Како може евангелието да ти помогне?
БИБЛИЈАТА е високо ценета поради нејзината литературна вредност — па дури и од страна на некои атеисти. Но всушност, малкумина ја читаат за да го применат она што таа го вели. Освен тоа, бидејќи добрата вест којашто е содржана во неа датира од пред скоро две илјади години, се чини дека многу луѓе мислат дека треба да се модернизира, осовремени. Дали евангелието е застарено или некорисно? Не, напротив.
Постојат мажи и жени, млади и стари, кои бројат на милиони, а кои знаат дека Библијата е непроценлив извор на помош. И во предговорот на Today’s English Version стои: „Библијата не е само извонредна литература на која треба да ѝ се восхитуваме и длабоко да ја почитуваме; таа е Добра Вест за сите луѓе насекаде — порака која треба и да се разбере и да се применува во секојдневниот живот“.
Какво значење има евангелието за тебе? Дали го користиш како водич во твојот секојдневен живот? Разгледај како добрата вест им користела на некои кои ѝ се подложиле во првото столетие, а како некои извлекле корист во наше време.
Луѓе на кои евангелието им помогнало
Во Исусово време, поединци, како вредни рибари и домаќинки, биле привлечени од добрата вест и ја научиле вистината за Бог и неговата намера со човекот. Добрата вест од темел го изменила нивниот живот и честопати им донесувала огромно олеснување. На пример, Марија Магдалена била излечена од влијанието на демоните. Закхеј, еден поранешен главен собирач на данок, го напуштил својот алчен начин на живот (Лука 8:2; 19:1-10). Слепите и лепрозните добиле помош кога дошле кај Исус, оној кој ја проповедал добрата вест (Лука 17:11-19; Јован 9:1-7). Исус со право можел да рече: „Слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието“ (Матеј 11:5).
Сепак, начинот на кој добрата вест ги изменила личностите на мнозина оштетени поединци бил поважен од самото лечење. Лицата со искрени срца биле исполнети со надеж за иднината. Ја ставиле својата доверба во Божјето Царство — нешто подобро од какво и да е социјално евангелие (Матеј 4:23). Нивната надеж не била осуетена со Исусовата смрт. Опишувајќи ги работите дури и после тој настан, во Делата на св. апостоли 5:42 за неговите ученици пишува: „Секој ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа“. Во првиот век, луѓето во многу земји добиле духовна помош затоа што се оѕвале на таквото проповедање.
Во тоа време пораката за Царството била најдобрата од сите вести. Дали таа сѐ уште е добра вест?
Какво значење има добрата вест денес?
Ако копнееш по мирољубив, безбеден свет, тогаш веста за Царството сигурно е добра. Всушност, во еден ваков свет во кој стотици милиони луѓе се недохранети и гладуваат, со ужасни болести кои му се закануваат на секого, со алармантен пораст на криминал и со сѐ поголема политичка нестабилност, тоа е единствената вистинска и трајна добра вест. Таа ја претставува единствената надеж за вистинско подобрување.
Тоа е токму она што го прорекол Исус во врска со нашите денови: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Овие зборови се исполнуваат на забележителен начин додека Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест во повеќе од 200 земји. Една католичка публикација, Nova Evangelização 2000, ги пофалува Јеховините сведоци за ова со зборовите: „Каде ги наоѓаме Јеховините сведоци? На куќните врати. А за некој да биде Јеховин сведок, освен да му припаѓа на Јехова, треба да биде и сведок. Затоа, ги среќаваме како работат, го објавуваат и го нудат она што го доживеале“.
Меѓутоа, никој автоматски не извлекува корист од добрата вест. Таа ќе им помогне само на оние кои ја слушаат и ѝ се подложуваат. За да го прикаже тоа, Исус раскажал една споредба за човекот кој отишол да сее семе. Различните видови земја на коишто паднало семето ги илустрира различните видови на состојба на срцето што ја покажуваат оние кои ја слушаат добрата вест. Исус рекол: „При секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово . . . А посеаното на добра земја е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет“ (Матеј 13:18-23).
Како и во првото столетие, повеќето луѓе денеска малку се напрегаат да ја разберат добрата вест. Тие не ја сфаќаат нејзината смисла, и затоа губат. Други покажуваат ценење за добрата вест и учат како да ги доведат своите животи во склад со Божјата волја. На тој начин тие се благословени. На која група ѝ припаѓаш ти?
Моќта на евангелието денес
Искуствата докажуваат дека разбирањето на добрата вест им помага на оние кои биле „без надеж и без Бог“ (Ефежанима 2:12, Стварност; 4:22-24). На Роберто од Рио де Жанеиро му била потребна помош. Уште од својата младост водел распуштен начин на живот и бил вплеткан во дрога, неморал и кражби. Најпосле завршил в затвор. Додека бил таму, Роберто ја проучувал Библијата со еден Сведок којшто го посетувал. Напредувал толку добро во духовен поглед што времетраењето на затворската казна му било значително намалено.
Откако бил пуштен, Роберто сретнал една девојка која еднаш ја ограбил и ѝ се заканувал со пиштол. Таа исто така ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци. И што се случило? Ова што следува е дел од писмото што го опишува настанот: „За првпат после нападот се сретнаа во Царската сала. Средбата беше трогателна. На обајцата им течеа солзи од радост и се прегрнаа како брат и сестра. Сега, и бившиот крадец и неговата жртва го слават Јехова“.
На една друга личност, Изабел, исто така ѝ била потребна помош бидејќи била позната по својот лош карактер. Била длабоко вовлечена во спиритизам и магии и ја измачувале демони. Додека ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци, увидела дека добрата вест навистина ѝ помогнала. По некое време се ослободила од влијанието на демоните и ја променила својата личност — најпосле научила да го контролира својот карактер. Сега таа е верна христијанка, позната како личност која е љубезна во однесувањето со другите.
Да, добрата вест не е само обична теорија. Таа има вистинска моќ да преобразува животи (1. Коринтјаните 6:9-11). Таа прави дури и повеќе отколку само тоа. Укажува и на благослови што претстојат во иднината.
Благослови кои допрва претстојат
Според Божјата Реч, иднината носи величествени изгледи. Ќе го видиме исполнувањето на Исусовата молитва да дојде Божјето Царство и да се врши неговата волја на Земјата како што се врши на небото (Матеј 6:10). Наскоро, сегашниот систем на ствари со неговата угнетувачка корупција и насилство ќе биде остранет, а Божјата небесна влада, неговото Царство, ќе владее над поединците со искрени срца кои биле спремни да ја слушаат добрата вест и да ѝ се потчинат (Даниил 2:44).
Ќе уследат коренити подобрувања кога верните луѓе ќе бидат упатувани да ја претворат Земјата во рај каде што кротките ќе живеат засекогаш (Псалми 37:11, 29). Секако е добра веста дека злосторствата, болестите, гладот, загадувањето и војните ќе исчезнат засекогаш! Можеш ли да се замислиш себеси и твоето семејство како живеете во тој нов свет во мир и совршено здравје без да се плашите од болест или смрт? (Откровение 21:4).
Вистина, таквата добра вест многумина ја сметаат за премногу едноставна или имагинарна. Но тие грешат. Добрата вест се темели на најцврстите докази, и таа веќе променила милиони животи. Затоа, никогаш немој да се заплашуваш ако другите не веруваат.
Замисли си еден разборит човек кој купува земја во некој развиен крај, надевајќи се дека ќе профитира од својата инвестиција. Дали некој би го осудил заради тоа што ги инвестирал парите на таков начин? Не. Многу поверојатно е луѓето да речат дека постапува мудро. Тогаш, зошто човек да не биде далекувиден со оглед на Царството и да инвестира, така да се рече, во добрата вест? Бидејќи прифаќањето на добрата вест значи спасение, ниедна друга инвестиција нема да донесе подобра добивка (Римјаните 1:16).
Како можеш да инвестираш во добрата вест? Како прво, биди спремен да бидеш поучен од Бог. Потоа постапувај во склад со она што го учиш. Следи ги основните барања, како што навел древниот еврејски пророк: „Што Господ [Јехова, NW] бара од тебе освен да правиш што е добро и да ја љубиш милоста и да одиш скромно со Богот свој?“ (Михеј 6:8, Даничиќ-Караџиќ). За да се научи да се оди со Бог, потребно е време и напор. Сепак, на Јеховините сведоци, кои им помогнале на Роберто и Изабел, ќе им биде драго да ти помогнат и на тебе во овој поглед — како што им помогнале на милиони други низ годините.
Додека го очекуваш исполнувањето на Божјите ветувања, негувај ја својата инвестиција така што ќе живееш според добрата вест, радувајќи се на душевниот мир и градејќи близок однос со Бог. Твојата инвестиција ќе биде сигурна — никаков економски притисок или политички преврат нема да ја загрози. А на крајот таа ќе ти донесе прекрасна добивка. Каква добивка? Апостолот Јован напишал: „Светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17).
[Слика на страница 7]
Семето на добрата вест паѓа на различни видови земја
[Извор на слика]
Garo Nalbandian