Нашиот величествен Творец и неговите дела
КОЛКУ ВЕЛИЧЕСТВЕНО! Грмежливите водопади на Игуасу или Нијагара, големите кањони во Аризона или Хаваите, велелепните фјордови на Норвешка или Нов Зеланд — какви извици на восхитување предизвикуваат овие природни чуда! Но дали се тие само случајни продукти на таканаречената Мајка Природа? Не, тие се многу повеќе од тоа! Тоа се дела на Величествен Творец, љубезен небесен Татко за кого мудриот цар Соломон напишал: „Секоја убава работа тој ја прави во свое време. Во срцето им ја ставил и мислата за вечност, зашто на делата коишто ги прави Бог, човекот не може да им го долови ни почетокот ни крајот“ (Проповедник 3:11, Бакотиќ). Навистина, на луѓето би им требало цела вечност за да ги истражат сите славни дела со кои нашиот Творец ја исполнил вселената.
Колку величествен Творец имаме! И колку ни е драго што тој семоќен Бог „во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите [светот, Даничиќ-Караџиќ]“ (Евреите 1:2). Овој Син, Исус Христос, ги ценел прекрасните работи коишто ги создал неговиот Татко. Честопати се осврнувал на нив кога ги илустрирал намерите на својот Татко и кога со зборови ги охрабрувал своите слушатели (Матеј 6:28-30; Јован 4:35, 36). ‚Преку вера‘ мнозина забележале дека чудата на создавањето биле „установени со збор Божји“ (Евреите 11:3). Нашиот секојдневен живот би требало да одразува иста таква вера (Јаков 2:14, 26).
Навистина се величествени делата на нашиот Бог. Тие на прекрасен начин ја одразуваат неговата мудрост, сила, праведност и љубов. На пример, на нашава Земја ѝ дал наклон и ја поставил да ротира околу Сонцето така што неговата идна творба, човекот, можел да ужива во чудесната низа од годишни времиња. Бог изјавил: „Сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите“ (1. Мојсеева 8:22). Понатаму, Бог дарежливо ја снабдил нашата Земја со вредни минерали. Особено дал изобилство од вода, која подоцна ќе стане животоважна состојка и која ќе го поддржува сиот земен живот.
Во една низа од шест „творечки дена“, од коишто секој траел илјадници години, ‚Божјиот Дух [активна сила, New World Translation of the Holy Scriptures]‘ продолжил да ја подготвува Земјата за човековото живеење. Светлината со која гледаме, воздухот што го дишеме, сувото копно на кое живееме, вегетацијата, сменувањето на денот и ноќта, рибите, птиците, животните — сите нив по ред ги создал нашиот Величествен Творец за да му служат на човекот и да му причинуваат задоволство (1. Мојсеева 1:2-25). Сигурно дека можеме да му се придружиме на псалмистот во извикот: „Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија“ (Псалми 103:24).
Божјето ремек-дело на создавањето
Додека шестиот „ден“ на создавањето се ближел кон крај, Бог го направил човекот, а потоа и неговата помошничка, жената. Каква мајсторска завршница за земските творби, далеку попрекрасни од сите физички создавања коишто се случиле пред тоа! Псалми 113:24 нѐ известуваат: „Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки“. Според тоа, Јехова нѐ предвидел нас, човечките души, за да уживаме и да ги користиме неговите претходни творби на Земјата. Колку би требало да бидеме благодарни за нашите очи — кои се далеку покомплицирани и од најсовршената камера — кои можат да ги примаат впечатоците од шарениот свет околу нас! Ги имаме нашите уши — поосетливи од било кој звучен систем што го направил човекот — кои ни помагаат да уживаме во разговорот, музиката и во мелодичниот птичји пој. Имаме вграден говорен механизам, вклучувајќи го подвижниот јазик. Јазичните папили за вкус, заедно со нашето чувство за мирис, нѐ опремуваат да се насладуваме на бескрајно разновидната храна. А колку само го цениме допирот на некоја љубезна рака! Секако дека сме му благодарни на нашиот Творец, како што бил и псалмистот, кој рекол: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава“ (Псалми 138:14).
Љубезната доброљубивост на нашиот Творец
Псалмистот напишал: „Славете Го Господа, зашто е добар . . .; Кој прави големи чуда, зашто е вечна милоста [љубезната доброљубивост, NW] Негова“ (Псалми 135:1-4). Таа љубезна доброљубивост и сега го поттикнува да прави прекрасни работи кои се далеку повеличествени од сите творби кои штотуку ги опишавме. Да, дури и кога се одмора од создавањето на материјални работи, тој создава на духовен план. Тоа го прави за да одговори на еден злобен предизвик што му бил дрско упатен. Како тоа?
Првиот човек и жена биле сместени во прекрасен рај, Еден. Меѓутоа, еден отпаднат ангел, Сатана, се поставил себеси како бог и ја навел човечката двојка на бунт против Јехова. Бог со право ги осудил на смрт, што довело до тоа нивните деца, целиот човечки род, да се роди во грешна, смртна состојба (Псалми 50:5). Библискиот извештај во врска со Јов покажува дека Сатана го предизвикал Бог, тврдејќи дека ниеден човек не може да ја сочува својата беспрекорност пред Него ако се стави на испит. Но Јов, како и многу други верни Божји слуги од библиски како и од наши времиња, докажал дека Сатана е голем лажливец (Јов 1:7-12; 2:2-5, 9, 10; 27:5). Исус, како совршен човек, дал неспоредлив пример како да се остане беспрекорен (1. Петрово 2:21-23).
На тој начин, Исус можел да рече: „Кнезот на овој свет [Сатана] против мене не може ништо“ (Јован 14:30, Стварност). Сепак, до ден денеска „целиот свет е во власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19, Ст). Откако ја оспорил законитоста на Јеховиниот суверенитет, на Сатана му биле дадени околу 6.000 години да покаже дали неговото владеење со човештвото може да успее. Колку бедно потфрлил, како што покажуваат сѐ полошите светски услови! Нашиот љубезен Бог, Јехова, наскоро ќе го отстрани ова расипано светско општество и ќе ја потврди својата законска сувереност над Земјата. Колку радосно олеснување ќе им донесе тоа на луѓето кои копнеат по мирољубива, праведна влада! (Псалми 36:9-11; 82:17, 18).
Но, тоа не е сѐ! Божјата љубезна доброљубивост ќе се покаже и понатаму, на темел на Исусовите зборови од Јован 3:16: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Ова обновување на изгледот за човештвото да има вечен живот на Земјата, го вклучува создавањето на нови работи. Кои се тие? Како тие му користат на човештвото кое воздивнува? Тоа ќе го покаже нашата следна статија.