Божиќ — дали е тоа начинот за пречекување на Исус?
РАЃАЊЕТО на Спасителот, долгоочекуваниот Месија, навистина било време за радување. „Гледај!“ им објавил ангелот на овчарите во близината на Витлеем, „Ви објавувам добра вест на голема радост која ќе ја има сиот народ, зашто денес ви се роди Спасител, кој е Христос Господинот“. Мноштво ангели се придружиле, фалејќи го Бог: „Слава на Бог горе на висините, а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:10-14, NW). Некои можат да заклучат дека христијаните треба да ги имитираат ангелите во изразувањето на радост поради Христовото доаѓање на Земјата во тоа време.
Тоа не бил првиот библиски запис за ангели кои изливале песни на фалба. Кога бил поставен темелот на Земјата, ‚утринските ѕвезди ликувале, и (...) сите Божји синови извикувале од радост‘ (Јов 38:4-7). Точниот датум на овој настан не е забележан во Библијата (1. Мојсеева 1:1, 14-18). Сеедно колку и да бил радосен настанот, христијаните не се препирале дали треба годишно да го слават создавањето на Земјата затоа што ангелите аплаудирале и можеби да присвојат некој пагански празник за спомен на таа прилика.
Но луѓето кои го слават Божиќ токму тоа го прават со раѓањето на Исус Христос. Ако погледнеме во која и да е од повеќето доверливи енциклопедии, под заглавјето „Божиќ“ ќе најдеме дека датумот на Исусовото раѓање не е познат. Библијата не кажува ништо во врска со тој датум.
„Ако трубата не дава разбирлив глас“
„Бог не е Бог на безредие“, напишал апостол Павле кога ја укорувал неуредноста на собранието во стариот Коринт. Во истиот контекст тој прашал: „Ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка?“ (1. Коринтјаните 14:8, 33). Ако Богот на ред имал намера христијаните да го слават раѓањето на Неговиот Син на Земјата, дали Тој би им оставил на несовршените луѓе произволно да изберат некој датум од паганските празници и да присвојат безбожни обичаи?
Ако разгледаме неколку библиски примери ќе сфатиме дека Јехова Бог не постапува со својот народ на таков начин. Кога барал од Израелците да држат годишни прослави под Мозаитскиот Закон, Бог одредил посебни датуми и им кажал како да ги слават тие празнични пригоди (2. Мојсеева 23:14-17; 3. Мојсеева 23:34-43). Иако никогаш не заповедал да се споменува неговото раѓање, Исус Христос им заповедал на своите следбеници да држат еден одреден датум. ‚Онаа ноќ, кога Го предале‘, 14. низан, 33 н.е., Исус ја вовел прославата на Господовата Спомен-свеченост, употребувајќи бесквасен леб и вино. Тој заповедал: „Правете го ова за спомен Мој!“ (1. Коринтјаните 11:23, 24). Звукот на трубата е јасен и непогрешлив во поглед на тоа кога и како да се држи Господовата Спомен-свеченост. Тогаш, што е со Божиќ? Никаде во Библијата не наоѓаме никаква заповед да се слави раѓањето на Христос, ниту пак ни кажува кога или како.
‚За придобивање на луѓе‘
„О, секако знам дека Божиќ има паганско потекло“, рекол еден свештеник во една Сионска црква во Токио, „но сѐ додека обичните луѓе се заинтересирани за христијанството на 25. декември и доаѓаат да учат за науките на Чесниот Исус, Божиќ има свое место во христијанството.“ Многумина се согласуваат со неговото мислење. Дали ти мислиш дека правењето на таквите компромиси е исправно?
Некои тврдат дека дури и Павле правел компромис за да придобие верници. „Се правам сечиј роб“, напишал тој, „за да придобијам колку што е можно повеќе луѓе (...) Кога работам со Паганите, живеам како Паганин, надвор од Еврејскиот Закон за да ги придобијам Паганите. (...) Сето тоа го правам заради евангелието, за да имам дел во неговите благослови“ (1. Коринтјаните 9:19-23, Today’s English Version). Дали овие зборови го оправдуваат присвојувањето на некој пагански празник заради привлекување на паганите во христијанството?
Внимателно разгледај го контекстот на Павловата изјава. Во 21. стих тој рекол: „Тоа не значи дека не го слушам Божјиот закон; навистина сум под Христовиот закон“ (TEV). Значи, тој не правел компромис во работи кои го прекршувале Христовиот закон, туку ‚живеел како Паганин‘ така тоа што ги почитувал месните обичаи и навики доколку не биле спротивни на христијанските заповеди.a
Имајќи го тоа на ум, замисли како би изгледало присвојувањето на паганските празници во „христијанството“ под името Божиќ ако се гледа во светлината на следнава библиска заповед: „Не бидете со неверници под еден ист јарем; Што има праведноста со беззаконието? (...) Каква заедница постои помеѓу верникот и неверникот? (...) Затоа ‚излезете од нив и одвојте се‘ — вели Господ [Јехова, NW]! ‚Не допирајте се до ништо нечисто, и јас ќе ве примам!‘“ (2. Коринћанима 6:14-17, Ст). Сеедно какви изговори се даваат, вршењето прељуба на христијанството со паганските празници не е никаков начин за пречекување на Исус како Спасител. Тоа би било несоодветно во првиот век кога Исус дошол во тело, а исто толку е несоодветно и денес или во иднина, кога Христос ќе дојде како Цар да ги изврши Божјите осуди (Откровение 19:11-16). Всушност, оние кои избираат да слават пагански празници зад „христијанска“ маска можат со тоа да го порекнуваат Исус Христос.
Необновени „скриени христијани“
Извлечи поука од она што им се случило на католиците во Јапонија за време на шогунската ера. Кога во 1614 започнало задушувањето на католицизмот, околу 300 000 јапонски католици можеле да изберат три работи: да станат маченици, да ја напуштат својата вера или да одат во илегалност. Оние кои отишле во илегалност биле наречени скриени христијани. За да ја сокријат својата вера, се прилагодиле на разновидни будистички и шинтоистички обичаи. Во својата литургија го употребувале Марија – Канонот, која била Марија преправена како будистичка бодисатва во облик на мајка која држи дете. Нивните празници биле смеса од будистичка, католичка и народна [шинто] религија. Меѓутоа, кога биле принудени да присуствуваат на будистичките погреби, изговарале христијански молитви и вршеле модоши, церемонија за поништување на будистичката служба. Што станало со тие „христијани“?
„Што се однесува до мнозинството на Киришитаните [христијаните]“, објаснува книгата The Hidden Christians (Скриените христијани), „во нив се развила религиозна приврзаност, така што им било тешко да го напуштат обожавање на шинтоистичките и будистичките богови“. Кога забраната била укината и кога католичките мисионери се вратиле во Јапонија, мнозинството од тие „скриени христијани“ останале приврзани на својот облик на мешана религија.
Меѓутоа, дали католичката црква би можела со право да ги критизира тие „скриени христијани“ кои одбиле да се вратат на римокатолицизмот? Католичката црква исто така присвоила многу пагански учења и празници, вклучувајќи го и Божиќ. Ако католиците и протестантите, иако тврдат дека се христијани, го паганизирале своето „христијанство“ со многубожечки празници, зарем не го отфрлаат и Исус Христос?
Вратени на вистинското христијанство
Сецуко, која 36 години била оддадена католичка, конечно го сфатила тоа. После Втората светска војна, се обидела да ја исполни својата духовна празнина така што се поврзала со една католичка црква. ‚Какво задоволство!‘ си помислила додека присуствувала на божиќната миса и ги видела прекрасните божиќни дрвја внатре и надвор од нејзината црква. „Се гордеев со нашите убави украси кои ги надминуваа оние од соседните цркви“, рекла таа. Меѓутоа, Сецуко всушност немала никакво разбирање за католичките учења, иако извесно време дури и предавала во неделното училиште. Затоа кога сакала повеќе да се вклучи во црковната работа, му поставила на својот свештеник неколку прашања. Наместо да ѝ одговори на прашањата, свештеникот ја омаловажил. Разочарана, одлучила сама да ја проучува Библијата. По две недели, ја посетиле Јеховините сведоци и таа прифатила домашна библиска студија.
Таа објаснува: „Беше болно соочувањето со библиските вистини кои ги побиваа моите поранешни верувања. Добив дури alopecia neurotica – паѓање на косата поради вознемиреност. Меѓутоа, постепено светлото на вистината засветли во моето срце. Бев вчудовидена кога дознав дека Исус не се родил во студен, врнежлив декември кога овчарите не би ги паселе стадата на отворено навечер (Лука 2:8-12). Тоа ја сруши мојата замисла за Христовото раѓање, затоа што ние употребувавме памук наместо снег за украсување на сцени со овци и овчари.“
Откако се уверила за тоа што навистина учи Библијата, Сецуко одлучила да престане со славењето на Божиќ. Таа го нема веќе „божиќниот дух“ еднаш годишно, но го покажува духот на радосно христијанско давање секој ден.
Ако искрено веруваш во Христос, немој да се вознемируваш додека гледаш како паганите го обесветуваат Божиќ. Тие само го повторуваат она што тој првобитно и бил — пагански празник. Божиќ од никого не бара да го пречекува Исус Христос, кој невидливо се вратил како небесен Цар (Матеј 24. и 25. поглавје; Марко 13. поглавје; Лука 21. поглавје). Наместо тоа, вистинските христијани покажуваат дух сличен на Христовиот преку целата година, и ја објавуваат добрата вест за Царството, чиј Цар станал Исус. Бог сака на тој начин да го пречекаме Исус Христос како наш Спасител и Цар на Царството (Псалми 2:6-12).
[Фуснота]
a Спореди ги двата начина на кои Павле одговорил на прашањето за обрежување. Иако знаел дека „обрезанието е ништо“, го обрежал својот сопатник, Тимотеј, кој бил Евреин по мајка страна (1. Коринтјаните 7:19; Дела на св. апостоли 16:3). Во случајот со Тит, апостол Павле од принцип не го обрезал во борбата со поборниците на јудаизмот (Галатјаните 2:3). Тит бил Грк, и затоа, за разлика од Тимотеј, немал законска причина да биде обрежан. Ако тој, паганин, требало да се обреже, ‚Христос за него не би имал повеќе никакво значење‘ (Галаћанима 5:2-4, Стварност).
[Слика на страница 7]
Вистинските христијани му оддаваат чест на Исус преку целата година