Што навистина претставува евангелието?
ЗА ВРЕМЕ на божиќните празници луѓето во многу земји слушаат, па дури и самите зборуваат за евангелието. Терминот е доста вообичаен, но дали тој има поголемо значење од она што повеќето си го замислуваат? Дали евангелието би можело да значи нешто извонредно добро за тебе и за твоите сакани?
„Евангелие“ значи „добра вест“, а една добра вест, секако, е добредојдена не само за Божиќ, туку во секое време. Меѓутоа, евангелието не е било која вест. Тоа е нарочна добра вест од одреден извор која се однесува на една посебна тема. Всушност, тоа е порака којашто Бог ја одредил за да му се објави на целото човештво.
Еуженио Салес, надбискуп на Рио де Жанеиро (Бразил), зборувал за таа добра вест кога апелирал: „Би требало да постапуваме во согласност со Евангелието, а не нашите постапки да ги темелиме на идеологии“. Надбискупот бил во право. Но, за да постапуваме во склад со евангелието потребно е да знаеме што претставува евангелието. Како можеме да го научиме тоа? И како ќе ни помогне ако постапуваме во согласност со него?
Што е евангелието?
Природата на евангелието честопати се сфаќа погрешно. Во 1918, Федералниот концил на Христовите цркви од Америка ја поздравил сега покојната Лига на народите како политички израз на Божјето Царство на Земјата и изјавил дека таа имала „корени во евангелието“. Лигата на народите жалосно промашила во достигнувањето на својата цел да го сочува мирот. Очигледно дека концилот се измамил. Лигата на народите немала никаква врска со евангелието.
Во последниве години, оние кои ја унапредуваат теологијата на ослободувањето, отворено го наведувале евангелието кога зборувале за своите идеи за политичка или социјална реформација. Со тоа го омаловажувале вистинското евангелие. Бразилското списание Veja коментирало: „Католичката Црква почна да го фаворизира социјалното евангелие и да ги запоставува духовните потреби на своите верници. Оние кои го бараа зборот Бог во некоја проповед, честопати наидуваа само на реторички аргументи против социјалните неправди“.
За некого добра вест може да биде подобрувањето на животните услови или промената на политичките системи. Сепак, правата добра вест, евангелието, не е таква. Признавајќи го пропустот на својата црква да го проповеда правото евангелие, еден бискуп рекол: „Ја запоставивме духовната поука на нашите верници уште од 60-тите, а сѐ заради тоа што во нашето учење е вплеткан материјализмот“.
Еден извештај во американското списание Time наведува дека и протестантите го изгубиле од вид евангелието. Списанието забележува: „Не само што традиционалните деноминации не успеаја да ја пренесат својата порака, туку се сѐ понесигурни токму околу значењето на таа порака“. Каква би требало да биде нивната порака? Што претставува евангелието?
Идентификување на евангелието
Во Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary „евангелие“ се дефинира како „порака во врска со Христос, Божјето Царство и спасението“. Зборот „евангелие“ се дефинира и како „интерпретација на христијанската порака (социјално евангелие)“; „порака или учење на некој верски учител“. Дали сиве овие дефиниции се точни? Не, ако зборуваме за правото евангелие. Правото евангелие се темели на Библијата; според тоа, само првата од овие три дефиниции е точна. Другите две само го одразуваат начинот на кој зборот „евангелие“ се употребува денес.
Во согласност со оваа мисла, Vine’s Expository Dictionary of New Testament Words вели дека во Христијанските Грчки списи („Новиот Завет“), зборот евангелие ја „означува добрата вест за Божјето Царство и за спасението преку Христос кое треба да се добие преку вера, на темел на Неговата откупничка смрт“. Важно е да го разбереме ова, затоа што исправното разбирање на вистинската добра вест многу влијае на нашата сегашна благосостојба и на идната среќа.
Поинаква порака
Како што покажува претходниот прирачник, евангелието е тесно поврзано со Исус Христос — толку многу што четирите библиски извештаи за неговиот живот на Земјата се наречени четири евангелија. Уште од самиот почеток на неговиот човечки живот, веста за Исус била добра вест. Кога го најавувал неговото раѓање, еден ангел рекол: „Гледај! Јас ви објавувам добра вест [или: евангелие] на голема радост што ќе ја има сиот народ, зашто денес во Давидовиот град ви се роди Спасител, кој е Христос, Господинот“ (Лука 2:10, 11, New World Translation of the Holy Scriptures).
Новородениот Исус требало да порасне и да стане Христос, ветениот Месија. Тој требало да ја открие Божјата намера за спасение, да го даде својот совршен живот во корист на човештвото, да воскресне, а потоа да стане избран Цар на Божјето Царство. Навистина добра вест! Токму затоа пораката за него е наречена евангелие.
За време на својата кратка земска служба, Исус бил многу ревносен во проповедањето на добрата вест. Во евангелието по Матеј читаме: „И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството“ (Матеј 9:35). Неговото проповедање немало за цел само да им помогне на луѓето да се чувствуваат подобро. Марко забележува како Исус вели: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието [добрата вест, NW]“ (Марко 1:15). Да, оние кои се оѕвале и ја послушале добрата вест, виделе како таа ги променила нивните животи.
По Исусовата смрт, неговите следбеници продолжиле да го проповедаат евангелието. Не само што зборувале за Царството, туку ја додале и радосната вест дека Исус бил воскреснат и поставен на небесата оддесно на Бог, и дека ја принел вредноста на својот совршен човечки живот во корист на човештвото. Како оној кој е избран од Бог да владее над целата Земја како Цар на Божјето Царство, тој требало да биде Божји Застапник во уништувањето на Божјите непријатели и во обновувањето на Земјата во рај (Дела на св. апостоли 2:32-36; 2. Солунјаните 1:6-10; Евреите 9:24-28; Откровение 22:1-5).
Денес, добрата вест вклучува и еден друг елемент. Според сите докази за исполнувањето на пророштвата, Исус сега е устоличен, а ние живееме во последните денови на овој систем на ствари (2. Тимотеј 3:1-5; Откровение 12:7-12). Времето кога Царството ќе дејствува против Божјите непријатели брзо се приближува. Зарем би можело да постои некоја подобра вест?
Во следната статија ќе видиме колку е моќно евангелието. Тоа ѝ помогнало на една жена, која била фатена во замката на црната магија, да најде слобода. Тоа му помогнало на еден човек, кој бил во затвор заради кражба, да најде среќа. А и ти можеш да извлечеш голема корист — само ако ја слушаш и ѝ се подложиш на добрата вест.