Вредноста на Наш Папирусот
КАКО може точно да се одреди староста на еден стар хебрејски библиски ракопис? Со тој проблем се соочил д-р Џон Ч. Тревер во 1948, кога за првпат го видел свитокот на Исаија од Мртвото Море. Неговото интересирање го подбудил обликот на хебрејските букви. Знаел дека клучот за откривање на неговата старост се крие во буквите, но, со што би можел да ги спореди? Исправно заклучил: „Само со писмото на Наш Папирусот. Зошто? Каков е тој ракопис и откаде потекнува?
Наш Папирусот се состои од само четири фрагмента во 24 реда хебрејски текст, со величина од 7,5 на 12,5 сантиметри. Името го добил според В. Л. Наш, секретарот на Друштвото за библиска археологија, кој го набавил од некој египетски трговец во 1902. Следната година, С. Е. Кук го објавил во списанието Proceedings, коешто го издавало друштвото, и ѝ бил претставен на Библиотеката на универзитетот Кембриџ (Англија) каде што и останал. Вредноста на овој папирусен фрагмент е поврзана со неговата старост. Научниците утврдиле дека датира од вториот или првиот век пред н. е., па затоа бил најстарото хебрејско ливче со ракопис коешто некогаш било пронајдено.
Кога д-р Тревер споредил еден колор дијапозитив на Наш Папирусот со свитокот пред себе, прецизно ја испитувал формата и обликот на поедини букви. Без сомнение, тие биле многу слични. Дури и тогаш му се чинело неверојатно дека тој голем, неодамна пронајден ракопис, би можел да биде толку стар колку и Наш Папирусот. Меѓутоа, со текот на времето, се покажало дека неговиот начин на размислување е точен. Свитокот на Исаија од Мртво Море потекнувал од вториот век пред нашата ера!
Содржината на Наш Папирусот
Една анализа на текстот на Наш Папирусот открива дека сите негови 24 реда се непотполни, и дека на обата краја недостасува по некој збор или буква. Тој содржи делови од Десетте заповеди од 2. Мојсеева, поглавје 20, како и неколку стиха од 5. Мојсеева, поглавја 5 и 6. Според тоа, ова не бил обичен библиски ракопис, туку мешан текст со посебна намера. Тоа очигледно бил дел од некоја наставна збирка за да го потсети некојси Евреин на неговата должност кон Бог. Честопати се повторувал еден дел од Светото писмо кој почнува во 5. Мојсеева 6:4 (NW), наречен Шема. Тој стих гласи: „Почуј, о Израеле: Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“.
Тетраграматонот ЈХВХ, „Јехова“, во овој стих се среќава двапати во последниот ред од папирусот, и се појавува на пет други места. Тој исто така се појавува еднаш, а му недостига првата буква.
Шема бил особено наменет да ја нагласи „единственоста на личноста на Бог“. Според еврејскиот Талмуд, (Беракот, 19а), завршниот збор Еха́д, („Еден“), „би требало посебно да се нагласи, иако бил изговаран со истакнување на секој слог“ (В. О. Е. Естерли и Џ. Х. Бокс; нагласено од нив). Осврнувајќи се на Бог, ова продолжено еха́д исто така ја навестувало неговата единственост.
Денес, Наш Папирусот има многу врсници, особено меѓу свитците коишто се пронајдени во пештерите покрај брегот на Мртво Море, близу Кумран. Деталната анализа потврдила дека многу од овие ракописи датираат од првиот и вториот век пред н. е.a Иако повеќе не е најстариот познат хебрејски ракопис, Наш Папирусот сѐ уште предизвикува огромен интерес. Тој и понатаму останува единствениот хебрејски библиски ракопис со толкава старост којшто е откриен во Египет.
[Фуснота]