ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/1 стр. 20-25
  • Зошто да се чуваме од идолопоклонство?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто да се чуваме од идолопоклонство?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што е идолопоклонство
  • Јеховиното гледиште за идолопоклонство
  • Лојални под испит
  • Идолите губат на суд
  • Жртви за демоните
  • Зошто е потребно да се чуваме?
  • Ќе се чуваш ли од идолопоклонство?
  • Чувај се од секаков вид идолопоклонство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Бегај од идолопоклонство
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2020)
  • Зошто Јеховините сведоци не користат икони?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/1 стр. 20-25

Зошто да се чуваме од идолопоклонство?

„Чеда, пазете се од идолите“ (1. ЈОВАНОВО 5:21).

1. Зошто обожавањето на Јехова е ослободено од идолопоклонство?

ЈЕХОВА не е идол од метал, дрво или камен. Тој не може да биде сместен во некој земски храм. Со оглед дека е семоќен Дух, невидлив за луѓето, невозможно е да направиме негов лик. Затоа, чистото обожавање на Јехова мора да биде потполно ослободено од идолопоклонство (2. Мојсеева 33:20; Дела на св. апостоли 17:24; 2. Коринтјаните 3:17).

2. Кои прашања го заслужуваат нашето внимание?

2 Ако си Јеховин обожавател, тогаш би можел да се запрашаш: ‚Што е идолопоклонство? Како можеле Јеховините слуги во минатото да го избегнуваат? И зошто треба да се чуваме од него денес?‘

Што е идолопоклонство

3, 4. Како може да се дефинира идолопоклонството?

3 Воглавно, тоа вклучува некоја церемонија или некој ритуал. Инаку идолопоклонство претставува почитување, љубов, обожавање или поклонение на некој идол. А што е идол? Тоа е лик, кој претставува нешто, или симбол кој е предмет на оддаденост. Обично, идолопоклонството е насочено кон вистинска или претпоставена сила за која се смета дека има живо постоење (човек, животно или организација). Но идолопоклонството може исто така да се практицира и во врска со неживи ствари (некоја сила или безживотен предмет од природата).

4 Во Библијата, хебрејските зборови што се однесуваат на идоли често нагласуваат безвредност, или претставуваат изрази на презир. Меѓу нив се наоѓаат зборови што се преведени со „изрезбана или гравирана слика“ (буквално, нешто што е изделкано); „излеана статуа, слика или идол“ (нешто излиено или истурено); „ужасен идол“; „ништожен идол“ (буквално: суета) и „нечист идол“. Грчкиот збор и́долон се преведува со „идол“.

5. Зошто може да се каже дека сите слики не се идоли?

5 Сите ликови не се идоли. Самиот Бог им рекол на Израелците да направат два златни херувима за ковчегот на сојузот и да извезат слики на такви духовни суштества на внатрешната покривка од десетте шаторски платна за шаторот за обожавање и на завесата што ја одвојувала Светињата од Светињата над светињите (2. Мојсеева 25:1, 18; 26:1, 31-33). Само свештениците кои вршеле служба ги гледале тие слики кои првенствено служеле како симбол на небесните херувими. (Спореди Евреите 9:24, 25.) Очигледно е дека ликовите на херувимите во шаторот за обожавање не требало да се обожаваат, затоа што самите праведни ангели не прифаќале обожавање (Колосјаните 2:18; Откровение 19:10; 22:8, 9).

Јеховиното гледиште за идолопоклонство

6. Кое е Јеховиното гледиште за идолопоклонството?

6 Јеховините слуги се вардат од идолопоклонство затоа што Бог е против секаков вид на идолопоклонски обичаи. Бог им заповедал на Израелците да не прават слики како предмети на почитување, па да ги обожаваат. Меѓу Десетте заповеди се наоѓаат следниве зборови: „Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител [Бог кој бара исклучителна оддаденост, NW], Кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои“ (2. Мојсеева 20:4-6).

7. Зошто Јехова е против секаков вид идолопоклонство?

7 Зошто Јехова е против секаков вид идолопоклонство? Првенствено поради тоа што тој бара исклучителна оддаденост, како што се гледа погоре во втората од Десетте заповеди. Освен тоа, преку својот пророк Исаија, рекол: „Јас сум Господ [Јехова, NW], тоа е Моето име, и нема да ја дадам славата Своја на друг, ниту честа Своја на идоли“ (Исаија 42:8). Едно одредено време, идолопоклонството ги завело Израелците до тој степен што „ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на бесовите [на ѓаволите, ДК]“ (Псалми 105:36, 37). Идолопоклониците не само што го негираат Јехова како вистински Бог, туку заедно со демоните служат на интересите на неговиот главен Непријател, Сатана.

Лојални под испит

8. Со каков испит биле соочени тројцата Евреи, Седрах, Мисах и Авденаго?

8 Исто така, да се чуваме од идолопоклонство ни помага лојалноста спрема Јехова. Тоа е прикажано со случајот што е запишан во 3. поглавје од книгата на Даниил. При свеченото откривање на еден голем златен лик што го поставил, вавилонскиот цар Навуходоносор ги собрал сите службеници од неговото царство. Заповедта се однесувала и на Седрах, Мисах и Авденаго — тројца еврејски управители над правосудната област на Вавилон. На сите присутни им било наредено да се поклонат пред ликот при звукот на одредени музички инструменти. Тоа било обид од страна на вистинскиот вавилонски бог Сатана да ги натера тројцата Евреи да се поклонат пред ликот кој го претставувал Вавилонското Царство. Замисли дека и ти си таму.

9, 10. а) Каков став зазеле тројцата Евреи и како биле наградени? б) Какво охрабрување можат да извлечат Јеховините сведоци од постапката на тројцата Евреи?

9 Погледни ги тројцата Евреи како стојат. Тие го памтат Божјиот закон кој е против правење и служење на идоли или на изрезбани ликови. Навуходоносор им поставува услов — поклонете се или ќе умрете! Но од лојалност спрема Јехова, тие велат: „Нашиот Бог, Кому Му служиме, е силен да нѐ спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе, ќе нѐ избави. Ако пак и тоа не се случи, извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме“ (Даниил 3:16-18).

10 Тие лојални Божји слуги се фрлени во силно вжарена печка. Навуходоносор е вчудовиден кога гледа четворица поединци како одат во печката, па ги повикува тројцата Евреи да излезат, а овие се појавуваат неповредени. Царот при тоа извикува: „Нека е благословен Бог на Седраха, Мисаха и Авденаго, Кој го испрати Својот ангел [четвртиот во печката] и ги избави слугите Свои што се надеваа на Него и не ја послушаа царската заповед, па ги предадоа телата свои на огнот за да не служат и да не се поклонат на друг бог, освен на својот Бог! . . . Нема друг Бог, Кој може да избавува“ (Даниил 3:28, 29). Тоа што тие тројца Евреи ја сочувале беспрекорноста пружа охрабрување за денешните Јеховини сведоци да му бидат лојални на Бог, да ја зачуваат неутралноста спрема светот и да го избегнуваат идолопоклонството (Јован 17:16).

Идолите губат на суд

11, 12. а) Каков запис дал Исаија во кој биле вклучени Јехова и идолските богови? б) Како поминале боговите на нациите кога биле соочени со Јехова?

11 Друга причина зошто да се чуваме од идолопоклонство е таа што обожавањето на идолите е бескорисно. Иако некои идоли направени од човек можеби изгледаат како да се живи — најчесто имаат уста, очи и уши — тие не можат да зборуваат, да гледаат или слушаат, и не можат ништо да сторат за своите поклоници (Псалми 134:15-18). Тоа се покажало во осмиот век пр. н. е., кога Божјиот пророк во Исаија 43:8-28 го запишал она што всушност претставува судски случај помеѓу Јехова и идолските богови. Во тој случај Божјиот народ Израел бил на едната страна, а светските нации на другата. Јехова ги предизвикал лажните богови на народите да ги кажат „првите работи“ (NW), односно точно да пророкуваат. Ниеден не можел да го направи тоа. Свртувајќи се спрема својот народ, Јехова рекол: „Мои сведоци, . . . сте вие . . . Јас сум Бог“. Народите не можеле да докажат дека нивните богови постоеле пред Јехова или дека можеле да пророкуваат. Но Јехова го претскажал уништувањето на Вавилон и ослободувањето на неговиот заробен народ.

12 Освен тоа, Божјите ослободени слуги требало да кажат, како што е опишано во Исаија 44:1-8, дека ‚му припаѓаат на Јехова‘ (NW). Тој самиот рекол: „Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог“. Идолските Богови ништо не прорекнале. „Вие сте Мои сведоци“, повторно Јехова му вели на својот народ, и додава: „Има ли Бог освен Мене? Не, друга никаква карпа не знам“.

13. Што открива идолопоклонството за идолопоклоникот?

13 Се чуваме од идолопоклонство и поради тоа што впуштањето во него покажува недостиг на мудрост. Од еден дел од дрвото што го избира, идолопоклоникот прави бог за обожавање, а од друг дел пали оган да си зготви јадење (Исаија 44:9-17). Колку безумно! Оној кој прави идолски богови и е нивни поклоник исто така доживува срам зашто не може да даде убедливо сведоштво кое ќе го докаже нивното божество. Но, Божеството на Јехова е неоспорно затоа што не само што го прорекол ослободувањето на неговиот народ од Вавилон, туку предизвикал тоа и да се случи. Ерусалим бил повторно населен, градовите на Јуда биле повторно изградени, а „водната длабочина“ (NW) на Вавилон — реката Еуфрат — повеќе не била извор на заштита (Исаија 44:18-27). Како што Бог, исто така, претскажал, Персијанецот Кир го освоил Вавилон (Исаија 44:28–45:6).

14. Што ќе биде трајно докажано на Универзалниот Врховен Суд?

14 Идолските божества го изгубиле судскиот случај во врска со правото на божество. И она што му се случило на Вавилон сигурно ќе го снајде и неговиот современ пандан, Големиот Вавилон, светското Царство на лажната религија. Тој и сите негови богови, религиозни реквизити и предмети на идолопоклонство наскоро ќе исчезнат засекогаш (Откровение 17:12–18:8). На Универзалниот Врховен Суд, трајно ќе биде докажано дека само Јехова е живиот и вистински Бог и дека тој ја исполнува својата пророчка Реч.

Жртви за демоните

15. Што покажале светиот дух и водечкото тело од првиот век во врска со Јеховиниот народ и идолопоклонството?

15 Јеховиниот народ се чува од идолопоклонство и поради тоа што е воден од Божјиот дух и организација. Водечкото тело на Јеховините слуги од првиот век на сохристијаните им рекло: „На Светиот Дух и нам ни беше угодно веќе никакво бреме да не ви ставаме освен она што е потребно: да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство, и да не им правите на други она што вам не ви е угодно. Ако се пазите од ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“ (Дела на св. апостоли 15:28, 29).

16. Како со свои зборови би го изразил она што го рекол Павле за работите жртвувани на идоли?

16 Друга причина зошто се чуваме од идолопоклонство е за да избегнеме демонизам. Во врска со Господовата Спомен–свеченост, апостолот Павле им рекол на коринтските христијани: „Одбегнувајте го служењето на идолите. . . . Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општување [заедница, ДК] со крвта Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли општување со телото Христово? Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб. Гледајте го Израилот по тело: оние, што јадат од жртвите, не се ли во заедница со жртвеникот? Па што да речеме? Тоа ли дека идолот е нешто, или дека идолските жртви се нешто? Не! Но она што го принесуваат незнабожците како жртва, го принесуваат на бесови [демони, NW], а не на Бога; јас, пак, не сакам да бидете во заедница со бесовите. Не можете да пиете од Господова чаша и од бесовска чаша; не можете да учествувате на Господовата трпеза и на бесовската трпеза. Или, пак, ќе побудиме ревнување во Господа? Та посилни ли сме од Него?“ (1. Коринтјаните 10:14-22).

17. Под кои околности можел христијанинот да јаде месо жртвувано на идолите во I век н. е, и зошто?

17 Дел од животното било жртвувано на некој идол, друг дел одел кај свештениците, а обожавателот добивал дел за гозба. Меѓутоа, дел од месото можело да се продаде на пазар. Не било препорачливо еден христијанин да оди во идолски храм за да јаде месо, иако не го јадел како дел од некој ритуал, зашто тоа би можело да ги спрепне другите или да вовлече некого во лажно обожавање (1. Коринтјаните 8:1-13; Откровение 2:12, 14, 18, 20). Месото не го менувало својот состав кога животното му било принесувано на некој идол, па затоа христијанинот можел да го купи на пазар. Исто така, не морал да се распрашува од каде било набавено месото што се послужувало кај некого дома. Но ако некој речел дека било „идолска жртва“, немало да го јаде за да не би спрепнал некого (1. Коринтјаните 10:25-29).

18. Како можело оние кои јаделе работи жртвувани на идолите да бидат поврзани со демоните?

18 Често се сметало дека после жртвениот обред, богот се наоѓал во месото и влегувал во телото на обожавателите кои го јаделе на гозбата. Бидејќи луѓето кои јаделе заедно меѓусебно се поврзувале, оние кои земале од жртвуваните животни учествувале во нивното принесување на олтарот и имале заедништво со демонските богови кои биле претставени со идолите. Преку таквото идолопоклонство демоните ги спречувале луѓето да го обожаваат единствениот вистински Бог (Јеремија 10:1-15). Не е чудо што Јеховиниот народ требало да се чува од работите жртвувани на идоли! Лојалноста спрема Бог, прифаќањето на водството на неговиот свет дух и организација и одлучноста да избегнуваме да бидеме вмешани со демонизмот, исто така, се покажуваат како силен потстрек и денес да се чуваме од идолопоклонството.

Зошто е потребно да се чуваме?

19. Каков вид идолопоклонство постоел во древниот Ефес?

19 Христијаните внимателно се чуваат од идолопоклонството затоа што истото има многу облици, па дури и само еден идолопоклонички чин може да ја компромитира нивната вера. Апостолот Јован на другите верници им рекол: „Пазете се од идолите“ (1. Јованово 5:21). Тој совет бил потребен затоа што биле опкружени со многу облици на идолопоклонство. Јован пишувал од Ефес, град кој бил потонат во маѓеснички обичаи и митови за лажни божества. Во Ефес се наоѓало едно од седумте светски чуда — храмот на Артемида, засолниште на криминалци и центар за неморални ритуали. Филозофот Хераклит од Ефес, темната патека до олтарот на тој храм ја споредил со темнината на подмолноста, и моралот на луѓето кои биле поврзани со храмот го сметал за полош од оној на животните. Според тоа, ефеските христијани морале одлучно да се спротивставуваат на демонизмот, неморалот и идолопоклонството.

20. Зошто било важно да се избегнува дури и најмалото идолопоклонство?

20 На христијаните им е потребна цврста одлучност да го избегнуваат дури и најмалото идолопоклонство затоа што само еден чин на обожавање на Ѓаволот би можел да го подржува неговото тврдење дека под испит луѓето нема да му останат верни на Бог (Јов 1:8-12). Кога му ги покажувал на Исус „сите царства на светот и нивната слава“, Сатана рекол: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш [ми укажеш чин на обожавање, NW]“. Со своето одбивање Христос ја подржал Јеховината страна во спорното прашање за универзалниот суверенитет и со тоа покажал дека Ѓаволот е лажливец (Матеј 4:8-11; Соломонови изреки 27:11).

21. Што одбивале да прават верните христијани во врска со римскиот цар?

21 Ниту Исусовите први следбеници не вршеле никаков чин на обожавање со што би ја поддржале Сатановата страна во спорното прашање. Иако на исправен начин ги почитувале државните ‚претпоставени власти‘, тие не гореле темјан во чест на римскиот цар, дури ако тоа ги чинело живот (Римјаните 13:1-7). Даниел П. Маникс во врска со тоа напишал: „Многу малку од христијаните се одречувале, иако во арената обично се чувал олтар со разгорен оган главно заради нив. Сѐ што требало затвореникот да направи било само да фрли малку темјан во пламенот, со тоа ќе била дадена Потврда за жртвување и тогаш бил ослободен. Исто така внимателно му било објаснувано дека тој не го обожава царот, туку само ја признава божествената природа на царот како поглавар на римската држава. Сепак, скоро ниеден христијанин не ја искористил приликата да се спаси“ — Оние кои требало да умрат (Those About to Die, стр. 137). Кога би бил искушуван на сличен начин, дали ти во потполност би одбил секакво идолопоклонство?

Ќе се чуваш ли од идолопоклонство?

22, 23. Зошто мораш да се чуваш од идолопоклонство?

22 Јасно, христијаните мораат да се чуваат од секаков облик на идолопоклонство. Јехова бара исклучителна оддаденост. Тројцата верни Евреи дале одличен пример со тоа што одбиле да го идолизираат големиот лик што го поставил вавилонскиот цар Навуходоносор. Во универзалниот судски случај што го прорекол пророкот Исаија, само Јехова се покажал како единствен и жив Бог. Неговите први христијански сведоци морале постојано да се воздржуваат од работите што им биле жртвувани на идоли. Многуте лојални меѓу нив ниту еднаш не подлегнале на притисокот да направат идолопоклонички чин што би претставувал одречување од Јехова.

23 Затоа, дали ти лично се вардиш од идолопоклонство? Дали си му исклучително оддаден на Бог? Дали го подржуваш Јеховиниот суверенитет и дали го величаш како вистински и жив Бог? Ако да, треба да бидеш одлучен да продолжиш цврсто да ги одбиваш идолопоклоничките обичаи. Но, кои други библиски мисли можат да ти помогнат да се чуваш од идолопоклонство од секаков вид?

Што мислиш?

◻ Што е идолопоклонство?

◻ Зошто Јехова е против секакво идолопоклонство?

◻ Каков став зазеле тројцата Евреи во врска со идолопоклонството?

◻ Како можело оние кои јаделе работи жртвувани на идолите да бидат поврзани со демоните?

◻ Зошто треба да се чуваме од идолопоклонство?

[Слика на страница 23]

Иако нивните животи биле во опасност, тројцата Евреи не сакале да бидат вовлечени во идолопоклонство

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели