Слободен, но одговорен народ
„Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (ЈОВАН 8:32).
1, 2. а) Како слободата се истакнала во човечката историја? б) Кој единствено е вистински слободен? Објасни.
СЛОБОДА. Колку моќен збор! Човештвото претрпело неброени војни и револуции како и неброени општествени преврати поради желбата на луѓето да бидат слободни. Всушност, The Encyclopedia Americana наведува: ‚Во еволуцијата на цивилизацијата, ниеден друг концепт не одиграл позначајна улога од слободата‘.
2 Сепак, колкумина луѓе се вистински слободни? Колку од нив всушност знаат што претставува слободата? Во делото The World Book Encyclopedia пишува: „За луѓето да имаат потполна слобода, не смеат да постојат никакви ограничувања во начинот како размислуваат, зборуваат или се однесуваат. Тие мораат да бидат свесни за своите избори и мораат да ја имаат моќта да одлучуваат меѓу тие избори“. Со оглед на тоа, познаваш ли некого кој е вистински слободен? Кој може да рече дека нема ‚никакви ограничувања во начинот како размислува, зборува или се однесува‘? Всушност, само една личност во целиот универзум одговара на тој опис — Јехова Бог. Единствено тој има апсолутна слобода. Единствено тој може да направи избор каков што сака и потоа да го спроведе и покрај сите спротивставувања. Тој е „Семоќниот“ (Откривење 1:8, Стварност; Исаија 55:11).
3. Под кои услови луѓето обично уживаат слобода?
3 За малите луѓе, слободата може да биде само релативна. Обично ја дава некоја власт или ја гарантира и е поврзана со нашата подложност на таа власт. Всушност, скоро во секој случај, човек може да биде слободен единствено ако ја признае власта на оној кој ја гарантира неговата слобода. На пример, поединци кои живеат во „слободниот свет“ уживаат многу користи, како што се слобода на движење, слобода на говор, и верска слобода. Кој ги гарантира тие слободи? Законот на државата. Поединецот може да ги ужива само додека го слуша законот. Ако ја злоупотребува својата слобода и го прекршува законот, властите го сметаат за одговорен, а неговата слобода може драстично да се намали со затворска казна (Римјаните 13:1-4).
Божествена слобода — со одговорност
4, 5. На каква слобода се радуваат Јеховините обожаватели, и за што тој ќе ги смета одговорни?
4 Во првиот век Исус зборувал за слободата. На Евреите им рекол: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Тој не зборувал за слобода на говор или за верска слобода. Секако дека не зборувал ни за ослободување од римскиот јарем, по кое копнееле многу Евреи. Не, тоа било нешто многу поскапоцено, слобода што ја даваат не човечки закони или ќефот на некој човечки владетел, туку врховниот Суверен на универзумот, Јехова. Тоа било ослободеност од суеверие, слобода од религиозно незнаење и многу, многу повеќе од тоа. Слободата дадена од Јехова е вистинска слобода и таа ќе трае низ сета вечноста
5 Апостол Павле рекол: „Јехова е Духот; а каде е Јеховиниот дух, таму има слобода“ (2. Коринтјаните 3:17, NW). Низ вековите Јехова така постапувал со човештвото за оние кои се верни на крај да се радуваат на најдобриот и најголемиот вид на човечка слобода, „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21, NW). Во меѓувреме, Јехова ни дава одредена мера на слобода преку библиската вистина и нѐ смета за одговорни ако ја злоупотребиме таа слобода. Апостол Павле напишал: „Нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евреите 4:13).
6-8. а) Какви слободи уживале Адам и Ева, и под кој услов можеле да ги задржат тие слободи? б) Што изгубиле Адам и Ева за себеси и за своето потомство?
6 Одговорноста пред Јехова дошла до израз кога нашите први родители, Адам и Ева, биле живи. Јехова ги создал со скапоцениот дар на слободна волја. Сѐ додека одговорно ја користеле таа слободна волја, уживале и други благослови, како што се слобода од страв, слобода од болест, слобода од смрт и слободата да му пристапат на својот небесен Татко со чиста совест. Но кога ја злоупотребиле својата слободна волја, сето тоа се изменило.
7 Јехова ги поставил Адам и Ева во еденската градина, и за да уживаат им дал плодови од сите дрвја во градината — освен од едно. Тоа дрво го држел за себе; тоа било „дрвото за познавање на доброто и на злото“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Кога би се воздржувале да не јадат од плодот на тоа дрво, Адам и Ева би признале дека само Јехова е слободен да го поставува мерилото за тоа што е добро и лошо. Да постапеле одговорно и да се воздржале да не јадат од забранетиот плод, Јехова би продолжил да ги обезбедува нивните други слободи.
8 За жал, Ева го послушала лукавиот предлог на Змијата дека таа самата треба ‚да знае што е добро, а што зло‘ (1. Мојсеева 3:1-5). Прво таа, а потоа Адам, јаделе од забранетиот плод. Како резултат на тоа, кога Јехова Бог дошол да разговара со нив во еденската градина, тие се срамеле и се сокриле (1. Мојсеева 3:8, 9). Сега станале грешници кои го изгубиле чувството на слобода да му пристапат на Бог кое доаѓало од чиста совест. Поради тоа, ја изгубиле и слободата од болест и смрт, како за себеси така и за нивното потомство. Павле рекол: „Гревот влезе во светот преку еден човек [Адам], а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12; 1. Мојсеева 3:16, 19).
9. Кои се познати по тоа што добро ја употребиле онаа мера на слобода која ја уживале?
9 Сепак, човештвото сѐ уште имало слободна волја, и со текот на времето, некои несоврешени луѓе го користеле тоа на еден одговорен начин за да му служат на Јехова. Имињата на некои од нив се зачувани за нас уште од старо време. Мажи како Авел, Енох, Ное, Авраам, Исак и Јаков (наречен и Израел) се примери на поединци кои ја користеле мерата на слобода која сѐ уште ја уживале за да ја вршат Божјата волја. Како резултат на тоа, им одело добро (Евреите 11:4-21).
Слободата на Божјиот избран народ
10. Кои биле условите на сојузот којшто Јехова го склопил со својот посебен народ?
10 Во деновите на Мојсеј, Јехова ги ослободил синовите на Израел — кои тогаш се броеле на милиони — од ропството во Египет и склучил сојуз со нив така што станале негов посебен народ. Под тој сојуз, Израелците имале свештенство и систем од животински жртви кои ги покривале нивните гревови на еден симболичен начин. Според тоа, имале слобода да му пристапат на Бог во обожавањето. Имале и систем на закони и уредби за да ги држат слободни од суеверни обичаи и лажно обожавање. Подоцна, требало да ја добијат Ветената Земја како наследство, заедно со засигурувањето дека ќе имаат божествена помош против нивните непријатели. Сојузот од нивна страна барал Израелците да го држат Јеховиниот Закон. Израелците спремно ја прифатиле таа положба и рекле: „Сѐ што рекол [Јехова] ќе направиме и ќе послушаме“ (2. Мојсеева 19:3-8; 5. Мојсеева 11:22-25).
11. Каков бил резултатот кога Израел од своја страна не го држел сојузот со Јехова?
11 Повеќе од 1.500 години, Израелците биле во тој посебен однос со Јехова. Но секогаш одново пропуштале да го одржат сојузот. Постојано биле заведувани од лажното обожавање и доаѓале во ропство на идолопоклонство и суеверие, и затоа Бог дозволил нивните непријатели физички да ги заробат (Судии 2:11-19). Наместо да им се радуваат на ослободувачките благослови кои доаѓале од држењето на сојузот, тие биле казнети поради тоа што го прекршувале (5. Мојсеева 28:1, 2, 15). Конечно, во 607 пр. н. е., Јехова дозволил нацијата да биде поробена во Вавилон (2. Летописи 36:15-21).
12. Што на крајот станало јасно во врска со Мозаитскиот сојуз на Законот?
12 Тоа била тешка лекција за нив. Од тоа требало да ја научат важноста на држењето на Законот. Сепак, кога по 70 години Израелците се вратиле во сопствената земја, пак пропуштиле исправно да го држат сојузот на Законот. Скоро сто години по нивното враќање, Јехова им рекол на Израеловите свештеници: „Вие се отстранивте од овој пат, на многумина им послуживте како соблазан во Законот, го разрушивте заветот на Левија“ (Малахија 2:8). Навистина, дури и најискрените Израелци не можеле да ги задоволат мерилата на совршениот Закон. Наместо да биде благослов, според зборовите на апостол Павле, тој станал „клетва“ (Галатјаните 3:13). Јасно дека било потребно нешто повеќе од Мозаитскиот сојуз на Законот за несовршените, верни луѓе да бидат доведени до славната слобода на Божјите деца.
Природата на христијанската слобода
13. Каква подобра основа за слобода била дадена?
13 Тоа нешто повеќе била откупната жртва на Исус Христос. Околу 50 г. н. е., Павле му напишал на собранието на помазани христијани во Галатија. Тој опишал како Јехова ги ослободил од ропство на сојузот на Законот и потоа рекол: „Стојте така во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!“ (Галатјаните 5:1). На кој начин Исус ги ослободил луѓето?
14, 15. На кои прекрасни начини Исус ги ослободил Евреите и не-Евреите кои верувале?
14 После Исусовата смрт, Евреите кои го прифатиле како Месија и станале негови ученици, дошле под нов сојуз кој го заменил стариот сојуз на Законот (Јеремија 31:31-34; Евреите 8:7-13). Под тој нов сојуз, тие — како и не-еврејските верници кои подоцна им се придружиле — станале дел од нова духовна нација која го заменила телесниот Израел како Божји посебен народ (Римјаните 9:25, 26; Галатјаните 6:16). Како таков народ, тие ѝ се радувале на слободата којашто Исус ја ветил кога рекол: „Вистината ќе ве ослободи“. Освен тоа што ги ослободила од клетвата на Мојсеевиот Закон, вистината ги ослободила еврејските христијани од тешките традиции кои им ги наметнале религиозните водачи. А не-еврејските христијани ги ослободила од идолопоклонството и суеверието на нивното поранешно обожавање (Матеј 15:3, 6; 23:4; Дела на св. апостоли 14:11-13; 17:16). И имало многу повеќе од тоа.
15 Кога зборувал за вистината која ослободува, Исус рекол: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот“ (Јован 8:34). Бидејќи Адам и Ева погрешиле, секој поединец кој некогаш живеел бил грешник, а според тоа и роб на гревот. Единствениот исклучок бил самиот Исус, а Исусовата жртва ги ослободила верниците од тоа ропство. Вистина, тие сѐ уште биле несовршени и грешни по природа. Но сега можеле да се покајат за своите гревови и да молат за простување на темел на Исусовата жртва, сигурни дека нивните преколнувања ќе бидат слушнати (1. Јованово 2:1, 2). На темел на Исусовата откупна жртва, Бог ги прогласил за праведни и можеле да му пристапат со исчистена совест (Римјаните 8:33). Освен тоа, бидејќи откупнината отворила изглед за воскресение во бескраен живот, вистината ги ослободила и од стравот од смртта (Матеј 10:28; Евреите 2:15).
16. Како христијанската слобода вклучувала повеќе од која и да било друга слобода што ја понудил светот?
16 Од човечко гледиште, христијанската слобода на еден прекрасен начин била отворена за мажи и жени без разлика на нивната ситуација. Сиромашни луѓе, затвореници, дури и робови можеле да бидат слободни. Од друга страна, повластените луѓе од народите кои ја одбиле пораката за Христос, сѐ уште биле во ропство на суеверието, гревот и стравот од смртта. Никогаш не треба да престанеме да му заблагодаруваме на Јехова за оваа слобода што ја уживаме. Ништо од она што нуди светот не може ни одблизу да се спореди со неа.
Слободни, но одговорни
17. а) Како некои во I век ја изгубиле христијанската слобода? б) Зошто не треба да нѐ измами наводната слобода во Сатановиот свет?
17 Во првиот век, веројатно повеќето помазани христијани се радувале во својата слобода и ја задржале својата беспрекорност без разлика на цената. Но за жал, некои ја искусиле христијанската слобода со сите нејзини благослови, а потоа презриво ја одбиле и се вратиле во ропство во светот. Зошто така? Верата на мнозина без сомнение ослабела, и тие ‚се лизнале‘ (Евреите 2:1, NW). Другите ‚ја отфрлиле верата и добрата совест и претрпеле бродолом во верата‘ (1. Тимотеј 1:19). Можеби потпаднале под материјализам или под неморалниот начин на живот. Колку е важно да ја чуваме нашата вера и да градиме на неа, да бидеме зафатени со лично проучување, дружење, молитва и христијанска активност! (2. Петрово 1:5-8). Никогаш да не престанеме да ја цениме христијанската слобода! Вистина, некои може да ги искуша опуштеноста што ја гледаат надвор од собранието, мислејќи дека оние од светот се послободни од нас. Но всушност, она што изгледа како слобода во светот обично е само неодговорност. Ако не сме Божји робови, тогаш сме робови на гревот, а тоа ропство донесува горка плата (Римјаните 6:23; Галатјаните 6:7, 8).
18-20. а) Како некои станале ‚непријатели на маченичкиот столб‘? б) Како некои ‚ја употребувале својата слобода како маска за злобата‘?
18 Понатаму, во своето писмо до Филипјаните, Павле напишал: „Ги има многу, кои често ги споменував, но сега ги споменувам плачејќи, кои одат како непријатели на Христовиот маченички столб“ (Филипјаните 3:18, NW). Да, имало некогашни христијани кои станале непријатели на верата, можеби така што станале отпадници. Колку е важно ние да не го следиме нивниот пат! Понатаму Петар напишал: „Бидете како слободни луѓе, но сепак задржете ја својата слобода но не како маска за злобата, туку како Божји робови“ (1. Петрово 2:16, NW). Како може некој поединец да ја држи својата слобода како маска за злобата? Со тоа што прави сериозни гревови — можеби тајно — додека сѐ уште е поврзан со собранието.
19 Сети се на Диотреф. За него Јован рекол: „Диотреф, кој меѓу нив радо го зазема првото место [во собранието], ништо не прима од нас со почитување. . . . Ниту ги прима браќата со почитување, а оние кои сакаат да ги примат, бара да ги спречи и да ги исфрли од собранието“ (3. Јованово 9, 10, NW). Диотреф ја употребувал својата слобода како маска за сопствената себична амбиција.
20 Ученикот Јуда напишал: „Се провлекле некои луѓе коишто Писмата одамна ги одредиле за овој суд, безбожни луѓе, кои незаслужената доброљубивост на нашиот Бог ја извртуваат во изговор за распуштеноста и се покажуваат лажни спрема нашиот единствен Сопственик и Господ, Исус Христос“ (Јуда 4, NW). Додека се дружеле со собранието, тие поединци вршеле расипничко влијание (Јуда 8-10, 16). Во Откровение читаме дека во собранијата во Пергам и Тијатира имало секташтво, идолопоклонство и неморал (Откровение 2:14, 15, 20-23). Каква злоупотреба на христијанската слобода!
21. Што ги очекува оние кои ја злоупотребуваат својата христијанска слобода?
21 Што ги очекува оние кои ја злоупотребуваат својата христијанска слобода на ваков начин? Сети се што му се случило на Израел. Израел бил Божјиот избран народ, но Јехова најпосле го отфрлил. Зошто? Затоа што Израелците го користеле својот однос со Бог како маска за злобата. Се фалеле дека се синови на Авраам, а го отфрлиле Исус, Семето на Авраам и Јеховиниот избран Месија (Матеј 23:37-39; Јован 8:39-47; Дела на св. апостоли 2:36; Галатјаните 3:16). „Божјиот Израел“ како целина нема да се покаже на тој начин неверен (Галатјаните 6:16). Но кој и да било поединечен христијанин којшто создава духовна или морална загаденост, на крај ќе се соочи со укор, дури и со неповолна осуда. Сите ние сме одговорни за тоа како ја употребуваме нашата христијанска слобода.
22. Каква радост доаѓа за оние кои ја употребуваат својата христијанска слобода за да му робуваат на Бог?
22 Колку е подобро да робуваме за Бог и така да бидеме вистински слободни. Само Јехова ја дава слободата којашто вистински вреди. Изреката вели: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“ (Соломонови изреки 27:11). Да ја употребуваме нашата христијанска слобода за Јеховино оправдување. Ако така правиме, нашите животи ќе имаат смисла, ќе му донесеме радост на нашиот небесен Татко, и на крај ќе бидеме меѓу оние кои ѝ се радуваат на славната слобода на Божјите синови.
Можеш ли да објасниш?
◻ Кој единствено е вистински слободен?
◻ На кои слободи им се радувале Адам и Ева, и зошто ги изгубиле?
◻ Какви слободи уживале Израелците кога го држеле својот сојуз со Јехова?
◻ Какви слободи настапиле за оние кои го прифатиле Исус?
◻ Како некои во првиот век ја изгубиле или ја злоупотребиле својата христијанска слобода?
[Слика на страница 13]
Слободата што ја дал Исус била многу подобра од каква и да е слобода што може да ја даде човек