Дали на човештвото навистина му треба Месија?
„НА СВЕТОТ МУ ТРЕБА МЕСИЈА, ВЕЛИ ЕДЕН СЛУЖБЕНИК . . .“
Овој наслов се појави во весникот The Financial Post во Торонто, Канада, во 1980. Службеникот што е цитиран бил Аурелио Печи, претседател и основач на добро познатиот истражувачки центар наречен Римски клуб. Според Post, Печи сметал дека некој „харизматичен водач — научен, политички или религиозен — за светот би бил единственото спасение од социјалните и економските потреси кои се закануваат да ја уништат цивилизацијата“. Што мислиш ти? Дали светот навистина се наоѓа во таква тешка положба што на човештвото му е потребен Месија? Разгледај само еден од проблемите со кои се соочува овој свет — гладот.
ДВЕ големи, црни очи вкочането гледаат во тебе од некоја слика во весник или списание. Тоа се очи на дете, девојченце кое има едвај пет години. Но тие очи не се насмеани. Го нема во нив детскиот сјај, немаат радосно љубопитство, ниту невина доверба. Наместо тоа, исполнети се со збунета, пригушена болка и безнадежен глад. Детето умира од глад. Она што отсекогаш го знаело се болката и гладот.
Можеби, како многу други, не сакаш да се задржуваш на вакви слики, па брзо ја свртуваш страницата. Тоа не е затоа што не ти е грижа, туку се чувствуваш разочаран бидејќи се сомневаш дека за ова девојче веќе е предоцна. Ослабнатите раце и нозе и надуениот стомак се знаци дека нејзиното тело почнало да се нагризува самото себе. Додека да ја видиш сликава, тоа веројатно веќе умрело. Што е уште полошо, знаеш дека тоа ни оддалеку не е единствен случај.
Колку е распространет овој проблем? Па, можеш ли да си замислиш 14 милиони деца? Повеќето од нас не можат; бројката едноставно е превисока за да си ја претставиме. Затоа, замисли си еден стадион што собира 40.000 луѓе. Сега замисли дека е исполнет со деца — ред по ред, трибина по трибина — океан од деца. Дури и тоа е тешко да се опише. Сепак, би биле потребни 350 такви стадиони полни со деца додека да се добијат 14 милиони. Според УНИЦЕФ (Меѓународен фонд за помош на децата при Обединетите нации), тоа е ужасната бројка на деца помали од пет години кои секоја година умираат во земјите во развој поради неисхранетост и лесно излечиви болести. Тоа е скоро исто како секој ден да умираат по еден стадион со деца! Додај го кон ова и бројот на гладни возрасни, па ќе го добиеш вкупниот број од околу една милијарда луѓе ширум светот кои се хронично недохранети.
Зошто толку глад?
Оваа планета моментално произведува повеќе храна отколку што луѓето сега конзумираат, а има капацитет да произведува уште повеќе. Сепак, секоја минута умираат по 26 деца од недохранетост и болест. Во истата таа минута светот троши околу 2.000.000 долари на подготовки за војна. Можеш ли да си замислиш што би можело да се направи со толкави пари — или само со еден дел од нив — за тие 26 деца?
Јасно дека вината за светскиот глад не може едноставно да се припише на недостигот на храна или пари. Проблемот оди многу подалеку. Како што се изразил аргентинскиот професор Хорхе Е. Хардој: „Светот во целина е хронично неспособен да го споделува комфорот, моќта, времето, средствата и знаењето со другите на кои овие работи им се попотребни“. Да, проблемот не лежи во човечките средства, туку во самиот човек. Изгледа дека алчноста и себичноста се доминантни сили во човечкото општество. Една петтина од населението на Земјата кои се најбогати, ужива околу 60 пати повеќе добра и услуги отколку една петтина што се најсиромашни.
Вистина, некои искрено се обидуваат да им достават храна на гладните, но повеќето нивни напори се оневозможени од фактори кои се вон нивна контрола. Гладот често ги погодува земјите што се вовлечени во граѓански војни или бунтови, и не е невообичаено противничките сили да спречуваат залихите со помош да стигнат до оние коишто трпат оскудица. Обете страни се плашат да дозволат храната да стигне до цивилите кои умираат од глад на непријателската територија, за да не ги хранат своите непријатели. Зад употребата на изгладнувањето како политичко оружје стојат самите влади.
Нема решение?
За жал, проблемот со изгладнувањето на милиони тешко дека би бил единствената криза која го погодува денешниот човек. Раширеното уништување и загадување на околината, постојаното зло на војната што голта милиони животи, насилните епидемии на криминал кои насекаде предизвикуваат страв и недоверба и сѐ порасипаната морална клима, која се чини дека е коренот на многу од овие зла — сите овие светски кризи, така да се каже, одат рака под рака и го потврдуваат истиот неоспорен факт — човекот не може успешно да управува со самиот себе.
Без сомнение, многу луѓе поради тоа изгубиле надеж дека ќе најдат решение за светските проблеми. Други се чувствуваат како Аурелио Печи, италијанскиот научник споменат на почетокот. Ако постои решение, резонираат тие, тоа мора да дојде од некој необичен — можеби дури и натчовечки — извор. Затоа, идејата за месија има силна привлечност. Но, дали е реалистично да се надеваме на месија? Или таквата надеж е само пуста желба?
[Извор на слика на страница 2]
Слики на насловна страна: Горе: U.S. Naval Observatory photo; Долу: NASA photo
[Извор на слика на страница 3]
WHO photo by P. Almasy
[Извори на слики на страница 4]
WHO photo by P. Almasy
U.S. Navy photo