Дали религијата е навистина потребна?
ДАЛИ религијата е важна за тебе? Дали си можеби член на некоја религиозна група или црква? Ако да, тогаш имаш многу заедничко со луѓето кои живееле во дамнешната 1844 година, кога германскиот филозоф Карл Маркс напишал: „Религијата (...) е опиум за народот.“ Во тоа време речиси сите оделе в црква и религијата имала силно влијание во секоја област на општеството. Денес тоа драстично се изменило, а религијата игра мала или никаква улога во животот на стотици милиони луѓе. Ако одиш в црква, веројатно припаѓаш на малцинството во твојата средина.
Што ја предизвикало таа промена? Како прво, Карл Маркс развил антирелигиозна филозофија која станала многу влијателна. Очигледно Маркс сметал дека религијата е препрека за човечкиот напредок. Тој тврдел дека човечките потреби најдобро можат да се задоволат преку материјализмот, филозофија која не остава место за Бог или за традиционалната религија. Тоа го навело да изјави: „Прв услов за среќата на луѓето е укинување на религијата“.
Марксовата материјалистичка филозофија понатаму ја развиле германскиот социјалист Фридрих Енгелс и рускиот комунистички водач Владимир Ленин. Станала позната како марксизам–ленинизам. До неодамна, повеќе од една третина од човештвото живееше под политички режими кои во помала или поголема мерка ја следеа таа атеистичка филозофија. Многу мажи и жени сѐ уште ја следат.
Пораст на секуларизмот
Но, ширењето на комунистичката филозофија не беше единственото нешто што ја ослабна моќта на религијата над човештвото. Развојот на полето на науката исто така одигра улога. На пример, ширењето на теоријата на еволуцијата доведе многумина да го доведат во прашање постоењето на Творец. А постоеја и други фактори.
Encyclopædia Britannica го споменува „откритието на научните објаснувања за феномени кои претходно им се припишуваа на натприродни причинители“ и „отстранувањето на влијанието на организираната религија од сфери на дејствување како што се медицината, образованието и уметностите“. Ваквите развои доведоа до пораст на секуларизмот. Што е секуларизам? Тој е дефиниран како „поглед на животот (...) кој се темели на претпоставката дека религијата и религиозните размислувања треба да бидат игнорирани или намерно отфрлени“. Секуларизмот е влијателен и во комунистичките и во некомунистичките земји.
Но секуларизмот и марксизмот–ленинизмот не беа единствени кои придонесоа за слабеењето на влијанието на религијата. Црквите на таканареченото христијанство мораат да ја споделат вината. Зошто? Затоа што со векови го злоупотребувале својот авторитет и научувале доктрини темелени на небиблиски традиции и човечки филозофии наместо на Библијата. Затоа, многумина во нивните стада биле премногу духовно ослабнати да му се спротивстават на налетот на секуларизмот.
Понатаму, поголемиот дел од самите цркви конечно му се препуштил на секуларизмот. Во 19. век религиозните научници во христијанството дошле до еден облик на виша критика која за многумина ја уништила веродостојноста на Библијата како инспирирана Божја Реч. Црквите, вклучувајќи ја и римокатоличката, ја прифатиле еволуционата теорија. Да, тие сѐ уште тврдат дека веруваат во создавање. Но, ја допуштаат и веројатноста дека човечкото тело еволуирало, додека само душата е создадена од Бог. Во текот на 1960-те години протестантизмот настапи со теологија која ја објавуваше „смртта на Бог“. Голем број протестантски свештеници му гледаа низ прсти на материјалистичкиот начин на живот. Го одобруваа предбрачниот секс, па дури и хомосексуалноста. Некои католички теолози развиле либерална теологија, мешајќи го католицизмот со револуционерниот марксизам.
Повлекување на секуларизмот
Затоа секуларизмот доминираше, особено во текот на 1960-те години па сѐ до средината на 1970-те. Потоа работите повторно се изменија. Сепак, за поголемиот дел од водечките цркви не изгледаше дека религијата се враќа. Насекаде по светот, доцните 1970-ти и 1980-ти сведочеа за порастот на нови религиозни групи.
Зошто ова повторно оживување на религијата? Францускиот социолог Жил Кепел изјавил дека „световно образованите лаици (...) тврдат дека светската култура ги довела до ќор-сокак и дека со барањето за нивното ослободување од Бог, луѓето го жнеат она што го посеале со својата гордост и суетност, имено, деликвенција, разводи, СИДА, злоупотреба на дрога [и] самоубиства“.
Повлекувањето на секуларизмот доби нов замав по неодамнешниот очигледен пад на марксизмот–ленинизмот. За многу луѓе оваа атеистичка филозофија стана вистинска религија. Тогаш замисли си ја збунетоста на оние кои имаа доверба во неа! Еден извештај од Москва објавен во Washington Post го цитира поранешниот ректор на Вишата школа на комунистичката партија, кој рекол: „Една земја не живее само од својата економија и институции, туку и од својата митологија и основоположници. Разурнувачко е за едно општество да открие дека неговите најголеми митови не се темелат на вистина, туку на пропаганда и фантазија. А токму тоа ние сега го доживуваме во случајот со Ленин и револуцијата“.
Зборувајќи за комунистичкиот и капиталистичкиот свет, францускиот социолог и филозоф Едгар Морен признал: „Не само што го видовме падот на сјајната иднина која му се ветуваше на пролетаријатот, туку и падот на автоматскиот и природниот напредок на световното општество, во чии рамки науката, разумот и демократијата требаше автоматски да напредуваат. (...) Ниту еден напредок сега не е сигурен. Иднината на која се надевавме, се сруши“. Такво е празното чувство на многумина кои ја положиле својата вера во човечките напори да создадат подобар свет без Бог.
Обновен интересот за религијата
Ова отрезнување раширено низ светот предизвикува голем број на искрени поединци да ја увидат потребата од духовната страна на својот живот. Ја увидуваат потребата од религија. Но не се задоволни од водечките цркви, а некои се сомневаат во новите религии — вклучувајќи ги култовите на оздравување, харизматичните групи, езотеричките секти, па дури и групите на обожаватели на Сатаната. Религиозниот фанатизам исто така ја подигна својата грда глава. Значи, религијата повторно се враќа во повеќе облици. Но дали таквото враќање кон религијата е нешто добро за човештвото? Всушност, дали секоја религија навистина ги задоволува духовните потреби на човештвото?
[Слика на страница 3]
„Религијата е воздишка на угнетеното суштество, чувство на еден свет без срце, и душа на една бездушна состојба. Таа е опиум за народот.“
[Извор на слика]
Фотографија: New York Times, Берлин, 33225115
[Слика на страница 4]
Карл Маркс и Владимир Ленин религијата ја сметале како препрека за човечкиот напредок
[Извор на слика]
Musée d’Histoire Contemporaine — BDIC (Universitiés de Paris)
[Слика на страница 5]
Марксистичко–ленинистичката идеологија создаде големи надежи во срцата на милиони луѓе
[Извор на слика]
Musée d’Histoire Contemporaine — BDIC (Universitiés de Paris)
[Извор на слика на страница 2]
Насловна страница: Фотографија на Garo Nalbandian