Дали е возможен свет без војна?
ЗАМИСЛЕТЕ си дека никогаш повеќе не ја гледате нити ја доживувате реалноста на војната и на нејзините последици. Замислете си дека никогаш повеќе не слушате звук на пукотници или на бомби, никогаш повеќе не гледате мноштва полуизгладнети разбегани бегалци, никогаш повеќе не се прашувате дали вие или некој ваш драг ќе умре во некој суров и бесмислен конфликт. Колку само би било прекрасно да се живее во еден свет без војна!
‚Неверојатен изглед‘, можеби ќе речете. Сепак, визијата за еден мирољубив свет само до пред неколку години светло гореше. Во 1990 и 1991 година, многумина велеа дека народите се на прагот на една нова ера на сигурност и соработка. Одразувајќи го расположението на тоа време, Џорџ Буш, тогашниот претседател на Соединетите Држави, во многу прилики зборуваше за доаѓањето на еден „нов светски поредок“.
Откаде овој оптимизам? Студената војна дојде до својот крај. Повеќе од 40 години, опасноста од нуклеарна војна заканувачки висеше над човештвото како меч обесен на тенок конец. Но, со изумирањето на комунизмот и со распаѓањето на Советскиот Сојуз, заканата од нуклеарен холокауст како да испари. Светот почна полесно да дише.
Постоеше уште една важна причина зошто луѓето гледаа на иднината со доверба, и зошто многумина уште така гледаат. Ривалството помеѓу Истокот и Западот кое траеше четири децении ги претвори Обединетите нации во ништо друго до едно друштво каде што се одвиваат само дебати. Но крајот на студената војна ги ослободи ОН да го прават она за што се наменети — да работат во правец на меѓународен мир и сигурност.
Во последниве години, ОН ги засилија своите обиди со цел да ги спречат војните. Опремени со трупи од нации-членки, за само 4 години до 1994 година, Обединетите нации беа вклучени во повеќе операции за зачувување на мирот отколку во претходните 44 години. Околу 70.000 цивилен и воен персонал служел во 17 операции ширум светот. Само за две години, трошоците околу зачувувањето на мирот се зголемиле повеќе од двојно — на 3,3 милијарди долари во 1994 година.
Бутрос Бутрос Гали, генерален секретар на ОН, неодамна напишал: „Постојат знаци дека системот на колективна безбедност, воспоставен во Сан Франциско пред скоро 50 години [на основањето на ОН], конечно почна да функционира според првобитните замисли . . . Се наоѓаме на патот кон постигнување на еден изводлив меѓународен систем“.
Покрај овие настани, визијата за еден нов светски поредок брзо избледнува. Како дошло до тоа да се помрачи надежта за еден свет без војна? Дали постои причина да веруваме дека некогаш ќе видиме глобален мир? Следниве статии ќе ги разгледаат овие прашања.
[Извори на слики на страница 3]
Воени авиони: фотографија на USAF
Противавионски топови: фотографија на U.S. National Archives