Апсолвентите на Гилеад стапуваат на наградувачки животен пат
”КОЛКУ среќен настан е ова, промоцијата на 90.-от клас на Гилеад!“ Со овие зборови претседавачот, Карл Ф. Клајн од Водечкото тело, ја отвори програмата на промоцијата. Присеќавајќи се на времето кога Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула започна со работа, тој додаде: ”Кој можеше и да помисли во 1943, кога беше промовиран првиот клас на Гилеад, дека 48 години подоцна повторно ќе бидеме соберени на промоција на уште еден клас — на деведесеттиот?“
Сепак, на 3. март 1991, еден необично топол ден во Њу Џерси за тоа доба од годината, повеќе од 4 000 поканети гости и членови на бетелската фамилија се собраа во конгресната сала во Џерси Сити, токму преку реката од Њујорк Сити, на промоцијата на новите мисионери. Пред прифаќањето на мисионерскиот начин на живот, апсолвентите ќе примат некои проштални совети на денот на својата промоција.
Програмата започна со песна. После тоа сите присутни беа длабоко трогнати кога Фредерик В. Франц, 97-годишниот претседател на Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула, ја изрече уводната молитва. Потоа, по уводните напомени на претседавачот, апсолвентите — и сите присутни — внимателно слушаа низа од кратки, практични говори.
Прво говореше Макс Х. Ларсон од Одборот на печатницата, на тема ”Соработници со Јехова“. Откако го сврте вниманието на арката за спасување што ја изградиле Ное и неговото семејство, тој рече: ’Денес Јехова собира ширум светот милионско семејство и има намера тоа големо семејство да го спроведе низ големата неволја.‘ Како? Па, со помош на денешната арка — духовниот рај! ’Вие ќе заминете во различни делови на Земјата, кадешто ќе бидете Јеховини соработници во изградбата на днешната арка.‘ Подготвувајќи ги на она што ги чека, рекол: ’Ве чека работа. Морате да покажувате трпеливост. Ќе наидувате на препреки. Затоа ќе ви треба вештината која ја добивте со поучувањето.‘
Даниел Сидлик, член на Водечкото тело, неодамна се состана со долгогодишните мисионери од Јапонија и Костарика. Изнесувајќи ја темата ”Пред вас е наградувачки животен пат“, со присутните сподели некои корисни предлози што ги собрал од тие успешни мисионери. Една сестра, објасни тој, прифатила некои совети што ѝ ги дала нејзината мајка: ’Имај љубов спрема службата на проповедање. Склопувај пријателства со луѓето. Жртвувај го својот живот за другите и тоа ќе значи среќа за тебе.‘ Една друга сестра рекла: ”Во текот на годините увидовме дека нема да дадеме лесно да се разочараме ако не очекуваме премногу од другите. Секој акт на љубезност и внимание кон нас многу ни значи.‘ Примената на таквите практични совети несомнено ќе им помогне на апсолвентите и самите да станат успешни мисионери.
”Бидете долготрпеливи спрема сите“, пишува во 1. Солунјаните 5:14 (NW). Леон Вивер од Одборот на службеното одделение даде коментар на овој стих во својата тема ”Бидете трпеливи во сите свои активности“. Кој сѐ е вклучен во оние спрема кои мораме да покажуваме трпеливост? Говорникот одговори: ”Оние кои ги среќавате во службата на проповедање. Браќата и сестрите во вашите нови собранија. Вашите соработници мисионери. Оние во подружницата. Вашиот брачен другар. Вие самите.‘ Зошто треба да се биде трпелив во сите наши активности? ’Браќа и сестри‘, објасни говорникот, ’трпеливоста го смалува притисокот и грижата. Трпеливоста допринесува за мирот. Трпеливоста ја одржува надежта жива. Трпеливоста ни помага да ја поддржуваме радоста во служењето.‘
Алберт Д. Шредер, член на Водечкото тело и прв секретар на Гилеад школата, беше следниот говорник. Говорејќи на темата ”Продолжете да го следите својот пример — Исус Христос“, своите коментари ги темелеше на 2. поглавје од писмото до Филипјаните. ”Сочувајте го во себе истиот душевен став [”Внимавајте на тоа“, фуснота], којшто беше и во Христос Исус“, стои во 5. стих (NW). ’Тоа укажува‘, објасни говорникот, ’дека треба урамнотежено да размислуваме, токму како што и самиот Исус размислувал урамнотежено.‘ После тоа, почнувајќи со 6. стих, изнесе занимлива анализа, покажувајќи дека Павле најпрво пружа докази дека Исус урамнотежено размислувал (стихови 6-8), а потоа накусо ги изложува начините на кои Јехова го наградил заради неговиот послушен начин на живот (стихови 9-11). ’Тоа е дел од вашата предност‘, заклучи тој, ’да го проповедате Господ Исус Христос, помагајќи им на другите да го имаат истиот душевен став како што имал тој.‘
Кои проштални зборови за своите ученици ги имаа учителите во школата? Џек Д. Редфорд зборуваше на тема ”Способноста на размислување ќе внимава на тебе“ (Изреките 2:10, 11). ’Кога ќе заминете одовде‘, објасни тоа, ’вашата среќа нема да зависи од тоа кои сте или што имате или можеби од фактот дека сте апсолвенти на Гилеад школата. Вашата среќа ќе зависи од тоа како размислувате. Ако ја применувате својата способност на размислување и своето знаење, ќе бидете среќни.‘ Покажувајќи ја важноста на способноста на размислување, тој објасни: ’Разликата помеѓу исправното и погрешното постапување е во размислувањето. Она за што размислувате го одредува она што го правите.‘ Џ. Д. Редфорд заклучи со следните зборови на охрабрување упатени до апсолвентите: ’Во светот има мошне многу интелигентни луѓе кои се лоши мислители, и многу такви со просечна интелигенција кои станале вешти мислители. Затоа, стекнувајте ја таа вештина. Бидете одлучни да го користите својот разум. Користете го своето знаење. Бидете им дораснати на проблемите. Сложувајте се со луѓето. Уважувајте ја власта. Бидете продуктивни во своето дело. Истрајте во својата задача.‘
Јулисис В. Глас, секретар на школата, ја избра темата ”Јехова е помош за нашите раце“, темелена на Псалми 37:23, 24. ’Морам да го пофалам овој клас’, забележа тој, ’поради неговата желба за учење.‘ Ги потсети на некои облици на помош која Јехова ја пружа за нивна поддршка — Божјата реч, верниот и разумен роб кој под Исусово водство пружа значење и разбирање на Писмото, различните публикации, состаноци и конгреси. ’Помошта која сте ја користеле во своето проучување‘, продолжи тој, ’е како духовен стап и прат. Ни требаат како духовна поддршка, а тие исто така нѐ оспособуваат да зборуваме со авторитет кога им ја пренесуваме на другите Божјата реч.‘ Во заклучокот на апсолвентите им ги упати следните совети: ’Ако вашето срце е исполнето со љубов спрема луѓето, луѓето со искрено срце ќе одговорат. Ќе бидете успешни во службата и ќе знаете дека Јехова ги помага вашите раце.‘
Последниот говорник во утринската програма беше Кери В. Барбер од Водечкото тело, кој ја одбра темата ”Влезете на тесната врта“. Осврнувајќи се на Лука 13:23, 24, тој забележа: ’Многумина ги сакаат животните благослови, но многу малку од нив се спремни силно да се напрегаат за да ги добијат.‘ Што е со нас? ’Добро е да се запрашаме: ”Што за мене лично значи споредбата за тесната врата?“‘ Оние кои пропуштаат да влезат на тесната врата, го пропуштаат тоа не затоа што тоа е невозможно, туку затоа што не сакаат да се напрегаат. ’Јехова не бара од нас премногу‘, објасни говорникот. ’Со Јеховина помош‘, заклучи тој, ’нека сите ние радосно и силно се напрегаме во доволна мерка да се провлечеме низ тесната врата во новиот свет на вечен живот, мир, радост и среќа, на Јеховина вечна слава!‘
После тие говори, претседавачот ги пренесе поздравите кои стигнаа од разни делови на Земјата. Сега дојде времето апсолвентите да ги примат дипломите. Тие стигнаа од шест земји — Канада, Финска, Германија, Велика Британија, Швајцарија и САД. Меѓутоа, нивните задачи ќе ги одведат во земјите како Агентина, Бенин, Боливија, Доминиканската Република, Папуа Нова Гвинеја, Перу, Санта Луција и Тајван. А како се чувствуваа апсолвентите на денот на својата промоција? Во трогателното писмо упатено до Водечкото тело и бетелската фамилија, помеѓу другото напишаа: ”Уверени сме во поддршката на Водечкото тело, бетелската фамилија и целата Јеховина организација. Додека ќе се соочуваме со искушенијата кои нѐ чекаат, таа поддршка за нас ќе биде нешто драгоцено. Навистина сме благодарни за тоа.“
После паузата, попладневната програма започна со сиже на студијата на Стражарска кула, кој го водеше Карл К. Адамс. После тоа апсолвентите раскажаа животни искуства за достигнувањето на срцата при поучувањето на Божјата реч. На крајот сите присутни, вклучувајќи ги и апсолвентите на 90. клас, се радуваа на современата драма под наслов Да се избегнат животните грижи, што ја прикажаа месните објавители.
Претседавачот, Карл Клајн, им се обрати на сите кога во своите заклучни напомени рече: ”Навистина ни беше задоволство да бидеме овде на трети март 1991!“ Прекрасната програма заврши со заклучна песна, после кое уследи молитва од Харолд Џ. Диз.
[Рамка на страница 27]
Статистички податоци за класот
Број на застапени земји: 6
Број на доделени земји: 10
Вкупен број на студенти: 24
Просечна старост: 31,2 години
Просек на години во вистина: 15
Просек на години во полновремена служба: 11
[Слика на страница 26]
90-ти клас апсолвенти на Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула
Во долниот попис, редовите се наброени однапред спрема назад, а имињата за секој ред се наведени одлево надесно. (1) М. Милер; С. Хелениус; Л. Марш; А. Клееман; И. Лузли; Х. Низан (2) Р. Скуген; Д. Нутер; Е. Ноак; Л. Диел; Џ. Хер (3) К. Марш; Х. Хелениус; М. Лузли; А. Данио; А. Данио; Д. Низан (4) Л. Милер; Џ. Ноак; Л. Хер; В. Клееман; Д. Скуген; С. Диел; В. Нутер.