Кој ја има Божјата наклоност?
СИТЕ ние сакаме да бидеме сакани од нашите пријатели. Но, за еден христијанин многу посилна е желбата да стекне наклоност кај Бог. Во Псалми 83:11, за Јехова Бог се вели: „Господ . . . дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно“. При Исусовото раѓање, радосниот повик на небесните ангели ветил „мир на земјата за луѓето спрема кои тој има наклоност!“ (Лука 2:14, Moffatt).
Но, спрема кого Бог покажува наклоност? Дали Божјите мерила се исти како човечките? Разбирливо е дека не се, како што се гледа од она за кое беше дискутирано во претходната статија. Всушност, бидејќи на христијаните им се советува да ‚се угледаат на Бога‘, секој од нас би можел со право да се запраша: Дали јас им искажувам наклоност на лицата спрема кои Бог има наклоност или сум склон да следам световни мерила кога ги просудувам луѓето? (Ефесјаните 5:1). За да се постигне Јеховината наклоност и одобрување, мораме да се погрижиме работите да ги гледаме од негова гледна точка.
Божјите повисоки мерила
„,Бог не гледа на лице‘“ — рекол апостол Петар — „туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него [го признава, Стварност], и постапува правично, мил Му е“. Понатаму, апостол Павле посведочил дека Бог „од еден човек го извел целиот човечки род“ (Дела на св. апостоли 10:34, 35; 17:26). Затоа, единствено е разумно да заклучиме дека во Божји очи сите луѓе се еднакви без оглед на нивните физички карактеристики. Поради тоа, на еден христијанин не му доликува да покажува неоправдана наклоност спрема некого само заради тоа што е од извесен крај или што има извесна боја на кожата или затоа што ѝ припаѓа на друга раса. Наместо тоа, би сторил добро ако го следи својот Пример, Исус Христос, за кого дури и непријателите признале дека не покажувал пристраност (Матеј 22:16).
Изразот „површно“ понекогаш се користи за да се опише нешто што е плитко или неважно. Бојата на кожата е токму тоа; таа е само површна. Бојата на нечија кожа никако не ја одразува неговата личност или внатрешните особини. Кога треба да избереме со кого ќе се дружиме, јадеме или ќе се ракуваме, секако, не би требало да гледаме посебно на бојата на кожата. Запомни, девојката која инспирирала едни од најпрекрасните и најромантични песни коишто некогаш биле напишани, за себеси рекла: ‚Црна сум, но сепак сум убава . . . црномурна сум, зашто сонцето ме подгорело‘ (Песна над песните 1:4, 5). Ниту расата ниту бојата не претставуваат исправна основа за искажување наклоност. Поважно е дали лицето се плаши од Бог и дали постапува праведно.
Што мисли Бог за поседувањето на материјално богатство? Од сите лица коишто Бог ги сака и спрема кои има наклоност, неговиот Син, Исус Христос, е на прво место. Сепак, кога бил на Земјата, Исус ‚немал каде глава да потслони‘ (Матеј 8:20). Тој не поседувал земјишен имот, куќи, ниви, овошки или животни. Сепак, Јехова му искажал чест и го возвишил на положба која е над секоја друга во вселената, освен неговата сопствена (Филипјаните 2:9).
Исус Христос нашол милост кај Бог затоа што бил богат не со материјални добра, туку со извонредни дела. (Спореди 1. Тимотеј 6:17, 18.) Тој ги советувал своите следбеници: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ’рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат“ (Матеј 6:19, 20). Така, наместо да им искажуваат наклоност само на оние кои се богати со добрата од овој свет, христијаните нема да прават разлика врз основа на световниот имот. Тие ќе ги бараат оние кои се богати спрема Бог, без оглед дали се богати или сиромашни во материјален поглед. Никогаш не заборави дека ‚Бог ги избира сиромасите од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството‘ (Јаков 2:5). Ако го задржиш Божјето гледиште, никогаш нема да паднеш како жртва на раширениот обичај да се стекне наклоноста на оние кои се материјално богати.
Што се однесува до образованието, Библијата јасно покажува дека Бог нѐ поттикнува да бараме спознание и мудрост и дека Исус Христос бил најголемиот учител кој некогаш одел по Земјата (Соломонови изреки 4:7; Матеј 7:29; Јован 7:46). Но она што наоѓа милост кај Бог не е световната мудрост или образование; напротив, Павле ни вели дека „не мнозина сте по тело мудри, . . . но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите“ (1. Коринтјаните 1:26, 27).
Бог има наклоност спрема оние кои се добро образовани не во световните предмети што се учат на институциите за високо образование, туку во „чистиот јазик“ (NW) на вистината каква што се наоѓа во неговата Реч, Библијата (Софонија 3:9). Всушност, денес самиот Јехова го поучува својот народ преку една образовна програма што се проширува до најдалечните краеви на Земјата. Како што претскажал пророкот Исаија, луѓето од сите нации се одѕиваат, велејќи: „Да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови“. Затоа, наместо да го величаат световното образование, христијаните ќе ги бараат оние кои со своите зборови и дела докажуваат дека навистина се „научени од Господа [од Јехова, NW]“. Ако го прават тоа, ќе уживаат во ‚големиот мир‘ што го дава Бог (Исаија 2:3; 54:13).
Можеме да постигнеме Божја наклоност
Да, Божјите мерила за искажување наклоност спрема другите се многу поинакви од човечките. И покрај тоа, мораме да настојуваме да нѐ водат неговите патишта ако сакаме да стекнеме милост во неговите очи. Тоа значи дека мораме да научиме работите да ги гледаме од Божја гледна точка, а не со човечки мерила кои можат да бидат под вллијание на себичност и предрасуди. Како можеме да го постигнеме тоа?
Јехова Бог го испитува срцето и им искажува наклоност на оние кои покажуваат особини како што се љубов, доброта, доброљубивост и долготрпеливост. Истото би требало да го правиме и ние (1. Царства 16:7; Галатјаните 5:22, 23). Треба да гледаме на внатрешната личност, до онаа мера колку што ни е можно како луѓе, а не на бојата на неговата кожа или на етничкото потекло. Наместо да ги бараме оние кои се материјално богати, добро ќе сториме ако го задржиме на ум Божјето становиште за богатството и ако се стремиме ‚да се богатиме со добри дела, да бидеме штедри и пристапливи‘ (1. Тимотеј 6:18). За да ја стекнеме Божјата наклоност, мораме да продолжиме да бараме точно спознание за Бог и неговиот Син, Исус Христос, и да бидеме добро образовани во чистиот јазик на вистината (Јован 17:3, 17). Ако го правиме тоа, и ние ќе бидеме меѓу оние спрема кои Бог покажува наклоност.