Дали е потребно да се крстиш?
ВО ИЗМИНАТИВЕ три години скоро еден милион луѓе биле крстени како Јеховини сведоци. Во просек дневно биле крстени 824, или 4 души на секои 7 минути. Дали тоа е само имитација на религиозната горливост од XV и XVI век?
Не, овие поединци не биле крстени насила, како дел од едно масовно преобратување или како последица на емоционален позив на некоја религиозен говорник. Тие биле крстени затоа што Исус Христос, Учителот и Поглаварот на христијаните, заповедал тоа да се прави. Тие ги следеле чекорите и постапките што ги зацртал Исус, а кои ги практикувале апостолите кои самиот тој ги избрал и поучил.
После воскресението, а пред да се вознесе на небото, Исус на своите следбеници, на збогување, им го дал следниов налог: „Одете и научете ги [направите ученици од луѓето од, NW] сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:19, 20). Оттогаш па наваму, тоа е единственото крштение кое го има Божјето одобрување.
Според тоа, Библијата ни кажува дека овие рани следбеници на Христос станале „сведоци [на Исус] во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела на св. апостоли 1:8). Како што прорекол Исус, од нивното проповедање и дело на поучување ќе произлезе крштавање на верниците кои исто така ќе бидат следбеници на Христос.
Првиот забележан пример се случил во Ерусалим, на денот Пентакост 33. н. е. Тогаш апостолот Петар ‚станал со единаесетте‘, зборувајќи му на насобраното мноштво за Исус, Месијата. Извештајот ни кажува дека неговиот говор ‚ги потресол длабоко во срцата‘ (Ст), па затоа прашале што треба да прават. „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите“ — рекол Петар. Како резултат на тоа, „оние, што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души“ (Дела на св. апостоли 2:14-41). Извештаите кои следат потврдуваат дека крштевањето на ученици настапило откако ја слушнале христијанската порака, поверувале во добрата вест и се покајале (Дела на св. апостоли 8:12, 13, 34-38; 10:34-48; 16:30-34; 18:5, 8; 19:1-5).
На кој начин?
Меѓутоа, на кој начин требало овие нови ученици да бидат крстени во вода? Дали тоа требало да биде со асперзија (попрскување), инфузија (истурање на глава), или со имерзија (целосно нурнување под вода)? Што ни покажува библискиот извештај? На кој начин бил крстен Исус, со оглед на тоа што тој ни оставил пример „за да врвиме по Неговите стапки“? (1. Петрово 2:21).
Библијата покажува дека Исус се крстил во Јордан, прилично голема река. Откако се крстил, тој ‚излегол од водата‘ (Марко 1:10; Матеј 3:13, 16). На тој начин, Исус всушност бил потопен во реката Јордан. Него го крстил Јован, кој кога барал погодно место за да го изведе крштевањето, одбрал едно место во Јорданската Долина близу до Салим ‚зашто таму имало многу вода‘ (Јован 3:23). Податокот дека потполното потопување под вода при крштавањето било вообичаена практика меѓу Исусовите следбеници е видлив и од зборовите на етиопскиот евнух. Како одговор на она за кое Филип го поучил, тој воскликнал: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?“ Понатаму забележуваме дека „слегнаа во водата обајцата“, а после тоа „излегоа од водата“ (Дела на св. апостоли 8:36-39).
Дали световната историја исто така укажува дека меѓу христијаните постоела практиката да се крштева со потопување? Да, навистина. А интересно е да се забележи дека во некои земји сѐ уште постојат големи базени за крштевање кои се прикладни за потопување. „Археолошките докази обемно сведочат за потопувањето како за вообичаен начин на крштевање во текот на првите десет до четиринаесет столетија“ — изјавува весникот Ministry. И додава: „Помеѓу урнатините на раните христијански градби, а исто така и во древните цркви кои сѐ уште се употребуваат, може да се докаже историјата на христијанското крштение. Цртежите во катакомбите и црквите, мозаиците на подовите, ѕидовите и таваните, скулптурните релјефи и скиците во древните манускрипти на Новиот Завет ѝ додаваат детали на ваквата историја . . . Тоа е како додаток на доказот пронајден низ ракописите на црковните оци дека потопувањето било вообичаен начин на крштевање во раната црква.“
New Catholic Encyclopedia признава: „Очигледно е дека крштевањето во раната црква било со потопување“. Тогаш не нѐ изненадува кога во весниците ќе наидеме на вакви наслови: „Католиците повторно го враќаат крштевањето со потопување“ (The Edmonton Journal од Канада, 24. септември 1983); „Крштевањето со потопување станува популарно меѓу овдешните католици“ (St. Louis Post-Dispatch, 7. април 1985); „Многу католици одбираат крштение со потопување“ (The New York Times, 25. март 1989) и „Крштевањето со потопување доживува процут“ (The Houston Chronicle, 24. август 1991).
Со каква намера?
Зошто Исус барал неговите ученици да се крстат? Тоа било прикладен симбол на нивното целосно предание на Бог. „Евангелието“ требало да се проповеда ширум светот, а ученици требало да се прават од луѓето од „сите народи“ (Матеј 24:14; 28:19). Тоа значело дека Бог повеќе не се занимавал само со израелската нација, составена од луѓе кои му биле предадени од самото раѓање. Корнилиј и неговото семејство биле првите пагани или не-Евреи кои ја прифатиле вистината за Исус Христос и биле крстени.
Потопувањето под вода покажувало дека оние кои се крштавале умирале за начинот на живот кој бил сосредоточен на самиот себе си. Подигнувањето од водата симболизирало дека тие се сега живи за да ја вршат Божјата волја и дека тоа го ставаат на прво место во нивните животи, како што постапил и Исус (Матеј 16:24). Тоа што се крстиле во „името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ покажало дека ја научиле и прифатиле вистината за секој од нив и го признале она што тие претставуваат (Матеј 28:19; спореди Дела на св. апостоли 13:48). Крштението било само почетен чекор на послушност кон Бог и подложување на неговата волја.
Писмата не го поддржуваат општо прифатеното религиозно гледиште дека крштението е сакрамент, односно религиозна церемонија која на крстениот му дава доблест како што е милосрдност, светост или духовна благосостојба. На пример, булата од папата Евгениј IV, цитирана во претходната статија, во врска со крштението гласи: „Учинокот на овој сакрамент е простување на секаков грев, од првобитниот до сегашниот; исто така и простување на секаква казна која следи поради гревот. Како резултат на тоа, никаква исплата за минатите гревови не се пропишува за оние кои се крстени; и ако умрат пред да сторат некаков грев, веднаш доаѓаат во небесното царство и пред самата Божја појава“.
Меѓутоа, Исус бил крстен иако ‚не направи грев‘ (1. Петрово 2:22). Всушност, според Писмата, простувањето на гревовите е возможно само преку откупната жртва на Исус Христос. Ананија го поттикнал Савле од Тарс: „Стани, крсти се и очисти ги гревовите свои, призовувајќи го името на Господа Исуса“ (Дела на св. апостоли 22:12-16). Да, спасението е возможно само со посредство на пролиената крв на Исус и со ‚призовување на [неговото] име‘ со вера (Евреите 9:22; 1. Јованово 1:7).
Меѓутоа, што значат Петровите зборови во 1. Петрово 3:21? Таму тој вели: „Образот на таа вода — крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога — добра совест — нѐ спасува сега и нас преку воскресението на Исуса Христа“. Петар го споредил крштението со искуството на Ное кога поминал низ водите на Потопот (20-ти стих). Ное, покажувајќи целосна вера во Бог, ја изградил арката за зачувување на неговото семејство (Евреите 11:7). На ист начин, денес луѓето можат да бидат спасени од овој сегашен зол свет ако покажуваат вера во Јехова Бог и неговата подготовка за спасение преку Христос Исус. Тие исто така мораат да постапуваат во согласност со таа вера. Со тоа што ќе се покајат од гревовите, ќе се одвратат од лошиот пат и ќе извршат целосно предание на Јехова Бог во молитва, упатуваат до Бог молба за добра совест. Но таа се темели на Исусовата жртва и неговото воскресение преку кое тој ја претставил вредноста на таа жртва на Бог на небото, и на тој начин се простуваат гревовите и овозможено е спасение (1. Петрово 3:22).
Што ќе сториш ти?
Дали си во контакт со Јеховините сведоци извесно време? Веројатно веќе си ги направил потребните промени во твојот живот во согласност со библиските начела, но не си ги презел чекорите на предание и крштение. Можеби имаш желба да ја вршиш Божјата волја, но сепак се плашиш дека крштението ќе ти наметне обврски. Поради тоа, можеби повеќе сакаш да избегнеш такво задолжение и одговорност за некое време. Минатата година скоро 11,5 милиони луѓе ја посетиле свеченоста на Господовата вечера. Сепак, највисокиот број на оние кои учествувале во делото на проповедање на добрата вест во текот на целата година, беше помалку од 4,5 милиони. Тоа значи дека околу седум милиони луѓе покажуваат некакво ценење за Божјата вистина иако не се крстени Сведоци на Јехова. Се разбира, некои од нив се мали деца или новозаинтересирани лица. Но, некои сепак учествуваат во делото на проповедање, а уште не се крстени. Постојат многу луѓе кои примиле точно спознание од Библијата, но сѐ уште не ја искористиле Божјата подготовка за спасение преку крштение.
Една важна поединост која при тоа треба да се запомни е тоа дека спознанието за она што Бог го бара од тебе е тоа што донесува одговорност. „Грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави“ вели Јаков 4:17. Во Језекиил 33:7-9 се покажува дека лицето на кое му се кажани Божјите заповеди и поуки е одговорно да ги извршува. Затоа, прашањето е дали таквиот има искрена љубов за Бог и вистинска желба да му угоди нему. Лицето кое навистина има таква љубов и сака да постигне посебен однос со Јехова Бог нема да се воздржува целосно да му го предаде својот живот нему. Крштението не е ништо друго освен надворешен симбол на таквото предание. Тоа е непоходен чекор кон спасение. Искрените верници се крштаваат (Дела на св. апостоли 8:12).
Величествените изгледи, кои Бог ги чува за верните предадени поединци во новиот свет кој доаѓа, далеку повеќе ги надминуваат сите привремени предности кои овој зол стар систем на ствари можеби се чини дека ги нуди. Стравот од другите луѓе исчезнува кога ќе ја земеме предвид моќната рака на Бог (1. Коринтјаните 10:22; 1. Петрово 5:6, 7). Навистина, време е да се запрашаш, како што етиопскиот евнух го прашал Филип: „Што ми пречи да се крстам?“
[Слика на страница 7]
Како и етиопскиот евнух, дали се прашуваш: „Што ми пречи да се крстам?“