Ја потиснав мојата гордост и најдов среќа
ВО 1970, имав 23 години и бев амбициозна. На моето работно место, во еден автомобилски клуб во Ивреа, Италија, бев поставена за шеф на канцеларијата. Бев решена да станам некој. А сепак бев мошне депримирана и намуртена. Зошто?
Мојот сопруг поголемиот дел од своето време го поминуваше во барови, играјќи карти со своите пријатели, а на мои плеќи ги оставаше повеќето семејни одговорности. Нашиот однос почна да се влошува. Се препиравме за најситни работи. Како резултат на тоа, мојот ум стана преполн со негативни мисли.
‚Никој не е вистински заинтересиран за тебе‘, ќе си речев. ‚Тие само сакаат да извлечат корист од твојата положба.‘ Во себе си велев: ‚Бог не може да постои, бидејќи ако постои нема да дозволи толку многу страдања и злоба. Животот не е ништо друго освен трка кон смртта‘. Не можев да разберам зошто тоа беше така.
Почнува промена
Еден ден во 1977, двајца Јеховини сведоци затропаа на нашата врата. Мојот сопруг, Џанкарло, ги покани внатре и отидоа во дневната соба да разговараат. Тој имаше намера да ги придобие за да станат еволуционисти како него, но тие беа тие што го променија неговото мислење.
Наскоро Џанкарло исто така започна да прави промени во својот живот. Стана потрпелив, посветувајќи повеќе време и внимание на мене и на нашата ќерка. Се обиде да разговара со мене за работите кои ги учеше, но јас секогаш го завршував разговорот со остар коментар.
Но, еден ден кога Сведоците нѐ посетија, седнав и навистина слушав. Зборуваа за крајот на овој систем на ствари и за Божјето Царство, рајската Земја и воскресението на мртвите. Бев вчудоневидена! Не можев да спијам следните три ноќи! Сакав да знам повеќе, но гордоста ме спречи да му поставам прашања на сопругот. Но еден ден тој строго ми рече: „Денес ќе слушаш. Ги имам одговорите на сите твои прашања“. Потоа едноставно ги истури библиските вистини врз мене.
Џанкарло ми рече дека Јехова е името на Творецот, дека Неговата главна особина е љубов, дека го испратил Својот Син како откуп за да можеме да имаме вечен живот и дека, после уништувањето на злото во Армагедон, Исус Христос ќе ги воскресне мртвите во текот на неговото Илјадагодишно владеење. Рече дека воскреснатите ќе достигнат душевно и физичко совршенство и дека ќе ја имаат можноста да живеат засекогаш на Земјата во Рај.
Следниот ден, за прв пат го придружував сопругот во Царската сала. После тоа му реков: „Овие луѓе се сакаат еден со друг. Сакам и понатаму да доаѓам овде зашто тие навистина се среќни“. Започнав редовно да ги посетувам состаноците и со мене се водеше библиска студија. Многу размислував за она што го учев и наскоро бев уверена дека го најдов правиот Божји народ. Во 1979 мојот сопруг и јас го симболизиравме нашето предание на Јехова со крштение.
Полновремена служба
На обласниот конгрес, подоцна истата година, беше изнесено предавање кое охрабруваше на полновремена проповедничка активност. Се чувствував поттикната да ја прифатам таа служба, па му се обратив на Јехова во молитва за таа работа. Но тогаш забременив и моите планови беа спречени. Следните четири години добивме три деца. Кај две од нив, во различни ситуации, се појавија физички мани опасни по живот. За среќа, во двата случаи, тие потполно оздравеа.
Сега чувствував дека повеќе не можам да ги одложувам моите планови за полновремената служба. Прекинав со световната работа за да можам подобро да се сосредоточам на своите одговорности како жена и мајка. Со мажот ми направивме планови да живееме од една плата, што значеше да се откажеме од сите непотребни работи. Сепак, Јехова богато нѐ благослови така што никогаш не нѐ препушти на сиромаштво или оскудица.
Во 1984, ќерка ми, која тогаш имаше 15 години и неодамна се беше крстила, започна со полновремена служба како пионер. Во исто време, мојот сопруг беше наименуван за старешина. А јас? Чувствувајќи дека не можам сѐ уште да бидам пионер, си поставив цел од 30 часа месечно во делото на проповедање. Ја достгинав и си реков: ‚Ова ти успеа! Ти правиш многу‘.
Сепак, уште еднаш гордоста ми стана проблем (Изреки 16:18). И понатаму мислев колку добро работам и дека не ми е потребен никаков натамошен напредок. Мојата духовност почна да попушта, па дури започнав да ги губам добрите особини кои ги стекнав. Тогаш добив укор кој ми требаше.
Во 1985, двајца патувачки надгледници и нивните сопруги беа гости во нашиот дом додека ја вршеа својата периодична посета на нашето собрание. Посматрајќи ги овие понизни, самопожртвувани христијани навистина бев наведена да медитирам за тоа. Повторно ја истражив темата за понизност, користејќи ги публикациите на Друштвото Стражарска кула. Размислував за големата понизност која Јехова ја покажува во своите постапки со нас, грешните луѓе (Псалми 18:35, NW). Знаев дека треба да го променам мојот став.
Го преколнував Јехова да ми помогне да развијам понизност за да му служам на начин на којшто тој сака, и да ме води да ги употребувам даровите кои ги имам на негова слава. Поднесов молба за пионерска служба и започнав да му служам во полновремената служба во март 1989.
Сега можам да кажам дека сум навистина среќна и дека потиснувањето на мојата гордост е она што придонесе за мојата среќа. Најдов вистинска причина да живеам — а тоа е да им помагам на оние на кои им треба да спознаат дека Јехова, вистинскиот Бог, не е далеку од оние кои го бараат. (Раскажала Вера Брандолини)