Како можеме да му се оддолжиме на Јехова?
ЈЕХОВА БОГ го дава најдобриот пример во давањето. Тој на целото човештво му дава „живот, дишење и сѐ“ (Дела на св. апостоли 17:25). Бог прави неговото сонце да изгрева еднакво и над злите и над праведните луѓе (Матеј 5:45). Навистина, ‚[Јехова] Бог ни праќа дождови од небото и плодоносни времиња, исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост‘ (Дела на св. апостоли 14:15-17). Зашто, „секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината“! (Јаков 1:17).
Освен сите Божји материјални дарови, тој испраќа духовна светлина и вистина (Псалми 42:3). Јеховините лојални слуги се богато благословени со духовната храна што тој ја обезбедува во право време преку „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45-47, NW). Можеме да извлечеме корист од Божјите духовни подготовки затоа што им овозможил на грешните и смртни луѓе да се помират со него. Како? Преку смртта на својот Син, Исус Христос, кој го дал својот живот како откупнина за мнозина (Матеј 20:28; Римјаните 5:8-12). Каков дар од Богот полн со љубов, Јехова! (Јован 3:16).
Дали е возможно некакво оддолжување?
Со векови пред да биде обезбедена откупнината, еден инспириран псалмист толку длабоко го ценел Божјето милосрдие, ослободување и помош, што рекол: „Како да му се оддолжам на Јехова за сите негови добродетели на мене? Ќе ја земам чашата на величественото спасение, и ќе го повикам името Јеховино. Ќе ги исполнам своите завети на Јехова, да, пред сиот негов народ“ (Псалми 116:12-14, NW).
Ако сме се предале на Јехова со цело срце, ние го повикуваме неговото име со вера и ги исполнуваме заветите што сме ги дале. Како Јеховини сведоци можеме да го благословуваме Бог така што ќе зборуваме за него во секое време и ќе ја објавуваме веста за неговото Царство (Псалам 145:1, 2, 10-13, ДК; Матеј 24:14). Но ние не можеме да го збогатиме Јехова којшто поседува сѐ, или да му се оддолжиме за сите добродетели спрема нас (1. Летописи 29:14-17).
Давањето прилози за унапредување на интересите на Царството не е начин на кој можеме да му се оддолжиме или да го збогатиме Јехова. Меѓутоа, таквото давање ни пружа прилики да ја покажеме својата љубов спрема Бог. Ако даваме прилози, не од себични мотиви или заради слава и пофалба, туку со дарежлив дух и за да се унапреди вистинското обожавање, тоа на давателот му донесува среќа и Јеховин благослов (Матеј 6:1-4; Дела на св. апостоли 20:35). Својот удел во таквото давање и во среќата која произлегува од тоа можеме да си го обезбедиме ако редовно ставаме настрана дел од своите материјални средства за поддршка на вистинското обожавање и за помагање на оние кои заслужуваат (1. Коринтјаните 16:1, 2). Дали ова треба да се прави со давање десеток!
Дали треба да даваш десеток?
Јехова рекол преку својот пророк Малахија: „Донесете ги сите десетоци пред вратите, па да има храна во Мојот дом, и барем во тоа испитајте Ме, (...) зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек“ (Малахија 3:10). Еден друг превод вели: „Донесете го сиот десеток во амбарот“ (An American Translation).
Десеток е десетти дел од нешто. Тоа е десет проценти што се даваат или плаќаат како данок. Давањето десеток особено се прави за религиозни цели. Тоа значи да се даде десетина од приходот за да се унапреди обожавањето.
Патријархот Авраам (Аврам) му дал на царот-свештеник Мелхиседек од Салем една десетина од победничкиот плен над Ходологомор и неговите сојузници (1. Мојсеева 14:18-20; Евреите 7:4-10). Подоцна Јаков се заветувал да му даде една десетина од својот имот на Бог (1. Мојсеева 28:20-22). Во секој случај, давањето десеток било доброволно, затоа што овие древни Хебреи немале закони кои би ги обврзувале да даваат десетоци.
Давањето десеток под Законот
Како Јеховин народ, Израелците примиле закони за десетоци. Тие очигледно ја вклучувале употребата на два десетока од годишниот приход, иако некои научници мислат дека постоел само еден годишен десеток. За време на Сабатната година не се плаќал десеток, бидејќи не се очекувал никаков приход (3. Мојсеева 25:1-12). Десетоци се давале и со првите плодови што му се принесувале на Бог (2. Мојсеева 23:19).
Една десетина од плодовите од полето и од овошните дрвја и очигледно од порастот на стадата се носела во шаторот и им била давана на Левитите кои не добиле наследство во земјата. За возврат, тие давале десетина од она што го добивале како поддршка на Аронското свештенство. Очевидно житото се вршело, а плодовите од лозјата и маслиновите дрвја биле претворани во вино и масло пред да се плати десетокот. Ако некој Израелец сакал да даде пари наместо продукти, можел да го стори тоа, под услов да додаде една петтина од нивната вредност (3. Мојсеева 27:30-33; 4. Мојсеева 18:21-30).
Се чини дека се ставал настрана и еден друг десеток. Обично, него го давале семејствата кога народот се собирал на празниците. Но, што ако патот до Ерусалим бил премногу долг за да тој десеток биде безбедно однесен? Тогаш житото, новото вино, маслото и животните се продавале за пари за да можат полесно да се носат (5. Мојсеева 12:4-18; 14:22-27). На крајот од секоја трета и шеста година од седумгодишниот сабатен циклус десетокот се ставал настрана за Левитите, странците, вдовиците и децата без татковци (5. Мојсеева 14:28, 29; 26:12).
Под Законот немало казна заради неплаќање на десеток. Наместо тоа, Јехова му поставил на народот цврста морална обврска да даваат десеток. Повремено тие требало да изјават пред него дека десетокот потполно е платен (5. Мојсеева 26:13-15). Сето она кое незаконско било задржувано се сметало како украдено од Бог (Малахија 3:7-9).
Плаќањето десеток не претставувало тешка уредба. Всушност, кога Израелците ги држеле овие закони, биле поуспешни. Десетокот го унапредувал вистинското обожавање без непотребно нагласување на тоа како да се направат материјални подготовки за тоа. Затоа, подготовката за десетокот се одразувала на доброто на сите во Израел. Но, дали десетокот е за христијаните?
Дали христијаните мораат да даваат десеток?
Некое време плаќањето десеток било вообичаено во рамките на христијанството. The Encyclopedia Americana изјавува: „Тоа (...) постепено стана вообичаено до 6. век. Концилот во Тур во 567. година и вториот Маконски Концил во 585. го поддржаа плаќањето на десеток. (...) Злоупотребите беа вообичаени, особено кога правото за собирање десетоци честопати се давало или продавано на лаици. Почнувајќи од папата Григориј VII, овој обичај се прогласи за нелегален. Многу лаици своите права на собирање десеток тогаш им ги подарија на монасите во манастирите и катедралите. Реформацијата не го укина плаќањето десеток, а обичајот продолжи во Римокатоличката црква и во протестантските земји.“ Собирањето десетоци се укинувало или постепено се заменувало во разни земји, а сега го практикуваат само неколку религии.
Тогаш, дали од христијаните се бара да плаќаат десеток? Александер Круден во својата библиска конкорданца рекол: „Ниту нашиот Спасител, ниту неговите апостоли не заповедале ништо за оваа работа на плаќање десетоци.“ Навистина, на христијаните не им е заповедано да плаќаат десеток. Бог лично му ставил крај на Мојсеевиот Закон, заедно со неговите уредби за десеток, кога го приковал на Исусовиот маченички столб (Римјаните 6:14; Колосјаните 2:13, 14, NW). Затоа, наместо од нив да се бара одреден износ за намирување на собраниските трошоци, христијаните даваат доброволни прилози.
Оддавај му чест на Јехова со своите вредности
Се разбира, доколку некој христијанин доброволно одлучи да даде десеток од својот приход заради унапредување на вистинското обожавање, не би имало библиски приговор за таквото дарување. Во придружното писмото што го испратило заедно со својот подарок, едно 15-годишно момче од Папуа Нова Гвинеја напишало: „Кога бев мал, татко ми често ми велеше: ‚Кога ќе почнеш да работиш, првите плодови треба да му ги дадеш на Јехова‘. Се сеќавам на зборовите од Изреките 3:1, 9, кадешто пишува дека првите плодови треба да му ги дадеме на Јехова на негова чест. Така, ветив дека ќе го сторам тоа, и сега морам да го исполнам ветувањето. Многу сум среќен што можам да ви ги испратам овие пари за да го помогнам делото на Царството“. Библијата не ги повикува христијаните да даваат такви ветувања. Меѓутоа, дарежливото давање е убав начин да се покаже ревносен интерес за унапредување на вистинското обожавање.
Некој христијанин можеби ќе одлучи да не поставува некакво ограничување во прилогот што го дава за да го унапреди обожавањето на Јехова Бог. На пример: Додека биле на еден конгрес на Јеховини сведоци, две постари сестри дискутирале за прилозите кои би можеле да ги дадат за делото на Царството. Во врска со добивањето храна на местото на одржување на конгресот, една од сестрите, инаку стара 87 години, се прашувала колку би можело да чини тоа за да ја приложи таа сума. Другата сестра, која има 90 години, рекла: „Само ти дај колку што мислиш дека вреди — и малку повеќе“. Колку убав став покажала оваа постара сестра!
Бидејќи Јеховиниот народ сѐ му предал нему, тие радо даваат парични подароци и други прилози за да го поддржат вистинското обожавање. (Спореди 2. Коринтјаните 8:12.) Всушност, христијанскиот начин на давање пружа прилики да се покаже длабокото ценење за обожавањето на Јехова. Таквото давање не е ограничено на десеток, или десетти дел, и можат да постојат околности кога некој поединец е поттикнат да даде повеќе за да ги потпомогне интересите на Царството (Матеј 6:33).
Апостолот Павле рекол: „Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Коринтјаните 9:7). Ако даваш весело и дарежливо за поддршка на вистинското обожавање, ти ќе напредуваш, бидејќи една мудра изрека вели: „Оддавај му чест на Јахве со своето богатство и со првината од сиот свој прираст. И твоите житници ќе бидат преполни и твоите каци ќе се прелеваат со ново вино“ (Изреке 3:9, 10, Ст).
Ние не можеме да го збогатиме Највишиот. Нему му припаѓа сето злато и сребро, ѕверките на илјадниците планини и безбројните вредни работи (Псалми 49:10-12). Никогаш не можеме да му се оддолжиме на Бог за сите користи што ги имаме. Но можеме да го покажеме своето длабоко ценење кон него и за предноста што можеме да му даваме света служба на негова фалба. А можеме да бидеме сигурни дека тие богати благослови се излеваат на оние кои даваат дарежливо за да го унапредат чистото обожавање и за да му оддадат чест на љубезниот и дарежлив Бог, Јехова (2. Коринтјаните 9:11).
[Рамка на страница 29]
КАКО НЕКОИ ДАВААТ ПРИЛОЗИ ЗА ДЕЛОТО НА ЦАРСТВОТО
◻ ПРИЛОЗИ ЗА СВЕТСКОТО ДЕЛО: Многумина ставаат настрана или одделуваат од буџетот некој износ којшто го ставаат во кутиите за прилог означени со „Прилози за светското дело на Друштвото — Матеј 24:14“. Секој месец собранијата ги испраќаат овие средства или до светската централа во Бруклин, Њујорк, или до најблиската подружница.
◻ ПОДАРОЦИ: Доброволните парични подароци можат да се испраќаат директно до Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, 25 Columbia Heights, Brooklyn, New York 11201, или до локалната подружница на Друштвото. Исто така може да се дарува накит или други вредности. Ваквите прилози треба да бидат проследени со кратко писмо со кое се потврдува дека тоа е доброволен подарок.
◻ ПОДГОТОВКА ЗА УСЛОВНО ДАРУВАЊЕ: На Друштвото Стражарска кула можат да му се доверат пари сѐ до смртта на донаторот, со клаузула која вели дека во случај на лична потреба, парите да му се вратат на донаторот.
◻ ОСИГУРУВАЊЕ: Друштвото Стражарска кула може да биде именувано како корисник на полиса за животно осигурување или план за пензионирање. Друштвото треба да биде информирано за секој таков договор.
◻ БАНКОВНИ СМЕТКИ: Можат да се дадат на чување банковни сметки, уверенија за депозити или пензиски сметки, или тие да се направат наплативи по смртта, на име Друштво Стражарска кула, во склад со месните банкарски прописи. Друштвото треба да биде информирано за секој таков договор.
◻ АКЦИИ И МЕНИЦИ: Акции и меници можат да се даваат на Друштвото Стражарска кула или како директен подарок или во вид на договор со кој приходот и понатаму му се исплаќа на давателот.
◻ НЕДВИЖНИНИ: На Друштвото Стражарска кула можат да му се остават недвижнини кои можат да се продадат, и тоа како директен подарок или пак дарителот и понатаму да живее во неа додека е жив. Лицето треба да го извести Друштвото пред да му препише на Друштвото каква и да е недвижнина.
◻ ТЕСТАМЕНТИ И ОПОЛНОМОШТУВАЊА: На Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania можат да му се остават во наследство имот или пари преку законски верифициран тестамент, или Друштвото може да биде назначено како корисник на согласност за ополномоштување. Ополномоштувањата чиишто корисници се религиозни организации, можеби овозможуваат извесни даночни олеснувања. Една копија од тестаментот или ополномоштувањето треба да се испрати до Друштвото.
За натамошни информации во врска со овие прашања обратете се до Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци, п.ф. 417, Загреб 41001 (односно Камауфова 11, Загреб 41000) или до најблиската подружница на Друштвото.