Прашања од читателите
Зошто Ное пуштил од арката гавран, а потоа гулабица?
Библијата не дава детаљно објаснување. Меѓутоа, се чини дека има логика во постапката на Ное.
Во текот на 40 дена и 40 ноќи, Земјата претрпела незадржливи врнежи од дожд кои предизвикале поплава која пет месеци ги покривала дури и планинските врвови. Тогаш „се запре ковчегот (...) на планината Арарат“ (1. Мојсијева 7:6–8:4, ДК). Со месеци подоцна, откако „се покажаа врвовите на ридовите“, Ное „пушти гавран, кој постојано одлетуваше и долетуваше“ (1. Мојсијева 8:5, 7, ДК).
Зошто гавран? Оваа птица е силен летач и може да живее од најразлични видови храна, вклучувајќи и мрша. Ное можеби го испратил гавранот за да види дали тој ќе се врати или ќе остане далеку од арката, можеби затоа што би јадел од остатоци од трупови кои биле откриени откако водата се повлекла и се појавила земјата. Меѓутоа, гавранот не останал. Библијата вели дека тој се вратил, но не вели дека се вратил кај Ное. Можеби дошол повторно на арката за да се одмори пред повторно да летне за да најде храна што плива по водата која сѐ уште преовладувала.
Подоцна, Ное избрал да пушти една гулабица. Читаме: „А гулабицата бидејќи не најде каде би застанала со ногата своја се врати кај него во ковчегот“ (1. Мојсијева 8:9, ДК). Тоа укажува дека на нејзин својствен начин, гулабицата можела да послужи за утврдување дали поплавните води се намалиле. Гулабите покажуваат прилично голема доверба во луѓето. Ное можел да очекува дека гулабицата ќе се врати, но не само да се одмори на арката туку кај него самиот.
Се вели дека гулабите се одмораат само на сува почва, познато е дека летаат ниско во долините и дека се хранат со вегетација (Језекиил 7:16). Grzimek’s Animal Life Encyclopedia забележува: „Како што е случај со сите гулаби и гулабици коишто јадат семе и ореви, постои тешкотија во прехраната кога снег [или вода], подолго од еден ден, го покрива поголемиот дел од нивната потенцијална храна која постои на површината на Земјата“. Затоа гулабицата можела да се врати кај Ное со некаков доказ дека нашла сува почва или никулци од билки. Првиот пат кога Ное ја пуштил, гулабицата едноставно се вратила кај него во арката. Вториот пат гулабицата се вратила со маслинов лист. Третиот пат не се вратила, со што дала доказ дека Ное може безбедно да ја напушти арката (1. Мојсијева 8:8-12, ДК).
Додека некои можеби сметаат дека ова се споредни детаљи, фактот дека овој извештај е толку посебен, без какво и да е настојување да се дадат потполни објаснувања, ја одразува веродостојноста на Библијата. Тоа ни дава причина повеќе да прифатиме дека извештајот не е измислен или фалсификуван, туку чесен и точен. Недостатокот од исцрпни поединости и објаснувања исто така укажува на тоа какви интересни работи верните христијани можат да очекуваат да го прашаат Ное кога ќе воскресне и кога ќе може од прва рака да ги објасни поединостите на своите постапки (Јеврејима 11:7, 39, ДК).