Повеќе мисионери за светската жетва
ЗА земјоделците септември е месец на жетва, но на 8. септември 1991 едно многу поважно дело на жетва привлече големо мноштво во Конгресната сала на Јеховините сведоци во Џерси Сити, токму наспроти реката Хадсон на Њујорк Сити. Таму се одржа промоцијата на 91. клас на Библиската Гилеад школа на Стражарска кула. Беа присутни 4 263 члена на бетелската фамилија и поканети гости, а во централата во Бруклин, како и на фармите во Волкил и Патерсон, преку телефонска линија беа поврзани уште 1 151.
Претседателот на Гилеад школата, Фредерик В. Франц, стар близу 98 години, ја отвори програмата со трогателна молитва, полна со длабоко почитување. Алберт Д. Шредер, член на Водечкото тело и поранешен секретар и предавач во школата, служеше како претседавач на промоционата програма. Тој ги потсети присутните на Псалми 2:1, 2 и на другите пророштва кои го претскажуваат ова време на потресување и метеж меѓу народите. Оваа состојба на раздор значи отварање на многу нови полиња за делото на жетвата.
Првиот говор во денот го одржа Џорџ Кауч, член на бетелскиот одбор. Неговата тема беше „Избројте ги своите благослови“. Тој ги потсети студентите на Гилеад дека никогаш не е прерано да почнат со таквата практика. Тој забележа дека студентите сигурно лично биле благословени, но дека тие благослови дошле дури после многу тешка работа. Слично и 97-годишниот Јаков цела ноќ се борел со еден ангел — сѐ со цел да добие благослов (1. Мојсеева 32:24-32). Братот Кауч ги поттикна студентите да не се задржуваат на негативни мисли туку да бидат благослов за другите со тоа што ќе негуваат мир во мислите преку молитва и одлучност.
Потоа зборуваше Џон Бар од Водечкото тело, на тема „Имајте љубов помеѓу себе“. Исусовите следбеници биле спремни да умрат еден за друг. „Дали вие чувствувате дека ваква љубов извира од вашите срца?“, ги праша тој студентите. „Без оваа љубов“, рече тој, „ние сме ништо. Тоа е едноставно така“ (1. Коринтјаните 13:3). Брат Бар наброи некои практични начини за покажување на љубов. Ги охрабри студентите спрема другите мисионери да се однесуваат со почитување, и секогаш да бараат тактичен начин да ги кажат своите ставови. ‚Заборавете ги ситните недоразбирања‘, ги советуваше тој, цитирајќи ја 1. Петрово 4:8. Наведе дека дури и мисионерскиот ден за готвење е прилика кога може да се покаже љубов со тоа што на него ќе се гледа како на нешто повеќе отколку само површна должност. Тој ги потсети студентите: „Никогаш нема да престанеме да им должиме љубов на нашите браќа и сестри“ (Римјаните 13:8).
„Колку сте доверливи?“ беше насловот на интересната тема која ја изнесе Дејвид А. Олсон од Одборот на службеното одделение. Тој истакна две подрачја на доверба: во Јехова и неговата организација, за кое имаме безброј причини (Изреките 14:6; Еремија 17:8); и во себе. Мисионерите имаат причина за извесна мера на самодоверба, со оглед на нивното минато како слуги и на довербата што ја имаат во нив Јехова и неговата организација. Апостол Павле покажал таква доверба од слични причини (1. Коринтјаните 16:13, Ст; Филипјаните 4:13, ДК). Сепак, брат Олсон ги предупреди на претераната самоувереност која ја унапредува светот, според примерот на еден славен писател кој наводно рекол: „Често се цитирам самиот себеси. Тоа е како зачин за мојот разговор“. Меѓутоа, довербата урамнотежена со понизност може да влее доверба во другите. Тоа секако било вистина во случајот на Павле (Филипјаните 1:12-14).
Лајман А. Свингл од Водечкото тело беше следниот кој ги подбуди студентите: „Кон полињата што треба да се ожнеат, вие апсолвенти на Гилеад!“ Тој рече дека ова е ден на жетва за Гилеад школата и за светското братство, и дека апсолвентите треба да одат и да им се придружат на илјадниците претходни студенти кои се сѐ уште во мисионерското дело — дури и некои уште од првиот, вториот и третиот клас од 1940-тите! Брат Свингл забележа дека тогаш на почетокот никој не знаел дека мисионерското дело ќе трае/продолжи и во наредните 50 години, или дека нацизмот, фашизмот и останатите владини бариери поставени пред делото на проповедање, ќе се распаднат. „Ако сме исполнети со стравопочитување од она што Јехова го направил во минатото“, праша тој, „што е со иднината?“ Тој заклучи со одушевувачкиот повик упатен до студентите: „На полето!“
Потоа, на 91. клас за последен пат му се обратија двајцата главни предавачи во Гилеад школата. Џек Д. Редфорд зборуваше на темата „Здобијте се со мудрост“. Гилеад школата, им рече на студентите, поучува за спознание и разбирање, но тие мораат да се здобијат со мудрост, со способност да го употребуваат своето спознание на исправен начин. Тој ги поттикна студентите да ја остават приказната дека во Гилеад научиле сѐ. „Важно е она што ќе го научите после школата“. Помеѓу другото тие мораат да научат: да постапуваат мирољубиво со луѓето, да бидат спремни да му кажат „Извини“ на брачниот другар, на другите мисионери и на месните браќа и сестри; да бидат претпазливи да не им веруваат на првите впечатоци и да сфатат дека секој проблем е сложен и бара продлабочено разбирање на околностите пред да се даде мудар совет; и да ги почитуваат месните браќа заради нивната способност да се снајдат во тешки околности (Приче Соломунове 15:28, ДК; 16:23, NW; Јаков 1:19).
Јулисис В. Глас, секретарот на Гилеад школата, одржа говор на темел на Филипјаните 3:16. Тој го пофали класот за напредокот што го постигнале и ги поттикна да продолжат во согласност со овој стих. И покрај тоа што студентите ќе продолжат да стекнуваат точно спознание, забележа тој, тие никогаш нема да знаат сѐ. Тој ја илустрира оваа мисла со еден дигитален часовник. Неговиот сопственик можеби знае како да управува со неговите функции без да знае точно како тој всушност работи. Слично на тоа, мисионерите не треба со презир да гледаат на оние кои, иако иако не можат да се мерат со својата длабочина на спознание, знаат што е важно — како да се плашат од Јехова (Изреките 1:7). Тој го потсети класот за важноста да се задржи ‚едноставно око‘ (Матеј 6:22, NW). Духовното око може да се расипе исто како што може и физичкото око. На пример, некои имаат стеснета перспектива — толку се сосредоточени на неколку детаља што не можат да ја видат целата слика — додека други, напротив, ги гледаат само споредните прашања па вниманието секогаш им е одвратено од клучните прашања кон кои треба да се свртат.
Последниот говор претпладнето беше со наслов „Да се идентификуваме и да работиме со Јеховината организација“, а го одржа брат Теодор Џерец од Водечкото тело. Брат Џерец напомена дека додека во светот постојат илјадници организации и друштва, само една од сите нив не потекнува од светот. Како да се препознае онаа која го претставува Јехова? Божјата реч ги пружа препознатливите ознаки. Библијата покажува дека небесните творби се извонредно организирани (Псалми 102:20, 21; Исаија 40:26). Јеховината земска организација исто така е препознатлива по својата уредност како и по својата одвоеност од светот, по своето точно следење на Библиските начела, своето високо ниво на морална чистота и по љубовта помеѓу нејзините членови. Братот Џерец ги поттикна студентите на Гилеад на своите доделени задачи да им помогнат на колку што е можно повеќе луѓе да се идентификуваат со Јеховината организација преку Писмото. Во врска со тоа, тој даде едно возбудливо известувања: Гилеад школата наскоро ќе стане двојно побројна, со околу 50 студенти во 93-от клас! Исто така, скоро во исто време во Германија ќе започнат да се одржуваат часови во Проширената Гилеад школа. Аплаузот беше долг и гласен.
Како кулминација на претпладнето, сите 24 студенти на Гилеад добија диплома. Наскоро тие ќе бидат на својот пат до 12 различни земји ширум светот. Класот изнесе срдечна резолуција благодарејќи им на Водечкото тело и на бетелската фамилија. После ручекот, Брат Чарлс Џ. Рајс од Одборот на фармите на Стражарска кула одржа скратена студија на Стражарска кула. Потоа студентите одржаа живописна програма, прикажувајќи некои од искуствата кои што ги доживеале во службата на проповедање за време на својот петмесечен курс во Волкил, Њујорк. После тоа, објавители од неколку месни собранија изведоа драма под наслов Млади кои сега се сеќаваат на својот Творец.
На крајот од програмата, брат Џорџ Гангас, 95-годишен член на Водечкото тело, изрече својствена жива молитва до Јехова. Присутните заминаа со високо расположение, без сомнение секој поттикнат да има поголем удел во светското дело на жетвата.
[Рамка на страница 22]
Статистистички податоци на класот
Број на застапени земји: 6
Број на доделени земји: 12
Број на студенти: 24
Број на венчани парови: 12
Просечна старост: 33,4
Просек на години во вистина: 16,13
Просек на години во полновремена служба: 11,3
[Слика на страница 23]
91. клас апсолвенти на Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула
Во долниот попис, редовите се наброени од напред спрема назад, а имињата за секој ред се наведени одлево надесно.
(1) Мекдауел, А.; Јангквист, Л.; Скокен, Б.; Варние, Н.; Милер, И.; Муњос, М. (2) Балс, М.; Перез, Д,; Атик, Е.; Ваиникаинен, А.; Мостберг, К. (3) Депрест, Д.; Депрест, Т.; Перез, Р.; Варние, Ж.; Муњос, Х.; Милер, Ј. (4) Мекдауел, С.; Балс, Д.; Скокен, М.; Атик, С.; Јангквист, В.; Ваиникаинен, Ј.; Мостберг, С.