Што има лошо во љубовта кон парите?
ПОЛ и Мери воделе супермаркет во една сиромашна африканска населба.a Напорно работеле ден и ноќ и стекнале многу пари. Со текот на времето, Мери можела да се пофали со голема нова куќа полна со луксузен мебел. А Пол можел да се вози наоколу во луксузен автомобил.
Еден ден на Пол му пристапила група која била против владата. Тие му поставиле барање: „Бараме твојата фирма секој месец да дава [100 долари] за поддршка на нашето дело“. Не сакајќи да заземат нечија страна во политичката борба, Пол и Мери храбро одбиле. Поради нивниот неутрален став биле обвинети дека добиваат финансиска поддршка од владата. Еден викенд, додека Пол и Мери биле надвор од градот, продавницата им била ограбена, а автомобилот и прекрасниот дом биле запалени.
Навистина жалосен исход, но можеме ли нешто да научиме од тоа? Многумина кои напорно работеле за да се збогатат, можеби не биле погодени со неволја која им го одзела богатството. Но што е со нивната иднина? Зошто Библијата вели дека „оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел“? (1. Тимотеј 6:9).
Урамнотежено гледиште за парите
Според Библијата, вистинскиот христијанин мора да се грижи за своите и за материјалните потреби на членовите на семејството кои зависат од него. Околностите, како невработеност или здравствени проблеми, понекогаш можат да го отежнуваат тоа. Од друга страна, христијанинот кој свесно занемарува да се погрижи за своето семејство, „се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8).
Во некои селски општини луѓето живеат од земјоделие, така што самите си прибавуваат храна и чуваат добиток. Некои имаат мала потреба од пари и неопходното за живот го добиваат со размена на производи и услуги. Меѓутоа, највообичаениот начин на кој хранителите се грижат за своите семејства е да се вработат на некое работно место за плата. Со заработените пари купуваат храна и други работи кои придонесуваат за благосостојбата на нивните семејства. Освен тоа, мудро заштедените пари пружаат мера на заштита во време на тешкотии или неволји. На пример, со нив може да се покријат трошоците за здравствени услуги или за некои витални поправки во домот. Токму затоа Библијата реалистично тврди дека „парите се засолниште“ и дека парите ‚прават сѐ‘ (Књига Проповједникова 7:12, Даничиќ-Караџиќ; 10:19).
Бидејќи парите играат таква улога, постои опасност да се развие нереалистично гледиште за нивната моќ. Христијанинот треба да биде свесен за своите ограничувања во споредба со другите поважни работи. На пример, Библијата ја споредува вредноста на парите со божествена мудрост, велејќи: „Мудроста е заштита, и парите се заштита; но поважно е знаењето на мудроста затоа што му дава живот на оној кој ја има“ (Књига Проповједникова 7:12, ДК). На кој начин божествената мудрост го има ова предимство пред парите?
Поука од минатото
Настаните кои се одиграле во Ерусалим во 66. г. н. е., го илустрираат предимството на божествената мудрост пред парите. Откако го одбиле нападот на римските војски кои навлегувале, Евреите од Ерусалим очигледно мислеле дека приликите за трговија сега се добри. Всушност, почнале да коваат свои сопствени пари со што сакале да ја прослават својата новостекната слобода. На нивните монети биле втиснати изрази на хебрејски јазик како што се „За слобода на Сион“ и „Светиот Ерусалим“. Секоја нова година правеле нови монети со натписи кои ги идентификувале како „година два“, „година три“ и „година четири“. Археолозите ископале дури и ретки кованици со натписот „година пет“, што одговара на 70. г. н. е. Дали еврејските христијани ги сметале новите еврејски пари за убедлив симбол на трајна слобода?
Не. Затоа што ги имале на ум мудрите зборови на својот Господ. Исус ја претскажал римската инвазија што се случила во 66. г. н. е. Тој ги советувал своите следбеници, кога тоа ќе се случи ‚да излезат од Ерусалим‘ (Лука 21:20-22). Историјата потврдува дека еврејските христијани направиле токму така. Очигледно биле спремни да ја претрпат загубата на својот имот, богатство и трговија, кога веќе го напуштиле Ерусалим. По четири години римските војски се вратиле и го опсадиле градот.
Според исказите на еден очевидец, историчарот Јосиф, „во Градот имаше големи количества злато“. Но огромните суми на пари не можеле да го спасат Ерусалим од гладот кој постојано „се влошуваше“ и „сотре цели куќи и семејства“. Некои жители голтале златници и се обиделе да побегнат од градот. Но биле убиени од страна на непријателите кои им ги распорувале стомаците за да ги извадат парите. „За богатите“, објаснува Јосиф, „останувањето во градот беше еднакво опасно како и напуштањето; бидејќи, под изговор дека се дезертери, многу луѓе беа убиени само заради нивните пари“.
За помалку од шест месеци од почетокот на опсадата, Ерусалим бил уништен, а над еден милион негови жители умреле од глад, болест и меч. Љубовта кон парите заслепила мнозина и ги втурнала во пропаст и погибел, а примената на мудрите зборови им овозможила на еврејските христијани да побегнат.
Тоа не бил единствениот случај во историјата кога парите ги издале луѓето во време на криза. Колку суров господар можат да бидат парите! (Матеј 6:24). Освен тоа, тие можат да ти ја одземат и сегашната среќа.
Задоволства кои не можат да се купат со пари
Опсесијата да се стане богат може да го заслепи човек пред многуте задоволства за кои не се потребни многу пари. Размисли, на пример, за радосните семејни врски, вистинските пријатели, природните чуда, спектакуларниот залез, импресивната луња проследена со грмежи и секавици, ѕвезденото небо, лудориите на животните или цвеќињата и дрвјата во некоја неоштетена шума.
Вистина, некои богати луѓе имаат повеќе време да уживаат во наведениве задоволства, но повеќето од нив се крајно вработени, обидувајќи се да го сочуваат или зголемат своето богатство. Колку и да звучи чудно, среќата често ги избегнува дури и оние кои имаат слободно време. Тоа ги изненадува современите истражувачи. „Како да го објасниме фактот дека нешто по кое копнеат толку многу луѓе и во кое веруваат како во некој универзален лек, кога ќе го постигнат, има учинок кој варира од разочарување па до траума?“, прашува Томас Вајзман во својата книга Мотивот на парите — Студија на една опсесија (The Money Motive—A Study of an Obsession).
Една работа која може на богатиот да му ја одземе среќата е проблемот што не знае кој му е вистински пријател. Богатиот цар Соломон доживеал да види дека „таму каде што има многу добра, многу се и оние кои ги јадат“ (Књига Проповједника 5:11, ДК). Мнозина богати исто така страдаат од загриженост додека се трудат да ја одржат или зголемат вредноста на нивното богатство. Тоа честопати им го одзема пријатниот сон. Библијата објаснува: „Сладок е сонот за оној, кој се труди, — па јадел тој малку или многу; но прејадувањето [изобилството, NW] не му дава на богатиот да заспие“ (Проповедник 5:11).
Љубовта кон парите може да им наштети на односите во семејството и со пријателите, затоа што таа може да наведе некого на нечесност и криминал. Љубителите на пари честопати се свртуваат кон коцкање. За жал, копнеењето по уште само една партија ги тера многумина во долгови. „Кога ќе дојдат кај мене“, рекол еден јужноафрикански психијатар, „[зависните коцкари] обично се на пат од кој веќе нема враќање. Ја изгубиле работата, бизнисот, домот, а нивните семејства честопати ги напуштаат“. Колку е вистинито библиското предупредување: „Верен човек ќе биде многу благословуван, а кој бара да се збогати, не останува без казна“ (Соломонови изреки 28:20).
„Ќе си направи крилја и . . . ќе летне“
Друга причина зошто љубовта кон парите е толку опасна е тоа што владите се покажале неспособни да соработуваат во потполност или да осигураат парите да задржат меѓународна стабилна вредност; ниту биле способни да ги спречат рецесиите, застоите и краховите на пазарите на стоки. Измамите, кражбите и инфлацијата исто така ја нагласуваат вистинитоста на инспирираните зборови: „Не настојувај да трупаш богатство [да се збогатиш, NW]; бегај од таквите мисли. Ќе ги устремиш очите кон него, о — веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото“ (Соломонови изреки 23:4, 5).
Инфлација. Тој проблем сигурно не е ограничен само на сиромашните земји. Во почетокот на столетиево, индустријализираните нации од средна Европа ги погоди галопирачка инфлација. На пример, пред Првата светска војна германската марка беше скоро еднаква со британскиот шилинг, францускиот франк или италијанската лира. Десет години подоцна, шилингот, франкот и лирата повеќе или помалку беа еднакви на еден билион марки. Како влијае високата инфлација на луѓето во богатите општества? „Ако се суди според она што им се случи на поразените Сили на оската во почетокот на 1920-тите“, тврди Адам Фергусон во својата книга Кога парите умираат (When Money Dies), „тогаш [монетарниот колапс] допушта да се разулари таква алчност, насилство, несреќа и омраза, воглавно предизвикани од страв, кои ниедно општество не може да ги преживее а да не остане осакатено и изменето“.
Во 1923, Германија ја ревалоризира својата валута и избриша 12 нули, така што еден билион стари марки наеднаш станаа рамни на една нова марка. Тој потег ја задржа инфлацијата, но имаше други кобни последици. Фергусон објаснува: „Обновувањето на монетарната стабилност, кое парично упропасти илјадници луѓе, на милиони им ги одзеде средствата за издршка и ја уби надежта на милиони други кои индиректно беа принудени да платат поужасна цена отколку што можеше да ја плати целиот свет“. Очигледно, „ужасната цена“ на која мислел авторот била појавата на нацизмот и Втората светска војна.
Тоа што огромните банковни суми во минатото разочарале толку многу луѓе, би требало да биде трезвено предупредување во овие времиња на економска несигурност ширум светот. Самиот Божји Син предупредил дека парите ќе разочараат, што сигурно многупати и го сториле (Лука 16:9). Но најголемото и најраширеното монетарно разочарување ќе дојде кога Јехова Бог ќе изврши осуда над овој зол свет. „Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт“ (Соломонови изреки 11:4).
Затоа, колку е важно секој од нас да се стреми да задржи праведна положба пред нашите вистински Пријатели, Јехова Бог и Исус Христос!
Изворот на трајна среќа
Пол и Мери, споменати на почетокот, биле Јеховини сведоци. Многу години учествувале во полновременото проповедничко дело. Меѓутоа, желбата за богатство ги натерала да престанат да ги посетуваат состаноците на христијанското собрание и да ја споделуваат својата вера во јавната служба. Но, се разбудиле. „Дури сега можам да видам колку беше бесмислено што го трошев сето свое време и енергија на нешто што може да се претвори во дим за само неколку минути“ — рекла Мери откако биле ограбени, а нивниот дом уништен. За среќа, оваа брачна двојка научила лекција пред да биде предоцна. Да, најголемата штета која љубовта спрема парите може да ја нанесе е некому да му ја одземе признатата положба пред Јехова Бог и Исус Христос. Без овие Пријатели, каква надеж можеме да имаме за преживување на крајот на овој зол свет и за влегување во ветениот нов свет на праведноста? (Матеј 6:19-21, 31-34; 2. Петрово 3:13).
Затоа, без разлика дали себеси се сметаш за богат или сиромав, варди се да не развиваш љубов кон парите. Работи на тоа да го постигнеш и задржиш најголемото богатство — признатата положба пред Јехова Бог. Тоа можеш да го сториш ако постојано внимаваш на итната покана: „Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И кој чуе, нека каже: ‚Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17).
[Фуснота]
a Нивните вистински имиња се сменети.
[Слики на страници 8 и 9]
Обете страни на една монета со натпис „година два“, искована во времето на еврејскиот бунт
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.