Свет без војни — кога?
ПОВЕЛБАТА на Обединетите нации стапи на сила на 24 октомври 1945 година. Таа претставува најсеопфатен план за светски мир што некогаш го замислиле луѓето. Со своите првобитни 51 држава-членка, Обединетите нации станале најголема меѓународна организација во светската историја. Исто така, за првпат на една меѓународна организација ѝ била достапна војска за да спроведе мир и безбедност и за да оствари свет без војни.
Денес, со своите 185 држави-членки, Обединетите нации се појаки од кога и да е порано. Тогаш, зошто најмоќната меѓународна организација во човечката историја не успеала во потполност да ги исполни своите возвишени цели?
Религијата — голема препрека
Една од поголемите препреки е улогата на религијата во светските настани. Навистина, уште на почетокот од постоењето на Обединетите нации, главните светски религии ѝ ја ветиле својата поддршка на оваа организација. Осврнувајќи се на нивната 50-годишнина, папата Јован Павле II зборувал за Обединетите нации како за „супериорно средство за унапредување и зачувување на мирот“. Неговото мислење го дели и светската заедница на религиозни водачи. Но, оваа дискретна соработка меѓу религијата и владата не може да го сокрие фактот дека религијата претставува препрека и им создава неприлики на Обединетите нации.
Со векови религијата игра главна улога во унапредувањето или во поддржувањето на националистичката омраза, војните и геноцидите. Во последниве години, ближните се убивале еден со друг под маската на религиозна горливост. Изразот „етничко чистење“ нашироко се употребува во врска со војната на Балканот. Меѓутоа, жестоката омраза што таму многумина ја негуваат еден кон друг, повеќе се темели на религиозната припадност отколку на расата, со оглед на тоа што повеќето луѓе имаат исто етничко потекло. Да, религијата мора да прифати голем дел од одговорноста за крвопролевањата во поранешна Југославија, а Обединетите нации не можеа да го спречат тоа.
Соодветно е тоа што неодамна, професорот по религија на еден колеџ изјавил дека „во светот на пост-студена војна, во кој има сѐ поголема религиозна воинственост, еден од најнеодложните приоритети можеби е да се преиспитаат религијата и геноцидот, без оглед на непријатностите кои ќе произлезат поради тоа“. Денес е очигледно едно ново сознание во врска со начинот на кој религијата ги попречува напорите за светски мир.
Декларацијата на ОН од 1981 година навела: „Загрижени сме поради покажувањето нетолеранција и поради постоењето на дискриминација во поглед на религијата или верувањата, што сѐ уште е очигледно во некои делови од светот; одлучни сме да ги прифатиме сите неопходни мерки за брзо отстранување на таквата нетолеранција во сите нејзини форми и манифестации и да ја спречиме и да се бориме против дискриминацијата која се темели на религија или на верување“.
Во согласност со нивната декларација, Обединетите нации ја прогласија 1995 година за Година на толеранција. Меѓутоа, реално говорејќи, дали некогаш ќе може да се постигне мир и безбедност во еден свет кој е религиозно поделен?
Иднината на религијата
Едно пророштво од библиската книга Откровение ни го дава одговорот. Во него се зборува за една симболична ‚голема блудница‘ која седи како „царица“ и „царува над земните цареви“. Оваа блудница живее „раскошно“ и има односи со светските влади. Овие влади се претставени како „црвен ѕвер“ на кој блудницата удобно јава (Откровение 17:1-5, 18; 18:7). Позната како ‚Големиот Вавилон‘, оваа моќна и неморална жена го добила името според древниот Вавилон, колевката на идолопоклоничката религија. Соодветно на тоа, денес блудницата ги претставува сите светски религии бидејќи се мешаат во работите на владите.
Извештајот понатаму вели дека, со текот на времето, Бог ќе им стави во срцата на милитаристичките елементи на дивата ѕверка да преземат акција. Тие „ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат“ (Откровение 17:16).a На тој начин, самиот Јехова Бог ќе преземе иницијатива со тоа што ќе ги поттикне моќните народи на една акција со која ќе ја отстранат лажната религија. Светскиот религиозен систем, заедно со своите луксузни храмови и светилишта, ќе биде потполно уништен. Препреката што ја создава религијата за да се воспостави мир и безбедност, тогаш ќе биде отстранета. Но дури и тогаш, дали на Земјата ќе постои вистински мир и безбедност?
Несовршената човечка природа
Постои ли некаква гаранција дека отстранувањето на религијата навистина ќе го отвори патот кон еден свет без војни? Не. Обединетите нации ќе се соочат со една иронична ситуација. Од една страна, луѓето сакаат мир и безбедност. Но, од друга страна, самите тие се најголема закана за мирот и безбедноста. Омразата, гордоста, егоизмот, себичноста и незнаењето се човечки особини кои се корен на сите судири и војни (Јаков 4:1-4).
Библијата прорекла дека во нашево време луѓето ќе бидат „саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени“ (2. Тимотеј 3:1-4).
Генералниот секретар Бутрос Бутрос Гали признал дека „светот страда од социјална и од морална криза која во многу општества е со огромни размери“. Никакви дипломатски зафати не можат да ги неутрализираат штетните траги од несовршената природа на човекот. (Спореди 1. Мојсеева 8:21; Јеремија 17:9.)
Исус Христос — Кнез на мирот
Јасно е дека Обединетите нации не се способни да донесат светски мир. Нејзините членки и оние кои ги поддржуваат се несовршени луѓе, и покрај нивните возвишени цели. Библијата вели дека „патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). Понатаму, Бог предупредува: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“ (Псалм 145:3).
Библијата прорекува што ќе стори Јехова преку својот Син, ‚Кнезот на мирот‘. Исаија 9:6, 7 изјавува: „Зашто Младенец ни се роди — Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат“.
Народите во светот се изморени од 50-годишните безуспешни обиди. Наскоро тие ќе ги уништат религиозните организации кои се слични на блудница. Тогаш, Исус Христос, ‚Царот над царевите и Господарот над господарите‘, заедно со својата војска од небесни војувачи, ќе ги отстрани сите човечки влади и ќе ги погуби сите оние кои не ја признаваат Божјата сувереност (Откровение 19:11-21; спореди Даниил 2:44). На тој начин Јехова Бог ќе донесе свет без војни.
[Фуснота]
a За темелна студија на пророштвото од Откровение за Големиот Вавилон, види ги поглавјата 33 до 37 од книгата Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!), издадена во 1988 година, од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
[Рамка на страница 7]
ХРИСТИЈАНСКОТО ГЛЕДИШТЕ ЗА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ
Во библиските пророштва, човечките власти честопати се претставени со диви ѕверки (Даниил 7:6, 12, 23; 8:20-22). Затоа, во текот на многу децении, списанието Стражарска кула ги изедначува дивите ѕверки, што се спомнати во 13. и 17. поглавје од Откровение, со денешните светски влади. Во нив спаѓаат и Обединетите нации, кои во Откровение 17. поглавје се претставени како црвена ѕверка со седум глави и десет рогови.
Меѓутоа, ова библиско гледиште не одобрува каква и да е форма на непочитување кон владите или кон нивните службеници. Библијата јасно изјавува: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога. Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, тие ќе паднат под осуда“ (Римјаните 13:1, 2).
Според тоа, Јеховините сведоци, кои задржуваат строга политичка неутралност, не се мешаат во човечките влади. Тие никогаш не подбуцнуваат револуции ниту, пак, учествуваат во дела на граѓанска непослушност. Наместо тоа, тие се согласуваат дека е неопходно некаква форма на владеење да спроведува закон и ред во човечкото општество (Римјаните 13:1-7; Тит 3:1).
Јеховините сведоци гледаат на Организацијата на обединетите нации исто онака како што гледаат и на сите други органи на светските влади. Тие признаваат дека Обединетите нации постојат со Божја дозвола. Во склад со Библијата, Јеховините сведоци им оддаваат должно почитување на сите влади и ги слушаат сѐ додека таквата послушност не бара од нив да грешат против Бог (Дела 5:29).