Доброто против злото — вековна борба
ВО ФИЛМОВИТЕ од минатото „доброто момче“ секојпат ги победуваше силите на злото. Но, реалноста не е секогаш така едноставна. Во стварниот свет се чини дека премногу често преовладува злото.
Честа тема на вечерните вести се застрашувачките извештаи за дела полни со злоба. На север од САД еден човек од Милвоки убива 11 луѓе, а остатоците од нивните осакатени тела ги натрупува во својот фрижидер. На југ, пак, друго непознато лице влетува во еден тексашки ресторан и почнува да пука во сите по ред десетина минути, оставајќи 23 мртви, сметајќи го и него. Во Кореја незадоволни противници подметнуваат пожар во една Царска сала на Јеховини сведоци и притоа убиваат 14 обожаватели.
Покрај ваквите спорадични изливи на зло, присутно е и друго ужасно зло кое го погодува целиот свет — геноцидот. Се проценува дека само во ова столетие во расни и политички чистки се истребени еден милион Ерменци, шест милиони Евреи и над еден милион Камбоџанци. Таканаречените етнички чистења погодија мнозина и во поранешна Југославија. Никој не може со сигурност да претпостави колку милиони невини луѓе по целата планета се изложени на брутални мачења.
Ваквите трагедии нѐ принудуваат да се соочиме со едно вознемирувачко прашање: Зошто луѓето постапуваат така? Не можеме сите тие ѕверства да ги окарактеризираме како продукт на неколку растроени умови. Огромните зла извршени само во нашево столетие говорат против таквото објаснување.
Злобното дело се дефинира како нешто што е во морален поглед неисправно. Тоа е постапка што ја извршува лице кое е во можност да избира дали да направи добро или злобно дело. Неговото морално расудување некако станува изопачено и злото надвладува. Но, зошто и како доаѓа до тоа?
Верските толкувања за злото честопати не задоволуваат. Католичкиот филозоф Тома Аквински тврдел дека „многу добри дела не би постоеле ако Бог не го дозволил злото“. Многумина протестантски филозофи го делат сличното гледиште. На пример, како што се тврди во The Encyclopædia Britannica, Готфрид Лајбниц злото го сметал за „сушта спротивност на доброто во светот, кое е поголемо кога ќе се споредат“. Со други зборови, тој верувал дека, за да можеме да го цениме доброто, потребно ни е злото. Таквото резонирање е исто како кога на пациент болен од рак би му рекол дека неговата болест е токму она што е потребно за да ти се чувствуваш навистина добро и здраво.
Злобните намери мора однекаде да потекнуваат. Дали е Бог индиректно виновен за тоа? Библијата одговара: „Ниеден, кога е во искушение, да не вели: ‚Бог ме искушува‘, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува“. Ако Бог не е одговорен, тогаш кој е? Наредните стихови го даваат одговорот: „Секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:13-15). Според тоа, зло дело се раѓа кога се негува некоја зла желба, наместо таа да се отфрли. Но тоа уште не е сѐ.
Библијата уште објаснува дека зли желби се јавуваат бидејќи човештвото е со една основна маана — вродена несовршеност. Апостолот Павле напишал: „Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Поради наследниот грев, себичноста во нашето размислување веројатно би можела да ја надвладее доброљубивоста, а суровоста да ја надвие сочувствителноста.
Се разбира, повеќето луѓе инстинктивно знаат дека некое однесување е погрешно. Нивната совест, или како што Павле го нарекува — законот напишан во нивните срца‘, — ги одвраќа да не извршат некое зло дело (Римјаните 2:15). Но сепак, суровата околина може да ги задуши таквите чувства, а совеста може да стане отапена доколку таа постојано се игнорира.a (Спореди 1. Тимотеј 4:2.)
Дали може организираното зло во наше време да се протолкува само како резултат на човечката несовршеност? Историчарот Џефри Бартон Расел забележал: „Вистина е дека постои зло во секого од нас, но дури и ако го додадеме големиот број на поединечни зла, тоа не може да го оправда Аушвиц. . . . Се чини дека злото до ваков степен се разликува и квалитативно и квантитативно“. Самиот Исус Христос бил тој којшто точно укажал кој е овој квалитативно поинаков извор на зло.
Недолго пред својата смрт, Исус објаснил дека луѓето кои планирале да го убијат не постапувале само според нивната сопствена волја. Нив ги водела една невидлива сила. Исус им рекол: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина“ (Јован 8:44). Очигледно дека Ѓаволот, кого Исус го нарекол ‚кнез [владетел, New World Translation of the Holy Scriptures] на овој свет‘, имал истакната улога во предизвикувањето на злото (Јован 16:11; 1. Јованово 5:19).
И човечката несовршеност и сатанското влијание со илјадници години го земале својот данок, а не постои никаков показател дека тој стисок врз човештвото ќе попушти. Дали злото и понатаму ќе постои? Или пак силите на доброто на крајот ќе го искоренат злото?
[Фуснота]
a Истражувачите неодамна увидоа дека постои сооднос помеѓу отвореното насилство на телевизијата и криминалот меѓу младите. Подрачјата со висока стапка на криминал и растурени домови исто така се едни од факторите за антисоцијално однесување. Во нацистичка Германија непрестајната расистичка пропаганда наведе некои луѓе да ги оправдуваат, па дури и да ги величаат ѕверствата над Евреите и Словените.
[Извор на слика на страница 2]
Cover: U.S. Army photo
[Извор на слика на страница 3]
Фотографија на U.S. Army