Прашања од читателите
Дали Јеховините сведоци избегнуваат да слават родендени затоа што тој обичај имал некакво религиозно значење во старо време?
Славењето родендени има корен во празноверјето и лажната религија, но тоа не е единствената или првенствената причина зошто Јеховините сведоци го избегнуваат тој обичај.
Некои обичаи кои некогаш по природа биле религиозни, на многу места повеќе не се такви. На пример, венчалниот прстен некогаш имал религиозно значење, но во повеќето места денес не е така. Затоа, голем број вистински христијани го прифаќаат месниот обичај да носат венчален прстен како доказ дека лицето е во брак. Она што е решавачко во таквите работи е дали некој обичај сега е поврзан со лажната религија. (Види „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15. 1. 1972, англ., и од 15. 10. 1991).
Сепак, неоспорно е дека бројни прирачници го откриваат суеверното и религиозно минато на роденденските прослави. The Encyclopedia Americana (издание од 1991) забележува: „Древниот свет на Египет, Грција, Рим и Персија ги славел родендените на богови, цареви и благородници“. Таа вели дека Римјаните го славеле раѓањето на Артемида и денот на Аполо. Спротивно на тоа, „иако древните Израелци воделе забелешки за староста на своите машки граѓани, не постои доказ дека имале какви и да било свечености за годишнината од датумот на раѓањето“.
Други прирачници навлегуваат во значителни детаљи околу потеклото на роденденските прослави: ‚Роденденските забави во Европа започнале пред многу години. Луѓето верувале во зли и добри духови, понекогаш наречени добри и зли самовили. Секој се плашел од овие духови кои можеле да му нанесат штета на роденденскиот славеник, па затоа бил опкружен со пријатели и роднини чиишто добри желби и самото присуство требало да го заштитат од непознати опасности што ги содржел роденденот. Давањето подароци донесувало уште поголема заштита. Заедничкото јадење пружало натамошна заштита и помагало да се добие благословот од добрите духови. Така роденденските забави првобитно имале намера да го заштитат лицето од зло и да обезбедат добра година‘ — Роденденски забави по светот (Birthday Parties Around the World, 1967).
Книгата, исто така, го објаснува и потеклото на повеќето роденденски обичаи. На пример: „Причината [за употребување на свеќите] оди наназад сѐ до раните Грци и Римјани кои мислеле дека свеќите имале волшебни особини. Тие изговарале молитви и желби кои преку пламенот на свеќите требало да бидат однесени горе до боговите. Боговите потоа би испратиле свој благослов и можеби би одговориле на молитвите“. Други такви придружни информации се собрани на 337-339 страница од книгата Расудување на темел на Писмото, издадена од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци (срп.).
Меѓутоа, како што беше споменато, во ова прашање е вклучено повеќе отколку тоа дали роденденските прослави биле или сѐ уште се религиозни. Библијата го споменува прашањето за родендените, а зрелите христијани мудро внимаваат на сите назнаки што ги дава таа.
Божјите слуги од старо време воделе евиденција кога поединци биле родени, а тоа им овозможувало да се пресмета староста. Читаме: „Кога имаше Ное шестотини години, . . . бликнаа сите извори на големата бездна и се отворија окната небески“ (1. Мојсеева 5:32; 7:11; 11:10-26).
Како што споменал и самиот Исус, помеѓу Божјиот народ раѓањето на детето било благословен, радосен настан (Лука 1:57, 58; 2:9-14; Јован 16:21). Сепак, Јеховиниот народ не го слави споменот на денот на раѓањето; тие слават други годишнини, но не родендени (Јован 10:22, 23). Encyclopaedia Judaica вели: „Славењето родендени е непознато во традиционалниот еврејски верски обред“. Делото Израелски обичаи и традиции (Customs and Traditions of Israel) забележува: „Роденденските прослави се позајмени од обичаите на другите народи, бидејќи ниту во Библијата, ни во Талмудот или во списите на подоцнежните мудреци не е дадена никаква напомена за овој обичај меѓу Евреите. Фактички, тоа бил древен египетски обичај“.
Оваа поврзаност со Египет јасно произлегува од една роденденска прослава за која се раскажува во Библијата, а која вистинските обожаватели не ја славеле. Тоа била роденденската гозба на фараонот кој владеел додека Јосиф бил во еден египетски затвор. Некои од тие пагани можеби се радувале на гозбата, но роденденот бил поврзан со остекувањето на главата на поглаварот на фараоновите пекари (1. Мојсеева 40:1-22).
Слична неповолна светлина е фрлена на другата роденденска прослава која е опишана во Светото писмо — онаа на Ирод Антипа, син на Ирод Велики. Тешко би се рекло дека оваа роденденска прослава во Библијата е прикажана како невина свеченост. Напротив, таа дала повод да му се отсече главата на Јован Крстител. Потоа, „учениците . . . негови како дојдоа, го дигнаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и Му јавија на Исуса“, кој ‚заминал оттаму во пусто место, сам‘ (Матеј 14:6-13). Можеш ли да си замислиш дека тие ученици или Исус се чувствувале привлечени кон обичајот за славање родендени?
Со оглед на познатото потекло на роденденските прослави, и што е уште поважно, неповолната светлина во која се прикажани во Библијата, Јеховините сведоци имаат доволна причина да се воздржуваат од тој обичај. Тие немаат потреба да го следат овој световен обичај, зашто можат и имаат радосни оброци во секое време од годината. Кога даваат подароци, тоа не е од обврска или под притисок на забавата; тоа е спонтано дарување подароци во кое и да било време, и тоа од дарежливост и од искрена наклоност (Соломонови изреки 17:8; Проповедник 2:24; Лука 6:38; Дела на св. апостоли 9:36, 39; 1. Коринтјаните 16:2, 3).