Служба за тебе?
ЈЕХОВА ја покажал својата дарежливост кога совршено ја снабдил Земјата за да му се радуваме на животот. Дарежливо дозволил овие подготовки да останат дури и откако Адам и Ева се побуниле. Дури и повеќе, тој ја изразил својата ненадминлива љубов со тоа што го испратил својот Син да ги спаси верните луѓе од несреќата на гревот (Матеј 5:45; Јован 3:16).
Како можеме ние да одговориме на таквата љубов? Исус рекол дека мораме да го сакаме Јехова својот Бог со сето срце, душа, ум и сила. Ова укажува на тоа дека му го должиме нашето обожавање и лојалност и дека треба да го водиме својот живот во согласност со неговата волја (Марко 12:30; 1. Петрово 4:2).
Но, што е вклучено во вршењето на Божјата волја? Дали постои некоја служба што можеме да му ја дадеме — служба во која би требало да учествуваме?
Потреба од слуги
Обично луѓето повеќе тежнеат по храна и богатство. Но пред тоа во Проповедта на гората Исус ги советувал своите слушатели да не тежнеат по такви работи. Црквите ги збунуваат луѓето во врска со обожавањето и служењето на Бог. Но, Библијата покажува дека постои само една вистинска религија, ‚еден Господ, една вера, едно крштавање, еден Бог и Отец на сите‘. Исус рекол: „Вистинските обожаватели ќе го обожаваат Таткото со дух и вистина“. Затоа им советувал: „Сите вие да зборувате едно и (...) помеѓу вас да нема делење“ (Ефесјаните 4:3-6; Јован 4:23, NW; 1. Коринтјаните 1:10).
Збрката во поглед на тоа која е вистинската религија започнала во Еден кога Сатана ја предизвикал праведноста на Јеховиниот суверенитет со тоа што го довел во прашање Божјиот начин на владеење (1. Мојсеева 3:1-6, 13). Сатана сега го поддржува ова противење против Бог со лажни науки раширени преку измамливи религиозни слуги кои „се претвораат во слуги на праведноста“. Така, Библијата вели: „Љубени, не верувајте во секоја инспирирана изјава (...) зашто многу лажни пророци излегоа на свет“ (2. Коринтјаните 11:14, 15, NW; 1. Јованово 4:1, NW).
За среќа, Бог презел чекори да го реши ова спорно прашање на владеењето. Откако го испратил својот Син да го откупи човештвото, тој сега го направил Исус Цар на Божјето небесно Царство, со овластување да го уништи Сатана и неговите пророци, или слуги. Тоа ќе загарантира дека Божјата волја ќе биде извршена на Земјата, на вечен благослов на послушните луѓе (Даниел 7:13, 14; Евреите 2:9).
Сатана ги затемнил овие вистини (2. Коринтјаните 4:4). Затоа постои потреба да служиме како Божји слуги и да ги разобличиме Сатанините невистини и да даваме сведоштво за вистината. Јехова не нѐ присилува на оваа служба. Тој сака, како Исус, самите да се понудиме, од ценење кон него и кон она што го сторил за нас (Псалми 110:3, ДК; Јеврејима 12:1-3, ДК).
Христијанската служба
Исус ‚одел по градовите и селата, проповедајќи и благовестувајќи го царството Божјо‘ (Лука 8:1). Тој исто така ги обучувал своите ученици да бидат слуги како него и ги испратил да проповедаат (Матеј 10:1-14, 27). Подоцна ги ополномоштил да ја продолжат службата до краевите на Земјата (Матеј 28:19, 20; Дела на св. апостоли 1:8).
Ова ополномоштување почива на вистинските христијани, а Божјиот дух ги мотивира да проповедаат. Како што се случило и на Пентакост 33. г.н.е., сите кои ја прифаќаат добрата вест, ја преземаат одговорноста да даваат јавна изјава за својата вера (Дела на св. апостоли 2:1-4, 16-21; Римјаните 10:9, 13-15).
Сепак, повеќето луѓе не можат да се замислат себеси како слуги. Питер, еден од Јеховините сведоци, вели: „Мажите во Германија често пати сметаат дека е под нивното достоинство да зборуваат за религија. ‚Тоа треба да го прави свештенството‘, велат тие. Како што вели Тони, кој со децении служи како мисионер, луѓето во Англија говореле: „Она што го велиш е добро, и мислам дека Јеховините сведоци се фини луѓе. Но да одам од врата до врата, и да проповедам — тоа навистина не би можел“. Бен ја проучувал Библијата некое време со еден Нигериец, кој рекол: „Не можам да си претставам јас да проповедам јавно од куќа до куќа; но би можел да дадам пари во твоето собрание за да им помогнам на оние кои се спремни да го прават тоа“. Да, на многу луѓе им недостасува верата и уверувањето кои се неопходни за христијанската служба.
И покрај тоа, јавното проповедање е одговорност за сите во христијанското собрание, без оглед на староста и полот. Тоа не е само за старешините и слугите помошници кои ‚го преземаат водството‘, туку исто така за христијаните воопшто. Сите се поттикнати: „Принесете му на Бог жртва на фалба, то ест плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име. (...) Бидете им послушни на оние кои го преземаат водството меѓу вас“ (Хебреите 13:15, 17, NW).
Обраќајќи му се на мешаното мноштво во својата Проповед на гората, Исус рекол: „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Матеј 7:21; Јован 4:27-38).
Дали тоа треба да биде твоја служба?
„Но“, рекол Исус, „собирајте си богатства на небото (...) Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда“ (Матеј 6:20, 33).
Да се бара најпрво Царството не значи да се допушти другите интереси да ја засенат нашата служба. Меѓутоа, да се прави тоа не значи да се исклучи сѐ друго. На пример, Библијата нѐ охрабрува да не ги запоставуваме вистинските семејни обврски. Обично таквите обврски ги извршуваме како и сите други луѓе. Нивното запоставување значи да се постапува на начин кој е спротивен на христијанската вера (1. Тимотеј 5:8). Сепак, би требало во разумна мера да сториме сѐ што можеме во службата додека ги извршуваме другите одговорности на урамнотежен начин.
Исус рекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие [добра вест, NW] за царството (...) за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Содржината на ова пророштво го наоѓа своето исполнување во наше време. Од 1914 добрата вест се состои во тоа што Царството било овластено да дејствува во корист на Јеховината сувереност, а против Сатана и неговиот свет (Откровение 11:15-18). Треба сериозно да размислуваме за подлабоката смисла на ова. Крајот ќе дојде, а ние мораме да го извршиме делото на проповедање пред тоа. Во прашање се животи; можеме да помогнеме да се спасат многу од нив.
Тежнеј по зголемена служба
Многу од Јеховините сведоци посветуваат по десет или повеќе часа месечно во споделувањето на добрата вест со другите. Илјадници поминуваат по два или повеќе часа на ден во проповедање како помошни, а други постојано служат општи или специјални пионери. Тие ја ценат итноста на ова дело и сакаат да имаат што е можно поголемо учество за да го извршат пред да дојде крајот на овој несреќен свет.
Дали веќе си активен Сведок на Јехова? Тогаш, тежнеј кон попотполно учество во службата. Подобри ја својата вештина во проповедањето и поучувањето, обидувајќи се да направиш повеќе во службата. Ако си во можност да станеш пионер, стори го тоа. Доколку твоите околности навистина не ти го дозволуваат тоа, тогаш охрабрувај ги оние кои можат да тежнеат кон оваа служба.
Ако не си предаден Сведок на Јехова, не вели дека службата не е за тебе. Еден човек по име Петер, машински инженер, остро ѝ приговарал на својата сопруга заради нејзиното споделување на добрата вест со другите. „Како да ја оставам да оди и да проповеда по куќите?“, се прашувал тој. Откако неколку години ја набљудувал нејзината цврста убеденост во поглед на вистината од Божјата Реч, одлучил и тој да ја проучува Библијата. Сега, како и неговата жена, тој е предаден, крстен слуга на добрата вест.
Затоа, не се оградувај од предноста да му служиш на Јехова. Те охрабруваме да ја проучуваш Библијата и да се дружиш со вистинските христијани на нивните состаноци. Тоа ќе ти помогне да го обликуваш својот живот во склад со Божјата праведност и да изградиш цврста вера во неговите намери. Ако напредуваш во тоа, и ти ќе можеш да се оспособиш да бидеш Божји слуга. Тогаш ќе бидеш привилегиран да учествуваш во извршувањето на оваа Исусова заповед: „Затоа одете и правете ученици (...) и учете ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20, NW).
Да, постои служба за тебе во која можеш да учествуваш, и треба да ја вршиш поитно од кога и да било.
[Рамка на страница 25]
Една медицинска сестра која има семејство вели: „Секој ден патувам повеќе од еден час до болницата кадешто работам, затоа си мислев дека никогаш не ќе можам да бидам помошен пионер. Но секое утро рано пред да одам на работа, внимателно ги организирав своите активности за да учествувам во службата на проповедање за време на паузите и во слободните денови. Можете да си ја замислите мојата радост кога на крајот од еден месец поминав 117 часови во проповедање! Разделив 263 списанија, воспоставив 22 претплати и започнав 3. библиски студии.“
[Рамка на страница 27]
Мишел е со седум мали деца, а има одговорна работа на еден универзитет во Нигерија. Исто така старешина е во христијанското собрание. Тој го дели мислењето на илјадници Сведоци:
„За своја кариера ја сметам службата, секогаш припомнувајќи си што рекол Павле: ‚Јас садев, Аполо залеваше, а Бог даваше да расте‘. Мојата сопруга и јас ‚садиме‘ за време на кратките разговори за добрата вест од куќа до куќа. ‚Залеваме‘ така што се враќаме кај оние кои се интересираат да ги поучиме од Библијата, како што рекол Исус дека треба да правиме. Седмичните библиски студии им помогнаа на голем број — понекогаш и на цели семејства — да дојдат до спознание на вистината.“