Години безуспешни обиди
„НИЕ, НАРОДИТЕ ОД ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ОДЛУЧИВМЕ да ги поштедиме идните поколенија од камшикот на војната, која двапати во текот на нашиот животен век му донесе на човештвото неискажлива болка, и повторно да ја зацврстиме вербата во основните права на човекот, во достоинството и вредноста на човековата личност, во рамноправноста на мажите и жените, како и на народите — било мали или големи, . . .“ (Преамбула на повелбата на Обединетите нации).
НА 24 ОКТОМВРИ 1995, ќе биде одбележана 50-годишнината од постоењето на Обединетите нации. Сите 185 сегашни држави-членки се обврзани на првобитните начела и цели на организацијата, како што е изнесено во повелбата: Да го зачуваат меѓународниот мир и безбедноста; да ги спречат делата на агресија кои му се закануваат на светскиот мир; да поттикнат на пријателски односи меѓу народите; да ги заштитат основните права на сите луѓе, без дискриминација поради расата, полот, јазикот или религијата; и да постигнат меѓународна соработка при решавањето на економските, социјалните и културните проблеми.
Организацијата на обединетите нации веќе 50 години прави забележителни обиди да донесе светски мир и безбедност. Факт е дека таа можеби спречила Трета светска војна, а масовното уништување на човечки животи со употреба на нуклеарни бомби, повеќе не се повтори. Обединетите нации снабдиле со храна и со лекови милиони деца. Придонеле за подобрување на здравството во многу земји, обезбедувајќи, меѓу другото, поздрава вода за пиење и имунизирање против опасни болести. Милиони бегалци добија хуманитарна помош.
Како признание за нејзините постигнувања, на Организацијата на обединетите нации пет пати ѝ беше доделена Нобелова награда за мир. Па сепак, жалосна реалност е тоа што ние сѐ уште не живееме во свет без војни.
Мир и безбедност — непостигнати цели
После 50-годишни обиди, мирот и безбедноста сѐ уште претставуваат непостигнати цели. Во еден неодамнешен говор до Генералното собрание на Обединетите нации, претседателот на Соединетите Американски Држави го изрази своето разочарување, велејќи дека „ова столетие кое беше исполнето со надеж, со поволни прилики и со достигнувања, претставуваше и време на огромни падови и очај“.
На крајот од 1994 година, The New York Times напомнал: „Во моментов се водат приближно 150 војни или престрелки во кои умираат илјадници луѓе — од кои, според поголемиот број проценки, повеќето се цивили отколку војници — а стотици илјади стануваат бегалци“. Одделот за јавно информирање на Обединетите нации известил дека од 1945 година, повеќе од 20 милиони луѓе ги изгубиле своите животи како резултат на вооружени судири. Медлин Олбрајт, амбасадорот на САД во Обединетите нации, забележала дека „регионалните судири сега се на многу начини побрутални“. На вестите секојдневно се известува за кршење на човековите права и за дискриминација. Се чини дека многу нации, наместо да се спријателуваат, едвај се поднесуваат меѓусебно.
Сер Дејвид Ханај, британски амбасадор во Обединетите нации, признал дека „сѐ до 1980-тите, Обединетите нации речиси беа вистински неуспех“. Генералниот секретар на Обединетите нации, Бутрос Бутрос Гали, се жалел дека кога ќе се појави потреба од мировни операции, меѓу земјите-членки постои сѐ поголема рамнодушност и исцрпеност. Тој заклучил дека за повеќето членки, „Обединетите нации не се приоритет број еден“.
Влијанието на средствата за информирање
Колку и да изгледаат моќни, обидите на Обединетите нации честопати пропаѓаат поради политиката и средствата за информирање. Обединетите нации се немоќни без поддршката на своите членови. Но, без одобрувањето на јавноста, Обединетите нации нема да бидат поддржувани од многу свои членки. На пример, според The Wall Street Journal, „очигледните неуспеси во Сомалија и во Босна увериле многу Американци дека организацијата не само што е бескорисна туку е всушност и опасна“. Ова гледиште на јавноста навело некои американски политичари да дадат предлог да се намали финансиската поддршка што САД им ја даваат на Обединетите нации.
Новинските агенции не се двоумат кога станува збор за остро критикување на Обединетите нации. Изразите како што се: „потполно неспособни“, „несмасни“, „неефикасни“ и „парализирани“, безрезервно се користат кога се опишуваат различни аспекти на операциите на ОН. Весникот The Washington Post National Weekly Edition неодамна изјавил дека „Обединетите нации остануваат тромава бирократија која се мачи да се привикне на реалниот свет“.
Еден друг весник го цитирал генералниот секретар Бутрос Бутрос Гали како го изразува своето незадоволство во врска со масакрите во Руанда. Тој рекол: „Тоа е неуспех не само на Обединетите нации туку и на целото меѓународно општество. А за тој неуспех сме одговорни сите ние“. Во една популарна телевизиска специјална новинска програма во 1993 година, било изјавено дека Обединетите нации „не успеале да ја спречат најголемата закана за мирот — ширењето на нуклеарното оружје“. Телевизиската програма рекла дека Обединетите нации „веќе со децении само зборуваат“.
Ова раширено чувство на разочарување ги оптеретува мислите на службениците на Обединетите нации и го зголемува нивното незадоволство. Па сепак, се чини дека и покрај незадоволствата, во времето на 50-годишнината на Обединетите нации, многумина го обновиле својот оптимизам и се надеваат на нов почеток. Иако ги признава недостатоците на Обединетите нации, амбасадорот Олбрајт го одразила она што го чувствуваат и многу други луѓе, кога рекла: „Мораме да престанеме да зборуваме за она што сме направиле и да почнеме да зборуваме за она што допрва ќе направиме“.
Навистина, каде оди светот? Дали некогаш ќе постои свет без војни? Ако да, каква улога ќе играат Обединетите нации во тој поглед? Што е уште поважно, ако си богобојазлив, би требало да се запрашаш: ‚Каква улога ќе игра Бог во сето тоа?‘
[Рамка на страница 4]
БЕЗУСПЕШНИ ОБИДИ
Мир и безбедност не можат да постојат сѐ додека има војни, сиромаштија, криминал и корупција. Неодамна, Обединетите нации ги објавија следниве статистички податоци.
Војни: „Од 82 вооружени конфликти помеѓу 1989 и 1992 година, 79 беа внатрешни, од кои голем број меѓу етнички групи, а 90 проценти од настраданите беа цивили“ (Оддел за јавно информирање на Обединетите нации — UNDPI).
Вооружување: „ICRC [Меѓународно здружение на Црвениот крст] проценува дека секоја година, повеќе од 95 производители во 48 држави произведуваат од 5 до 10 милиони антиперсонални мини“ (Виш комесаријат на Обединетите нации за бегалци — UNHCR).
„Во Африка постојат околу 30 милиони мини кои се расфрлени во преку 18 земји“ (UNHCR).
Сиромаштија: „Во целиот свет, секој петти човек — што значи повеќе од една милијарда луѓе вкупно — живеат на работ на сиромаштијата, а проценето е дека поради сиромаштијата, секоја година умираат 13 до 18 милиони луѓе“ (UNDPI).
Криминал: „Од почетокот на 1980-тите, просекот на пријавениот криминал во светот секоја година расте за 5 проценти, а само во САД годишно се извршуваат 35 милиони криминални дела“ (UNDPI).
Корупција: „Јавната корупција станува вообичаена. Се проценува дека во некои земји финансиските измами чинат 10 проценти од вкупното годишно домашно производство во земјата“ (UNDPI).