Спремниот дух ги донесува луѓето во Гилеад
БИБЛИСКАТА школа Гилеад на Watchtower постои за да обучува предадени мажи и жени за мисионерска служба во странство. Кој доаѓа во Гилеад? Оние што имаат спремен дух (Псалм 110:3). Ова секако беше очигледно на 8 септември 2001, кога се одржа промоцијата на 111. клас.
Некои студенти од тој клас веќе спремно ги имале напуштено семејството, пријателите и татковината за да служат таму каде што има поголема потреба. На тој начин се испитале во однос на тоа дали би можеле да направат преиначувања за да живеат во малку поинаква средина. На пример, за да ја шират добрата вест за Божјето Царство, Ришеј и Натали ги средиле своите работи за да се преселат во Боливија, Тод и Мишел во Доминиканска Република, а Дејвид и Моник во една земја во Азија. Други студенти веќе служеле во Никарагва, Еквадор и Албанија.
Кристи била охрабрена да учи шпански јазик во средно училиште, што ја подготвило да помине две години во Еквадор пред да се омажи. Други се придружиле на собранија на странски јазик во своите земји. Соочувајќи се со еден поинаков предизвик, Саул и Прискила покажале спремен дух на тој начин што напорно работеле да го подобрат својот англиски јазик пред да дојдат на школата.
Дваесетте седмици мисионерска обука поминаа брзо. Денот на промоција дојде, и студентите се најдоа со пријателите и семејството, слушајќи ги мудрите совети и прошталните зборови на охрабрување.
Претседавач на програмата беше Теодор Џерес, дипломец на седмиот клас на школата Гилеад, кој сега служи како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Неговите уводни забелешки го истакнаа фактот дека како организација, ние никогаш не сме ја изгубиле од вид целта на обуката на студентите на Гилеад, имено, да ја проповедаат добрата вест за Царството по целата населена Земја (Марко 13:10). Гилеад ги опремува квалификуваните студенти да продолжат со оваа проповедничка активност во многу поголеми размери отколку што тоа го правеле во минатото, и на подрачја во светот каде што има особена потреба од обучени мисионери. Брат Џерес ги опомена студентите добро да ја користат обуката што ја добиле на Гилеад, додека сега им се придружуваат на мисионерите што моментално служат во 19-те земји во кои дипломците се доделени.
Навремен совет за дипломците
Следеа низа говори. Вилијам Ван Де Вол, член на Одборот на подружницата на Соединетите Држави, говореше на тема „Ревноста на мисионерите — ознака на вистинските христијани“. Тој го сосредоточи вниманието на налогот да се ‚прават ученици‘, запишан во Матеј 28:19, 20, и ги поттикна студентите: „Имитирајте го Исус, кој ја извршил својата мисионерска задача со ревност и одушевеност“. За да им помогне на идните мисионери да ја задржат својата ревност за мисионерското дело, тој ги охрабри: „Држете се за практичен распоред; задржете добри навики на лична студија, бидете во тек со теократските работи; и секогаш држете ги во фокусот причините поради кои сте на својата доделба“.
Следен на програмата беше Гај Пирс, член на Водечкото тело. Тој ја обработи темата: „Продолжете да ја негувате ‚вашата сила на разумот‘“ (Римјаните 12:1). Им даде практични совети на дипломците, охрабрувајќи ги да ја користат својата способност добиена од Бог да размислуваат и да резонираат. „Продолжете длабоко да размислувате за она што ви го кажува Јехова преку својата Реч. Тоа ќе ве заштити“, рече тој (Пословици 2:11). Исто така, брат Пирс ги советуваше членовите на класот да не бидат догматични во своите гледишта за да не ја попречат својата „сила на разумот“. Секако, овие навремени потсетувања ќе им бидат од помош на дипломците додека служат како мисионери.
Потоа претседавачот го најави Лоренс Боуен, еден од инструкторите на Гилеад, кој зборуваше на темата: „Решете да не знаете ништо“. Тој истакна дека во врска со своето мисионерско дело во Коринт, апостол Павле ‚решил да не знае ништо освен Исуса Христа, и тоа прикован‘ (1. Коринќаните 2:2). Павле знаел дека најголемата сила во универзумот, светиот дух, ја поддржува пораката што се одразува низ целата Библија: оправдувањето на Јеховиниот суверенитет преку ветеното Семе (Битие 3:15). Овие 48 студенти што дипломираа беа поттикнати да бидат како Павле и Тимотеј и да бидат успешни мисионери, држејќи се за „образецот на здрави зборови“ (2. Тимотеј 1:13).
„Цени ја својата предност, дар од Бог“ беше темата на последното од низата уводни предавања. Валас Ливеранс, архивар на школата Гилеад, им помогна на дипломците да сфатат дека службените предности се израз на Божјата незаслужена љубезност, а не нешто со кое се овластени или го спечалиле. Подвлекувајќи го примерот на апостол Павле, брат Ливеранс истакна: „Јеховиниот избор Павле да биде апостол на нациите не бил одреден со дела, така што можело да изгледа дека Павле го стекнал правото на таа задача или дека го заслужил. Тој избор не зависел од должината на службата или од искуството. Од човечка гледна точка, можеби изгледало дека логичен избор би бил Варнава. Тој не се темелел на лична способност; Аполо изгледа бил поречовит од Павле. Бил израз на Божјата незаслужена љубезност“ (Ефешаните 3:7, 8). Брат Ливеранс ги охрабри дипломците да го користат својот дар, односно предноста на службата, за да им помагаат на другите да станат пријатели на Бог и да го примат „дарот што го дава Бог . . . вечен живот преку Христос Исус“ (Римјаните 6:23).
Потоа, Марк Нојмар, еден друг инструктор на Гилеад, водеше една жива дискусија со неколку студенти на тема: „Подготовката води до добри резултати“ (Пословици 21:5). Искуствата покажаа дека кога еден министер добро се подготвува за службата, особено подготвувајќи го своето срце, ќе има вистински интерес за луѓето. Нема никогаш да му фалат зборови. Наместо тоа, ќе зборува и ќе постапува на начин што ќе им помогне духовно. „Ова е клучот да се биде успешен мисионер“, истакна брат Нојмар, осврнувајќи се на сопственото искуство како мисионер во Африка.
Мисионерската служба — задоволителна кариера
Ралф Валс и Чарлс Вуди интервјуираа некои искусни мисионери, кои исто така се наоѓаа во Образовниот центар Патерсон на специјална обука. Интервјуата нагласија дека љубовта кон луѓето е таа што донесува радост во мисионерската служба. Студентите и членовите на нивните семејства и пријателите се охрабрија кога ги слушаа овие искусни мисионери додека од прва рака објаснуваа зошто мисионерската служба е задоволителна кариера.
Џон Е. Бар, кој исто така служи во Водечкото тело, го одржа главното предавање за тој ден, со наслов: „Пејте му на Јехова нова песна“ (Исаија 42:10). Брат Бар истакна дека изразот „нова песна“ се појавува во Библијата девет пати. Тој го постави прашањето: „Што претставува оваа нова песна?“ Потоа одговори: „Контекстот открива дека нова песна се пее поради новиот развој на работите во спроведувањето на Јеховиниот суверенитет“. Тој ги поттикна студентите и понатаму да ги придружуваат своите гласови во пеењето фалби на Божјето триумфално Царство во рацете на месијанскиот Цар, Христос Исус. Брат Бар спомна дека обуката што тие ја добија на Гилеад им помогнала да ги разберат подлабоко од кога и да било порано различните аспекти на оваа „нова песна“. „Школата ја нагласи потребата сложно да ‚пеете‘ фалби на Јехова со вашите браќа и сестри секаде каде што одите; секогаш да негувате единство со другите на вашите задачи.“
Откако на студентите им беа врачени дипломите, еден претставник на класот прочита писмо на искрено ценење за обуката што ја добија на Гилеад.
Можеш ли да ја прошириш својата служба на Бог и да ја направиш попродуктивна? Ако да, напрегај се како и овие дипломци. Тоа им помогнало да се квалификуваат за мисионерското поле. Кога некој радосно и спремно се нуди во Божјата служба, наоѓа голема радост (Исаија 6:8).
[Рамка на страница 25]
ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ:
Број на застапени земји: 10
Број на земји во кои се доделени: 19
Број на студенти: 48
Просечна старост: 33,2
Просек на години во вистина: 16,8
Просек на години во полновремена служба: 12,6
[Слика на страница 26]
111. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower
Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Јоуманс К.; Тоукари А.; Нуњез С.; Филипс Џ.; Доукин М.; Силвестри П. 2) Марин Н.; Бајни Џ.; Лопез М.; Ван Хојт М.; Канту А.; Силваши Ф. 3) Вилијамс М.; Итоу М.; Ван Коили С.; Леврин Д.; Фуезел Ф.; Гајслер С. 4) Јоуманс Џ.; Мос М.; Хоџинс М.; Дадин С.; Брисењо Џ.; Филипс М. 5) Лопез Х.; Итоу Т.; Самруд С.; Коза К.; Фуезел Ж.; Мос Д. 6) Вилијамс Д.; Дадин Р.; Гајслер М.; Марин Р.; Бајни С.; Канту Л. 7) Доукин М.; Хоџинс Т.; Леврин М.; Силвестри С.; Ван Хојт Д.; Брисењо А. 8) Ван Коили М.; Нуњез А.; Коза Б.; Самруд Џ.; Тоукари С.; Силваши П.