдата за купопродавање, потпечатена според законот, и наредбата, и така, отворено, му ја дадов потврдата за купопродавање на Варуха, синот на Нирија, Маасеев син, пред очите на Анамеила, синот на мојот чичко, и пред очите на сведоците, кои го потпишаа тој купопродажен договор пред очите на сите Јудејци, што седеа во стражарницата“ (Јеремија 32:9—12). Иако тукушто спомнатиот пример се однесува на купување а не на заем, тој ја покажува важноста при паричните трансакции да се постапува на еден јасен, недвосмислен начин. (Види Стражарска кула од 1 мај 1973, страници 287, 288 [англ.].)
Ако настанат тешкотии, христијаните треба да се обидат да ги решат во склад со Исусовиот совет запишан во Матеј 18:15—17. Но, еден старешина кој пробал да помогне во такви работи коментира: „Во речиси ниеден случај немаше писмен договор. Како резултат на тоа, немаше јасно разбирање меѓу двете странки што се однесува до тоа како треба да се врати заемот. Убеден сум дека, изнесувањето на овие работи на писмено е знак на љубов, а не на недоверба“.
Штом сме направиле договор, сигурно дека треба да настојуваме да го одржиме зборот. Исус силно поттикнал: „Зборот ваш да биде: да, да, — не, не, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е“ (Матеј 5:37). Ако некој непредвиден проблем нѐ спречи да го вратиме заемот на време, треба веднаш да му ја објасниме ситуацијата на заемодавецот. Можеби тој ќе ни дозволи да го враќаме заемот во помали суми за еден подолг временски период.
Сепак, неповолните околности не нѐ ослободуваат од нашите одговорности. Лицето кое се плаши од Јехова прави сѐ што може за да го одржи зборот (Псалм 14:4). Иако работите можеби нема да испаднат онака како што сме очекувале, треба да бидеме подготвени да направиме жртви за да си ги платиме долговите, бидејќи тоа е наша христијанска одговорност.
Биди претпазлив околу позајмувањето пари
Се разбира, зајмувачот не е единствениот кој треба грижливо да ги одмери работите. Братот од кого се бара заем треба исто така да го пресмета трошокот. Пред да дадеме пари на заем, ќе бидеме мудри ако одвоиме време за да размислиме за работите внимателно и објективно. Библијата поттикнува на внимание, велејќи: „Не биди од оние, што даваат рака и се заложуваат за туѓи долгови“ (Изреки 22:26).
Пред да се обврзеш, размисли што би можело да се случи ако братот не може да ти врати. Дали тогаш ти лично ќе имаш сериозни финансиски проблеми? Дури и да имал братот најдобри намери, околностите можат да се променат или, пак, можеби неговите пресметки биле погрешни. Јаков 4:14 сите нас нѐ потсетува: „Не знаете, што ќе стане утре: оти, што е вашиот живот? Тој е пара, која се појавува за кратко време, па исчезнува“. (Спореди Проповедник 9:11, NW.)
Особено во случај на деловен заем би било мудро да размислиме за тоа на каков глас е зајмувачот. Дали е познат како веродостоен и доверлив или, пак, како некадарен да се справува со финансиски работи? Дали е склон да оди наоколу во собранието и да бара пари од различни лица? Мудро е да ги имаме на ум овие зборови: „Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“ (Изреки 14:15).
Понекогаш заемот може да не е во најдобар интерес ниту на зајмувачот. Лесно би можел да му стане товар и да го лиши од радоста. Дали сакаме еден таков брат да ни стане „слуга“? Дали би било можно заемот да влијае врз нашиот однос, поттикнувајќи непријатност, па дури и срам доколку тој не е во можност да го врати?
Ако постои вистинска потреба, дали би можеле да размислиме да му дадеме поклон наместо заем, па макар и сумата да биде помала? Писмото нѐ охрабрува да бидеме сочувствителни кога го гледаме нашиот брат во потреба. „Праведникот е милостив и дава“, пеел псалмистот (Псалм 36:21). Љубовта треба да нѐ поттикне да сториме сѐ што можеме за да им пружиме практична помош на браќата кои имаат потреба (Јаков 2:15, 16).
Внимателно размисли за своите чекори
Бидејќи заемите се потенцијален извор на неслога, на нив можеме да гледаме како на последно средство, а не како на лесна опција. Како што беше забележано претходно, зајмувачот треба да биде отворен со заемодавецот, изнесувајќи на писмено како и кога ќе го врати заемот. А во случај на вистинска тешкотија, поклонот може да биде најдобро решение.
Михаел не му ги позајмил на Симон парите кои ги барал. Наместо тоа, му дал една помала сума пари како поклон. Симон бил благодарен за таквата помош за да ги плати лековите на своето дете. А Михаел бил среќен што можел да ја покаже својата братска љубов на еден практичен начин (Изреки 14:21; Дела 20:35). И Михаел и Симон со душа го чекаат времето под владеењето на Царството кога Христос „ќе го ослободи сиромашниот кој вика на помош“ и кога никој нема да рече: „Болен сум“ (Псалм 72:12, NW; Исаија 33:24). Сѐ дотогаш, доколку некогаш се чувствуваме обврзани да побараме заем од некој брат, внимателно да размислуваме за нашите чекори.
[Фуснота]
a Овде се употребени изменети имиња.
[Слика на страница 25]
Изнесувањето на договорите за заеми на писмено е знак на љубов, а не на недоверба