Прашања од читателите
Ако некој христијанин е болен или патува и не е во можност да присуствува на Спомен-свеченоста, дали би требало да ја слави еден месец подоцна?
Во стариот Израел Пасхата се одржувала еднаш годишно на 14. ден од првиот месец наречен нисан (или абиб). Но во 4. Мојсеева 9:10, 11 наоѓаме посебна одредба: „Кажи им на синовите Израилеви: ако некој од вас или од потомците ваши биде нечист поради допир до мртво тело, или биде на долг пат, при вас или кај родовите ваши, и тој нека направи Пасха Господова. Таквите нека ја направат во четиринаесеттиот ден од вториот месец [наречен ијар или зив] вечерта [помеѓу двете вечери, NW] и нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливи тревки“.
Забележи дека овде не се поставени два алтернативни датуми за Пасхата (14. нисан или 14. зив), па секој Израелец или домаќинство да си избере, зависно од угодноста. Одредбата за Пасхалната вечера во вториот месец била ограничена. Исклучок се правело, на пример, за Израелците кои биле церемонијално нечисти на 14. нисан или кои биле доста оддалечени од местото каде редовно се одржувала прославата.
Единствениот ваков забележан случај бил општо применет во времето кога верниот цар Езекија го оживеал обичајот да се празнува Празникот на бесквасни лебови. Бидејќи немало време да се подготват за првиот месец (ниту свештениците биле подготвени, ниту народот бил собран), празникот бил прославен на 14. ден од вториот месец (Втора книга Летописи 29:17; 30:1–5).
Со исклучок на таквите околности, Евреите ја држеле Пасхата на датумот кој Бог го одредил (2. Мојсеева 12:17–20, 41, 42; 3. Мојсеева 23:5). Исус и неговите ученици прославувале како што барал Законот и не го сметале другиот датум за пригоден. Лука објавил: „И дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне; па ги испрати Исус Петра и Јована и им рече: ‚Отидете и пригответе ни пасха, за да јадеме!‘“ (Лука 22: 7, 8).
Во таа прилика Исус ја воспоставил годишната прослава која христијаните ја знаат како Господова Спомен-свеченост. Вредноста од присуствувањето на Спомен-свеченоста не може доволно да се нагласи. За Јеховините сведоци тоа е најважната свеченост во годината. Исусовите зборови ни покажуваат зошто е така кога рекол: „Правете го ова за Мој спомен“ (Лука 22:19). Така, секој од Јеховините сведоци со месеци однапред треба да планира да биде слободен од било какви обврски на денот на прославата. Господовата Спомен-свеченост ќе биде прославена во вторник, 6. април 1993, по заоѓањето на сонцето во местото.
Во ретки случаи некои непредвидливи околности, како болест или компликации со патувањето, можат да го спречат христијанинот да не присуствува како што планирал. Што би требало да се стори во такви ситуации?
Во текот на прославата се принесува бесквасен леб и црвено вино, и оние кои се помазани со светиот дух и избрани за живот на небото земаат од нив (Матеј 26:26–28; Лука 22:28–30). Ако некој учествувал секоја година, но оваа година е врзан за кревет дома или во болница, старешините од месното собрание треба да уредат така што кај болниот ќе однесат од лебот и виното, ќе продискутираат за прикладни библиски стихови на таа тема и ќе го послужат со симболите. Ако некој помазан христијанин е далеку од своето собрание, тој треба да уреди да оди во некое собрание во подрачјето каде што ќе биде на тој датум.
Со оглед на ова, само под сосем исклучителни околности некој друг христијанин ќе ја прославува Господовата Спомен-свеченост 30 дена подоцна (еден лунарен месец), во согласност со заповедта од 4. Мојсеева 9:10, 11, и примерот во Втора книга летописи 30:1–3, 15.
Оние кои се од класата на Исусовите „други овци“ со надеж за вечен живот на рајската Земја, не се под заповед да земаат од лебот и виното (Јован 10:16). Важно е да присуствуваат на годишната прослава, но тие не земаат од симболите. Ако некој од нив е болен или патува и не е поврзан со ниедно собрание таа вечер, тој или таа може приватно да чита прикладни стихови (вклучувајќи го и извештајот за Исусовото воспоставување на прославата) и да се моли за Јеховин благослов за тој настан ширум целиот свет. Но, во овој случај не е потребно да се прават било какви додатни подготовки за некаков состанок или посебни библиски разговори еден месец подоцна.