Божиќ — зошто е толку популарен во Јапонија?
ВЕРУВАЊЕТО во Дедо Мраз е длабоко вкоренето меѓу децата во будистичко-шинтоистичката земја Јапонија. Во 1989, јапонските деца напишале 160 000 писма до земјата на Дедо Мраз во Шведска. Ниту една друга земја не испратила повеќе писма. Своите писма ги напишале со надеж дека ќе им бидат исполнети желбите на срцето, било да е тоа „графички компјутер“ за играње од 18 000 јени (136 долари) или портабл видео игра од 12 500 јени (95 долари).
За младите јапонски девојки, состанокот со спротивниот пол на Бадник е од посебно значење. „Според една анкета на млади жени“, вели Mainichi Daily News, „38 проценти рекле дека направиле планови за Бадник уште пред еден месец“. Младичите имаат скриени мотиви зошто сакаат да бидат со своите девојки на Бадник. „Добро е заедно тивко да се молите со своите девојки“, предложува едно списание за младичи. „Правете го тоа некаде кадешто е модерно. Вашиот однос брзо ќе стане интимен.“
Јапонските сопрузи исто така се надеваат дека ќе привикаат малку волшебна сила преку својата божиќна традиција на купување на „украсно филувана торта“ кога се враќаат дома од работа. Претпоставуваат дека со играње на улогата на Дедо Мраз се надоместува занемарувањето на семејството во останатиот дел од годината.
Божиќ навистина фатил корени меѓу нехристијанските Јапонци. Всушност, 78 проценти од оние кои биле анкетирани во еден синџир на супермаркети рекле дека прават нешто посебно за Божиќ. Тоа е огромен сразмер за оваа земја кадешто само 1. процент од населението тврди дека верува во христијанство. Иако се изјаснуваат како будисти или шинтоисти, тие се чувствуваат сосем слободни да му се радуваат на еден „христијански“ празник. Прочуениот храм Шинто Исе во својот алманах, заедно со јапонските празници го наведува 25. декември како „Христов роденден“. Меѓутоа, сцени на нехристијани кои западнале во веселба на Божиќ го покренуваат прашањето:
Чија прослава е Божиќ?
Речникот Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary го дефинира Божиќ како „христијанска гозба на 25. декември (...) која го слави споменот на Христовото раѓање“. Тој се смета како време за „христијаните“ да се „обединат во своите чувства на радост на Христовиот роденден“.
Оние кои Божиќ го слават како чисто религиозен празник можеби ги сметаат за досадни оние кои тој ден го прават световен со веселба и дарување на подароци, па дури и за богохулници. „Во Јапонија постои кулминација во големиот комерцијализам, а не Христос“, напишал еден Американец кој живее во Јапонија. „За западниот човек“, напишал еден друг во врска со јапонскиот Божиќ, „не е мисирката [која обично не се наоѓа на пазарите во Јапонија] тоа што недостасува, туку најважната од сите состојки — духот“.
Тогаш, во што се состои божиќниот дух? Дали е тоа атмосферата на црковната служба со своите песни, шимшир и свеќи, коишто многумина ги употребуваат за своето единствено годишно одење в црква? Или е тоа љубовта, доброто расположение и дарувањето кои многумина ги поттикнуваат да бидат дарежливи? Дали е тоа смиреноста која преовладаува на бојното поле додека војниците гледаат неколку дена „мир на Земјата“?
Зачудувачки е што божиќниот дух често не успева да донесе мир ниту на домашниот фронт. Во Англија според една анкета за 1987 пресметано е дека за време на Божиќ таа година во 70 проценти британски домови избивала ‚семејна војна‘. Борбата околу парите била главната причина. Прекумерното пиење и неисполнувањето на сопствената улога во семејството довело исто така до судири.
„Се прашувам дали нешто пропуштаме од вистинското значење на Божиќ“, напишал еден западњак кој живее во Јапонија и кој го посетил својот дом за време на божиќната сезона пред извесно време. „Секој 25. декември го чувствувам истиот копнеж да се вратам на оној старомоден Божиќ од оддамна — паганската церемонија која ја славела зимската краткодневица со обожавање на дрвја и одржување на оргии. Сѐ уште ги имаме сите пагански украси — имела, шимшир, елки и така натаму — сепак некако Божиќ никогаш не станал истиот откако христијаните го украле и го претвориле во религиозен празник.“
Неоспорно е дека Божиќ е пагански празник. Првите христијани не го славеле „затоа што сметале дека славењето на нечие раѓање претставува пагански обичај“, вели The World Book Encyclopedia. Паганските празници Сатурналии и Нова година се изворот на веселење и размена на подароци.
Ако Божиќ е во суштина пагански, искрените христијани мораат да си го постават прашањето: Дали е Божиќ за христијаните? Да видиме што вели Библијата за славењето на роденденот на Христос.
[Рамка на страница 4]
Потекло на божиќната прослава
Иако точните поединости се изгубени во маглите на древноста, доказите покажуваат дека до 336 н.е., римската црква славела некаков облик на Божиќ. „Божиќниот датум намерно бил ставен на 25. декември“, објаснува The New Encyclopædia Britannica, „за да го турне во позадина големиот празник на богот на Сонцето“. Тоа било во време кога паганите се впуштале во гоштевања како за време на празникот на римските Сатурналии, така и на келтската и германската гозба на зимската краткодневица. The New Caxton Encyclopedia вели дека „црквата ја приграбила приликата да ги христијанизира овие празници“.