Како гледаш на гревот?
„ЗОШТО во молитва таа постојано моли за простување на нашите гревови?“ — се жалела една домаќинка која ја проучувала Библијата со една од Јеховините сведоци. „Ми звучи како да сум криминалец“. Слично на оваа жена, многумина денес не се свесни за своите гревови, освен ако извршиле некое злосторство.
Тоа е особено случај на Ориентот каде што луѓето по традиција немаат никаков концепт за наследен грев, за разлика од она што се учи во еврејско-христијанските религии (1. Мојсеева 3:1-5, 16-19; Римјаните 5:12). На пример, шинтоистите гревот го идентификуваат со гнасотија која може лесно да се избрише со еден замав со свештеничкиот стап кој на врвот има прицврстено хартија или лен. Во овој процес не се бара никакво каење за она што било извршено. Зошто? „Не само злите постапки, туку и несовладливите природни несреќи биле нарекувани цуми [грев]“, објаснува Kodansha Encyclopedia of Japan. Природните несреќи, цуми, за кои не се одговорни луѓето, биле сметани за гревови коишто исчезнувале преку ритуалите на прочистување.
Тоа довело до сфаќањето дека било кој грев, дури и намерно извршените зли постапки (освен криминални постапки казниви од законот), може да се избрише со прочистувачки ритуали. Под насловот „Ритуал на политичко чистење во Јапонија“, The New York Times се осврнал на едно такво гледиште и објаснил дека политичарите во Јапонија, кои биле вмешани во скандали, себеси се сметале за „прочистени“ кога повторно ќе биле изберени од гласачите. Според тоа, вистинска исправка не е направена, па може повторно да се случат слични скандали.
Будистите кои веруваат во самсара, или повторно раѓање, и во доктрината за карма, имаат поинакво гледиште. „Според доктрината за карма“, објаснува The New Encyclopædia Britannica, „доброто однесување донесува пријатен и среќен исход и создава склоност кон слични добри постапки, додека лошото однесување донесува лош исход и создава склоност кон повторливи зли постапки“. Со други зборови, грешното однесување раѓа лоши плодови. Учењето за карма е тесно поврзано со учењето за повторното раѓање, затоа што за некои карми се вели дека раѓаат плод во идните животи кои се многу оддалечени од животот во кој било извршено делото.
Како влијае тоа учење на неговите верници? Една будистка која искрено верувала во Карма, рекла: „Мислев дека нема никаква смисла да страдам за нешто со кое сум се родила, а за кое ништо не знаев. Морав тоа да го прифатам како моја судбина. Пеењето сутри и тешкото настојување да живеам добар живот не ги реши моите проблеми. Станав нервозна и незадоволна, и секогаш се жалев“. Будистичкото учење за последиците од лошото однесување ја оставиле со чувство на безвредност.
Конфучијанизмот, друга источна религија, учи за поинаков начин на борење со човечкото зло. Според Хсун-цу, еден од тројцата големи конфучијански филозофи, човечката природа е зла и склона да биде себична. Со цел да задржи општествен ред меѓу луѓето со грешни склоности, тој ја нагласувал важноста на ли, што значи пристојност, учтивост и ред на работите. Менг-цу, еден друг конфучијански филозоф, иако изразил спротивно гледиште за човечката природа, го признал постоењето на општествени зла и, верувајќи дека природата на луѓето е добра, решението го гледал во подобрувањето на самиот себеси. Како и да е, конфучијанските филозофи учеле за важноста на образованието и поучувањето во борбата против гревот во светот. Иако нивните учења се согласуваат за потребата од ли, нивниот концепт за гревот и злото е многу нејасен. (Спореди Псалми 13:3; 50:5.)
Избледнат концепт за грев на Западот
На Запад, гледиштата за гревот традиционално се јасни и повеќето луѓе се согласуваат дека гревот постои и треба да се избегнува. Меѓутоа, се менува ставот на Западот спрема гревот. Многумина отфрлаат секаква свесност за гревот, а гласот на совеста го означуваат како „замка на чувство на вина“, нешто што треба да се избегнува. Пред повеќе од 40 години, папата Пио XII се жалел: „Гревот на овој век е во тоа што изгубил секакво чувство за грев“. Според една анкета, објавена во католичкиот неделник Le Pèlerin, зачудувачки 90 отсто од населението во Франција, каде што повеќето луѓе се изјаснуваат за римокатолици, повеќе не верува во грев.
Навистина, и на Исток и на Запад, повеќето луѓе по сѐ изгледа живеат во угодното самозадоволство, без да ги измачува свесноста за грев. Но, дали тоа значи дека гревот не постои? Можеме ли со сигурност да го игнорираме? Дали гревот некогаш ќе исчезне?