’Јехова е мој Бог во кого ќе имам доверба‘
РАСКАЖАЛ ВИЛ ДИЕЛ
”ЗОШТО сакаш да одиш во Бетел?“ Ова беше прашањето од татко ми, пролетта 1931, кога му ја кажав својата желба да започнам со бетелска служба. Моите родители кои живееја во Заарланд беа во вистината веќе десет години или така нешто, и на нас момчињата ни оставија добар пример. Вистината беше сиот нивни живот, а истото сакав да го направам и јас.
НО како моите родители научија за Јехова и неговата света волја? Незадоволни од постоечката религија, тие долго ја бараа вистината. Се обидуваа кај разни цркви и секти, и открија дека ниедна од нив не е вистинската.
Еден ден на нашата врата беше оставен леток кој објавуваше предавање со слики и филм во врска со Божјата намера, наречен ”Фото-драма за создавањето“. Татко ми мораше да работи во тоа време кога требаше да се прикажува ’Фото-драмата‘, но ја подбуди мама да оди. ”Можеби“, рече тој, ”ќе има нешто да се види.“ По гледањето таа вечер, мама беше одушевена. ”Најпосле ја најдов!“, рече таа. ”Дојдете и самите видете утре вечер. Тоа е вистината која ја баравме.“ Тоа беше во 1921.
Како духовно помазани христијани, моите родители останаа верни сѐ до својата смрт, татко ми умре во 1944 откако повеќе пати беше затворан од нацистите, а мајка ми во 1970. И таа мина долго време в затвор за време на нацизмот.
Примерната ревност на моите родители
До крајот на својот живот моите родители беа многу активни во службата на проповедање. Мајка ми беше особено ревносна во растурањето на конгресните резолуции од 1922 до 1928. Свештенството обвинето претставуваше резолуција прифатена 1924, а содржеше остра критика на свештенството. Таквото растурање бараше храброст. Објавителите стануваа во четири часот наутро, и ги ставаа трактатите под вратите. Иако имав само 12 години, родителите ми дозволија да учествувам. Често почнувавме во пет наутро, возејќи се со велосипеди од три до четири часа додека дојдеме до зафрленото подрачје. Велосипедите ги криевме во грмушките, а јас ги чував додека другите го обработуваа селото. Попладнето возевме до дома, а навечер пешачевме еден час до состанокот.
Подоцна некој од помладите ги чуваше велосипедите, а јас одев со објавителите. Но, никој не помислуваше да ме оспособи. Тие едноставно ми кажуваа која улица да ја работам! Со забревтано срце се прикрадов до првата куќа, надевајќи се дека никој не е дома. Леле мајко, кога еден човек ја отвори вратата. Останав без глас. Пелтекавејќи покажав на книгата во мојата торба. ”Дали е тоа од судијата Ратерфорд?“, праша тој. Јас промрморев некаков одговор. ”Дали е тоа некоја нова што ја немам?“ ”Да, нова е”, потврдив јас. ”Тогаш, морам да ја земам. Колку чини?“ Тоа ме охрабри да продолжам.
Во 1924 возрасните многу зборуваа за 1925 година. Еднаш посетивме едно фамилија на Библиски истражувачи, и слушнав еден брат како прашува: ”Ако Господ нѐ земе [на небото], што ќе биде со нашите деца?“ Мајка ми, позитивна како и секогаш, одговори: ”Господ знае како ќе се погрижи за нив“. Темата ме фасцинира. Што значеше сето тоа? Годината 1925 дојде и пројде, и ништо не се случи. Меѓутоа, моите родители не попуштаа во својата ревност.
Мудриот совет од татко ми
Конечно, во 1931 му кажав на татко ми што сакам да направам со својот живот. ”Зошто сакаш да одиш во Бетел?“ праша татко ми повторно. ”Затоа што сакам да му служам на Јехова“, одговорив јас. ”Да претпоставиме дека ќе бидеш примен во Бетел“, продолжи тој. ”Дали сфаќаш дека браќата таму не се ангели? Тие исто така се несовршени и прават грешки. Се плашам дека тоа би можело да те натера да побегнеш и дури да се откажеш од верата. Размисли внимателно за таа работа.“
Бев шокиран кога го чув тоа, но откако за неколку дена ги одмерив работите, ја повторив мојата желба да поднесам молба за Бетел. ”Кажи ми повторно зошто сакаш да одиш“, рече тој. ”Затоа што сакам да му служам на Јехова“, повторив јас. ”Момче мое, никогаш не заборави го ова. Ако те повикаат, запомни зошто одиш. Ако видиш нешто неисправно, не биди премногу загрижен. Дури и ако се постапува лошо со тебе, немој да побегнеш. Никогаш не заборави зошто си во Бетел: затоа што сакаш да му служиш на Јехова! Само гледај си ја работата и имај доверба во него.“
Така во раните претпладневни часови на 17 ноември 1931 пристигнав во Бетелот во Берн, Швајцарија. Ја делев собата со уште тројца други и работев во печатницата, учејќи како се ракува со мала рачно опслужувана печатарска машина. Една од првите задачи која ми беше доделена за печатење беше Стражарска кула на романски.
Порака од небото!
Во 1933 Друштвото ја објави брошурата The Crisis (Криза), која содржеше три предавања за радио коишто брат Ратерфорд ги беше одржал во САД. Брат Харбек, слуга на подружницата, едно утро ја информира бетелската фамилија на појадокот дека брошурата треба да се пушти во опток на посебен начин. Од еден мал изнајмен авион кој ќе лета над Берн ќе бидат фрлени рекламни летоци, додека објавителите ќе стојат на улиците нудејќи ја брошурата на луѓето. ”Кој од вас младите браќа сака да оди горе во авионот?“, праша тој. ”Доброволецот нека се јави веднаш.“ Се јавив јас, а брат Харбек подоцна објави дека сум избран јас.
Тој важен ден се одвезовме со кутиите со летоци на аеродромот. Јас седнав зад пилотот и ги натрупав летоците на седиштето покрај мене. Мојата точна инструкција беше: свиткај во снопче по стотина летоци и фрли го секој сноп низ прозорецот на едната страна колку што можеш посилно. Невнимателноста може да предизвика ливчињата да се вплеткаат во опашката од авионот и да создадат проблеми. Но сѐ заврши добро. Подоцна браќата кажуваа колкаво возбудување било да се види оваа ’порака од небото‘. Тоа го постигна саканиот ефект и беа разделени многу брошури, иако некои луѓе телефонираа за да се пожалат дека нивните цветни леи биле покриени со летоци.
Благодарен за секоја предносна служба
Секојдневно му благодарев на Јехова за радоста и задоволството на бетелската служба. Во собранието бев поставен да ја отклучувам Царската сала, да ги дотерувам столиците во уредна состојба и да поставувам чаша со свежа вода на говорничкиот пулт. Го сметав тоа за голема чест.
Најпосле во Бетелот работев на голема машина за рамно печатење која се користеше за печатење на The Golden Age (сега Пробудите се!) на полски. Во 1934 почнавме да употребуваме фонографи, а јас помагав во нивното составување. Наоѓав голема радост во одењето од куќа до куќа со снимени библиски предавања. Мнозина станари беа љубопитни околу оваа мала направа, и честопати ќе се собереше сето семејство да слуша, но набргу еден по еден ќе се разотидеа.
Активен и за време на војната
По I Светска војна, мојот роден крај Заарланд беше одвоен од Геманија и управуван под заштита на Лигата на народите. Затоа Заарланд издаде свои легитимации. Во 1935 беше одржан плебисцит за да се одлучи дали неговите граѓани сакаат да бидат повторно обединети со Германија. Јас искористив прилика да го посетам своето семејство, бидејќи знаев дека не ќе можам да го сторам тоа доколку Заарланд дојде под нацистичка контрола. И навистина, долги години после тоа не слушнав ништо од моите родители или браќата.
Иако беше поштедена од директно вклучување во II Светска војна, Швајцарија стана комплетно изолирана додека Германија ги окупираше соседните земји една по една. Ние печатевме литература за цела Европа освен Германија, но сега не можеше да се обезбедува никаква литература. Брат Цирхер, тогаш слуга на подружницата, ни кажа дека практично повеќе немаме пари, и нѐ повика да најдеме работа надвор од Бетелот додека работите се нормализираат. Меѓутоа, мене ми беше дозволено да останам, бидејќи требаше да се печатат некои работи за околу илјада месни објавители.
Бетелската фамилија нема никогаш да го заборави 5. јули 1940. Само што ручавме, дојде еден воен камион. Војниците искокаа долу и навлегоа во Бетелот. Ни беше наредено да стоиме мирно, а секој од нас поединечно беше чуван од вооружен војник. Бевме собрани во трпезаријата, додека останатиот дел од зградата беше пребаруван. Овластените се сомневаа дека им кажуваме на другите да ја одбијат воената служба, но не успеаја да најдат никаков доказ.
За време на воените години бев собраниски слуга и во Тун и во Футиген. Тоа значеше дека мојот распоред во текот на викендот беше многу исполнет. Секоја сабота, веднаш после ручекот возев со велосипедот 50 километри до Футиген, каде навечер ја водев студијата на Стражарска кула. Во недела наутро им се придружував на објавителите во служба на проповедање. Потоа, во раните попладневни часови, заминував во Интерлакен за да ја водам Собраниската студија на книга, а подоцна истото попладне водев библиска студија со едно семејство во Шпиц. Потоа, на крајот од денот, ја водев студијата на Стражарска кула во Тун.
Доцна во ноќта и со извршени задачи, длабоко задоволен, пеев и свиркав по патот назад во Берн. Ретко ќе наидеше по некој автомобил. Ритчестиот пејсаж, украсен во црнило [поради военото замрачување], беше спокоен и мирен, светкајќи одвреме навреме на месечината. Колу тие викенди го збогатија мојот живот и ми ја обновија силата!
Посета со неочекувани резултати
Есента 1945 нѐ посети братот Нор. Еден ден тој дојде во фабриката додека стоев крај ротационата машина. ”Слези долу!“, викна тој. ”Дали би сакал да ја посетуваш Гилеад школата?“ Јас бев збунет. ”Ако ти мислиш дека сум способен за тоа, радо ќе одам“, одговорив јас. Пролетта 1946 пристигнаа покани за брат Фред Борис, сестра Алиса Бернер и за мене. Но бидејќи бев роден во Заарланд, бев без државјанство и затоа морав да поднесам молба до Вашингтон Д.К., САД, за специјална виза.
Додека другите заминаа на време, јас морав да чекам одговор на мојата молба. Кога на 4. септември школата започна, јас сѐ уште бев во Швајцарија, полека губејќи надеж. Тогаш ме повика американскиот конзулат и ме информира дека пристигнала мојата виза. Веднаш се потрудив да направам подготовки за патување и конечно добив место на еден транспортен брод кој патуваше од Марсеј за Њујорк. Какво доживување! Атос II беше преполн. Ми беше доделен еден кауч во заедничка просторија. Вториот ден на море една експлозија во моторот го запре бродот. Патниците и екипажот беа вознемирени, плашејќи се да не потонеме. Тоа ми даде извонредна прилика да сведочам за надежта во воскресение.
Беа потребни два дена додека се поправи бродот, после кое продолживме со намалена брзина. Пристигнавме во Њујорк по 18 дена, но бевме принудени да останеме во бродот поради штрајкот на пристанишните работници. По преговорите, најпосле можевме да го напуштиме бродот. Телеграфирав во Друштвото во врска со ситуацијата, и кога ја минав царината и имиграциските формалности, еден човек ме праша: ”Дали сте Вие господин Диел?“ Тој беше еден од помошниците на братот Нор, кој ме качи на ноќниот воз за Итака, близу Гилеад школата, кадешто пристигнав нешто после осум часот следното утро. Колку бев возбуден што најпосле бев таму и што можев да бидам присутен во првиот интернационален клас на Гилеад!
Истрајност и покрај тешкотии
Промоцијата на осмиот клас беше на 9. февруари 1947, и неизвесноста беше голема. Каде ли ќе бидеме испратени? За мене ”мерачкиот канап“ се падна на новоотворената подружница на Друштвото во Визбаден, Германија (Псалми 16:6, NW). Се вратив во Берн за да поднесам молба за неопходните документи, но окупациските сили на САД им дозволуваа влегување само на оние лица кои живееле таму пред тоа. А бидејќи јас не бев живеал таму, требаше да добијам нова задача од централата во Бруклин. Испадна така што добив покраинска служба во Швајцаија, која ја прифатив со полна доверба во Јехова. Но додека чекав да ми се додели оваа задача, еден ден бев замолен да им ги покажам бетелските простории на три посетителки, наши сестри. Една од нив беше пионерка по име Марта Мел.
Во мај 1949 јавив во главното седиште во Берн дека имам намера да се оженам со Марта и дека сакаме да останеме во полновремена служба. Каква беше реакцијата? Никакви други предности освен општа пионерска служба. А со неа започнавме во Бил, после нашата венчавка во јуни 1949. Не ми беше дозволено да држам предавања, ниту можевме да бараме сместување за делегати на претстојниот конгрес, дури иако за таа предност имавме препорака од нашиот покраински надгледник. Многумина повеќе не ни зборуваа, и се однесуваа кон нас како кон исклучени, иако бевме дури пионери.
Меѓутоа, знаевме дека женењето не беше небиблиско, па така побаравме прибежиште во молитва и ја ставивме нашата доверба во Јехова. Всушност, ваквото однесување не го претставуваше гледиштето на Друштвото. Тоа беше само резултат на погрешна примена на организациските упатства.
Брат Нор се враќа
Во 1951 братот Нор уште еднаш ја посети Швајцарија. Откако одржа говор, ми јавија дека сака да зборува со мене. Иако некако се плашев, бев среќен што му беше мило да ме види. Тој праша дали ние би сакале да прифатиме задача во предложениот мисионерски дом во Женева. Се разбира, ние бевме одушевени, иако заминувањето од Бил не ќе беше без каење. Следниот ден стигна ново барање од брат Нор. Дали би биле спремни да продолжиме со покраинската служба, затоа што нејзе требаше да ѝ се посвети поголемо внимание во Швајцарија? Веднаш се сложивме. Мојот став секогаш беше да ја прифатам секоја задача што ќе ми биде доделена.
Нашата активност во покраинската служба во источна Швајцарија беше богато благословена. Помеѓу собранијата патувавме со воз, носејќи ги сите свои работи во два куфера. Браќата често нѐ пречекуваа со велосипеди, бидејќи само неколкумина имаа автомобили во тоа време. После повеќе години еден брат ни стави на располагање автомобил, кој многу ја олесни нашата служба.
Нови изненадувања
Колкаво возбудување кога во 1964 мојата сопруга и јас бевме поканети во 40-от клас на Гилеад, последниот клас на обемен, десетмесечен курс, кој сега беше скратен на осум месеци. Марта мораше брзо да научи англиски, но таа прекрасно го совлада тоа. Честопати нагаѓавме каде ли ќе бидеме испратени. Мојот став беше: ”Не е важно каде сум доделен, сѐ додека тоа не е некоја канцелариска работа!“
Но токму тоа се случи! На денот на промоцијата, 13 септември 1965, бев наименуван за слуга на подружницата во Швајцарија. Бетелот беше ново искуство за Марта. За мене тоа значеше враќање назад во ”Божјиот дом“, но не во печатницата, кадешто служев од 1931 до 1946, туку во канцеларијата. Морав да научам многу нови работи, но со Јеховина помош бев во состојба да го постигнам тоа.
Поглед наназад
За 60 години полновремена служба, имав потполна доверба во Јехова, токму како што ми рече татко ми. А Јехова изли разновидни благослови. Марта беше извор на охрабрување во времиња на разочарување или кога задолженијата се закануваа да ме совладаат, вистински лојален придружник со апсолутна доверба во Јехова.
Фала му на Јехова за многуте службени предности на кои им се радував! Јас сѐ уште служам како координатор на одборот на подружницата во Тун, а повеќе пати патував како зонски надгледник. За што и да бидам замолен, секогаш барам водство од Јехова. И покрај многуте свои грешки и недостатоци, горливо верувам дека Јехова ми простил преку Христос. Би сакал и понатаму да му служам на допадлив начин. И нека тој и понатаму ги води моите чекори, додека постојано гледам на него како на ”мој Бог, во кого ќе имам доверба“ (Псалми 91:2, NW).
[Слика на страница 27]
Брат Диел на почетокот од својата бетелска кариера