Дали е близу човечкиот „нов светски поредок“?
1. Како, во последните години, била изразена желбата за поголема политичка слобода?
МИЛИОНИ луѓе денес се наоѓаат во ропство на лажната религија, а многумина одлучуваат и да останат таму. Истовремено, сѐ повеќе луѓе бараат политички слободи. Во изминатите неколку години, необичните настани во Источна Европа и на други места, покажаа дека многу луѓе сакаат послободни облици на владеење. Поради тоа, многумина велат дека е на дофат нова ера на слобода. Претседателот на САД ја нарече „нов светски поредок“. Всушност, светските водачи насекаде велеа дека завршиле Студената војна и трката за вооружување и дека зазорила нова ера на мир за човештвото. (Спореди 1. Солунјаните 5:3.)
2, 3. Кои услови делуваат против вистинската слобода?
2 Сепак, дури и кога човечките напори би довеле до помалку оружје и послободни облици на владеење, дали би постоела вистинска слобода? Не, поради страшните проблеми што постојат во сите нации, вклучувајќи ги и демократските кадешто бројот на сиромашните се зголемува, а милиони се борат за економски да преживеат. Еден извештај на Обединетите Нации наведува дека и покрај напредокот во науката и медицината, секој ден ширум светот, просечно 40.000 деца умираат поради неисхранетост или од болести кои би можеле да се спречат. Еден стручњак на ова поле рекол: „Сиромаштвото поприма структурни карактеристики кои вистински ѝ се закануваат на иднината на човештвото“.
3 Освен тоа, повеќе луѓе од кога и да е порано се жртви на злосторства кои стануваат сѐ позлобни. Расните, политичките и религиозните омрази распарчуваат различни земји. Во некои места, состојбата не е далеку од она идно време што е опишано во Захарија 14:13, кога луѓето ќе бидат „толку збунети и исплашени што секој еден [ќе] го грабне човекот до него и ќе го нападне“ (Today’s English Version). Злоупотребата на дрога и сексуално преносливите болести се пандемични. Милиони луѓе се заразени со СИДА; само во САД, преку 120.000 веќе умреле од неа.
Робување на гревот и смртта
4, 5. Без разлика на слободите кои постојат денес, кој вид ропство ги држи сите во својата рака?
4 Меѓутоа, дури и кога не би постоел ниту еден од овие лоши услови, луѓето пак не би имале вистинска слобода. Сите сѐ уште би биле во ропство. Како тоа? За илустрација: Што би било кога некој диктатор би ги заробил сите на Земјата и би ги убил? Всушност, тоа му се случило на човештвото кога нашите први родители се побуниле против Бог и станале робови на Ѓаволовото угнетувачко владеење (2. Коринтјаните 4:4).
5 Кога Бог ги создал луѓето, имал намера да живеат на Земјата, засекогаш во совршенство, во рај, токму како што покажуваат 1. и 2. поглавје од 1. Мојсеева. Но поради побуната на нашиот прататко Адам против Бог, сите ние сме под смртна осуда уште од моментот кога сме зачнати: „Гревот влезе во светот преку еден човек [Адам, поглаварот на семејството на човештвото], а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек“. Како што вели Библијата, „смртта . . . царува“ (Римјаните 5:12, 14). Затоа, без разлика колку слобода можеби лично имаме, сите ние сме во ропство на гревот и смртта.
6. Зошто имало малку подобрувања во човечкиот животен век од запишувањето на Псалм 90:10 па до сега?
6 Освен тоа, животот што сега го имаме е многу ограничен. Дури и за среќните, тој трае само неколку децении. За несреќните, само неколку години или помалку. А една нова студија вели: „Науката и медицината го потиснале човечкиот век до неговата природна граница“. Тоа е затоа што несовршеноста и смртта се вградени во нашиот генетски систем како резултат на Адамовиот грев. Колку е жалосно тоа што живееме само 70 или 80 години. Тогаш кога би требало да стануваме помудри и поспособни да му се радуваме на животот, нашите тела опаднуваат и завршуваме во прав! (Псалми 90:10, Даничиќ–Караџиќ).
7. Зошто луѓето никогаш не можат да бидат изворот на вистинските слободи кои ги сакаме и кои ни се потребни?
7 Кој вид човечка влада може да го спречи ова ропство на гревот и смртта? Ниеден. Никакви владини службеници, научници или лекари никаде не можат да нѐ ослободат од проклетствата на болеста, староста и смртта, и ниту една не може да ја отстрани несигурноста, неправдата, криминалот, гладта и сиромаштвото (Псалми 89:48, ДК). Сеедно колку луѓето се добронамерни, ним им е невозможно да бидат изворот на вистинските слободи кои што ги сакаме и кои ни се потребни (Псалми 146:3, ДК).
Злоупотреба на слободната волја
8, 9. Што го довело човештвото во неговата сегашна жалосна состојба?
8 Човечкото семејство се наоѓа во оваа жалосна состојба поради тоа што Адам и Ева ја злоупотребиле својата слободна волја. Првото Петрово послание 2:16 според The Jerusalem Bible вели: „Однесувајте се како слободни луѓе, и никогаш не употребувајте ја слободата како изговор за злоба“. Според тоа, јасно е дека Бог немал намера човековата слобода да биде неограничена. Таа требало да се користи во границите на Божјите закони кои биле праведни и би служеле во корист на сите. А тие граници биле доволно широки за да дозволат голема лична слобода на изборот, така што Божјето владеење никогаш не би било угнетувачко (5. Мојсеева 32:4).
9 Меѓутоа, нашите прародители избрале сами да одлучуваат што е исправно, а што не. Бидејќи намерно излегле надвор од Божјиот закон, тој веќе не ги поддржувал (1. Мојсеева 3:17-19). Затоа станале несовршени, а резултатот бил болест и смрт. Наместо слобода, човештвото дошло во ропство на гревот и смртта. Исто така станале подложни на идеите на несовршените и честопати сурови човечки владетели (5. Мојсеева 32:5).
10. Како Јехова со љубов ги водел работите?
10 Бог им го дозволил на луѓето овој експеримент на наводно тотална слобода за еден ограничен временски период. Тој знаел дека резултатите, без никакво сомнение, ќе покажат дека човечкото владеење независно од Бог не може да успее. Бидејќи слободната волја, кога исправно се користи, е многу големо богатство, Бог во својата љубов привремено го дозволил она што се случило, наместо да го повлече дарот на слободна волја.
‚Човек не може да го управува својот чекор‘
11. Како историјата ја потврдила точноста на Библијата?
11 Историскиот извештај ја покажал точноста на Еремија, 10. поглавје, 23. и 24. стих, каде стои: „Не стои до човекот, кој оди, ниту да управува со својот чекор. Исправи ме, о Јехова“ (NW). Историјата ја покажала точноста и на Проповедник 8:9, каде се изјавува: „Човек владее над човек на негова несреќа“ (Ст). Колку вистинито! Човечкото семејство одело од една несреќа во друга, а крајот на сите е гробот. Апостол Павле прецизно ја објаснил состојбата кога рекол, како што е запишано во Римјаните 8:22: „Знаеме дека сето творештво заедно стенка и заедно се наоѓа во болка до сега“ (NW). Да, независноста од Божјите закони била погубна.
12. Што некои световни извори кажуваат за тоталната слобода?
12 Во книгата Инквизиција и слобода (Inquisition and Liberty) за слободата се коментира на следниов начин: „Независноста, сама по себе, не мора да биде доблест: тоа не е нешто со кое човек би се гордеел без понатамошно ограничување. Всушност, таа може едноставно да биде еден од пониските облици на себичност . . . Човекот не е и не може, без апсурдност, ниту да се стреми да биде потполно независно суштество“. И принц Филип од Англија еднаш рекол: „Слободата да се препуштиш на секој каприц и инстинкт може да биде привлечна, но искуството секогаш одново учи дека слобода без самовоздржување . . . и однесување без обѕирност спрема другите е најсигурниот начин да се уништи квалитетот на животот на едно општество, без разлика колку е богато“.
Кој знае најдобро?
13, 14. Единствено кој може да обезбеди вистинска слобода за човечкото семејство?
13 Кој знае најдобро како еден дом треба да биде организиран — љубезните, способни, искусни родители или малите деца? Одговорот е очигледен. Слично на тоа, Творецот на луѓето, нашиот небесен Татко, знае што е најдобро за нас. Тој знае како треба човечкото општество да се организира и управува. Тој знае како треба да се регулира слободната волја за таа да им донесе корист од вистинската слобода на сите. Само семоќниот Бог, Јехова, знае како да го извлече човечкото семејство од неговото ропство и да обезбеди вистинска слобода за сите (Исаија 48:17-19).
14 Во својата Реч, во Римјаните 8:21, Јехова го дава следново вдахновено ветување: „Самата творба ќе се ослободи од ропството на распадливоста за да учествува во слободата на славата на Божјите деца“ (Ст). Да, Бог ветува дека потполно ќе го ослободи човечкото семејство од неговата сегашна бедна состојба. Во следната статија ќе разгледаме како тоа ќе се случи.
Како би одговорил?
(Повторување од стр. 3 до стр. 8)
◻ Зошто слободата толку многу ги возбудува луѓето?
◻ На кои начини, низ историјата, луѓето биле заробени?
◻ Зошто Јехова толку долго ја дозволил злоупотребата на слободната волја?
◻ Кој единствено може да донесе вистинска слобода за целото човештво, и зошто?
[Слика на страница 7]
Човечкиот животен век е скоро ист како што е наведено пред 3.500 години во Псалми 90:10, (ДК).
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола од The British Museum