Човечки планови за меѓународна безбедност
„Кога сето ова ќе заврши, сакаме да бидеме исцелители. Сакаме да го сториме она што можеме за да го потпомогнеме она што оптимистички би можел да го наречам нов светски поредок.“ — претседателот на САД, Џорџ Буш, јануари 1991, кратко по почетокот на војната против Ирак.
„Концептот на претседателот Буш за нов светски поредок ја нагласува важноста од раководењето од закон и вербата дека нациите имаат колективна одговорност за слободата и правдата. Со завршувањето на студената војна настапува нова ера.“ — американскиот амбасадор во Австралија, август 1991.
„Вечерва кога гледам како се одвива драмата на демократијата ширум земјината топка, можеби — можеби сме близу до тој нов свет како никогаш порано.“ — американскиот претседател Џорџ Буш, септември 1991.
МНОГУ светски водачи, слично на претседателот Буш, зборуваат оптимистички за иднината. Дали нивниот оптимизам е оправдан? Дали настаните од II Светска војна па наваму даваат темел за ваков оптимизам? Дали веруваш дека политичарите се способни да донесат меѓународна безбедност?
Големиот човечки план
„Во текот на последните две години од Втората светска војна“, се објаснува во документарната ТВ емисија Goodbye War (Збогум војно), „преку еден милион луѓе беа убивани секој месец“. Во тоа време народите чувствуваа итна потреба од план кој би спречил да не се повтори таква војна. Додека војната сѐ ‘уште траеше, претставници од 50 нации го создадоа најголемиот план за меѓународна безбедност кој некогаш бил смислен од човек: Повелбата на Обединетите нации. Преамбулата на Повелбата ја изразува решеноста „да ги зачува идните поколенија од камшикот на војната“. Можните членки на Обединетите нации требаше „да ги обединат [своите] сили за одржување на меѓународниот мир и безбедност“.
Четириесет и еден ден подоцна, еден авион фрли атомска бомба над Хирошима, Јапонија. Таа експлодира над центарот на градот и уби преку 70 000 луѓе. Таа експлозија, како и онаа што уследи три дена подоцна над Нагасаки, силно придонесоа за окончување на војната со Јапонија. Бидејќи јапонскиот сојузник Германија, капитулира на 7 мај 1945, со тоа II Светска војна заврши. Меѓутоа, дали тоа беше крај на сите војни?
Не. Од II Светска војна па наваму, човештвото доживеа над 150 помали војни кои ги однесоа животите на преку 19 милиони луѓе. Јасно е дека големиот план на ООН сѐ уште не донел меѓународна безбедност. Каде е грешката?
Студената војна
Планерите на ООН не успеаја да го спречат ривалството кое брзо се разви помеѓу поранешните сојузници во II Светска војна. Многу држави застанаа на едната или на другата страна во таа борба за моќ, која беше наречена студена војна и делумно претставуваше борба помеѓу комунизмот и капитализмот. Наместо да ги обединат своите сили да се запре војната, двата блока ги поддржуваа спротивните страни во регионалните конфликти и на тој начин се бореа помеѓу себе во Азија, Африка и во обете Америки.
Во доцните 1960-ти години студената војна почна да се топи. Топењето достигна кулминација во 1975 кога 35 држави го потпишаа она што се нарекува Хелсиншка спогодба. Меѓу учесниците беа Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави, заедно со своите сојузници. Сите ветија дека ќе работат на „мирот и безбедноста“ и дека „ќе се воздржуваат . . . од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која и да е држава, или од каков и да било друг начин кој не е доследен на целите на Обединетите нации“.
Но тие идеи не вродија плод. Во раните 1980-ти, борбата помеѓу суперсилите повторно се вжешти. Работите се одвиваа толку лошо што во 1982 новоизбраниот генерален секретар на Обединетите нации, д-р Хавиер Перез де Куељар, го призна неуспехот на својата организација и предупреди на „нова меѓународна анархија“.
Сепак, генералниот секретар и останатите водачи денес изразуваат оптимизам. Новинските известувачи се повикуваат на „ера на пост–студена војна“. Како се случи оваа промена?
„Ера на пост–студена војна“
Значаен фактор беше средбата на 35 нации на Конференцијата за европска безбедност и соработка. Во септември 1986 тие го потпишаа она што се нарекува Стокхолмски документ, со кој повторно ја утврдија својата обврска спрема Хелсиншката спогодба од 1975.a Стокхолмскиот документ содржи многу правила како да се управува надгледувањето на воените активности. „Резултатите од последниве три години се охрабрувачки и нивото на примена почнува да ги надминува пишаните обврски на Стокхолмскиот документ“, известува SIPRI (Стокхолмски меѓународен институт за истражување на мирот) во својот Годишник за 1990.
Тогаш, во 1987, суперсилите постигнаа значајна спогодба барајќи уништување на сите свои ракети земја–земја со домет помеѓу 500 и 5 500 километри. „Физичкото уништување на ракетите и рампите е на дневен ред, а одредбите на спогодбите се прописно надгледувани на секоја страна“, вели SIPRI.
Други мерки беа преземени за намалување на ризикот од нуклеарна војна. На пример, во 1988 суперсилите потпишаа согласност во врска со „интерконтиненталните балистички ракети и подморнички балистички ракети“. Пред лансирањето на такви оружја, секоја страна мора однапред да ја извести другата „во рок не помал од дваесет и четири часа за планираниот датум, областа на лансирање и областа на која ќе се истрела“. Според SIPRI, таквите подготовки „практично ја елиминираат можноста од локални инциденти кои би ескалирале во светска нуклеарна војна“.
Во меѓувреме, плановите за осигурување на меѓународната безбедност беа забрзани. Во мај 1990, во текот на самитот на суперсилите во Вашингтон, Д.К., тогашниот советски претседател Михаил Горбачов предложи двата блока на европските нации да потпишат мировен договор. Во јули, 16 западни земји членки на НАТО (Северноатлантскиот пакт) се состанаа во Лондон. Нивниот одговор на предлогот од Михаил Горбачов беше дека обете страни потпишуваат „придружна декларација во која свечено изјавуваме дека повеќе не сме противници и ја зацврстуваме нашата намера да се воздржуваме од закана или од употреба на сила“. Насловната страница на еден африкански весник тоа го опиша како „Гигантски чекор кон светски мир“.
Тогаш, непосредно пред самитот на суперсилите во Хелсинки, Финска, американскиот владин претставник за печат рече дека „изгледот за војна [на Блискиот Исток] иницира нов заеднички план за светски мир“. Мирот доживеа неуспех кога Ирак изврши инвазија врз Кувајт и кога се чинеше дека Блискиот Исток е во опасност да се вивне во оган. Но под власта на Обединетите нации, меѓународни сили предводени од САД, ги принудија инвазиските војски да се повлечат во својата земја. Меѓународното единство во намерата, што дојде до израз во таа војна, ги охрабри некои да се надеваат дека се раѓа нова ера на соработка.
Оттогаш светските настани се одвиваа понатаму. Особено драматично се измени самата природа на некогашниот Советски Сојуз. На прибалтичките држави им беше допуштено да прогласат независност, а другите републики во Советскиот Сојуз го следеа нивниот пример. На површина избија насилни етнички непријателства и тоа во земјата која изгледаше монолитна под централизираната комунистичка контрола. Од крајот на 1991 Советскиот Сојуз и службено престана да постои.
Овие радикални промени на светската политичка сцена ѝ отворија врата на Организацијата на обединетите нации. Во врска со тоа, The New York Times наведува: „Попуштањето на меѓународната затегнатост и новиот дух на соработка помеѓу Соединетите Држави и Советскиот Сојуз би можеле да значат нова, помоќна улога на светската организација во меѓународните настани“.
Дали конечно дојде време 47-годишната организација да покаже што умее? Дали навистина стапуваме во она што Соединетите Држави го нарекуваат „ново столетие и нов милениум на мир, слобода и напредок“?
[Фуснота]
a Оваа спогодба е првата и најважната од сериите спогодби коишто во Хелсинки ги потпишаа Канада, САД, Советскиот Сојуз и 32 други земји. Службениот назив на главната спогодба гласи Завршен акт на Конференцијата за европска безбедност и соработка. Неговата првенствена цел беше намалување на меѓународната затегнатост меѓу Исток и Запад (World Book Encyclopedia).