Мотивирани да служат
ШТО би поттикнало 24 брачни парови во цутот на младоста да ги напуштат своите семејства, пријатели и семејната средина за да се нафатат на мисионерско дело во странски земји? Зошто би биле одушевени да заминат на места како што се Папуа Нова Гвинеја и Тајван, како и во земји на Африка и Латинска Америка? Можно ли е да е тоа љубовта кон авантура? Не. Напротив, тие се мотивирани од вистинската љубов кон Бог и кон ближниот (Матеј 22:37—39).
Кои се овие луѓе? Тие се дипломците на 109. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower. Во сабота, на 9 септември 2000, се собраа вкупно 5.198 лица во Образовниот центар Watchtower — сместен во Патерсон (Њујорк) — и на сателитските локации за да ги слушнат љубезните совети кои би можеле да им помогнат на дипломците да бидат успешни мисионери.
Претседавач на програмата беше Стивен Лет, член на Одборот за поучување на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Тој ги разработи своите уводни забелешки на темел на Матеј 5:13: „Вие сте солта на земјата“. Брат Лет објасни дека Исусовите зборови со сигурност се применуваат на дипломците. На пример, солта има својство да ги прави работите вкусни. Така и мисионерите со своето делотворно проповедничко дело на фигуративен начин се како сол.
Проштално охрабрување
Потоа брат Лет најави некои долговремени Јеховини слуги кои изнесоа кратки, но силни библиски говори. Прв беше Џон Висчак кој служи во Одделот за пишување. Неговата тема „Најкраткиот псалм унапредува мисионерски дух“ се темелеше на Псалм 117. Денес постои светска потреба од давање сведоштво на ‚народите‘ и ‚племињата‘ во врска со Јехова и неговото Царство. Студентите беа охрабрени да го исполнат она што го вели Псалм 117 на тој начин што ќе ги поттикнуваат другите да го ‚фалат Јах‘ (NW).
Потоа претседавачот го најави Гај Пирс од Водечкото тело. Тој зборуваше на темата „Биди флексибилен, но сепак цврст“. Божјата реч е цврста. Во Второзаконие 32:4 Јехова Бог е наречен Стена, а сепак неговата Реч дозволува флексибилност во тој поглед што е напишана за сите јазични групи и култури — да, за целото човештво. Студентите беа опоменати да ја проповедаат Божјата реч, дозволувајќи нејзината порака да ги допре срцата и совеста на луѓето (2. Коринќаните 4:2). „Бидете цврсти за исправните начела, но бидете флексибилни. Не ги презирајте луѓето на вашата доделба затоа што нивната култура е поинаква“, поттикна брат Пирс.
Карл Адамс, еден од инструкторите на Гилеад, кој служи во светското главно седиште близу 53 години, зборуваше на темата која поттикнува на размислување „Каде ќе заминеш оттука?“ Навистина, 24-те пара добија мисионерски доделби во 20 различни земји низ целиот свет, но беше поставено прашање: ‚Штом ќе стигнеш таму и ќе видиш, што потоа?‘ Живееме во еден свет кој има немирен дух. Луѓето сакаат да одат на нови места и да прават нови работи со цел да си угодат себеси. Од друга страна, пак, студентите добија доделба од Јехова на места каде што тој сака да бидат за да се грижат несебично за неговите „овци“. Тие не треба да бидат како оние од древниот Израел кои поради себичност ја пропуштиле можноста да бидат користени од Јехова за да се благослови целото човештво. Наместо тоа, тие треба да го имитираат Исус Христос, кој секогаш несебично ја вршел волјата на својот Татко и бил послушен во сите околности со кои се соочил (Јован 8:29; 10:16).
„Високо цени ги длабоките работи Божји“ беше темата на Валас Ливеранс, архивар на Гилеад школата. Писмото секогаш одново ја споредува Божјата реч со богатство, скапоцени камења, драгоцени метали и работи кои се високо ценети и барани. Во Пословици 2:1—5 се покажува дека за да го најдеме „знаењето за Бога“ мора да трагаме по него како по „скриено сокровиште“. Говорникот ги охрабри студентите да продолжат да копаат во длабоките работи Божји додека служат на своите нови доделби. Брат Ливеранс резонираше: „Ова е практично, зашто ја изградува верата и довербата во Јехова и ќе ја зајакне твојата решеност да се држиш за својата доделба. Тоа ќе ти помогне да зборуваш уверливо и да бидеш поделотворен учител додека им ги објаснуваш Божјите намери на другите“.
Користејќи како рамка училница, еден друг инструктор на школата Гилеад направи преглед како Јехова ја благословувал активноста на студентите во службата на теренот низ изминатите пет месеци. Лоренс Боуен ги истакна зборовите на апостол Павле во Дела 20:20 во врска со неговата јавна служба во Ефес, нагласувајќи дека Павле ги користел сите прилики за да даде сведоштво. Искуствата на студентите илустрираа дека, слично на апостол Павле, оние кои се поттикнати од љубов кон Бог и кон ближниот во наше време никогаш не се воздржуваат да зборуваат за вистината и да дозволат силата на Божјата реч да дејствува во другите. Резултатот од ова е богат Јеховин благослов.
Зборуваат гласовите на искуството
Додека траеше школата, студентите на овој клас на Гилеад особено извлекоа корист од можноста да се дружат со членовите на одборите на подружниците од 23 земји, кои исто така беа во Образовниот центар Патерсон на специјална обука. Леон Вивер и Мертон Кемпбел од Службениот оддел направија интервјуа со членови на различни одбори на подружници, од кои некои и самите се дипломци на Гилеад. За студентите и нивните семејства и пријатели беше охрабрувачки да ги слушнат овие искусни мисионери.
Советот до класот кој дипломираше, чија цел беше да им помогне да се приспособат на своите странски доделби, вклучуваше забелешки како што се овие: „Биди позитивен. Ако доживуваш нешто што ти е многу необично или што не можеш да го сфатиш, не откажувај се. Потпри се на Јехова“; „Научи да бидеш среќен со она што стои на располагање и имај доверба дека Јехова ќе ти го обезбеди она што ти е неопходно за живот“. Други коментари се сосредоточија на тоа да им се помогне на студентите да задржат радост на својата доделба. Некои од тие изрази беа: „Не ја споредувај својата доделба со местото од каде што доаѓаш“; „Научи го локалниот јазик и зборувај го правилно за да можеш да комуницираш со луѓето“; „Научи ги навиките и културата на луѓето, зашто тоа ќе ти помогне да останеш на својата доделба“. Ваквите коментари беа многу охрабрувачки за новите мисионери.
По интервјуата, Дејвид Сплејн, поранешен мисионер и дипломец на 42. клас на Гилеад, кој сега служи како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, го разработи главното предавање околу темата која побуди внимание „Студенти или дипломци — какви?“ Тој го запраша класот кој дипломираше: „Како ќе гледате на себе додека одите на својата мисионерска доделба? Како дипломци кои знаат сѐ за мисионерското дело или како студенти кои имаат уште многу да учат?“ Брат Сплејн истакна дека мудриот дипломец гледа на себе како на студент. Мисионерите треба да го усвојат гледиштето дека секој што го среќаваат на нивната мисионерска доделба има потенцијал да ги научи нешто (Филипјаните 2:3). Студентите беа охрабрени тесно да соработуваат со останатите мисионери, со канцеларијата на подружницата и со локалното собрание. „Вие ги положивте завршните испити, но не престанувате да бидете студенти. Јасно дајте му до знаење на секого дека вие сте таму за да учите“, поттикна брат Сплејн.
По овој говор, на студентите им беа врачени дипломите, а нивните доделби беа објавени пред присутните. За дипломците беше трогателен момент кога потоа еден претставник на класот прочита резолуција во која се зборуваше за решеноста на дипломците да дозволат она што го научиле од Божјата реч да ги води кон поголеми дела во светата служба.
Несомнено, сите присутни се сложија дека добиените совети ја зајакнаа решеноста на дипломците да покажат љубов кон Бог и кон ближниот. Исто така, ги направија уште порешени духовно да им помагаат на луѓето на својата мисионерска доделба.
[Рамка на страница 25]
ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ
Број на застапени земји: 10
Број на земји во кои се доделени: 20
Број на студенти: 48
Просечна старост: 33,7
Просек на години во вистина: 16,2
Просек на години во полновремена служба: 12,5
[Слика на страница 26]
109. клас кој дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower
Во долната листа редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Колинс Е.; Мајлс Л.; Алварадо А.; Лејк Џ. 2) Ван Дусен Л.; Бихари А.; Хикинен Х.; Кос С.; Шмит Х. 3) Ашфорд Џ.; Ашфорд К.; Бор К.; Ричард Л.; Вилбурн Д.; Лејк Џ. 4) Чичи К.; Чичи Х.; Рамирез М.; Бауман Д.; Бекер Г.; Бихари Ш.; Рамирез А. 5) Ван Дусен В.; Лематр Х.; Писко Џ.; Катс Л.; Расел Х.; Џонсон Р. 6) Бекер Ф.; Бауман Д.; Џонсон К.; Пајфер А.; Мадсен Ж.; Лематр Ж.; Хикинен П. 7) Шмит Р.; Расел Џ.; Колинс А.; Писко Д.; Вилбурн Р.; Кос Д. 8) Катс Б.; Бор. Ј.; Мадсен Н.; Пајфер С.; Ричард Е.; Мајлс Б.; Алварадо Р.