ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/1 стр. 25-30
  • Чувај се од секаков вид идолопоклонство

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Чувај се од секаков вид идолопоклонство
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Навестено е идолопоклонството на христијанството
  • Други видови на идолопоклонство
  • Избегнувај алчност и лакомост
  • Чувај се од себеобожавање
  • Биди буден!
  • Зошто да се чуваме од идолопоклонство?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • „Земи го при срце“ Божјиот храм!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Љубоморни за чистото обожавање на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Цени го своето пријателство со Јехова
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2020)
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/1 стр. 25-30

Чувај се од секаков вид идолопоклонство

„Каква сличност [согласност, NW] има храмот Божји со идолите?“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 6:16).

1. Што било предочено со шаторот за обожавање и со храмовите на Израел?

ЈЕХОВА има храм во кој нема идоли. Тоа било претставено со Израеловиот шатор за обожавање што го подигнал Мојсеј, како и со храмовите кои подоцна биле изградени во Ерусалим. Тие градби го претставувале ‚вистинскиот Шатор‘ (Ст), Јеховиниот голем духовен храм (Евреите 8:1-5). Тој храм ја претставува подготовката преку која може да му се пристапи на Бог во обожавањето на темел на откупната жртва на Исус Христос (Евреите 9:2-10, 23).

2. Кој станува столб во Божјиот голем духовен храм, и каква положба ужива големото мноштво?

2 Секој помазан христијанин станува „столб во храмот [Божји]“, со тоа што добива место на небото. ‚Големото мноштво‘ од Јеховини други обожаватели „Му служат“ [на Бог] во оној дел што е претставен со Предворјето за Народите во храмот кој повторно го изградил Ирод. Поради верата во Исусовата жртва, тие имаат праведна положба која условува да бидат сочувани преку „големата неволја“ (Откровение 3:12; 7:9-15, NW).

3, 4. Со што е споредено собранието на помазани христијани на Земјата, и од каква нечистотија мора да биде ослободено?

3 Собранието од помазани христијани на Земјава е исто така симболично споредено со друг храм што е ослободен од идолопоклонство. На таквите ‚запечатени преку Светиот Дух‘, апостол Павле им рекол: „Се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот“ (Ефесјаните 1:13; 2:20-22). Тие 144.000 запечатени се „живи камења“ кои ‚изградиле од себе духовен дом, свештенство свето‘ (1. Петрово 2:5; Откровение 7:4; 14:1).

4 Бидејќи тие потсвештеници се „Божја зграда“, тој не дозволува овој храм да биде извалкан (1. Коринтјаните 3:9, 16, 17). „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“, предупредил Павле. „Зашто, какво, општување постои меѓу правдата и беззаконието? Што општо има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар? Или, што општо има меѓу верник и неверник? Каква сличност има храмот Божји со идолите?“. Помазаните христијани кои му припаѓаат на „Господ [Јехова, NW] Седржителот“, мораат да бидат ослободени од идолопоклонство (2. Коринтјаните 6:14-18). Исто така и оние од големото мноштво мораат да се вардат од секаков вид на идолопоклонство.

5. Што прават вистинските христијани, свесни дека Јехова заслужува исклучителна оддаденост?

5 Постојат и отворени и префинети облици на идолопоклонство. Да, идолопоклонството не е ограничено само на обожавање на лажни богови и божици. Тоа е обожавање на било што или било кого освен Јехова. Како Универзален Суверен, тој со право бара и заслужува исклучителна оддаденост (5. Мојсеева 4:24). Свесни за тоа, вистинските христијани внимаваат на библиските предупредувања против секаков вид на идолопоклонство (1. Коринтјаните 10:7). Да разгледаме одредени облици на идолопоклонство коишто Јеховините слуги треба да ги избегнуваат.

Навестено е идолопоклонството на христијанството

6. Какви одвратни работи видел Езекиел во визија?

6 Додека бил во вавилонско изгнанство во 612 пр. н. е., пророкот Езекиел добил визија за одвратни работи што ги практицирале отпадничките Евреи во Јеховиниот храм во Ерусалим. Езекиел видел „симбол на љубомора“. Видел седумдесетмина старешини како принесуваат темјан во храмот. Можело да се видат жени како плачат по некој лажен бог. А 25 мажи го обожавале Сонцето. Какво значење имале тие отпаднички постапки?

7, 8. Што би можело да претставува ‚симболот на љубомора‘ и зошто тоа го навело Јехова на љубомора?

7 Преку одвратните работи што Езекиел ги видел во визијата, било навестено идолопоклонството на христијанството. На пример, тој рекол: „А од северната страна при вратата на жртвеникот, пред влезот нејзин беше идолот на ревноста [симбол на љубомора, NW]. И ми рече Он [Јехова Бог]: ‚Сине човечки, гледаш ли што прават; ги гледаш ли големите гадотии, што се вршат тука во домот Израилев, за да се оддалечат од Моето светилиште‘“ (Језекиил 8:1-6).

8 Идолопоклоничкиот симбол на љубомора можеби бил некој свет столб кој ја претставувал лажната божица која Канаанците ја сметале за жена на нивниот бог Ваал. Сеедно каков бил тој симбол, тоа го навело Јехова на љубомора затоа што Израел ја поделил својата исклучителна оддаденост спрема него и ги прекршил неговите заповеди: „Јас сум Господ [Јехова, NW], Бог твој, . . . Немој да имаш други богови освен Мене! Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител [Бог кој бара исклучителна оддаденост, NW]“ (2. Мојсеева 20:2-5).

9. Како христијанството го навело Јехова на љубомора?

9 Обожавањето на симболот на љубомора во Божјиот храм било едно од големите одвратни работи што ги извршувале отпадничките Израелци. Слично на тоа, црквите на т.н. христијанство се извалкани со симболи кои го срамотат Бог и ликови кои ја разделуваат исклучителната оддаденост за која тврдат дека му ја даваат на Оној за кого се изјаснуваат дека му служат. Бог е наведен на љубомора и поради тоа што свештенството го одбива неговото Царство како единствена надеж за човештвото, а ги идолизира Обединетите нации — ‚мерзоста на запустението која стои на свето место‘, каде што не треба да стои (Матеј 24:15, 16; Марко 13:14).

10. Што видел Езекиел внатре во храмот и како тоа се споредува со она што е забележано во христијанството?

10 Влегувајќи во храмот, Езекиел известува: „А тоа секакви изобразени животни што се влечат, и нечисти животни, и секакви идоли, во домот Израилев, насликани по ѕидовите наоколу. И седумдесетмина мажи од старешините на домот Израилев стојат пред нив, . . . и кај секого од нив во раката — кадилница, и густ облак од кадиво се издигаше угоре“. Замисли! Израелските старешини во Јеховиниот храм им принесуваат темјан на лажните богови, претставени со одвратни ѕидни резби (Језекиил 8:10-12). Слично на тоа, биле употребувани птици и диви животни како симболи за земјите на христијанството на кои луѓето им се оддадени. Освен тоа, мнозина од свештенството се виновни за тоа што помагале масите да бидат заведени, така што ја бранеле погрешната теорија на човекова еволуција од животни облици пониски од човекот, наместо да го унапредуваат вистинскиот библиски извештај на создавање од страна на Јехова Бог (Дела на св. апостоли 17:24-28).

11. Зошто отпадничките Израелки плачеле по Тамуз?

11 Пред портата на Јеховиниот дом, Езекиел видел како отпадничките Израелки плачат по Тамуз (Језекиил 8:13, 14). Вавилонците и Сиријците го сметале Тамуз за бог на вегетацијата која расте во дождовната сезона, а умира за време на сушниот период. Смрта на вегетацијата ја претставувала смртта на Тамуз кого секоја година го оплакувале неговите обожаватели во времето на најголемата горештина. Со повторното појавување на вегетацијата за време на дождовната сезона, Тамуз, наводно, се враќал од подземниот свет. Тој бил претставен со првата буква од неговото име, древното тау кое било во облик на крст. Тоа секако нѐ потсетува на идолопоклоничкото обожавање на крстот од страна на т. н. христијанство.

12. Што видел Езекиел дека правеле 25–те отпаднички Израелци, и која слична постапка се случува во т.н. христијанство?

12 Потоа во внатрешниот двор на храмот, Езекиел видел 25 отпаднички Израелци како го обожаваат Сонцето — прекршување на Јеховината заповед против таквото идолопоклонство (5. Мојсеева 4:15-19). Тие идолопоклоници исто така му држеле пред нос на Бог срамна гранка која можеби го претставувала машкиот полов орган. Не е чудно што Бог не сакал да им одговори на молитвите, како што т.н. христијанство ќе ја бара неговата помош за време на ‚големата неволја‘, но залудно (Матеј 24:21, ДК). Како што тие отпаднички Израелци го обожавале Сонцето кое дава светлина со грб свртен спрема Јеховиниот храм, така христијанството ѝ го врти грбот на светлината од Бог, учи лажни науки, ја идолизира световната мудрост и флертува со неморалот (Језекиил 8:15-18).

13. На кој начин Јеховините сведоци ги избегнуваат облиците на идолопоклонство што биле видени во Езекиеловата визија?

13 Јеховините сведоци ги избегнуваат облиците на идолопоклонство кои се вршат во христијанството, односно во Ерусалим како негов протип, како што предвидел Езекиел. Не ги идолизираме симболите кои го срамотат Бог. Иако покажуваме почит спрема државните ‚претпоставени власти‘, им се подложуваме само условно (Римјаните 13:1-7; Марко 12:17; Дела на св. апостоли 5:29). Од срце сме му оддадени на Бог и на неговото Царство. Не ја заменуваме теоријата на еволуција за Творецот и неговото творештво (Откровение 4:11). Никогаш не го обожаваме крстот ниту ги идолизираме интелектуализмот, филозофијата или некој друг вид на световна мудрост (1. Тимотеј 6:20, 21). Се вардиме и од сите други облици на идолопоклонство. Кои се некои од нив?

Други видови на идолопоклонство

14. Каков став заземаат Јеховините слуги во поглед на ‚ѕверот‘ од Откровение 13:1?

14 Христијаните не учествуваат со човештвото во идолизирањето на симболичниот „ѕвер“. Апостолот Јован рекол: „Видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рогови; на роговите негови имаше десет круни . . . Му се поклонија сите жители земни“ (Откровение 13:1, 8). Ѕверовите можат да симболизираат ‚цареви‘ или политички сили (Даниил 7:17; 8:3-8, 20-25). Значи седумте глави на симболичниот див ѕвер ги означуваат светските сили — Египет, Асирија, Вавилон, Медо– Персија, Грција, Рим и Англо–американскиот сојуз на Британија и Соединетите Американски Држави. Свештенството на христијанството покажува големо непочитување спрема Бог и Христос на тој начин што го води човештвото во идолизирање на политичкиот систем на Сатана, „кнезот на овој свет“ (Јован 12:31). Меѓутоа, како неутрални христијани и како поддржувачи на Царството, Јеховините слуги одбиваат такво идолопоклонство (Јаков 1:27).

15. Како гледа Јеховиниот народ на светските ѕвезди, и што рекол еден Сведок во врска со тоа?

15 Божјиот народ се воздржува и од идолизирање на светските забавни и спортски ѕвезди. Откако станал Јеховин сведок, еден музичар рекол: „Музиката за забава и за играње може да побуди грешни желби . . . Изведувачот пее за среќа и нежност за кои многу слушатели можеби мислат дека недостасуваат во нивниот брачен живот. Често се случува уметникот да се поистоветува со она за што пее. Некои професионалци кои ги познавам, од таа причина се вистински фаворити кај жените. Кога некој ќе навлезе во тој свет на фантазија, може да биде наведен да го идолизира изведувачот. Тоа може да започне сосема безопасно со тоа што некој ќе побара автограм како сувенир. Но некои го сметаат артистот за свој идеал, и со тоа што го ставаат на пиедестал, го претвораат во идол. Можеби сликата на ѕвездата ќе ја урамат и ќе ја обесат на ѕидот и ќе почнат да се облекуваат и да изгледаат како неа. Христијаните треба да имаат на ум дека таквото обожавање му припаѓа само на Бог“.

16. Што покажува дека праведните ангели одбиваат идолопоклонство?

16 Да, само Бог заслужува обожавање. Кога Јован ‚паднал за да се поклони пред нозете на ангелот‘ кој му покажал чудесни работи, тоа духовно суштество одбило да биде идолизирано на било кој начин, велејќи: „Стој, немој, оти сум и јас слуга како ти, и браќата твои — пророци и оние, што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!“ (Откровение 22:8, 9). Стравот од Јехова, односно длабокото почитување кон него, нѐ тера да го обожаваме само него (Откровение 14:7). Според тоа, вистинската оддаденост на Бог нѐ чува од идолопоклонство (1. Тимотеј 4:8).

17. Како можеме да се вардиме од идолопоклонички сексуален неморал?

17 Сексуалниот неморал е уште еден облик на идолопоклонство што Јеховините слуги го отфрлаат. Тие знаат дека „ниеден блудник, или нечист, или користољубец — кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христа и Бога“ (Ефесјаните 5:5). Тука е вклучено идолопоклонство затоа што копнеењето по недопусливи задоволства станува предмет на оддаденост. Со неисправните сексуални желби божествените особини се доведени во опасност. Ако нечии очи или уши се наклонети кон порнографија, тогаш го изложува на опасност односот што можеби го има со светиот Бог, Јехова (Исаија 6:3). Затоа, за да се вардат од таквото идолопоклонство, Божјите слуги мораат да избегнуваат порнографија и расипувачка музика. Тие треба цврсто да се држат за јаките духовни вредности темелени на Библијата и мораат да го задржат „новиот човек, создаден според Бога во правда и светост“ (Ефесјаните 4:22-24).

Избегнувај алчност и лакомост

18, 19. а) Што се алчност и лакомост? б) Како можеме да се чуваме од идолопоклоничка алчност и лакомост?

18 Христијаните исто така се чуваат од алчноста и лакомоста кои се меѓусебно тесно поврзани облици на идолопоклонство. Алчноста е претерана или незаситна желба, а лакомоста е алчност за било што кое му припаѓа на некој друг. Исус предупредувал против лакомоста и зборувал за некој лаком богат човек кој при смртта не можел да има корист од своето богатство, па се наоѓал во жалосна состојба поради тоа што не бил ‚богат во Бога‘ (Лука 12:15-21). Павле на прикладен начин ги советувал соверниците: „Умртвете ги своите земни членови, односно . . . лакомството, кое е идолопоклонство!“ (Колосјаните 3:5).

19 Оние кои се опседнати со пари, со алчност за јадење и пиење или со амбиција за власт, од таквите желби прават свои идоли. Како што укажал Павле, алчниот човек е идолопоклоник и нема да го наследи Божјето Царство (1. Коринтјаните 6:9, 10; Ефесјаните 5:5). Затоа, крстените поединци кои практицираат идолопоклонство како алчни луѓе би можеле да бидат исклучени од христијанското собрание. Меѓутоа, со применување на Библијата и со искрена молитва, можеме да ја избегнеме алчноста. Во Соломонови изреки 30:7-9 стои: „За две работи те молам [Јехова Боже]; не ми откажувај, пред да умрам: суетата и лагата оддалечи ги од мене, сиромаштија и богатство не ми давај, — храни ме со насушниот леб, та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: ‚Кој е Господ‘, и, откако ќе осиромашам, за да не почнам да крадам и да го употребувам името на мојот Бог напразно“. Таквиот дух може да нѐ чува од идолопоклоничка алчност и лакомост.

Чувај се од себеобожавање

20, 21. Како Јеховиниот народ се варди од себеобожавање?

20 Јеховиниот народ се чува и од себеобожавање. Вообичаено е во овој свет некој да се идолизира себеси или сопствената волја. Желбата за слава ги тера многумина да постапуваат на нечесен начин. Сакаат да ја вршат својата волја, а не Божјата. Но не би можеле да имаме никаков однос со Бог кога би подлегнале на себеобожавањето на тој начин што нечесно би барале секогаш да биде по наше и кога би се обидувале да им „попуваме“ на другите (Соломонови изреки 3:32; Матеј 20:20-28; 1. Петрово 5:2, 3). Како Исусови следбеници, ние сме се откажале од нечесните работи на светот (2. Коринтјаните 4:1, 2).

21 Наместо да бараме слава, Божјиот народ се согласува со Павловата опомена: „Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1. Коринтјаните 10:31). Бидејќи сме Јеховини слуги, ние не инсистираме на еден идолопоклонички начин да биде по наше, туку радосно ја вршиме божествената волја така што прифаќаме водството на „верниот и разумен роб“ (NW) и потполно соработуваме со Јеховината организација (Матеј 24:45-47).

Биди буден!

22, 23. На кој начин можеме да се чуваме од идолопоклонство од секаков вид?

22 Како Јеховин народ, ние не се клањаме на материјални идоли. Се чуваме и од префинетите облици на идолопоклонство. Всушност, мораме и понатаму да избегнуваме идолопоклонство од секаков вид. Затоа се согласуваме со Јовановиот совет: „Пазете се од идолите“ (1. Јованово 5:21).

23 Ако си ти еден од Јеховините слуги, вежбај ја секогаш твојата библиски школувана совест и моќ на забележуваме (Евреите 5:14). Тогаш нема да бидеш заразен од идолопоклоничкиот дух на светот, туку ќе бидеш како тројцата верни Евреи и како првите лојални христијани. Ќе му покажеш на Јехова исклучителна оддаденост, а тој ќе ти помогне да се чуваш од идолопоклонство од секаков вид.

Што мислиш?

◻ Како Јеховините сведоци избегнуваат облици на идолопоклонство какви што биле видени во Езекиеловата визија?

◻ Што е ‚ѕверот‘ од Откровение 13:1, и каков став спрема него заземаат Јеховините слуги?

◻ Зошто треба да се вардиме од идолизирање на забавни и спортски ѕвезди?

◻ Како можеме да се вардиме од себеобожавање?

◻ Зошто треба да се чуваме од идолопоклонство од секаков вид?

[Слики на страница 26]

Дали знаеш како одвратните работи што биле видени во Езекиеловата визија, го навестиле идолопоклонството на христијанството?

[Извор на слика]

Уметничко дело (горе лево) темелено на фотографија на Ралф Крејн/Bardo Museum

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели