Да се расте со Јеховината организација во Јужноафриканската Република
Раскажал Франс Милер
КОГА со брат ми Давид се приближивме до вечерниот воз кој обично го фаќавме на главната станица во Кептаун, бевме изненадени кога го видовме натписот „Само за белци“. На изборите во 1948 победи Националистичката партија која воведе политика на апартхејд.
Се разбира, расната одвоеност долго време се практикуваше во Јужноафриканската Република, како што всушност беше и во повеќето земји на Африка кои беа под колонијално ропство. Но сега, таа беше оснажена со закон, и нам повеќе не ни беше дозволено да користиме ист вагон со Јужноафриканците со темно обоена кожа. Четириесет и четири години подоцна, апартхејдот беше соборен.
Во текот на целиот период додека апартхејдот беше на сила, што донесе предизвици во извршувањето на нашата служба на начин на кој ние сакавме, јас служев како полновремен слуга на Јеховините сведоци. Денес, на возраст од 65 години, можам да се свртам наназад на величествениот раст на Јеховината организација во јужниот дел на Африка, и јас сум благодарен за предноста што можев да растам заедно со неа.
Христијанско наследство
Кога татко ми бил момче, рано наутро морал гласно да му ја чита Библијата на дедо ми. Со текот на времето, татко ми развил голема љубов за Божјата Реч. Кога сум се родил во 1928, татко ми служел во црковниот собир на Холандската реформаторска црква во Поргитерус. Таа година стрико ми му дал примерок од книгата Божја харфа.
Меѓутоа, татко ми ѝ рекол на мајка ми да ја изгори книгата, објаснувајќи ѝ дека е од некоја секта. Но, таа ја зачувала, и еден ден кога татко ми случајно ја нашол, ја отворил на поглавјето „Дали Бог некого мачи?“ Иако бил сигурен дека Истражувачите на Библијата, како што тогаш биле нарекувани Јеховините сведоци, не биле во право, неговата љубопитност преовладала кај него и почнал да чита. Не можел да се одвои од книгата. Во раните утрински часови кога отишол в кревет, рекол: „Мамичке, морам да признам дека тие ја имаат вистината“.
Следниот ден, тато возел со велосипед 50 километри за да земе и други книги од најблиските Истражувачи на Библијата. Редовно читал до длабоко во ноќта. Дури се обидел да го увери свештеникот на Холандската реформаторска црква во библиските вистини кои ги дознал, надевајќи се дека црквата ќе направи измени. Неговите напори биле без резултати, и затоа отстапил од црквата и почнал ревно да проповеда. Библиската вистина станала негов живот и најважна работа во нашиот дом. Во ваква средина јас пораснав.
Подоцна, татко ми стана пионер, или полновремен слуга. Минуваше големи растојанија со еден стар Форд модел-Т за да проповеда. После неколку години, потребите на нашето растечко семејство го принудија да прекине со пионерската служба, но тој остана многу активен во проповедничкото дело. Во некои недели патувавме и по 90 километри да проповедаме со него во Питерсбург.
Успешен бизнис
На крајот татко ми отвори малечка бакалница. Набргу таа двојно се зголеми, и се отвори уште еден дуќан. Некои богати фармери влегоа во деловна зделка со тато и со текот на времето заедно раководеа со една продавница на големо плус ланец од шест бакалници расфрлени низ широкото подрачје.
Некои од моите постари браќа се приклучија во деловниот потфат, сега со изгледи да станат богати. Меѓутоа, нашата духовност почна да трпи. Станавме поприфатливи за световните пријатели и соседи кои нѐ покануваа на нивните забави. Увидувајќи ја опасноста, татко ми свика семеен состанок и одлучи да ги продаде зделките и да се пресели во Преторија за да можеме повеќе да направиме во Јеховината служба. Задржа само еден дуќан што го одржуваа најмените работници.
Моите постари браќа Кус и Давид почнаа со пионерска служба, придружувајќи им се на постарата сестра Лина, како и на најстариот брат кој, за жал, подоцна отстапи од вистинското обожавање. Во текот не еден месец во 1942, нашето десетчлено семејство помина вкупно 1.000 саати во проповедничкото дело. Таа година, јас го симболизирав своето предание на Јехова со потопување во вода.
Зошто рано го напуштив училиштето
Во 1944, додека Втората светска војна беше во врвот на своите збиднувања, Герт Нел, патувачки надгледник на Јеховините сведоци, ме запраша дали планирам да влезам во редовите на пионерите. „Да“ — одговорив — „за две години, кога ќе го завршам средното училиште“.
Одразувајќи го ставот на многу Јеховини сведоци во тоа време, тој предупреди: „Внимавај Армагедон да не те затече додека седиш во училишна клупа“. Бидејќи не сакав тоа да се случи, го оставив училиштето и стапив во пионерската служба на 1. јануари 1945.
Прва доделба ми беше Веренигинг, близу Јоханесбург, а партнери ми беа Пит Венцел и Дени Ото. Честопати месечно минував по повеќе од 200 саати во проповедање. Со текот на времето, Пит беше преместен во Преторија, а Дени мораше да прекине со пионерската служба за да му помогне на својот остарен татко на фармата. Така останав единствен Сведок кој требаше да се грижи за 23 домашни библиски студии во Веренигинг.
Набргу потоа, добив писмо од подружницата со кое бев доделен во Преторија. Иако во тоа време не ја разбирав причината за новата доделба, подоцна сфатив дека не ќе беше мудро еден неискусен седумнаесетгодишник да се остави сам. Морав уште многу да учам и можев да се обесхрабрам.
Откако служев во Преторија и го стекнав потребното искуство, бев повикан да станам специјален пионер. Тогаш јас и Пит Винцел уредивме да им даваме практична поука за службата на помладите кои доаѓаа во Преторија да служат како пионери. До тогаш, Пит беше именуван за патувачки надгледник во тоа подрачје. Подоцна тој се ожени со сестра ми Лина и денес заедно служат во подружницата во Јужноафриканската Република.
Меѓу оние кои дојдоа да служат како пионери во Преторија беше Марти Фос, привлечна млада девојка која одраснала во семејство на Сведоци. Се вљубивме еден во друг, но сѐ уште бевме тинејџери, премлади да стапиме во брак. Меѓутоа, кога добивме доделби во други подрачја, останавме во контакт.
Бетелска служба и Гилеад школа
Во 1948 бев повикан да служам во подружницата на Друштвото Стражарска кула во Кептаун. Во тоа време немаше посебно сместување за седумнаесетмина од нас кои работевме во три изнајмени канцеларии и малечка печатница во близината. Некои од нас беа сместени кај семејства, а останатите живееја во пансиони.
Секој работен ден, 17-те членови од бетелската фамилија доаѓаа за утринското обожавање во гардеробата на малечката печатница. Повеќето од нас мораа сами да се погрижат за ручек. Потоа, после цел работен ден, патувавме до населбите во различни делови на Кептаун каде што живеевме. Како што порано споменав, на едно од таквите патувања брат ми Давид и јас бевме изненадени кога го прочитавме натписот — „Само за белци“.
Кога најпрвин пристигнав во подружницата во Кептаун сфатив дека имам уште многу да учам, затоа го прашав брат Филипс, нашиот надгледник на подружницата: „Што морам да сторам за да ги стигнам останатите?“
„Франс“ — одговори тој — „не биди загрижен за тоа. Едноставно одржувај го чекорот!“ Секогаш се трудев да го правам тоа, и научив дека, одржувајќи го чекорот со она што Јеховината организација го пружа како духовна храна и водство, поединецот може да продолжи да расте со неа.
Во 1950 бев повикан да го посетам 16-иот клас на Гилеад, школа на Друштвото Стражарска кула за обучување на мисионери. Во тоа време школата беше сместена во Саут Лансинг (Њујорк), околу 400 километри северно од Бруклин, Њујорк. Додека повремено работевме во светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин, непосредно го набљудував срцето на Јеховината видлива организација. Целосното предание на оние кои преземаа водство таму ме исполни со длабоко ценење за Јеховината организација.
Мојата непрекината служба
Откако се вратив во ЈАР бев наименуван да служам како патувачки надгледник во северен Трансваал каде што пораснав. Откако се допишувавме шест години, Марти и јас се венчавме во декември 1952 и таа ми се придружи во службата на патувачки надгледник. Ценењето што го имаа нашите христијански браќа за нашите посети беа охрабрувачки.
На пример, еднаш додека служевме во едно собрание на една фармерска комуна, престојувавме кај едно семејство кое ни се извинуваше што немале млеко за чајот или кафето. Подоцна дознавме дека тие ја продале единствената крава молзница што ја имале за да соберат доволно пари, да купат бензин и да нѐ одвезат да ги посетиме оддалечените делови од нивното подрачје за да им сведочиме на фармерите. Колку само ги сакавме таквите браќа!
Понекогаш чувствував дека не сум прикладен да ја извршувам задачата на покраински надгледник, особено кога се занимавав со проблеми кои ги вклучуваа постарите. Во една прилика се чувствував толку емоционално исцрпен што ѝ реков на Марти да не се изненади доколку бидеме доделени на пионерска задача поради моето недоволно искуство. Таа ме уверуваше дека ќе биде среќна да служи во било кој облик доколку можеме да останеме во полновремената служба.
Замисли го нашето изненадување кога пристигнавме во следното собрание и во поштата што ја добивме беше доделба да служам како обласен надгледник! Во текот на речиси две години, патувавме низ Јужна Африка и Намибија која тогаш се викаше Југозападна Африка. Меѓутоа, заради апартхејд системот, нашето дело честопати беше тешко изводливо. Често не ни дозволуваа да влеземе во градовите каде што имаше црнци, а понекогаш не можевме да добиеме дозвола за конгресите.
Во 1960, на пример, добивме дозвола да одржиме обласен конгрес во Совето. Црните браќа од оддалечените собранија веќе беа купиле билети за воз или автобус за да дојдат, но владата дозна за нашите планови и ја поништи дозволата. Дискретно му пријдовме на еден пријателски расположен службеник во еден град, на 20 километри од другата страна на Јоханесбург. Тој љубезно ни овозможи дури и подобри простории, а ние имавме прекрасен конгрес, со преку 12.000 присутни!
Колку ситуацијата се измени во изминативе години! Сега откако апартхејдот е соборен, можеме слободно да се состануваме заедно во кој и да е црнечки кварт, кварт за белци, за мулати или во индиски кварт. Секој, без обзир на расата, може заедно да седи и да се радува на дружењето. Единствено јазичните разлики влијаат на тоа каде некој би сакал да седне.
Болна лекција
Уште во 1947, татко ми направи голема грешка. Неговиот дуќан, сместен преку 200 километри од местото каде што тој и мајка ми живееја, стана непрофитен поради нечесно раководење така што мораше да го води сам. Долгиот период на одвоеност од мајка ми предизвика да падне во искушение. Како последица на тоа, беше исклучен.
Тоа на мене лично се одрази на болен начин, односно сознав дека не е доволно само да се биде ревен за библиската вистина. Сите ние мораме да се придржуваме за библиските начела (1. Коринтјаните 7:5). После многу години, татко ми беше повторно вратен во христијанското собрание и верно служеше до својата смрт во 1970. Мојата драга мајка остана верна до 1991 кога и таа умре.
Понатамошни благослови
Во 1958, јас и Марти присуствувавме на најголемиот конгрес некогаш одржан од Јеховините сведоци на Јенки стадионот и на Поло Граундс во Њујорк. Едноставно бевме преполни со радост заради тоа што бевме дел од Јеховината прекрасна организација. Да се биде заедно со огромното мноштво од повеќе од 253.000 во неделата попладне, беше едно искуство кое нема никогаш да го заборавиме. Овде, за нас беше реалноста на ‚големото мноштво народ‘, собрани сите заедно во мир (Откровение 7:9, 10). Марти остана во Њујорк за да ја заврши Гилеад школата, а јас се вратив на службата како обласен надгледник во ЈАР.
Во 1959, откако Марти се врати после завршувањето на 32-иот клас на Гилеад школата, бевме повикани да служиме во подружницата во ЈАР која тогаш беше сместена близу до Еландзфонтејн, источно од Јоханесбург. Преку десет години го гледав напредокот на организацијата на толку различни начини, особено нејзиниот раст во љубовта и сочувствителноста. Научив дека Јехова ја води својата организација преку Исус Христос и дека ги употребува оние кои се ставаат на располагање.
Во 1962 се вратив во Бруклин, Њујорк, за да присуствувам на десетмесечниот курс за оспособување за работа во подружница. Тоа се покажа корисно кога во 1967 бев именуван за надгледник на подружницата во ЈАР. Во 1976, беа именувани Одбори на подружницата, па така одговорноста за донесување на важните одлуки во ЈАР се распредели на петмина искусни христијански старешини.
Животот под апартхејдот
Законите на апартхејдот влијаеа на работењето на нашата подружница. Кога во 1952 беше изграден бетелскиот дом во Еландзфонтејн, законот бараше да изградиме уште една зграда позади каде што ќе бидат сместени црните браќа и браќата мулати. Законот исто така бараше тие да јадат одвоено од белците во т.н. африкански станови. Подоцна беше уредено тие да јадат во бетелската кујна. Кога пристигнавме во Бетел во 1959, затекнавме такви прописи што се однесуваа на прехраната. Целото мое битие се бунеше против ваквата расна сепарација.
После извесно време, владата ја повлече дозволата нашите црни браќа да бидат во зградата позади близина на главниот бетелски дом. Овие браќа мораа да останат во црнечките градови кои беа оддалечени околу 20 километри. Некои живееја во изнајмени домови, а останатите во домови за самци. Ваквата непријатна ситуација траеше повеќе години.
Проширување на Бетелот
Во меѓувреме, Бетелот во Еландзфонтејн мораше да се зголеми. Откако три пати го проширувавме, дојдовме до границите на земјиштето кое го поседувавме. Водечкото тело нѐ упати да бараме ново земјиште на место каде месните власти можеби би ни дозволиле да градиме бетелски комплекс во кој би можеле да бидат и нашите црни браќа. Секое утро бетелската фамилија се молеше Јехова на некој начин да отвори пат за таква можност.
Колку беше радосен денот кога најпосле најдовме погодно парче земја во предградието на Кругерсдорп, западно од Јоханесбург! Меѓутоа, повторно се бараше да изградиме одвоена зграда за нашите црни браќа. Упативме жалба, но не можевме да добиеме дозвола за сместување на повеќе од 20 црнци. Конечно, во средината на 1980-тите работите почнаа да се менуваат. Владата ги ублажи нејзините строги закони за апартхејдот, и повеќе браќа црнци, мулати и индијци беа повикани да служат со нас во Бетелот.
Сега бевме среќна, обединета бетелска фамилија каде што поединци, без обзир на раста или бојата на кожата, можеа да живеат во која и да е зграда што ќе ја избереа. Исто така, после долги години борба, конечно ни беше дадено законско признание како религија. Беше формирано законско месно здружение кое е регистрирано како „Јеховини сведоци на Јужноафриканската Република“. Сега имаме наши сопствени матичари, а во црнечките квартови Царските сали растат како печурки.
Колку Јеховината организација напредувала од почетните денови кога јас служев во подружницата во Кептаун! Од малечка фамилија со 17 души без бетелски дом, сега пораснавме во бетелска фамилија со преку 400, со современ бетелски комплекс со сложени компјутери, ротациони машини за печатење и прекрасен бетелски дом! Да, имав предност да растам заедно со Јеховината организација во ЈАР. Од околу 400 објавители на Царството, кога јас започнав во службата пред околу 50 години, пораснавме на скоро 55.000 денес!
Му благодарам на Јехова што покрај себе имав сопруга која толку ме поддржуваше за изминативе 39 години. ‚Мојата чаша се прелева‘ (Псалми 23:5, Ст). Со Марти сме благодарни што сме дел од Јеховината организација водена од дух и одлучни сме да продолжиме да му служиме на Јехова во неговиот дом, во Бетелот, и да го одржуваме чекорот со неговата организација која се движи напред.
[Карти на страница 19]
(Види во публикацијата)
АНГОЛА
ЗАИР
ЗАМБИЈА
ЗИМБАБВЕ
БОЦВАНА
НАМИБИЈА
СВАЗИ
ЛЕСОТО
ЈУЖНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА
Преторија
Јоханесбург
Кептаун
Порт Елизабет
ЈУЖЕН АТЛАНТСКИ ОКЕАН
ИНДИСКИ ОКЕАН
МОЗАМБИЧКИ КАНАЛ
[Слика на страница 20]
Пит Венцел и Франс Милер (лево) во пионерската служба во 1945
[Слика на страница 23]
Франс и Марти Милер