Апсолвентите на Гилеад го прифаќаат дарот на мисионерска служба
НА 1 март 1992, 22-та членови на 92. дипломиран клас на Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула, прифати еден дар — дарот на мисионерска служба. Кога му се обрати на класот, Лојд Бери од Водечкото тело, наведе: „Примете го тој прекрасен дар со голема радост, и употребете го за да им донесете радост на другите“.
Околу 4.662 поканети гости и членови на бетелската фамилија се собраа во Конгресната сала Џерси Сити, во Њу Џерси, на промоционата програма. Уште 970 други во њујоршките простории на Друштвото Стражарска кула во Бруклин, Волкил и Патерсон беа поврзани со телефонска линија. Сите внимателно слушаа додека на апсолвентите им беа дадени некои совети за разделба кои ќе им помогнат високо да го ценат дарот на мисионерската служба и мудро да го употребат.
Програмата започна со одушевувачко пеење на песната број 155, „,Примајте се еден со друг‘!“ Потоа сите беа трогнати кога Фредерик В. Франц, 98-годишниот претседател на школата Гилеад, кажа срдечна молитва. Потоа, претседавачот Кери Барбер од Водечкото тело, им изрази добредојде на промоционата програма на сите и рече: „Никогаш немало поголема потреба од Гилеад мисионери отколку денес“. После своите коментари, тој најави циклус од кратки и корисни говори.
Првин зборуваше Кертис Џонсон од Одборот на бетелскиот дом и ја разви темата: „Добро грижи се за твојата градина“. Брат Џонсон наведе дека кога овие нови мисионери ќе стигнат до своите доделби, секој од нив ќе одгледува духовна градина (1. Коринтјаните 3:9). Јеховиниот народ ширум светот е духовна градина која пушта никулци на праведност и фалба пред сите нации (Исаија 61:11). ‚Како ќе се грижите за вашата духовна градина во иднина‘, нагласи предавачот, ‚ќе има големо влијание на вашиот успех во мисионерската задача‘. Што ќе им помогне да се грижат добро за нивните духовни градини? ‚Јехова може да биде заштитен ѕид околу вашата духовна градина. Ако си одлучен да развиваш добри дела, да се држиш блиску до него во молитва, а потоа да постапуваш во согласност со твоите молитви‘.
Потоа, Лојд Бери говореше на темата „Радувајте се секогаш во Господа“ (Филипјаните 4:4). Со над 25-годишното мисионерско искуство во Јапонија како извор на информации, тој имаше некои практични предлози за да им помогне на апсолвентите да му се радуваат на дарот на мисионерска служба. Тој забележа: ‚Ќе откриете дека радоста што ја имате во Божјата служба, ви помага да ги совладате многуте стресови, а можеби и некои од физичките проблеми со кои ќе се сретнете‘ (Соломонови изреки 17:22). Тој ги потсети апсолвентите дека можеби ќе се соочат со околности и ситуации кои се сосема поинакви од она на што се навикнати. Можеби ќе мораат да научат нов јазик. ‚Ќе морате напорно да се трудите да го научите јазикот. Но кога ќе можете слободно да комуницирате со луѓето на нивниот јазик, и тоа ќе ја зголеми вашата радост‘.
Потоа говореше Елдор Тим од Одборот на печатниците, на тема: „Држи ги своите очи кон наградата“. Која е наградата? Бескраен живот! За да ја добиеме, мораме да ги држиме очите вперени во неа. Говорникот дискутираше за некои сличности и разлики помеѓу христијаните во трката на животот и тркачите во атлетските натпревари од првиот век. Како тркачите, и христијаните мораат многу да тренираат, да се држат за правилата и да се ослободат од тегобни тежини. Но за разлика од дословните тркачи, христијаните се во доживотна трка и во потрага по награда која е бескрајна. Наместо да има еден победник, сите кои ќе ја истрчаат трката на животот до крајот, ќе ја добијат наградата. Брат Тим заклучи: ‚За да ја добиеме наградата на животот, мораме да бидеме во мир со Јехова, Дарителот на наградата. А за да бидеме во мир со Јехова, мораме да бидеме во мир со нашите браќа‘.
Милтон Хеншел од Водечкото тело потоа зборуваше на темата „Преку утехата од Писмата, имаме надеж“ (Римјаните 15:4). ‚Последните пет месеци‘, започна говорникот, ‚зафатени сте со Библијата. Се изградила голема блискост. Имате цврста надеж. Кога ќе одите на вашите доделби, ве молам сетете се зошто вашата надеж е толку цврста. Затоа што сте останале блиску до Писмото‘. За да покаже пример на библиски извештај кој влева надеж, говорникот се осврна на Судиите 6. до 8. поглавје, кои раскажуваат за тоа како Гедеон бил овластен да го ослободи Израел од Мадијамското угнетување. После разгледувањето на извештајот и на неговото значење за наше време, тој наведе: ‚Кога имаш прилика да се приближиш до Писмото и да размислуваш за овие работи, тоа те освежува. Добиваш храброст‘.
Сите беа нестрпливи да чујат каков совет за разделба ќе им дадат на студентите двајцата главни предавачи на школата. Џек Редфорд прво зборуваше на темата „Исправно постапувај“. Тој ги потсети апсолвентите: ‚Во Гилеад бевте темелно поучени за она што е исправно според Писмото. Сега ќе одите на предизвикувачки мисионерски доделби. А знаеме дека можеби ќе наидете на тешки проблеми по патот. И покрај тоа, и покрај вашите сопствени чувства, знаеме дека можете исправно да постапите‘. Што ќе помогне? Како прво, да се има исправно гледиште за другите. Говорникот рече: ‚Не очекувајте совршенство од несовршенство‘. Да се има исправно гледиште за искушувачките ситуации, може исто така да помогне. ‚Сите ние имаме свои добри и лоши моменти во животот‘, забележа тој. ‚Секој може да ги реши добрите. Но како ќе ги решавате лошите е она што ќе одреди дали ќе истраете во мисионерската служба‘ (Јаков 1:2-4).
Секретарот на школата, Јулисис Глас, ја избра темата „Каква надеж за иднината?“ Со татковски тон, тој ги охрабри апсолвентите да ја одржуваат својата надеж жива (Соломонови изреки 13:12). Тој објасни: ‚Почетокот на губење на надежта одвај може да се забележи‘. ‚Околностите можат да нѐ направат да бидеме преокупирани со себеси наместо со нашиот однос со Бог. Би можеле да се разболиме или да мислиме дека другите лошо постапуваат со нас. Некои би можеле да имаат повеќе материјални работи од нас или можеби имаат подобри резулати во службата и би можеле донекаде да бидеме љубоморни. Ако некогаш дозволиме таквите работи постепено да нѐ обземат, реалноста на надежта за Царството наскоро ќе ни избледи во срцето и мислите, и би можеле дури да престанеме со истрајноста во трката на животот‘. Што може да се стори? ‚Мора да се преземе позитивно постапување ако сакаме да ја оживееме нашата надеж. Мораме мислите и срцето да ги полниме со сигурните Божји ветувања и да свртиме целосно внимание кон реалноста на Божјето Царство. И мораме да ја обновиме нашата комуникација со Јехова, затоа што тоа сигурно ќе води до радост‘.
Карл Клајн од Водечкото тело го изнесе поздравниот говор на промоцијата. Неговата тема беше „Зошто да се биде понизен?“ И кој е одговорот на тоа прашање? ‚Затоа што тоа е исправно и праведно и затоа што е мудро и љубезно‘, објасни тој во своите уводни зборови. Публиката со интерес слушаше додека тој разгледа четири примери на понизност кое е добро да ги имитираме: 1) Јехова Бог, кој сигурно бил понизен кога постапувал со Авраам и Мојсеј (1. Мојсеева 18:22-33; 4. Мојсеева 14:11-21; Ефесјаните 5:1); 2) Исус Христос, кој ‚се понизил и станал послушен дури до смрт на маченички столб‘ (Филипјаните 2:5-8, NW; 1. Петрово 2:21); 3) апостолот Павле, кој ‚му робувал на Господ со најголема понизност на умот‘ (Дела на апостолите 20:18, 19, NW; 1. Коринтјаните 11:1); и 4) ‚оние кои предводат меѓу нас‘, како што бил првиот претседател на Друштвото, брат Расел, кој еднаш напишал: „Делото во кое на Господ му било угодно да ги користи нашите понизни таленти, повеќе е дело на реконструкција, исправање и ускладување отколку на создавање“ (Евреите 13:7, NW). Братот Клајн истакна натамошни добри причини за да се биде понизен. Секако, внимавањето на советот да се биде понизен ќе им помогне на апсолвентите мудро да го користат дарот на мисионерска служба!
После тие забелешки, претседавачот ги најави поздравите од различни делови на Земјата. Сега дојде времето апсолвентите да ги добијат своите дипломи. Тие дојдоа од седум земји — Канада, Маврициус, САД, Финска, Франција, Холандија и Шведска. Но нивните мисионерски задачи ги носат во 11 земји — Боливија, Венецуела, Гватемала, Гренада, Естонија, Маврициус, Перу, Того, Турција, Унгарија и Хондурас.
По паузата, попладневната програма започна со скратено проучување на Стражарска кула која ја водеше Џоел Адамс од Одборот на службеното одделение. После тоа, апсолвентите раскажаа некои искуства од службата на проповедање на кои им се радувале во текот на школскиот семестар. На крајот, беше прикажана драмата Зошто да се почитува теократскиот ред? за изградување на целата публика, вклучувајќи ги и апсолвентите.
Навистина, овие апсолвенти заминаа на своите странски доделби со совети и охрабрувања кои ќе им помогнат да го користат дарот на мисионерската служба за да донесат радост не само себеси, туку и на другите.
[Табела на страница 22]
Статистички податоци на класот
Број на застапени земји: 7
Број на доделени земји: 11
Број на студенти: 22
Просечна старост: 33,4
Просек на години во вистина: 16,7
Просек на години во полновремена служба: 11,8
[Слика на страница 23]
92. клас апсолвенти на Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула
Во долниот попис редовите се наброени од напред спрема назад, а имињата за секој ред се наведени одлево надесно.
1) Чан Чин Ва, М; Буанше, Н.; Чепмен, Б; Остберг, А.; Коул, Л.; Џексон, К; Мервик, А. 2) Смит, Џ.; Волин, К.; Чепмен, Р.; Габур, Н.; Чан Чин Ва, Џ; Смит, К; Едвик, Л.; 3) Буанше, Е.; Остберг, С; Коул, К.; Џексон, Р.; Габур, С.; Едвик, В.; Мервик, Р.; Волин, Г.