Грижа за остарените — предизвици и награди
ШИНЕЦУ, христијански слуга, неизмерно уживал во извршувањето на својата одговорност. Неговото тричлено семејство ја вклучувало и мајката на сопругата. Радосно работеле со едно мало собрание на Јеховините сведоци, поучувајќи ги луѓето за Библијата, сѐ додека еден ден не биле замолени да размислат дали би можел заедно со сопругата да посетува други собранија. Тоа би изискувало да се селат секоја седмица. Бил одушевен од она што го очекувало, но кој ќе се грижи за бабата?
Многу семејства кога тогаш ќе се соочат со сличен предизвик — како најдобро да се грижат за родителите кои стареат. Обично, малку се мисли на тоа додека родителите се со добро здравје и работоспособни. Меѓутоа, ситни работи, како што е тресење на рацете додека се обидуваат да вденат игла или откажување на памтењето додека се мачат да се сетат каде го виделе последен пат зафрлениот предмет, можат да откријат дека тие стареат. Сепак, честопати ненадејна несреќа или болест го освестува некого за нивните потреби. Нешто мора да се стори.
Во некои земји, родителите кои имаат релативно добро здравје повеќе претпочитаат да ги живеат своите златни години сами со својот партнер отколку со децата. Во други земји, како што се земјите на Ориентот и некои африкански земји, вообичено е старите да живеат со своите деца, особено со најстариот син. Тоа посебно е случај ако еден од родителите е врзан за кревет. Во Јапонија, на пример, од оние кои имаат над 65 години и кои донекаде се врзани за кревет, околу 240.000 се негувани дома од страна на семејствата.
Морални и библиски обврски
Иако живееме во генерација во која многумина станале „саможиви“, на кои им недостасува „природна наклоност“ (NW), ние бездруго имаме морална и библиска обврска кон постарите (2. Тимотеј 3:1-5). Томико, која се грижи за својата стара мајка која страда од Паркинсонова болест, ја изрази моралната обврска што ја чуваствува кон неа кога рече: „Таа се грижеше за мене 20 години. Сега јас сакам да го сторам истото за неа“. Мудриот цар Соломон советувал: „Слушај го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај мајка си кога таа ќе остарее“ (Соломонови изреки 23:22).
Ниту религиозните предрасуди ниту непријателството од страна на родителот кој не е верник не нѐ ослободуваат од таа библиска наредба. Христијанскиот апостол Павле бил инспириран да напише: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Исус ни дал пример на тој начин што, како една од своите последни постапки пред да умре, се погрижил неговата мајка да биде згрижена (Јован 19:26, 27).
Да се излезе на крај со потешкотиите на кои се наидува
Сите мораат да направат многу прилагодувања кога семејствата, откако многу години живееле одвоено, повторно ќе се здружат. Овие промени бараат многу љубов, трпеливост и меѓусебно разбирање. Ако најстариот син, или друг син или ќерка, се пресели со семејството во домот на родителите, самото тоа претставува цела нова низа од околности. Тука е можеби ново работно место, нови училишта за децата и ново соседство на кое треба да се навикне. Честопати тоа значи дека жената ќе има повеќе должности.
И на родителите ќе им биде исто толку тешко да се прилагодат. Можеби навикнале да имаат извесна мера на приватност, мир и слобода; сега ќе биде присутен џагорот на енергичните внуци и нивните другарчиња. Тие навикнале да донесуваат свои сопствени одлуки и може да замерат на секој обид некој да ги води. Многу родители, предвидувајќи го времето кога семејствата на нивните синови ќе дојдат да живеат со нив, изградиле во близина одвоени куќи или додаток на своите домови поврзан со ходник и така обезбедиле секој да има мера на независност.
Таму каде што домот е мал можеби ќе бидат потребни поголеми прилагодувања за да се направи место за новодојдените. На една мајка ѝ е смешно кога ќе се сети колку нејзините четири ќерки биле вознемирени кога во нивните спални соби бил донесен додатен мебелот и други предмети со цел да се направи место за нивната 80-годишна баба. Сепак, повеќето од овие проблеми обично сами се решаваат откако сите ќе почнат да ја сфаќаат потребата за прилагодување и ќе се потсетат на библиското предупредување дека љубовта ‚не го бара своето‘ (1. Коринтјаните 13:5).
Губење на слободата
За христијанката може да настанат сериозни проблеми ако нејзиниот сопруг не ја споделува нејзината вера, а одлучил да го пресели семејството кај неговите родители. Би можело да изгледа дека обврските да се грижи за семејството ќе придонесат да ѝ стане скоро невозможно да ги држи во рамнотежа христијанските обврски и другите должности. Сецуко вели: „Маж ми сметаше дека е опасно да ја оставам сама дома неговата прилично сенилна мајка, па бараше од мене да бидам дома во секое време. Ако се обидев да одам на состанок, ќе се вознемиреше и приговараше. Во почетокот, заради моето јапонско потекло, исто така сметав дека би било погрешно да ја оставам сама. Но потоа, со текот на времето, сфатив дека проблемите може да се решат“.
Хисако имала сличен проблем. „Кога се преселивме кај семејството на маж ми“, раскажува таа, „од страв што ќе мислат роднините, тој бараше од мене да ја сменам својата религија и да престанам со религиозните активности. Да биде уште полошо, роднините кои живееја во близина ќе дојдеа во неделите да нѐ посетат, па ми отежнуваа да одам на состаноци. Освен тоа, децата повеќе сакаа да си играат со братучедите отколку да одат на состаноци. Видов дека нашата духовност беше погодена. Затоа морав да заземам цврст став и да му објаснам на сопругот дека мојата религија не е нешто што може да се промени како облека, туку дека таа ми е важна. Со текот на времето, семејството се прилагоди“.
Некои го решиле проблемот на тој начин што добиле поголемо слободно време најмувајќи чистачка која би доаѓала да им помага еднаш или двапати седмично. Некои пак добиле извесна слобода за своите потреби и христијански активности така што побарале помош од своите деца, блиските роднини, или дури и од пријателките во собранието. Сопрузите исто така се ставиле на располагање да помогнат ноќе или во викендите кога биле дома (Проповедник 4:9).
Да ги одржиме активни
Одржувањето на старите во активност еден натамошен предизвик со кој човек треба да се соочи. Некои од старите радо готват и работат други работи околу куќата. Чувствуваат дека се потребни кога ќе бидат замолени да внимаваат на децата и наоѓаат задоволство да се грижат за мала зеленчукова градина, да негуваат цвеќе или да се бават со некое хоби.
Меѓутоа, други сакаат да спијат во поголемиот дел од денот и очекуваат останатите да ги служат. Но се покажало како важно за нивното добро, долговечност и ментална будност ако остант активни колку што е можно повеќе. Хидеко утврдила дека тоа што ја земала својата мајка на состаноци, иако била во количка, било правата подбуда што ѝ била потребна. Сите срдечно ја пречекувале и ја вклучувале во разговор. Вниманието што ѝ го обрнувале на крајот довело до тоа да се согласи да ја проучува Библијата со една постара жена. Една брачна двојка која се грижи за мајка која боледува од Алцхајмерова болест, ја земале со себе на своите христијански состаноци. „Таа обично не сака да работи ништо,“ забележуваат тие, „но среќна е на состаноците. Срдечно е пречекувана, па радо доаѓа. Сметаме дека тоа е мошне корисно за неа.“
Шинецу, споменат на почетокот на статијата, го решил својот проблем така што нашол стан за мајката на својата сопруга во центарот на подрачјето каде што служи како патувачки слуга. Секој викенд тој и неговата жена остануваат кај неа меѓу посетите во различни собранија. Неговата сопруга Кјоко вели: „Мајка ми чувствува дека е еден важен дел од нашето дело и дека е потребна. Одушевена е кога маж ми ќе побара од неа да зготви некое посебно јадење“.
Справување со сенилноста
Како што стареат, кај родителите може да се развие различен степен на сенилност што бара сѐ поголемо и поголемо внимание. Ги забораваат деновите, часовите, годишните времиња или нешто што ветиле. Понекогаш не успеваат да се потстрижат или да си ја исперат облеката. Дури можат да заборават како да се облечат и искапат. Многумина стануваат дезориентирани, додека на други им е тешко да спијат ноќе. Постои склоност да го повторуваат она што го рекле, а се лутат кога ќе им се обрне внимание на тоа. Нивниот ум ги заведува и збунува. Можат упорно да тврдат дека нешто им е украдено или дека крадци се обидуваат да провалат во куќата. Едно семејство со четири ќерки морало да поднесува постојани неосновани обвинувања за сексуални престапи. „Тоа беше непријатно,“ велат тие, „но едноставно научивме да ги поднесуваме обвиненијата и да се обидеме да ја промениме темата. Несогласувањата со баба беа залудни“ (Соломонови изреки 17:27).
Емоционални потреби кои треба да се задоволат
Староста донесува искушенија и за остарените. Тие мораат да поднесуваат тегобни болести, губење на способноста да се движат како и ментални тешкотии. Многумина имаат чувство дека животот не води никаде, односно немаат цел. Понекогаш можеби сметат дека се товар и изразуваат желба да умрат. Потребно им е да чувствуваат дека се сакани, почитувани и незапоставени (3. Мојсеева 19:32). Хисако вели: „Секогаш кога мама е присутна, се обидуваме да ја вклучиме во разговорите, а кога е можно зборуваме за неа“. Едно друго семејство настојувало да го поддржи самопочитувањето на стариот татко така што од него барале да го води разговорот за дневниот цитат.
Човек мора постојано да се труди да задржи соодветно гледиште за старите. Неподвижните пациенти замеруваат кога ќе почувствуваат дека им се зборува од високо или дека со нив се постапува без почитување. „Мама беше свесна“, објаснува Кимико која живеела со својата хендикепирана свекрва, „и знаеше кога не ја негував од срце или кога се чувствував понадмоќна.“ Хидеко исто така морала да работи на својот став. „Отпрво бев фрустрирана кога морав да се грижам за свекрвата. Бев пионер [полновремен слуга на Јеховините сведоци], па ми недостасуваше службата. Но увидов дека треба да го поправам своето размислување. Иако службата од куќа до куќа е важна, ова исто така беше еден важен дел од држењето на Божјите заповеди (1. Тимотеј 5:8). Сфатив дека е потребно да развијам повеќе љубов и сочувство ако сакам да имам радост. Ме мачеше совеста кога работите ги вршев само механички, само од чувство на должност. Кога доживеав несреќа и тоа ме болеше, мислев на мојата свекрва и на болката што таа ја чувствуваше. После тоа ми беше полесно да покажувам поголема срдечност и сочувство“.
И на негувателите им е потребна грижа
Не треба да се превиди потребата да се покажува ценење и кон оние на кои посебно паѓа товарот за нега на стариот. (Спореди Соломонови изреки 31:28.) Повеќето жени и понатаму се грижат за своите обврски без оглед дали ќе слушнат изрази на ценење или не. Меѓутоа, кога ќе размислиме што сѐ вклучува нивната работа, таквите изрази секако дека се прикладни. Тие веројатно имаат повеќе за чистење, перење и готвење. Земи ги предвид и патувањата до болницата или кај лекарот, како и хранењето или миењето на остарениот пациент. Една жена која долго се грижи за својата свекрва, вели: „Знам дека на маж ми му е тешко да се изрази со зборови, но на други начини ми покажува дека го цени она што го правам“. Едноставни зборови на благодарност може да направат сѐ да изгледа достојно за труд (Соломонови изреки 25:11).
Постојат и награди
Многу семејства кои со години се грижеле за остарени родители велат дека тоа им помогнало да развијат важни христијански особини како што се: истрајност, самопожртвуваност, несебична љубов, марливост, понизност и нежност. Многу семејства станале емотивно поблиски. Друга додатна награда е можноста да можат да разговараат повеќе со своите родители и да ги запознаат подобро. Хисако за својата свекрва вели: „Имала интересен живот и претрпела многу во животот. Ја запознав подобро и научив да ги ценам нејзините особини кои порано не сум ги забележувала“.
„Пред да ја проучувам Библијата, постоеше период кога сакав да се разведам и да побегнам од таквата ситуација“, објаснува Кимико која се грижела за родителите на сопругот и неговата неподвижна баба. „Тогаш прочитав дека ние треба ‚да ги пригледуваме . . . вдовиците во нивните маки‘ (Јаков 1:27). Сега сум среќна што го сторив најдоброто што можев, така што никој од семејството сега не би можел со право да ми приговори за моите верувања. Совеста ми е чиста.“ Едно друго лице вели: „Со свои очи ги видов ужасните последици од Адамовиот грев, така што сега уште повеќе ја сфаќам потребата од откупот“.
Дали наскоро ќе пречекате уште еден член на семејството во своето домаќинство? Или можеби ќе се преселите кај вашите остарени родители? Дали чувствувате некаква вознемиреност? Тоа може да се сфати. Ќе има предизвици и прилагодувања кои ќе треба да се направат. Но, ќе бидете богато наградени додека успешно се соочувате со предизвикот.
[Слика на страница 24]
На старите им е потребно да чувствуваат дека се сакани и почитувани